10 глава Прва книга летописи
11 глава
од н.п.
12 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Тогаш сите Израелци се собраа кај Давида во Хеврон и рекоа: „Еве, ние сме од твојата коска и од твоето месо.
  2 Уште порано, додека Саул беше цар, ти управуваше со сите движења на Израел; Господ, твојот Бог, ти рече: ‘Ти ќе го пасеш Мојот Израелски народ, и ти ќе бидеш водач над Мојот народ Израел.’”
  3 Така дојдоа сите израелеви старешини кај царот во Хеврон, а царот Давид склучи со нив сојуз во Хеврон пред Господа, и го помазаа Давида за цар над Израел, како што Господ му имаше речено на Самоила.
  4 Тогаш Давид отиде со сите Израелци во Ерусалим, а тоа е Евус, зашто таму беа Евусејците и живееја во онаа земја.
  5 Но Евусејците му порачаа на Давида: „Не ќе влезеш ваму!” Сепак Давид ја освои Сионската Тврдина, односно Давидовиот Град.
  6 Зашто Давид рече: „Кој прв ќе ги порази Евусејците, ќе биде врховен началник и кнез.” Прв се искачи Серуиниот син Јоав и стана началник.
  7 Тогаш Давид се насели во таа тврдина; затоа ја нарекоа Давидов Град.
  8 Тогаш го изгради градот наоколу, од Милон до оградата, а Јоав го обнови другиот дел на градот.
  9 Давид стануваше сè посилен, зашто Господ над Војските беше со него.
10 Еве ги началниците на Давидовите јунаци кои работеа јуначки покрај него за неговото царство со сиот Израел за да го зацарат, според Господовото слово, над Израел.
11 Еве го пописот на Давидовите јунаци: Ахмониевиот син Јасовеам, главатар на триесетмина; тој замавна со своето копје на триста и ги погуби одеднаш.
12 По него Додовиот син Елеазар, Ахошанец, еден од трите јунаци.
13 Тој беше со Давида во Фас-Дамим, кога Филистејците се собраа за бој, а таму имаше поле полно со јачмен; кога народот почна да бега пред Филистејците,
14 тие застанаа сред тоа поле и го одбранија истепувајќи ги Филистејците. Така Господ им даде голема победа.
15 Тројца од тие триесетмина еднаш слегоа до стената кај Давида во Одаламската Пештера, кога филистејските чети стоеја во Рафајската Долина.
16 Тогаш Давид беше во своето укрепено место, а филистејската посада тогаш беше во Витлеем.
17 Давид посака: „О кога некој би ме напил вода од Витлеемскиот Кладенец што е кај вратата!”
18 Тогаш тие тројца продреа низ филистејскиот логор и, откако нацрпија вода од Витлеемскиот Кладенец, му ја донесоа и му ја дадоа на Давида. Но Давид не сакаше да пие, туку ја истури како налевница за Господа
19 говорејќи: „Да не ми даде мојот Бог да го направам тоа! Зар да ја пијам крвта на овие луѓе? Та изложувајќи го животот на смрт, донесоа вода.” И не сакаше да пие. Ете тоа го направија тие тројца јунаци.
20 Ависеј, братот Јоавов, беше началник над триесетмина; тој замавнуваше со копје против триста, ги погуби и се прослави меѓу тројцата.
21 Беше меѓу тројцата повиден од другите двајца, и им беше началник, ама не ги достигна првите тројца.
22 Венај син Јодаев, јунак од Кавсеил, богат со јуначки дела, ги уби двата сина на Ариел од Моав; тој во еден снежен ден слезе и уби лав сред јама.
23 Уби и некој Египетец, човек од пет лакти. Египетецот во раката имаше копје како ткајачко вратило, а тој излезе пред него со стап и, откако му го истрга на Египетецот копјето од раката, го уби со неговото копје.
24 Тоа го направи Јодаевиот син Венај и се прослави со името меѓу оние тројца јунаци.
25 Беше најпрочуен меѓу триесетмината, но не ги достаса оние тројца. Давид го постави за заповедник на своите телохранители.
26 Храбри јунаци беа: Јоавовиот брат Асаил, Додовиот син Елханан од Витлеем,
27 Арорецот Самот, Фелонецот Хелис;
28 Икисовиот син Ира, Текоец, Анатотецот Авиезер;
29 Хусецот Сивехај, Илај Ахохецот;
30 Марај Нетофатецот, Ваниниот син Хелед, Нетофатец;
31 Риваевиот син Итај од Гаваја на Венијаминовите синови, Венај Фаратонецот;
32 Урај од Гаските Потоци, Авил Варумецот,
33 Елијав Салвонецот.
34 Синови на Асим Гизонецот: Сагиниот син Јонатан, Арарец;
35 Сахаровиот син Ахијам, Арарец, Уровиот син Елифал;
36 Ефер Мехирецот, Ахиј Фелонецот;
37 Есро Кармилецот, Есваевиот син Нарај;
38 Натановиот брат Јоил, Агиревиот син Мивар;
39 Амонецот Селек, Виротецот Нарај, штитоносец на Серуиниот син Јовав;
40 Ира Јетерецот, Гарив Јетерецот;
41 Хетеецот Уриј, Алаевиот син Завад;
42 Сизиниот син Адина, Рувимец, началник на Рувимовото племе, и триесетмина со него.
43 Мехиниот син Анан и Јосафат Митнеецот.
44 Озиј Астеротецот, Сама и Ехил синови на Ароирецот Хотан;
45 Симриевиот син Едијаил и брат му Јоха Тисецот.
46 Махавецот Елил и Елнамовите синови Еривај и Осавиј и Моавецот Етем;
47 Елил, и Овид и Месовеецот Јасил.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse