1 Елиу ја продолжи својата беседа и рече:
2 „И вие мудреци, чујте што ќе речам, вие, умни луѓе, послушајте ме мене,
3 зашто нашите уши ги испитуваат беседите, исто како што непцето ја испитува храната.
4 Заедно да испитаме што е право и заедно да размислиме што е добро.
5 Јов тврдеше: „Јас сум праведен, но Бог ми ја скратува мене правдата.
6 Во право сум, а ме прават лажец, прострелан на смрт, а без своја вина!”
7 Зар има некаде човек како Јова, кој ја пие хулата како вода,
8 кој чекори заедно со злочинците и го дели истиот пат со нечесните?
9 Тој тврди: „Каква полза има човекот од тоа што сака да Му угоди на Бога?
10 Затоа чујте ме, вие умни луѓе: Злото е многу далеку од Бога и неправедноста од Сèдржителот.
11 Па Тој му плаќа на човекот според делата секому му дава според неговото поведение.
12 Навистина, Бог никогаш не прави зло, ниту Сèдржителот ја извртува некогаш правдата.
13 Кој освен Него мисли за земјата? И кој ја управува вселената?
14 Кога Тој би го повлекол Своето срце кон Себе, кога би го вратил сиот Свој Дух кон Себе,
15 сите суштества би издивнале одеднаш и човекот би се претворил во прав.
16 Ако имаш разум, слушај го ова, и внимавај на моите зборови.
17 Може ли да владее оној кој ја мрази правдата? Сакаш ли да го осудиш Најправедниот?
18 Оној, Кој му вели на царот: „Никаквец!” а на кнезот му говори: „Злосторнику!”
19 Кој не е пристрасен кон кнезовите, и еднаков Му е бедниот и богатиот, зашто тие се дело на Неговите раце?
20 Умираат во еден миг: среде глува ноќ; народите се брануваат, поминуваат, моќните паѓаат без човечка рака.
21 Зашто, Неговите очи се над човечките патишта, и Тој го гледа секој негов чекор.
22 Нема таков мрак и ниту смртна сенка, каде би можеле да се скријат оние што прават неправда.
23 Господ не му вели никому однапред, кога ќе стапи на суд пред Него.
24 Тој ги сотира јаките без сослушување и поставува други на нивното место.
25 И така, многу добро ги познава нивните дела! Среде ноќ, Тој ги кутнува и ги гази.
26 Со удар ги бие заради нивната злоба, во место каде сите можат да ги видат.
27 Зашто прекратија да одат по Него, ги занемарија Неговите патишта,
28 гонејќи ги бедните да пискаат до Него и угнетуваните да лелекаат кон Него.
29 Ама ако мирува, кој ќе Го трогне Него? Скрие ли го лицето, кој може да Го види?
30 Бдее над народите, како и над човекот, да не завладее некој кој го заведува народот.
31 Кога безбожникот ќе Му рече на својот Бог: „Ме заведоа, повеќе не ќе грешам.
32 Не разбирам ли, поучи ме Ти сега и ако некогаш правев неправда, во иднина нема да ја вршам!”
33 Мислиш ли дека Бог треба да го казни него, додека ти ги презираш неговите замисли? Но кога одлучуваш ти а не јас, ајде сега, истреси ми ја својата мудрост!
34 Сите умни луѓе ќе се сложат со мене и секој разумен, кој ќе ме чуе мене:
35 „Јов зборуваше необмислено, нема мудрости во неговите зборови.
36 Затоа, Јов нека се испита до крај, зашто одговара како злосторник;
37 а на својот грев му додава уште побуна, тој плеска со дланките меѓу нас и ги натрупува своите хули против Бога.”