1 Филистејците завојуваа против Израелците. Израелците избегаа пред нив и паѓаа убивани по гората Гелвуј.
2 Филистејците ги притиснаа Саула и неговите синови, и ги погубија Сауловите синови Јонатана, Авинадава и Мелхи-Суа.
3 Бојот стана пожесток околу Саула. Го изненадија стрелци со лакови, и тој падна ранет од стрелците.
4 Тогаш Саул му рече на својот оруженосец: „Извлечи го својот меч и прободи ме, за да не дојдат тие необрежанци и за да не ми се наругаат.” Ама неговиот оруженосец се исплаши и не сакаше да го направи тоа. Затоа Саул го зеде мечот и се фрли врз него.
5 Кога оруженосецот виде дека Саул почина, и тој се фрли врз својот меч и умре.
6 Така во оној ден загинаа заедно Саул, неговите три сина и сиот негов дом.
7 Кога сите Израелци, кои беа во долината, видоа дека Израелевите синови избегаа и дека загина Саул со синовите, ги оставија своите градови и се разбегаа. Филистејците дојдоа и се населија во нив.
8 Кога утреден Филистејците дојдоа за да ги ограбат убиените, ги најдоа Саула со неговите синови каде лежат мртви на гората Гелвуј.
9 Откако го соблекоа, му ги зедоа главата и оружјето та ги испратија по Филистејската Земја наоколу јавувајќи им ја веста на своите идоли и на народот.
10 Потоа оружјето го ставија во храмот на својот бог, а черепот му го изложија во Дагоновиот храм.
11 Кога слушнаа сите во Галадскиот Јавис што направија Филистејците со Саула,
12 станаа сите храбри луѓе и ги зедоа Сауловото мртво тело и телата на неговите синови и, откако ги донесоа во Јавис, ги погребаа нивните коски под дабот во Јавис; и постеа седум дена.
13 Така загина Саул за своето беззаконие, кое го направи пред Господа: не ги пазеше Господовите заповеди, и врз тоа ја праша за совет бајачката,
14 а не Го праша Господа; затоа го уби и го пренесе царството на Јесеевиот син Давид.