Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје IV

Поглавје III Ширење на социјалистичките идеи во Велешката прогимназија — Препраќање на социјалистичка литература од Софија за Велес — Случајот со Васил Панчев

од Алексо Мартулков
Поглавје V
По враќањето мое од Софија во Велес, по мене дојде и Андон Шулев. Тој беше, како што спомнав погоре, еден од иницијаторите при создавањето на Македонската социјалистичка револуционерна група во Софија и еден од соработниците во редактирањето на весникот „Револуција“. Со неговото доаѓање во Велес, ние веќе придобивме еден подготвен другар, со марксистичка култура, што им недостасуваше на нашите другари. Тој беше поставен за учител при градската прогимназија и преподаваше историја и француски јазик. Јас се чувствував многу неугодно поради тоа што ми недостасуваше повисоко школско образование и се решив да го продолжам учењето. Бев примен за ученик во II клас. Во училиштето бев неуморен агитатор меѓу учениците за усвојување на социјалистичките идеи, до колку бев подготвен за таква работа, но многу вешто ја исползував приликата, што на Андон Шулев, на часовите по историја, му поставував прашања во врска со социјалистичкото движење во разни земји, а тој во своите одговори надолго и нашироко ни даваше објасненија. На таков начин спроведувавме успешна агитација меѓу учениците, а во нивната средина имаше доста возрасни како мене. Јас училиштето го бев напуштил[1] пред 6 години, та кога повторно се запишав имав 17 години.

Другарот Васил Главинов, по своето заминување од Велес за Софија, го уредува препраќањето на весници и брошури со социјалистичка и револуционерна содржина од таму преку австриската пошта во Солун до Васил Панчев, родум од град Велес, инаку трговски службеник при големата трговска куќа на Саздо Ризов. Тој ги примаше весниците и брошурите и од таму ги препраќаше во Велес и во некои други градови во Македонија. Европските велики сили, по силата на режимот на капитулациите, имаа свои поштенски служби, така што кореспонденцијата и пратките испраќани преку нивните поштенски станици, турската власт не можеше да ги контролира. По таков начин имаше возможност да се праќа во Македонија по нешто од нелегална револуционерна и социјалистичка литература и да се кореспондира. Ние по тоа време, макар со многу ограничени можности, сепак можевме да ги задоволиме донекаде потребите за просвета, а и со растурањето на книги меѓу младината и граѓанството. Особено меѓу членовите на ВМОРО вршевме завидна дејност во тој однос.

Кон почетокот на 1896 година Гоце Делчев, кој по тоа време беше во Солун, го испраќа Ивана Манолев-Кукушанец, во Софија, со задача да го земе планот на едно артилериско орудие и преку Васила Главинов, да му го испрати во Солун. (Гоце Делчев, којшто уште како ученик на Военото училиште Софија беше исклучен во 1894 година поради исповедување на социјалистички идеи, беше запознат со Васила Главинов, и од тогаш датира нивното познанство и соработка). Главинов го испраќа планот со спроводното писмо, но Васил Панчев, кој го прима од австриската пошта и си тргнува кон магазинот, близу до поштенската станица бидува лишен од слобода и одведен во полицискиот участок близу до поштата. Веднаш не го претресле при фаќањето и тој во участокот почнал да се превива и да офка, оти му се оди по нужда. Му позволиле да отиде до нужникот. Таму тој го искинува на парчиња писмото со пликот, ги изџвакува парчињата и ги проголтува. Кога после го одвеле кај началникот на участокот за распит и претрес, не е најдено ништо кај него што би го компромитирало, па го ослободуваат. Тој си го расипува стомакот со проголтнатите парчиња хартија, но рициновото масло му помогна.

Кога повисоките власти разбрале за случајов, наредуваат повторно да биде затворен, но тој се скрил и со кораб пребегнува во Света Гора, каде што извесно време останува како службеник при Зографскиот манастир. Од таму на еден руски брод пребегнува за Варна. Таму заедно со еден друг наш велешанец — Петре Глушков, бивш учител, отвараат печатница. (Васил Панчев умре во Софија).

Немаше возможност веќе да се снабдуваме преку тој канал со весници и литература. Не знам зошто на Делчев му беше потребен тој план за артилериско орудие, но ако се надеваше такво орудие да направи од црешново дрво или дури и од челик, и за тоа да најде во Солун некој опитен техник-железар да го направи, и по таков начин да го вооружи македонскиот народ во неговата борба за поништување власта на турските халифи — би била голема наивност. Бугарите сторија таков опит со црешново топче през нивното Априлско востание во 1876 година, но опитот им остана безуспешен.

Требаше да се најде начин да се снабдуваме со весници и литература. Братот на Васил Главинов — Лазар Главинов беше содружник со Дамета Малезанов, и двајцата наши другари, кои имаа столарска работилница во Велес. Васил Главинов на два пати испрати во дрводелски тезгиња (чие што дно одозгора на штицата беше издлабено и внатре исполнето со книги) цели изданија на весникот „Револуција", а после и весникот „Политичка слобода". Се разбира, тезгињата беа испратени за „потребите“ на столарската работилница на спомнатите другари. Така, ние се снабдивме со достаточно социјалистичка и револуционерна литература, која за времето речиси беше огромна. Имаше оригинална и преводна социјалистичка литература, до колку тогаш ја имаше и во Бугарија, и преводи од руската „Народоволческа" литература, како „Поприштето на нихилистите“, „Подземна Русија“ и др. Таа литература имаше големо значење како за нашата социјалистичка просвета, така и за политичкото и револуционерно издигнување за мнозина од прогресивните национално-револуционерни дејци во Велес. Ние дел од неа пренесовме и во Скопје и таму со неа се служевме за истата цел.

Белешки

  1. Печатна грешка во самото издание