Писмо од апостол Павле до христијаните во Филипи (вики-превод)

Писмо од апостол Павле до христијаните во Ефес (вики-превод) Писмо од апостол Павле до христијаните во Филипи
Библија (вики-превод)
од н.п.
Писмо од апостол Павле до христијаните во Колос (вики-превод)


Глава 1

уреди


Авторство и поздрави

уреди



1Од Павле и Тимотеј,
службеници на Исус Христос,
до сите Божји луѓе во Филипи што веруваат во Исус Христос, до старешините[1] и помошниците[2] во црквата.

2Бог, нашиот Татко и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир.

Молитва со благодарност

уреди



3Секојпат кога ќе помислам на вас, Му се заблагодарувам на мојот Бог 4и секогаш со задоволство се молам за вас, 5зашто вие ми помагате во ширењето на Радосната вест уште од првиот ден кога ја слушнавте, па сѐ досега. 6Сигурен сум дека Бог, Кој ја започна оваа добра работа во вас, ќе продолжи да ја води, сѐ додека не ја заврши, на Денот кога Исус Христос повторно ќе дојде.

7Сите сте ми многу драги, и со право ми прираснавте за срце, зашто и вие ја делите со мене оваа привилегија што Бог ми ја даде, сега, кога сум в затвор, како и порано кога бев слободен, да ја бранам и ширам Радосната вест. 8Бог ми е сведок дека моите чувства спрема сите вас се искрени и дека ве сакам онака како што ве сака и Исус Христос.

9Се молам и вашата љубов еден спрема друг сѐ повеќе да расте, вашето знаење да се продлабочува, и сѐ потемелно да ги разбирате работите, 10за да знаете да го одберете она што е најдобро. Така, на Денот кога Христос ќе се врати, ќе бидете беспрекорни и чисти. 11Вашите животи ќе бидат исполнети со вистински вредности[3], какви што само Исус Христос може да создаде, за слава и величање на Бог.

Павле е радосен што се проповеда за Христос

уреди



12Сакам да знаете, драги пријатели, христијани, дека она што ми се случи, помогна Радосната вест уште поуспешно да се шири. 13Целата царска стража во касарната и сите луѓе што се овде дознаа дека сум затворен поради тоа што проповедам за Христос. 14Мојот престој во затворот кај повеќето христијани ја зацврсти нивната вера во Господ, ги поттикна да бидат посмели и без страв да ја проповедаат Божјата порака.

15Навистина, некои тоа го прават од завист и од соперништво спрема мене, но другите со најискрени намери проповедаат за Христос. 16Оние што го прават тоа од љубов знаат дека Бог ме определи да ја бранам Радосната вест. 17Оние, пак, што проповедаат од ривалство и нечесни мотиви, сакаат да ми ја наголемат болката додека сум в затвор. 18Но без оглед на тоа дали мотивите се чисти или не, се проповеда за Христос! А јас на тоа се радувам и ќе продолжам да се радувам, 19бидејќи знам дека преку вашите молитви и со помошта што доаѓа од Духот на Исус Христос сето ова ќе биде за мое избавување.

Да се живее и да се умре за Христос

уреди



20Јас најискрено се надевам и посакувам во ништо да не потфрлам, исполнувајќи ја својата должност. Сакам секогаш, а посебно сега, да бидам полн со храброст, и со целото мое битие да Му донесам слава на Христос, било преку мојот живот, или преку мојата смрт. 21Што е животот? За мене тоа е Христос! Што е смртта? За мене тоа е чиста добивка! 22Но ако останам жив ќе можам плодно да работам за Христос. Затоа, кога би требало јас да избирам, не знам што би одбрал. 23Растргнат сум од овие две желби: да го напуштам овој живот и да бидам со Христос, зашто за мене тоа е далеку подобро, 24или да останам овде, во тело, што би било многу покорисно за вас. 25Со таа увереност ќе останам со сите вас и ќе продолжам да работам, за да напредувате и да се радувате во верата, 26па кога повторно ќе бидам со вас ќе имате уште поголема причина да се гордеете со вашата вера во Исус Христос и со мене.

Однесувајте се како жители на небото

уреди



27Трудете се да живеете достојно на Радосната вест на Христос. Без разлика дали сум со вас и можам да видам што правите, или сум отсутен, сакам да слушам само добро за вас: дека еднодушно и сложно се борите за верата што произлегува од Радосната вест. 28Немојте да се плашите од вашите непријатели. Бидете секогаш храбри. Со тоа ќе им покажете дека тие ќе изгубат, а вие ќе бидете спасени, зашто Бог е на ваша страна. 29Дадена ви е привилегијата да Му служите на Христос, не само со тоа што ќе верувате во Него, туку и со тоа што ќе страдате за Него, 30водејќи ја истата борба што ја водев јас, како што и самите видовте, борба што и сега, како што слушате, продолжувам да ја водам.

Глава 2

уреди


Единство и скромност

уреди

1Затоа, ако наоѓате охрабрување во фактот дека сте Христови следбеници, ако Неговата љубов ве утешува, ако имате заедништво со Светиот Дух, ако сте чувствителни и сочувствувате еден спрема друг, тогаш 2потрудете се мојата радост да биде целосна со тоа што ќе бидете сложни, ќе се сакате, и здружени ќе се стремите кон една иста цел.

3Немојте да правите ништо од себичност, од ривалство и со цел да се истакнете, туку работете скромно и негувајте повисоко мислење за другите, отколку за себе. 4Не гледајте си ги само сопствените интереси, туку грижете се и за потребите на другите. 5Размислувајте онака како што размислуваше Исус Христос:



6Тој, иако по Својата природа е Бог,

не ја искористи Својата еднаквост со Бог 


за да приграби нешто за Себе.



7Напротив, се откажа од тоа и стана слуга,

се роди во човечко тело 


и живееше како човек.



8Како човек, Тој се понижи, остана покорен

и по цена на Својот живот, 


и понизно умре распнат на крст.



9Затоа Бог Го воздигна и Му даде име

поголемо од секое друго име.



10Пред тоа име, пред Исус,

сите суштества на колена ќе клекнат: 


небесните, земните и оние под земјата,



11сите отворено ќе признаат дека

Исус Христос е Господ! 


Тоа ќе Му донесе 


слава на Бог Таткото.

Бидете светла во овој свет

уреди



12Затоа, драги мои, како што бевте послушни додека бев кај вас, уште поважно е да останете послушни и сега, кога сум отсутен. Продолжете да работите, со длабока страхопочит, за да се заокружи вашето спасение, 13зашто Бог дејствува во вас, за да ве направи желни и способни да го работите она што Тој го сака.

14Сѐ што ќе правите, правете без да негодувате или да се расправате, 15за да бидете беспрекорни и чисти. Меѓу овие расипани, изопачени луѓе вие треба да бидете совршени Божји деца, да светите меѓу нив како што ѕвездите светат на небото, 16држејќи се цврсто до Пораката што носи живот. Така, кога Христос ќе се врати, јас ќе се гордеам со вас, зашто ќе биде јасно дека моите напори и мојата работа не биле залудни.

17Вашата вера во Господ и вашето служење се жртва што Му се принесува на Бог. Можеби мојата крв ќе треба да се излее како принос врз таа жртва. Ако биде така, јас ќе бидам среќен и ќе се радувам со сите вас. 18Така и вие треба да бидете среќни и да се радувате со мене.

Павле го препорачува Тимотеј

уреди



19Ако Му е тоа по волја на Господ Исус, се надевам дека набрзо ќе можам да го пратам кај вас Тимотеј, та кога ќе се врати да ме израдува со вести за вас, 20зашто немам друг истомисленик што толку искрено се грижи за вас. 21Сите други работат за своја корист, а не за делото на Исус Христос. 22Но, тој се има докажано како карактерен човек. Се сеќавате како работевме заедно на ширењето на Радосната вест: како татко и син. 23Се надевам дека ќе можам да го испратам веднаш штом дознаам каква судбина ми се подготвува, 24а се надевам дека Господ ќе ми овозможи наскоро и јас да дојдам кај вас.

Павле го препорачува Епафродит

уреди



25Во меѓувреме, сметав дека е потребно да ви го пратам нашиот брат Епафродит, со кој заедно работевме и се боревме, откако вие ми го испративте да ми помага во разни потреби. 26Тој одвај чека да ве види, копнее да се врати дома, зашто му падна тешко што сте разбрале дека беше болен. 27Навистина беше смртно болен, но Бог му се смилува. И не само нему, туку и мене ми се смилува, за да не ми дојде тага врз тага. 28Брзам да го испратам, за да го видите и да му се нарадувате, па и јас да не бидам толку загрижен за вас. 29Затоа, пречекајте го со радост, како брат во Господ. Таквите како него треба многу да ги цените, 30зашто работејќи за Христос, тој животот си го доведе во опасност и речиси умре, за да ми помогне и да ми го надомести тоа што вие не можевте да го направите за мене, бидејќи сте далеку.

Глава 3

уреди


Да се познава Христос е голема придобивка

уреди



1За крај, драги мои, радувајте се што Му припаѓате на Господ. Мене не ми е тешко одново да ви го напишам истото нешто што веќе порано сум ви го пишувал, бидејќи тоа ќе придонесе да се заштитите.

2Чувајте се од тие зли луѓе, од тие кучиња што тврдат дека обрежувањето е неопходно! Тоа е лажна побожност! 3Ние, а не тие, сме обрежани на вистинскиот начин, зашто преку (Светиот) Дух Му служиме на Бог и се гордееме со Исус Христос. Ние не ја полагаме својата вера во телесни вредности. 4Јас, се разбира, би можел да се потпрам на телесните вредности. Ако некој мисли дека може да се потпира на телесни вредности, нека знае дека јас имам многу повеќе причини така да мислам. 5Обрежан сум кога сум имал осум дена, Израелец сум по раѓање, од племето на Бинјамин - чистокрвен Евреин. Им припаѓав на фарисеите, што подразбира стриктно придржување кон верските закони. 6Бев толку ревносен, што дури ги прогонував христијаните[4]. Толку колку што човек може да биде праведен со почитување на заповедите од верскиот Закон, јас беспрекорно се придржував до нив.

7Но сите тие нешта што порано толку многу ми значеа, сега, кога верувам во Христос, ги сметам за безвредни[5]. 8И уште повеќе, сметам дека сѐ е рамно на загуба во споредба со таа скапоцена придобивка: да се познава Исус Христос, мојот Господ. Заради Него се откажав од сите тие телесни вредности и ги сметам за обичен смет. Христос е сѐ што ми треба. 9Со Него сакам да бидам, не преку моја сопствена праведност, што би произлегувала од придржување кон верскиот Закон, туку преку праведност што се добива заради вера во Христос, праведност што доаѓа од Бог, врз основа на вера. 10Сакам длабоко да Го запознаам Христос, да ја доживеам силата што Го воскресна, да искусам дел од Неговите страдања и да се идентификувам со Неговата смрт, 11па така некако да стигнам до воскреснување од мртвите.

Стремеж кон целта

уреди



12Јас не велам дека веќе сум успеал да го постигнам тоа, или дека сум станал совршен. Но, и понатаму се стремам да ги постигнам целите заради кои Исус Христос ме придоби. 13Се разбира, драги пријатели христијани, јас не мислам дека веќе сум успеал да го достигнам тоа[6], но мислам дека успеав да го заборавам она што е зад мене и од сѐ срце да се стремам кон она што е пред мене. 14Трчам право кон целта, за да ја добијам наградата, небесното жителство за кое Бог, преку Исус Христос, нѐ повика.

15Сите што сте духовно зрели, вака треба да размислувате. Ако во нешто не се согласувате, верувам дека Бог тоа ќе ви го разјасни. 16Но важно е да продолжиме да се придржуваме до вистината што веќе ја прифативме.

17Драги пријатели христијани, одете по моите стапки. Гледајте на оние што го следат нашиот пример. 18Многу пати досега сум ви го кажал ова, а и сега, со солзи во очите ќе ви го повторам: има многу луѓе кои според начинот на кој живеат му се непријатели на Христовиот крст[7]. 19Тие ќе завршат во пеколот[8], бидејќи нивните телесни желби[9] им се бог. Се гордеат со она од што би требало да се срамат и размислуваат само за овоземни работи. 20За разлика од нив, ние сме жители на небото и желно очекуваме нашиот Спасител, Господ Исус Христос, оттаму да дојде. 21Тој ќе ги преобрази нашите слаби, смртни тела и ќе ги направи слични на Неговото славно тело, со истата моќ со која ќе ја преземе власта над сѐ.

Глава 4

уреди




1Затоа, мои мили и многу сакани пријатели христијани, по кои толку копнеам, радост моја, гордост моја, останете Му непоколебливо верни на Господ!

Совети и поттик

уреди



2Еводија и Синтихија, ве молам обидете се да се усогласите во работата за Господ. 3Те молам и тебе, мој верен соработнику[10], помогни им. Тие многу работеа со мене на ширењето на Радосната вест, заедно со Климент и со многу други мои соработници чии имиња се запишани во Божјата книга на живите.

4Радувајте му се на вашето заедништво со Господ, постојано радувајте се!

5Бидете внимателни спрема сите, луѓето по тоа да ве знаат. Господ брзо ќе дојде. 6Немојте да се јадосувате за ништо, туку во сите ваши молитви барајте го од Бог она што ви е потребно и бидете благодарни за она што го добивате. 7Ако правите така, тогаш Божјиот мир, кој е далеку над она што човек може да го разбере, ќе ги чува вашите срца и умови, поради вашата припадност на Исус Христос.

8За крај, мои драги пријатели христијани, стремете се кон она што е вистинито, чесно и праведно; она што е невино, љубезно, на добар глас, вредно и ценето. 9Применете го во практика она што го научивте и добивте од мене, било слушајќи ме што зборувам, било гледајќи ме како постапувам, па Бог, Кој е извор на мир, ќе биде со вас.

Благодарност за грижата и помошта

уреди



10Господ ми даде голема радост што по толку долго време вие пак имавте можност да покажете дека се грижите за мене. Не дека престанавте да се грижите за мене, туку немавте можност да го покажете тоа. 11Не го кажувам ова затоа што бев во беда. Се научив да бидам задоволен со тоа што го имам. 12Знам како да живеам и во сиромаштија и во изобилие. Ја научив таа тајна, па сега секогаш и секаде сум задоволен, без разлика дали сум сит или гладен, дали имам многу или малку. 13Со силата што Христос ми ја дава можам да издржам секакви услови.

14Сепак, добро сте сториле што сте ми испратиле помош сега, кога ми е тешко. 15Вие во Филипи, добро знаете дека кога заминав од Македонија, во раните денови на проповедањето на Радосната вест, вие бевте единствената црква што ми помагаше, единствените што го делеа со мене и доброто и злото. 16Кога бев во Солун, не еднаш ми испраќавте помош, кога таа ми беше потребна. 17Не барам јас подароци. Само сакам вие да добиете заслужена награда заради вашата грижа.

18Сега, откако Епафродит ми ги предаде даровите што сте ми ги испратиле, имам сѐ што ми треба, дури и повеќе. Тие се како принос за Бог со прекрасна миризба, жртва прифатлива и пријатна за Него. 19Со сето Негово огромно богатство, преку Исус Христос, мојот Бог изобилно ќе ја задоволи секоја ваша потреба. 20На нашиот Бог и Татко слава нека Му е довека! Амин.

Завршни поздрави

уреди



21Поздравете ги сите што искрено веруваат во Исус Христос. Тие се свети луѓе. Ве поздравуваат и браќата што се со мене. 22Ве поздравуваат сите христијани, а посебно оние што работат во дворецот на императорот.

23Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет и нека биде со вас[11].




  1. Грчки: ЃепископосЃ.
  2. Грчки: ЃдиаконосЃ, ѓакони.
  3. Буквално: Ѓсо плодови на праведностаЃ.
  4. Буквално: ЃцркватаЃ.
  5. Или: ЃСите нешта што би можел да ги сметам за своја предност, сега, кога верувам во Христос, ги сметам за свој недостатокЃ.
  6. Според некои ракописи: Ѓјас не сум сѐ она што би требало да бидамЃ.
  7. Изразот „Христовиот крст“ овде ја означува Радосната вест, Евангелието, пораката за спасение преку вера во Христос и Неговата жртва во наша полза.
  8. Буквално: Ѓкрајот нивни е уништувањеЃ.
  9. Буквално: ЃжелудникЃ.
  10. Буквално: Ѓоној што е впрегнат во ист јаремЃ.
  11. Буквално: Ѓсо вашиот дух.Ѓ