1 Оние три човека прекратија да му одговараат на Јова, зашто тој се сметаше невин.
2 Тогаш се налути Елиу, Варахиловиот син, од Вуза, од Арамовото племе: пламна со гнев против Јов, бидејќи се сметаше за праведен пред Бога.
3 А пламна со гнев и против трите негови пријатели, зошто не најдоа веќе ништо што да му одговорат, па така го осудија Јова.
4 Додека тие разговараа со Јова, Елиу молчеше, зашто тие беа постари од него.
5 Ама кога виде дека оние три мажи немаа веќе одговор во устата, пламна со гнев.
6 И проговорувајќи, Елиу, Варахиловиот син од Вуза рече: „Јас сум уште млад според своите години, а вие навлеговте во длабока старост; затоа јас се воздржав страшливо да го покажам своето знаење пред вас.
7 Мислев во себе: „Староста ќе зборува, многуте години ќе ја покажат мудроста.”
8 Навистина, има дух во човекот, здивот на Сèдржителот го прави разумен.
9 Понапреднатата возраст не дава мудрост, ниту старците ја знаат праведноста.
10 Затоа ве молам, послушајте ме мене, да ви го изложам и јас своето знаење.
11 Ги следев со внимание вашите беседи и ги сослушав вашите причини, додека баравте што да кажете.
12 Целото мое внимание беше врз вас, но немаше никој да го побие Јова, ниту пак некој од вас да му се противстави на неговото слово.
13 Не велете: „Ја најдовме мудроста, Бог ќе го побие, зашто човекот не може.”
14 Тој не ја насочи беседата кон мене: нема да му одговорам со вашите зборови.
15 Поразените не можат да се противстават, прекратија да зборуваат!
16 Чекав! Но, ете, тие не зборуваат, молкнаа, ни збор повеќе да кажат,
17 сега е на мене да проговорам, и јас ќе го изложам своето знаење.
18 Многу зборови бликаат во мене, додека мојот дух ме тера одвнатре.
19 Ете, мојата внатрешност е како затворено вино, ќе распукне како нов мев.
20 Да ми олесни, затоа ќе зборувам, ќе ги отворам усните и ќе ви одговорам вам.
21 Не ќе се приклонам ниту кон едната страна, ниту имам намера да му ласкам некому,
22 јас не умеам да ласкам никако, зашто мојот Творец би ме погубил веднаш.”