32 глава Јов
33 глава
од н.п.
34 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

   1 „И така, чуј, Јове, што ќе ти кажам, наведни го увото кон моите беседи.
  2 Ете, ја отворив својата уста, а јазикот ми создава зборови под непцето.
  3 Моето срце ќе ти зборува искрено, усните ќе изречат чиста вистина.
  4 Па и мене Божјиот Дух ме создаде, здивот на Сèдржителот ме оживе:
  5 ако можеш, противстави ми се ти; подготви се да ми се спротивиш!
  6 Ете, како и ти, и јас сум пред Бога, како и ти, бев создаден од глина;
  7 затоа јас нема да те ужасувам со страв, мојата рака нема да те притисне.
  8 И така, на мои уши рече - сосем јасно ги чув твоите зборови:
  9 „Невин сум и без никаков грев; прав сум и нема вина врз мене,
10 но Тој нашол обвинување против мене и ме смета за Свој непријател.
11 Ги стави моите нозе во клади, Тој внимава на секој мој чекор.”
12 Тука, ти велам, не си во право, зашто човек не може да се мери со Бога.
13 Па зошто се препираш со Него? Тој не дава отчет ниту за едно од Своите дела.
14 Господ ни зборува нам еднаш и двапати, но човекот не обрнува внимание на тоа.
15 Во соништата, во ноќните виденија, кога длабок сон ги совладува луѓето и додека сонуваат цврсто на леглата,
16 тогаш Тој му зборува на увото на човекот, и го плаши со морничави привиди,
17 за да го одврати од неговите дела, да ја обори гордоста во човекот,
18 да ја спаси неговата душа од јамата и неговиот живот да не падне од меч.
19 Тој го кара, на леглото, со болест, кога коските му се тресат непрекратно.
20 Кога лебот му се гади на неговиот живот и најдоброто јадење на неговата душа.
21 Кога неговото тело гине очигледно и му се гледаат оголените коски.
22 Кога душата му се приближува до гробот, а неговиот живот кон гласниците на смртта.
23 Тогаш, ако не се најде ангел покрај него, еден посредник меѓу илјада, за да го спомени човекот на должноста,
24 па се сожали над него и рече: „Избави го, за да не слезе во јамата; најдов откупнина за неговиот живот!
25 Нека му процвета телото со младост, нека се врати во младечки денови!”
26 Му се помолува на Бога и Бог го послушува: Тој го погледнува радосно во лицето; му ја враќа на човекот неговата праведност.
27 Тогаш човекот ќе погледне на луѓето, велејќи: „Грешев и го изопачував правото, но Бог не ме казни.
28 Тој ми ја спаси душата од гроб и мојот живот се радува на светлината.”
29 Ете, Бог го прави сè тоа двапати и до трипати за човекот,
30 за да ја спаси неговата душа од гробот и да му го осветли животот со светлина.
31 Внимавај, Јове, послушај ме добро; молчи, зашто уште не доискажав сè.
32 Ако имаш уште зборови, одговори ми, говори - со задоволство би те оправдал тебе,
33 ако немаш, послушај ме само, внимавај, и ќе те научам на мудрост.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse