2 глава Естира
3 глава
од н.п.
4 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

    1 По тие настани, царот Ахасвер го унапреди Амана, синот Амедатин, Агагеец: го возвиши, и неговиот престол го постави над сите други достоинственици, кои беа со него.
  2 Сите цареви службеници, кои се наоѓаа при царевата врата, се поклонуваа и коленичеа пред Амана, зашто царот нареди така. Но Мардохеј не се поклонуваше ниту коленичеше.
  3 Царевите службеници кои се наоѓаа при царската врата, му рекоа на Мардохеј: „Зошто ја престапуваш царевата заповед?”
  4 Иако тие му го повторуваа тоа секој ден, тој не ги послуша. Тогаш тие му го јавија тоа на Амана за да видат дали вреди Мардохеевото оправдување. Зашто им рече дека е Евреин.
  5 Кога Аман утврди дека Мардохеј ниту му се поклонува ниту коленичи пред него, се налути силно.
  6 А кога научи на кој народ му припаѓа, му се стори премалку да ги подигне рацете против самиот Мардохеј, туку науми да ги погуби со него и сите Евреи, кои живееја во сето Ахасверово царство.
  7 Во првиот месец, односно во месецот нисан, во дванаесетата година на Ахасверовото царување, во присуство на Аман фрлија „фур”, односно жрепка, за да ги утврдат денот и месецот. Жрепката падна на тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно на месецот адар.
  8 И Аман му кажа на царот Ахасвер: „Во сите покраини на твоето царство има еден народ, распрснат сред другите народи и одвоен од нив. Неговите закони се инакви од законите на сите други народи. Тие не ги пазат царските одредби. Затоа царот не смее да ги остави на мир.
  9 Ако му е по волја на царот нека се распише за да бидат убиени тие; а јас ќе им избројам десет илјади србрени таланти во рацете на поверениците, за да ги внесат во царската ризница.”
10 Потоа царот го извади печатниот прстен од раката и му го предаде на Амана, синот Амедатин, Агагеец, непријател на Евреите,
11 и му кажа: „Нека ти бидат сребрениците и народот, па направи со нив што ќе биде добро во твоите очи.”
12 Во тринаесеттиот ден на првиот месец беа свикани царевите писари, па составија писма за она што наложи Аман и им ги упати на царските намесници, на управителите што стоеја на чело на поодделни покраини, на кнезовите на секој одделен народ, на секоја покраина со нејзиното писмо и на секој народ на неговиот јазик. Писмата се напишани во царево име и врз нив е удрен царевиот печат.
13 По брзоодците им беа испратени на сите цареви покраини посланија за да бидат сите Евреи, од децата до старците, децата и жените, уништени, погубени, истребени, а нивните имоти да бидат запленети во еден единствен ден, и тоа во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, на месецот адар.
14 Содржината на оваа наредба, што имаше да стане закон во секоја покраина, им беше објавена на сите народи, за да бидат подготвени за тој ден.
15 Гласниците тргнаа брзо со царевата заповед. Указот беше објавен и во тврдината на Шуша, па додека царот и Аман седеа и се честеа, градот Шуша беше вознемирен.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse