Прво писмо од апостол Јован

Второ писмо од апостол Петар Прво писмо од апостол Јован
Библија
од [[]]
Второ писмо од апостол Јован


Глава 1

уреди


Вовед

уреди



1Ви пишуваме за Исус Христос, Зборот на животот, Оној што постои уште од самиот почеток. Со свои уши Го слушнавме, со свои очи Го видовме, со свои раце Го допревме.

2Оној што дава живот се појави! Го видовме и подготвени сме да ви сведочиме за тоа. Сакаме да ви кажеме за овој вечен Живот што беше со Небесниот Татко и се појави пред нас. 3Ви го кажуваме она што го видовме и чувме, за да ни се придружите и вие во општењето што го имаме со Таткото и со Неговиот Син, Исус Христос. 4Ви го пишуваме ова, за да биде целосна нашата[1] радост.

Бог е светлина. Да живееме во светлина.

уреди



5Ова е пораката што ја слушнавме од Исус и ви ја пренесуваме: Бог е светлина. Во Него нема ни трошка темнина.

6Ако кажеме дека општиме со Бог, а живееме во темнина, лажеме и не се придржуваме до вистината. 7Но ако живееме во светлина, како што и Бог е во светлина, тогаш навистина ќе општиме еден со друг, а крвта на Божјиот Син, Исус ќе нѐ очистува од секој грев.

8Ако тврдиме дека не грешиме, самите се лажеме и одбиваме да ја прифатиме вистината. 9Но ако Му ги признаваме своите гревови на Бог, Тој е правичен и ќе си го одржи ветувањето: ќе ни ги прости гревовите и ќе нѐ исчисти од сета неправедност.

10Ако тврдиме дека не сме грешни, Бога Го правиме лажливец и покажуваме дека Неговото Слово не навлегло во нас.

Глава 2

уреди


Христос се застапува за нас

уреди



1Чеда Божји, ова ви го пишувам за да не грешите. Но, ако некој од вас направи грев, Го имаме праведниот Исус Христос, Кој се застапува за нас пред Небесниот Татко. 2Тој е помирителната жртва што се принесе за нашите гревови, и не само за нашите, туку и за гревовите на целиот свет.

Одлики на Божјите луѓе

уреди



3По што ќе се знае дека сме Божји луѓе? По тоа што ќе се придржуваме до Неговите заповеди! 4Оној што тврди дека е Божји човек, а не се придржува до Неговите заповеди, тој лаже и само покажува дека вистината не е во него. 5Само тој што се придржува до Неговото Слово има совршена љубов спрема Бог, и по тоа ќе се знае дека сме Божји луѓе. 6Оној што тврди дека е Божји човек, треба да го следи примерот на Исус.

7Драги мои, јас не ви пишувам за да ви дадам некаква нова заповед. Ова е стара заповед што ви беше дадена уште од самиот почеток. Таа стара заповед - да имаме љубов еден спрема друг - е истата порака што ја чувте отпорано. 8Сепак, таа заповед на некој начин е и нова, зашто нејзината вистинска смисла може да се согледа дури сега во Исус и во вас. Погледнете, темнината исчезнува, а вистинската светлина веќе свети!

9Оној што тврди дека е на страната на светлината, а ги мрази другите христијани[2], тој сѐ уште е на страната на темнината. 10Оној што ги сака другите христијани, навистина живее во светлината и кај него нема ништо што би можело некого да наведе на грев. 11Оној што ги мрази другите христијани е на страната на темнината, низ црна темнина оди и не знае каде ќе стигне, зашто темнината му ги заслепува очите.



12Ви пишувам вам, чеда Божји,

бидејќи вашите гревови се простени 


благодарејќи Му на Исус Христос.





13Ви пишувам вам, родители,

бидејќи вие Го знаете Христос, 


Оној што постои уште од самиот почеток. 



Ви пишувам вам, млади луѓе, 


бидејќи ја добивте битката против Злиот.





14Ви напишав вам, деца,

бидејќи вие Го спознавте Таткото. 



Ви напишав вам, родители, 


бидејќи вие Го знаете Христос, 


Оној што постои уште од самиот почеток. 



Ви напишав вам, млади луѓе, 


вие сте силни, зашто 


Божјото Слово живее во вас 


и вие ја добивте битката против Злиот. 




15Немојте да го сакате овој свет и она што тој ви го нуди, зашто ако го сакате овој свет, во вас нема љубов спрема Небесниот Татко. 16Тоа што го нуди светот: телесните похоти, желбата да се има сѐ што ќе се види, гордоста заради богатството што се поседува - не е од Небесниот Татко, туку од овој свет. 17А овој свет и световните похоти се минливи; само оној што ја исполнува Божјата волја останува вечно.

Антихристи

уреди



18Чеда Божји, се одигрува последниот час! Сте слушнале дека ќе дојде Антихристот, но веќе сега има многу антихристи и по тоа знаеме дека настапува последната епоха. 19Тие луѓе излегоа од нас, но никогаш не беа навистина дел од нас. Да беа навистина дел од нас, со нас и ќе останеа. Напуштајќи нѐ, тие покажаа дека ниту еден од нив не бил дел од нас.

20Но вие сте просветлени[3] од Светиот Дух и сѐ ви е јасно. 21Не ви пушувам како да не ја знаете вистината, туку затоа што ја знаете и знаете дека од вистината не може да произлезе никаква лага. 22Значи кој е лажливец? Секој што тврди дека Исус не е Месијата! Тие луѓе се антихристи и не Го прифаќаат ниту Небесниот Татко, ниту Синот - Исус. 23Секој што не го прифаќа Синот покажува дека не го прифаќа ни Таткото. А секој што го признава Синот во исто време Го признава и Таткото.

24Вие, пак, придржувајте се до тоа што го слушнавте на почетокот. Ако се придржувате до тоа што го чувте од почетокот, ќе бидете во единство со Синот и со Таткото. 25А Тој ни вети вечен живот.

26Ова ви го пишувам зашто има луѓе што се обидуваат да ве заведат. 27Што се однесува до вас, вие сте просветлени[4] од Светиот Дух и, сѐ додека Тој Дух живее во вас, нема потреба никој да ве учи за тоа што е вистина, а што не. Светиот Дух ве учи за сѐ, и сѐ што Тој ве учи е вистина, а не лага. Држете се до Него и до она што Тој ве научи.

Христијаните се Божји деца

уреди



28А сега, чеда Божји, останете во единство со Христос, за да не се посрамиме при Неговото повторно доаѓање, туку да излеземе пред Него со крената глава.

29Знаете дека Исус е праведен, затоа треба да знаете дека секој што постапува праведно е Божјо дете[5].

Глава 3

уреди


Како треба да живеат Божјите луѓе

уреди



1Погледнете колкава голема љубов покажа Небесниот Татко спрема нас! Тој толку многу нѐ засака, што нѐ прифати како Свои деца и ние сега навистина сме Божји деца! Световните луѓе не Го познаваат Бога, па затоа и нас не нѐ препознаваат како Божји деца. 2Драги мои, ние веќе сега сме Божји деца, но не можеме ни да си замислиме што ќе станеме допрва! Сепак знаеме дека кога Христос повторно ќе дојде, ќе станеме слични на Него, бидејќи ќе Го видиме онаков каков што Тој навистина е. 3Секој што ја положил својата надеж во Него, ќе се пази да остане чист, токму како што и Христос е чист.

4Секој што прави грев, го прекршува Божјиот закон, зашто гревот е токму тоа: прекршување на законот. 5Како што знаете, Христос токму заради тоа и дојде: да ги отстрани нашите гревови. Во Него грев нема, 6па затоа секој што е на Негова страна нема да продолжи да греши. Ако човек продолжи да греши, тој ниту Го познава Христос, ниту пак сфаќа Кој е Тој!

7Чеда Божји, не допуштајте некој да ве заведе! Праведен е оној што постапува праведно, онака како што постапуваше Исус. 8А оној што продолжува да греши е на страната на ѓаволот, зашто ѓаволот греши уште од самиот почеток. Токму затоа и дојде Божјиот Син: да го уништи она што го прави ѓаволот.

9Тој што е препородено Божјо дете, нема да продолжи да греши, бидејќи Божјото семе е во него. Тој е препородено Божјо дете и не може да продолжи да греши. 10Постои јасна разлика меѓу Божјите деца и децата на ѓаволот: секој што не постапува праведно, и што не ги сака другите христијани, не е Божјо дете.

Да се сакаме еден со друг

уреди



11Пораката што ја чувме од почетокот гласи: да се сакаме еден со друг. 12Да не бидеме како Каин, кој застана на страната на Злиот и го уби сопствениот брат. Зошто го уби? Бидејќи она што го правеше Каин беше погрешно, а она што го правеше неговиот брат беше правилно. 13Според тоа, не чудете се, драги христијани, ако луѓето од овој свет ве мразат!

14Ако ние, христијаните, се сакаме еден со друг, тоа докажува дека сме преминале од смрт во вечен живот. Оној што не ги сака другите христијани, сѐ уште е во стегите на смртта.

15Секој што мрази некој од христијаните е убиец, а вие знаете дека ниту еден убиец во себе нема вечен живот.

16Кога Исус го даде сопствениот живот за нас, ние сфативме што значи да се има љубов. Така треба и ние да ги даваме нашите животи за други христијани. 17Како може некој да тврди дека ја има Божјата љубов, ако има световни богатства и гледа дека некој од христијаните е во материјална невола, а тој не сака да му помогне? 18Чеда Божји, треба вистински да се сакаме, не само на зборови, туку на дело, со нашите постапки во секојдневниот живот.

19Така ќе знаеме дека сме на страната на вистината, и ќе ја имаме неопходната увереност кога ќе застанеме пред Бог. 20Па и кога нашата совест нѐ обвинува, да не забораваме дека Бог е над нашата совест и дека Тој знае сѐ.

21Драги мои, кога имаме чиста совест можеме да пристапиме пред Бог со увереност. 22Сѐ што ќе побараме од Него, ќе добиеме, ако се држиме до Неговите заповеди и го правиме она што е во согласност со Неговата волја. 23А Божјата заповед е да веруваме во Неговиот Син Исус Христос и да се сакаме еден со друг. Така ни заповеда и Исус. 24Оние што се придржуваат до Божјите заповеди живеат во нераскинливо заедништво со Бог и Тој трајно живее во нив. Како знаеме дека Бог живее во нас? Доказ за тоа е Светиот Дух што ни го даде Христос.

Глава 4

уреди


Вистинскиот и лажниот дух

уреди



1Драги мои, не верувајте му на секој што тврди дека во себе го има Божјиот Дух. Проверувајте дали духот што е во нив е од Бога, бидејќи по светот се појавија многу лажни пророци. 2Вака ќе проверите дали некој во себе го има Божјиот Дух: ако проповеда дека Исус Христос дојде во човечко тело, тој е од Бога. 3Секој што не Му оддава признание на Исус, не е од Бога, туку е од Антихристот. За Антихристот сте слушнале дека ќе дојде. Тој е веќе присутен во светот.

4Чеда мои, вие Му припаѓате на Бог и веќе ги победивте овие непријатели. Божјиот Дух што е во вас е посилен од духот што е во световните луѓе. 5Тие луѓе му припаѓаат на овој свет. Световно зборуваат и светот ги слуша. 6Ние, пак, Му припаѓаме на Бог. Тие што Го знаат Бога, нѐ слушаат, а тие што не се на Божја страна, не нѐ слушаат. Така распознаваме дали некој е со Духот на вистината или со духот на заблудата.

Бог е изворот на љубовта

уреди



7Драги мои, треба да се сакаме еден со друг, бидејќи љубовта доаѓа од Бог. Секој што ги сака луѓето докажува дека е Божјо дете и дека Го познава Бога. 8Оној што не ги сака луѓето докажува дека не Го познава Бога, бидејќи Бог е љубов. 9Бог ја докажа Својата голема љубов спрема нас, испраќајки Го на овој свет Својот единствен Син, за ние да добиеме вечен живот преку Него. 10Тоа е вистинска љубов. Не дека ние го сакавме Бога, туку Бог нас нѐ сакаше и Го даде Својот Син како помирителна жртва за нашите гревови.

11Драги мои, штом Бог покажа толкава љубов спрема нас, и ние треба да се сакаме еден со друг.

12Никој никогаш не Го видел Бога, но ако еден со друг се сакаме, покажуваме дека Бог живее во нас и Неговата љубов целосно ќе се искаже преку нас.

13Бог ни го даде Својот Дух како доказ дека сме во Него, а Тој во нас. 14Со свои очи видовме и им сведочиме на луѓето дека Небесниот Татко Го испрати Синот, Исус, да биде Спасител за светот.

15Секој што го прифаќа Исуса како Божји Син, го има Бога во себе, а и тој е во Бога. 16Сега знаеме колку многу Бог нѐ сака и имаме доверба во Него.
Бог е љубов! Секој што ги сака луѓето е во единство со Бога, а и Бог е во него. 17Ако искрено се сакаме и ако живееме онака како што живееше Исус, нема причина да се плашиме од Судниот ден. 18Љубовта не остава место за страв. Совршената љубов го исклучува стравот, бидејќи стравот подразбира казна, а тој што се плаши нема искрена љубов.

19Ние возвраќаме со љубов, зашто Бог прв нѐ засака. 20Ако некој тврди дека има љубов спрема Бог, а мрази некој од христијаните[6], тој е лажливец. Ако не ги сака христијаните, кои му се пред очи, како ќе може да Го сака Бога, Кого не Го има видено? 21Христос ни даде ваква заповед: Тој што Го сака Бога, треба да ги сака и христијаните околу себе.

Глава 5

уреди


Верата победува

уреди



1Секој што верува дека Исус е Месијата[7], е препородено Божјо дете. Секој што го сака Родителот, ќе ги сака и Неговите деца. 2По што знаеме дека ги сакаме Божјите деца? По тоа што Го сакаме Бога и ги извршуваме Неговите заповеди. 3Да Го сакаме Бог значи да се придржуваме до Неговите заповеди без тие да ни претставуваат бреме.

4Секој што е препородено Божјо дете може да надвладее против светот. Таа победа против светот се постигнува преку вера во Христос. 5Кој друг ќе го победи овој свет, ако не оние што веруваат дека Исус е Божјиот Син!?

Тројно сведоштво за Исус

уреди



6Христос ни беше објавен како Божји Син преку Неговото крштавање во водата и преку пролевањето на Неговата крв на крстот[8]. Не само преку вода, туку преку вода и крв. Светиот Дух ни сведочи за тоа, а Нему може да Му се верува. 7Значи постојат тројца сведоци[9]: 8Духот, водата и крвта, и сведоштвата на сите тројца сведоци се совпаѓаат.

9Ако прифаќаме сведочење од човек, Божјото сведоштво е уште посилно. Затоа ние го прифаќаме она што Бог ни го сведочи за Својот Син. 10Секој што верува во Божјиот Син, го има ова сведоштво во своето срце. Оние што не Му веруваат на Бог, Го прогласуваат Бога за лажливец, бидејќи не Му веруваат на сведоштвото што го даде Тој за Својот Син.

11Сведоштвото кажува дека Бог ни даде вечен живот и тој живот доаѓа од Неговиот Син. 12Кој го има Божјиот Син, има вечен живот. Кој го нема Божјиот Син, нема вечен живот.

Одговор на молитви

уреди

<бр >
13Ова ви го напишав за да знаете дека вие што верувате во името на Божјиот Син имате вечен живот. 14Заради тоа ние имаме доверба во Бог и знаеме дека кога молиме нешто што е во согласност со Неговата волја, Тој ќе ни го исполни. 15Знаеме дека кога се молиме Тој нѐ слуша и сигурни сме дека на нашите молитви ќе добиеме одговор.

16Ако некој од вас гледа дека некој христијанин прави грев што не е за смрт, нека се помоли и Бог ќе му даде живот на оној што згрешил. Ова се однесува на гревови што не се смртоносни. Постои и смртоносен грев и јас не велам дека треба да се молите за оние што го извршиле тој грев. 17Секоја неправедност е грев, но секој грев не е смртоносен.

18Знаеме дека ниедно Божјо дете не продолжува постојано да греши, бидејќи Божјиот Син[10] го чува и ѓаволот не може да допре до него.

19Ние, христијаните, знаеме дека потекнуваме од Бог, а световните луѓе се под власта на ѓаволот. 20Знаеме и дека Божјиот Син дојде и ни даде разум за да Го препознаеме вистинскиот Бог. Затоа ние сме во единство со вистинскиот Бог и со Неговиот Син, Исус Христос. Тој е вистинскиот Бог, Тој е вечниот живот.

21Чеда Божји, чувајте се од идоли[11]!





Забелешки:

  1. Во некои ракописи: вашата.
  2. Буквално: браќа.
  3. Буквално: вие сте помазани од Светиот.
  4. Буквално: примивте помазание.
  5. Буквално: е роден од Него.
  6. Буквално: а го мрази својот брат.
  7. Грчки: Христос.
  8. Буквално: Тој дојде преку вода и крв.
  9. Некои подоцнежни ракописи додаваат: на небо - Таткото, Зборот и Светиот Дух и тие Тројца се едно. Овде на земјата имаме тројца сведоци.
  10. Буквално: бидејќи родениот од Бог... Веројатно се однесува на Христос. Алтернативно, ако се однесува на христијанин, овој стих би гласел: „ ...родениот од Бог се чува себеси и ѓаволот не може да допре до него.“
  11. Преносно: од сѐ што може да го истисне Бог од вашите срца, од она што може да ви стане бог наместо вистинскиот Бог.