Списание „Вардар“ (современ правопис)/ Современ живот

Народни песни Македонија
Современ живот
од Крсте Петков Мисирков
Словенството
Објавено во списанието „Вардар“ на 1 септември 1905 година во Одеса.
Летово што помина во Македонија беше, во споредба со минатите лета, по спокојно. Тоа може да се објасни со многу причини, а кои се тие лесно се објаснува. Најпрво, народот во економски однос е совршено расипан, па затоа тој не може да поддржува со пари никакви востанија. Друго, народот го изгуби секое верување дека е возможно со востание да се достигне таа цел, за достигнувањето на која тој до сега даде толку жртви и страдања. Трето, положбата на македонскиот народ и сега е за завидување, како што не бил тој и досега, но сега има мала разлика во споредба со минатото: Сега во внатрешноста на Македонија има офицери, христијани - европејци, и цивилни агенти на Хилмо-паша; тоа е малку во споредба со тоа што се очекуваше до востанието во 1903 година, но сепак тоа е многу во споредба со видувањата на Мјурцштегските реформи. Четврто и најглавно, летово, како и за светото време од завршувањето на востанието од 1903 година и досега, во Македонија царува меѓухристијанска вооружена борба водена по иницијатива и на материјални средства на националните пропаганди. При тоа, таа меѓухристијанска борба во жестокоста ѝ ги помина сите жестокости правени од туците над христијаните, на кои христијаните се потпирале, барајќи од Европа помош, како по слаби, против посилните - турците. Меѓухристијанската борба во Македонија, не само што го ослабнува македонскиот народ и му готви несреќа, не само што прави невозможна борба со културни средства за рамноправност на сите народности во Македонија, туку таа покажува дека христијаните се не помалку груби од турците, дека тие се непросветлени, но пожестоки од турците и дека, ако тие добијат власт во раце, ќе си тријат сол на главата едни со други и турците. Да се надеваме дека развивањето на националносто самоосознавање на македонскиот народ ќе ја направи активноста на пропагандите неосновна и со тоа ќе се стави крај на ѕверствата, што ги вршат над мирните селани орудијата на тие пропаганди.

Поврзано