Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје VIII
Поглавје VII | Мојата агитациона обиколка во 1899 година: с. Кукуречани, Неготино, Ваташа, Владимирово, Струмица, с. Дабиле, с. Робово, с. Муртино, с. Моноспитово, Гевгелија од Алексо Мартулков |
Поглавје IX |
Есента 1899 година се решив да направам една обиколка во некои градови со агитациона цел сред организираните работници за ширење на нашите идеи за национал-револуционерната дејност (овие јасно беа одредени во нашата програма, што ја изложив погоре). Но бидејќи не располагав со пари, обиколката бев принуден да ја направам пешки. Првиот ден отидов до село Кукуречани, Тиквешко, каде што беше нашиот другар Андон Шулев на чифлик (сопственост на Шулеви[1] од векови; тој имаше дел од чифликот како мираз од мајка му). Останав неколку дена кај него и од таму отидов во Неготино, каде што беше учител нашиот другар Владо Генџов, родум од Велес. Исто така таму беа учители Никола Тупарев, родум од Скопје, и Пано Малчев, родум од Штип. Со нив се запознав уште од Скопското педагошко училиште. Тие живееја сите во еден стан, кој беше главниот пункт на нивната организација. Јас се настанив како гостин при нив. Главен учител во Неготино беше Ѓорѓи Зердев, родум од Прилеп.
Додека бев во Неготино во станот нивни, секоја вечер се збираа сите учители и активните работници на Организацијата. Јас имав возможност со голем успех да ја вршам својата агитација. Особено бев жесток против конзервативниот елемент во Организацијата и внатрешните врховисти. Еден пат Ѓорѓи Зердев, кој беше раководител на управителното тело во Неготино, ми рече во отворените спорови со него оти имале наредба од Централниот комитет да ги следат добро акциите на крајните социјалисти и анархисти и да ја ограничат нивната дејност и, ако се наложи, да бидат уништени. Меѓутоа, масите од подобрите работници на Организацијата се привлекуваа од нашата агитација и тешко беше нашето гонење и уништување. Ние веќе не бевме „класа против класа со три гласа", ами веќе достаточно се бевме засилиле, особено со вовлекувањето во редовите на Организацијата на многумина наши социјалисти, кои имаа видно место во неа. Од Неготино отидов во Кавадарци, придружен од Владо Генџов. Таму му бев гостин на Никета Илиев, учител, велешки зет. Во куќата негова живееше директорот на училиштето и прогимназијата Христо Стојанов - Чолакот, родум од Гевгелија. Вечерта се собраа некои учители и граѓани, членови на Организацијата, та беше голем кругот на мојата агитација. Доста сериозен спор беше поведен меѓу мене и директорот Стојанов. Овој беше еден од добрите централисти. Правеше само некои приговори во врска со интернационалните тенденции во нашата програма, подржувајќи ги само принципите на нашето национал-револуционерно движење. Утредента отидов во Ваташа, каде што најдов еден сочувственик на социјалистичките идеи. Тоа беше учителот Илија Тошев, родум од Прилеп. Во Ваташа учителите, а и другите членови на Организацијата, беа доста прогресивни, та мојата агитација остави извесни траги. Се вратив со другарот Генџов во Неготино и утредента уште во темни зори со еден наш велешанец, Мишо Тутунџиев, надзорник на ж. п. линија заминав надолу за Демир Капија и понатака. Со Миша патував до село Прждево, а од таму продолжив сам. Вечерта стигнав во Владимирово,[2] каде што беше учител мојот стар пријател Иван Бардарев, родум од Штип, виден деец на Организацијата, со кого се познавав уште од времето на „Виничката афера" (Тој како учител, заедно со Чемков, штипјанец, учител во Битола, подозрени тогаш при истрага по Виничката афера, бегаа преку Велес за Бугарија. Бардарев беше на стан кај нас и дури беше во Велес јас се грижев за него). Во Валандово поседов два дена и можев да се запознаам со сите членови на Организацијата. Од Валандово појдов во Струмица. Важно е да се напомене дека кога навлегов во Гевгелиско и Струмичко, нагазив веќе во сферата на гркоманството. Гркомани имаше овде многу. При патувањето бев принуден да се служам со турскиот јазик, за да ме сметаат за Турчин, да не попаднам во подозрение и да бидам предаден на некој гркоманец.[3] што не беше исклучено. Кога стигнав во Струмица, мојата претпазливост беше уште поголема: не смеев да прашам за бугарското училиште. Наминав во еден алваџиски дуќан за да се нахранам. Алваџиите беа Горалии-торбеши. Решив да ги прашам нив за училиштето. Таму се запознав со учителите, но меѓу нив немав ниеден познат и не можев да бидам отворен, а ги прашав за моите другари соученици од Скопје Христо Бабамов и Маказлиев, каде се учители, за да одам при нив. Ми рекоа оти Маказлиев бил во с. Дабиле, кое се гледаше од училиштето и беше џадето на Штип — Петрич, а Христо Бабамов бил во село Робово. Веднаш се отправив за село Дабиле. Моето среќавање со Маказлиев беше многу срдечно и тој многу се зарадува, оти ќе му бидам гостин. Преседов една вечер во Дабиле и имав возможност да се запознаам со членовите на Организацијата во селото и утредента продолжив за село Робово при Бабамов. Со него бевме многу блиски уште од нашиот ученички живот во Скопје, а тој беше еден од најактивните членови на ученичкиот револуционерен кружок. Нему, се разбира, јас му бев добро познат со моите социјалистички убедувања, а тој јасно ја сфаќаше нуждата за засилување на нашиот елемент во Организацијата, за да стане таа вистинска народна револуционерна организација, да биде отресена од шовинистичкиот дух што господствуваше во неа. При него стоев три дена, секоја вечер се збираа во станот негов членовите на Организацијата и јас бев во својата стихија на агитатор. Во селото имаше два попа: едниот се викаше поп-Ристо и беше доста скромен и тих човек, а другиот поп-Васил, черкезфурија, човек со енергија и смелост. Тој беше многу популарен во Струмичко како голем деец на Организацијата. Со него се спријателивме и станавме многу блиски. Од село Робово појдов во с. Муртино. Тамо беше учител Костадин Самарџиев (Џемо му беше комитското име). Со него бевме познати уште од Скопје. Престојав една вечер при него. После заминав за с. Моноспитово. Во ова село беше учител мојот стар другар од училиштето, Тодор Пејков, мој сограѓанец, бевме од едно маало. Другарството ни беше уште детинство. Во Моноспитово бев примен најрадосно и останав овде повеќе од една недела. Се запознав и со блиските села. Населението во Струмичко беше доста восприемчиво и борбено настроено. Во Моноспитово имаше и протестанти, та на една свадба дојде од Солун Едуард Хаскел, протестантски мисионер, за да ги венча младоженците. Тогаш со него се запознав и ми направи впечаток со својот интелект и висока култура. Многу Од засегнатите прашања во врска со нашето револуционерно движење ги разгледуваше мошне радикално, демократично, нешто несоодветно на мисионерското звание. Ми направи впечаток на демократичен човек. (Јас имав во Велес средба и заврзав разговор со неговиот другар д-р Хаус, но овој си беше вистински поп). Протестантите во споменативе села правеа впечаток со својата интелигентност и беа едни од најдобрите работници во Организацијата. Јас бев многу доволен од својата обиколка во струмичките села. Од Моноспитово заедно со Пејков отидовме во Струмица на свадба кај Стојана Ѓорѓиев, главен учител и раководител на Струмичкиот револуционерен округ, доста изграден и прогресивен револуционер. Таму веќе бев запознат со самите учители — дејци во Организацијата. Имав возможност да прикажувам со мнозина и не ми отиде залудо преседувањето Струмица. На гости бев при Христа Бабамов. Кога си појдоа другите учители по селата, и јас појдов во Валандово. Иван Бардарев ме помоли да постојам подолго време таму и да го заменувам како учител. Ги занимавав децата, бидејќи тој имаше работа во другите села: требаше да се сретне со четата. на Михаил Апостолов - Попето во врска со организациони работи од неодложен карактер. Останав во Валандово повеќе од една недела. Во тоа време имаше една свадба на имашлив Турчин, та по случајов тој ги покани првенците од селото од обете партии: гркоманите и бугарофилите поодделно. Вечерта, кога отидоа бугарофилите, ме одведоа и мене како учител на селото. Овој факт го изнесувам поради настаните што станаа понатака, а беа од значење за мене. Кога се врати Бардарев од обиколката, јас си заминав за Гевгелија. Но, през времето на моето престојување во Валандово станаа две важни убиства во Гевгелиско. Беа убиени гркоманските попови во селата Грчиште и Миравци. Кога одев за Гевгелија врнеше дожд, та ме накисна до коски, но тоа беше малку, туку кога преоѓав по мостот на една бара и од една греда се потелизнав и паднав в река и со голема мака излегов на брег. Пристигнавме во Гевгелија многу доцна, по темница и ноќевав заедно со патниците во анот на еден гркоманин. Собата кај што спиевме беше отоплувана од еден мангал полн со дрвен ќумур. Водените алишта ми се исушија на снага. Ова нешто имаше понатака лоши последици за моето здравје. Од Гевгелија сметав да заминам за Солун. Меѓутоа, самата ситуација се влоши, а и предвидував оти може да настане криза во моето здравје. Најдов пари за билет и со возот заминав за Велес. Враќањето ми беше на свети Никола (6 декември 1899 година). Белешки
|