Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје IX

Поглавје VIII Како ме засегна „Валандовската афера“ — Жива социјалистичка активност во Велес — Барање на начини за растурање социјалистичка литература

од Алексо Мартулков
Поглавје X
Бргу по моето напуштање на Валандово таму стана голема провала во Организацијата. Тоа беше прочуената во нашата историја „Валандовска афера", која по својот размер и последици беше слична на „Виничката афера". Главен јунак во таа афера беше Мехмед-паша Дерала, родум од Тетово, Албанец, началник на жандармеријата во Солунскиот вилает. Како Дарвиш-ефенди во Виничката афера по жестокост тој ги надминуваше и шпанските инквизитори во Средниот век. Беа фрлени во затворите многу селани од селата во Дојранско и Гевгелиско. Иван Бардарев успеа да избега, но при истрагата бидуваат настегани да го кажат името на велешанчето што дошло таму од Велес пешки и било во Валандово. Несреќните селани не ми го знаеја името, та и покрај големите мачења, не можеа да го кажат. Ако ме кажеа, ќе поладнев во рацете на пашата, но јас го криев моето вистинско име, а кажував некое измислено име во моментот.

Во Велес продолжував да живеам многу тежок живот. Се поболев през месец јануари 1900 година од бронхопневмонија и животот ми висеше на конец. Лекарот Александар Клеј, Грк по народност, вложи голем труд и по едномесечно боледување ме прикрена на нозе. Меѓутоа како наследство од болеста ми остана хроничниот бронхит, од кој страдам и денес. Уште бев на легло кога дојдоа од Софија тројца другари: Даме Мартинов, Павле Чупаров и Трајко Иванов. Првиот од нив беше од Велес, после стана скопски околиски војвода, а другите двајца беа од село Папрадиште, Велешко. И тројцата беа работници дрводелци. Беа испратени до мене од Васила Главинов од Софија, за да направиме политички екс. Јас како болен не можев да се движам долго време и двајцата — Даме Мартинов и Павле Чупаров се одметнаа од нас и се присоединија кон РО, а Трајко Иванов остана социјалист до последниот час од својот живот.

Во Велес по тоа време имаше голема интелигенција и политичкиот живот беше извонредно жив. Имаше веќе оформени три струи: 1) револуционерната организација ВМОРО, со две струи — прогресивна и конзервативна, 2) анархисти и 3) социјалисти.

Водевме голема пропагандна борба и дискусиите беа доста живи. Сред анархистите укажуваше влијание руската напредна литература. За нив беа големи авторитети Доброљубов и Писарев. „Гемиџиите“ го имаа за идеал јунакот од романот на Тургенев, „Татковци и деца" Базаров. За нив триста поети немаа вредности колку еден хемичар, кој може да изнајде некој силен експлозив за да може човек да разруши многу јаки крепости на реакцијата, а стихоплетството, игра на зборови, не може да придонесе никаква реална возможност за сринувањето моќта на реакцијата.

Особено силна беше омразата против авторитетите меѓу сите нас, без разлика на анархисти и социјалисти. Сите речиси бевме занесени во тој дух против авторитетите и во дискусиите не приведувавме никогаш цитати од кого и да било, за да ја истакнеме тежината на искажаните од нас мисли. Се создаде навик да докажуваме или аргументираме извесна теза по силата на нашите знаења. Ние не сакавме да ја откажеме улогата на личноста во историјата. Меѓутоа, никогаш немавме намера да го издигаме нејзиниот авторитет до моќен фактор, без кого земната топка ќе престане да се врти и сонцето ќе престане да грее. Никогаш не се понесувавме со мислата: одрекувајќи се од небесните богови да си создадеме богов. Разните тогашни светила: Делчев, Ѓорче Петров, Петре поп-Арсов, Даме Груев и др. ги почитавме како борци, но ја критикувавме беспоштедно секоја нивна акција штом ќе се покажеше погрешна во дадениот момент. Никогаш одделни мисли од нив по извесн прашања не ги земавме за непогрешни. Напротив, секогаш се раководевме од мислата дека најголемиот ум нашите може да греши и се стремевме по силата на познавања да се оспособиме да го разбираме животот и тогаш помалку ќе грешиме.

Но, тој жар за просвета и самообразование не можеше да биде барем донекаде задоволен поради недостатокот на литература, било револуционерна или социјалистичка. Немаше други услови што му помагаат на човека да се просветува и самообразува. Она малку литература што идеше беше со жедост читана. Се мачевме да набавуваме преку австриската пошта во Солун и по други возможни начини да внесуваме револуционерни книги, но тоа беше многу мачно. Во Велес не можеше да вирее патриотската, шовонистичката литература.

При таа остра нужда за просвета кај нашата младина ние трескаво баравме средства, за да го набавиме тоа, што ни недостануваше. Но сѐ можеше да стане само со пари, а нив ги немавме и нѐ мачеше мислата да ги земеме од таму каде ги има. А бидејќи не можеше да се земат на добар начин, следуваше да се примени ексот. За да се направи поголем екс, нужно беше да се изврши помал. Човек лесно може да биде куќен арамија и еден ден решив да ги украдам алтаните на тетка ми. Речено — свршено! Од тие алтани можев да земам околу седум турски лири и со нив купив четири пиштола, „бешлии“ и пет ками и со уште двајца другари пристигнавме во Скопје за поголем екс.