Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје V

Поглавје IV Грчко-турската војна од 1897 година — Во Скопје во Педалошкото училиште — Анархистички влијанија — Штрајк со глад во пансионот — Моето исклучување од сите бугарски училишта

од Алексо Мартулков
Поглавје VI
През 1897 година изби грчко-турската војна како последица на востанието на остров Крит. Симпатиите на нашето граѓанство беа насочени кон Грција, но јасно беше дека таа ќе ја изгуби војната. Се надевавме дека ВМОРО ќе преземе вооружена акција, поткрепена од Бугарија, и дека великите сили (боејќи се оти војната меѓу Турција и Грција не ќе може да се локализира туку ќе се усложни, и за да го спречат тоа) ќе бидат принудени да ја натераат Турција да отстапи и да биде применет чл. 23 од Берлинскиот договор. Но македонствујуштите,[1] било внатрешните или надворешните, со прст не мрднаа. Граѓанството не само кај нас, туку и во другите градови на Македонија беше разочарано поради тој факт. Не сакам да се впуштам подлабоко во коментарите на тој случај, оставајќи им го на идните беспристрасни македонски историци да си го кажат зборот.

Војната заврши со светкавичното настапување на Турците во Грција, но беа запрени поради замешувањето на великите сили. За Крит, се воспостави автономија под гаранцијата на великите сили. Тој факт јасно говори дека и покрај воената надмоќност на Турција, која можеше да ја победи Грција, и веќе беше го задушила[2] востанието во Крит, великите сили си го имаат зборот. Тие го наложија разрешувањето на прашањето за Крит. Од тоа правилно го извадивме заклучокот дека постоењето на Турција не зависи од нејзините сили, туку од волјата на спомнатите фактори. Меѓу нашите прогресивни национално-револуционерни дејци, се зароди „боксерското" движење, како во Кина: борба против интересите на великите држави. Еднакви причини создаваат еднакви појави.

Непосредно по војната кај нас стана голема провала наречена „Виничка афера". (На друго место давам пошироко појаснение за неа).

Во тие бурни времиња јас бев ученик во трети клас. Тогаш од страна на моите учители, кои беа во раководството на организацијата и се дружеа со мене, бев запознат со многу работи на Револуционерната организација. Од нив бев исползуван за извесни задачи. По завршувањето на трети клас во Велес, го продолжив образованието во Скопското педагошко училиште во први клас. Курсот на Скопското педагошко училиште беше тригодишен. Во Скопје, покрај моите школски занимања, вршев и агитациона дејност меѓу учениците, особено во пансионот каде што бев и јас. Имаше голема возможност за агитација. Имаше веќе другари, подготвени за работа уште во Велес, како: Иван Елезов, Андон Димов, Методи Поп Гошев и др., а исто така имаше во пансионот наши другари од Скопје: Богдан Баров, Тодор Доротеев, Крум Чакаров и др.

По едно време дојдоа во Скопје и неколцина анархисти: Петар Манџуков и Ордан Калчев. Набргу дојде и Ордан Шурков, исто така анархист. Од него како сограѓанин и пријател бев запознат со намерите на анархистите што беа дошле во Македонија.[2] Тој ми даде неколку примероци од "Отмъщение",[3] со клише — мотив од Александар Херцен, "Одно отъ двухъ“ или „Казнить итти вперёд“[4] или „Помиловать и застареть на полдороге“[5] — според него, клучот на револуцијата.

Се разбира, со своите анархистички теории тие не можеа да си создадат приврзаници во Македонија за едно масовно движење. Меѓутоа, нивните идеи најдоа прием во извесни интелектуални кругови, особено меѓу школската младина, што произлегуваше од една еснафска средина, која светот го разбира во кругот на својата нива и своето меанче — дуќанче. Индивидуалистичкиот карактер на анархистичкото учење И прифаќање на терористичкиот начин на дејствување наоѓаше благопријатна почва кај нив. Од Шурков научив дека учениците на Солунската гимназија Костадин Кирков и Тоде Богданов, мои школски другари, се согласиле да се „самоодвлечат"[6], за да се земе од нивните имашливи родители откуп во пари за нуждите на делото. Шурков беше надарен со исклучителна способност во говорништвото, својство што му даваше возможност да привлекува мнозина со помала политичка култура. Дури другарот Душан Цекиќ ни говореше за него: "Не знам зошто се чувствувам слаб да се противставам на неговото влијание. Макар да сум убеден во неговите фантастични плaнови, кои се однесуваат на некои работи од трговски карактер, се впуштав во нив, а резултатот беше секогаш — загуба."

Но друг еден виден анархист се наоѓаше во Солун. Него го поврзал Шурков со мнозина од учениците во Солунската гимназија, првенствено велешани. Тој анархист беше Славе Мерџанов, родум од град Карнобат (Бугарија), интелигентен анархист, со говорнички дар. И понирајќи со својата решителност и својот борбен карактер, тој изигра исто така голема улога во самоодвлечувањето на спомнатите ученици — велешани. Мерџанов беше од оние луѓе што во својот живот вечно бараат средства и ги најдуваат преку пљачкосување или други насилнички постапки. И додека да преземеше некоја револуционерна акција, парите се потрошуваа. Ова ми го расправаше Дико Коштанов, родум од Горна Џумаја, анархист, но и добар деец во ВМОРО, со кого бев многу близок пријател. Тој имаше возможност да го познава многу добро, бидејќи со Мерџанов учествувал во една пљачка, сторена во бугарската пошта. Беше задигната една голема сума. По тоа забегнуваат со претходно извадени паспорти под друго име за Швајцарија, каде што се наоѓале и други нивни другари. Кога пристигнале во Женева, биле откриени од полицијата, која била известена од бугарската полиција. Бегалците биле во еден локал заедно со Бугари студенти. Полициските агенти и од нив бараат, да се легитимираат, но студентите почнуваат да протестираат против агентите поради обеспокојувањето на мирни граѓани. За да се избегне поголем скандал, полицијата отстапува, бидејќи паспортите гласеле на друго име. Но таа не останува на тоа, туку продолжува да ги преследува и по дополнителни податоци од Бугарија ги екстрадира.

Тие решаваат веднаш да заминат во различни правци. Пред да заминат ги поделуваат парите на три дела од по 100 и неколку наполеони. Коштанов им рекол: „Јас со моиве пари ќе заминам за Солун. Кога Ќе дојдете таму, ќе најдете 90 наполеони. Останатите ќе ми бидат потребни за трошок." Пљачката беше сторена за отпочнување на револуционерна работа во Македонија. Мерџанов отиде во Франција, во Марсеј, и по неколкумесечен престој пак се враќа во Женева, но парите ги потрошил. Кога дошол во Солун, деведесетте наполеони оставени од Коштанов ги наоѓа и ги прибира. Со нив повторно ја отпочнуваат својата дејност со самоодвлечувањето на К. Кирков и Т. Богданов. Коштанов се разделува со нив и се повлекува во својот роден град Горна Џумаја.)[7] Мерџанов доаѓа во Велес, каде што останува неколку недели за да води предговори со татковците на самоодвлечените за откуп, но не успеа да го земе откупот.

Шурков предлагаше да се организира некој обир во Скопје, зашто се имаше голема нужда од пари. Тој си замина за Велес, не можејќи да стори ништо во тој однос. А така еден ден среќно го снема и Калчев, кој си замина за Бугарија. Манџуков останува сам во Скопје со Кочо Молеров, родум од Банско (Разлошко). Се обидуваат тие преку Кумановско и Паланечко да пребегнат во Бугарија, но, предадени од игуменот на Карпинскиот манастир, бидуваат фатени и дотерани го Скопје, каде што ги затвораат. По недолгото прележување во притворот, уште пред полициското распитување Кочо Молеров билува интерниран во неговото родно место, а Манџуков задржан в затвор. Се поведе судско дело против него од тежок политички карактер. Обвинението против него беше засновано на податоците од полицискиот шпион Димитар Шагманов, родум од Скопје, кому Манџуков беше му го дал[2] својот паспорт и пари за да оди во Бугарија. Се покажал наивен па му се доверил во некои работи. По неколкумесечен притвор во Куршумли-ан беше осуден на доживотен затвор (Идам), но делото беше апелирано и во доста кусо време насрочено за повторно разгледување. При второто разгледување беше оправдан и ослободен.

През месец мај во пансионот избувна бунт меѓу учениците поради слабата храна што ни се даваше. Објавивме штрајк со гладување. По тоа време бев запознат преку Илија Поп Јорданов од Велес, ученик во II-иот курс, исто во пансионот, со Манџуков. Тој беше познат во училиштето како „опасен“ анархист, а учениците што се дружеа со него беа следени и подозирани како заразени со анархистички идеи. Штрајкот со гладување беше прекратен по 24 часа, храната беше подобрена, но јас бев исклучен од пансионот како иницијатор и организатор на штрајкот. Исклучувањето беше само од пансионот. Се настанив да живеам при Манџуков, кој имаше земено соба под кирија и без да биде притеснување можевме[2] да живееме заедно со него. Но против решението на учителскиот совет со кое бев исклучен од пансионот, без да бидам распитан, протестирав писмено, наречувајќи ги учителите, меѓу другото, „парвенута";[8] напишав дека се некадарни да бидат воспитувачи на денешната младина која стои многу понапред од нив; дека се заостанати многу назад, во конзервативната кал на животот; дека мозокот им го испиле манастирските чавки и сл.

По овој мој писмен протест бев исклучен за секогаш од сите бугарски училишта, како носител на социјалистички убедувања и како деморализатор. По примањето на решението за моето исклучување, отидов во училиштето и влегов во учителската соба, каде што беа собрани сите учители. Веднаш отправив кон сакам поточно да нив прашање: „Господа учители, определите од кои училишта на земјината топка сте ме исклучиле?“ Разјарен, учителот Вељан Думев се нафрли на мене за да ме истурка од канцеларијата, но јас му се озабив и му реков: „Само ако смееш.“ Тој не беше од големите јунаци. Го познавав мошне добро отпорано. Тој беше присилен да го повика гавазот Албанец да ме изведе од канцеларијата и да ме натера да ја напуштам зградата на училиштето. Се издаде наредба до гавазите да не ме пуштаат во училиштето и пансионот. (Таа наредба против мене остана во сила до Хуриетот 1908 година).

Но училишниот совет беше зачуден од моето агресивно држење, зашто дотогаш јас бев еден од примерните ученици. Затоа скопскиот училиштен совет сe обрнува до велешкиот училиштен совет, како и до раководното тело на револуционерната организација да дадат карактеристика за мене. Од Велес го праќаат Тодора Шулев, учител и член на раководното тело на револуционерната организација во Скопје. При советувањето со скопското раководно тело решаваат: тој како мој пријател да се сретне со мене и да ме убеди да се откажам од моите социјалистички убедувања, ветувајќи дека ќе ми дозволат повторно да постапам во училиштето и дека ќе бидам примен како стипендист во пансионот, макар и дотогаш да бев сирак и од бедно семејство, но ја плаќав таксата за пансионот. Исто така ќе ми го препуштат мене раководството на училишниот револуционерен кружог. Примамливи ветувања за откажување од моите убедувања!

Шулев ме советуваше да ги прифатам предлозиве и да не си ја убивам иднината, ами да го завршам моето школување. А што се однесува до моите убедувања, откажувањето од нив ќе биде само формално, за да може да се оправда моето примање во училиштето. Јас не можев да се согласам со неговите совети и му изјавив: „Драги пријателе, јас во мојот живот немам друго ништо поскапо од моите убедувања и за ништо друго на светов нема да ги заменам. Што се однесува до моето школско образование, ќе го надополнам по пат на самообразование. Основата е веќе поставена и јас имам едно оформено гледиште за природните и општествените појави и тоа ми е доста. Како деец за ослободување на нашата татковина, ќе се борам како можам, според моите сили и по силата на моите разбирања. Не лакомам за да правам голема кариера во животот. Стомната се скрши веќе, одново таа не може да биде залепена". По расправијата се разделивме.

Со Манџуков продолживме да живееме заедно. При нас доаѓаа ученици, а тоа нешто тогаш многу ги кругови беспокоеше меродавните „револуционерни" кругови во Скопје. Но, и нашата ситуација беше многу тешка. Леб и друга храна — макар да беше многу евтино — не можевме да купуваме. Особено во последните дни почнавме буквално да гладуваме. Бевме принудени да правиме заеми без враќање од нашите другари, така не можевме да продолжиме и решивме да чистиме од Скопје, толку повеќе што и бевме сомнителни и на власта. Не ни се чекаше да се расправаме со неа.

Јас заминав за Велес, за да извадам паспорт и да заминам за Софија, а по мене, дури да најде пари, да дојде и Манџуков. Во Велес, уште првата вечер, се сретнав со Димче Шурков, при кого преноќевав и тој ми кажа дека кај нив се пристигнати десет златни наполеони за Манџуков од Гоцета Делчев. (Манџуков беше родум од Мирково, Скопска Црна Гора, и му беше внук од сестра на пловдивскиот владика Натанаил, родум од с. Кучевиште, Скопско. Владиката беше го прибрал[2] при него во Пловдив. Беше негов храненик. Тој имаше гимназиско образование, а по завршувањето на шумарството, стана добар шумарски инженер).

Белешки

  1. Терминот има повеќе значења но еден од нив е означувајќи патриотски Македонци.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Печатна грешка во самото издание
  3. Весник од Михаил Герџиков, издаден во Женева. Името во превод значи „Одмазда“
  4. Мартулков грешно го напишал цитатот, правилната верзија на цитатот е „Казнить и идти вперёд“
  5. Трите цитати се од рускиот писател и автор Александар Иванович Херцен, тие биле геслото на весникот на Герџиков. Цитатите во превод се „Еден од два“, „Изврши и оди напред“, „Смилувај се и остари на половина пат“
  6. Зборот или зборната комбинација „самоодвлечат“ не постои, не се знае што Мартулков сакал да истакнe со зборот.
  7. Белешка од Алексо Мартулков во самото издание: „Тој по прогресивна национал-револуционерна линија работи до последниот момент во неговиот живот. Беше член на вишиот партиски совет на Федеративната партија през Хуриетскиот период. Гоце Делчев не беше туѓ на намерите на анархистите и беше многу близок со нив. Славе Мерџанов својот живот го заврши на бесилката во Одрин, по разбивањето на нивната чета составена од Ерменци и Бугари, која го зароби богатиот Хаџи Бери беј за откуп. Со него беа обесени и двајца Ерменци. Во Одринско меѓу населението се ползува со името на голем херој.“
  8. Зборот не е присутен во македонскиот јазик, заради тоа нејзиното значење не се знае.