О, страдна земјо, јунашка,
одбради образ набразден,
одви и срце поврати
од лути рани вековни.
Еве ти чеда погледни,
радост твоа, мајчице,
со очи полни, правдини
гордост за свет и светлина.
Зошто ох, така немееш,
уште ли не си веруеш,
или ти сила истина,
мајчински да не погледнеш.
Разбраф, о грозна грешнице,
мајка на црни сираци,
земја на коски прснати
од борци — млади јунаци.
А за нас, мајко, не прашам —
гладни и голи скитници —
колку си горка тлеала,
колку со отроф голтнала.
Ај нека тиа останат —
темни и стари времиња,
а сега гради разграни,
својте си чеда прибери.
И викни, мајко, извикај
радос и песни истури
за твојте гладни сираци,
за твојте клети скитници.