Писмо од апостол Павле до Тит (вики-превод)

Второ писмо од апостол Павле до Тимотеј (вики-превод) Писмо од апостол Павле до Тит
Библија (вики-превод)
од н.п.
Писмо од апостол Павле до Филемон (вики-превод)


Глава 1

уреди


Авторство и вовед

уреди



1Од Павле, Божји слуга и апостол на Исус Христос.
Јас сум испратен да им донесам вера на оние што Бог ги одбра, за да ја запознаат вистината и да живеат побожно. 2Таа произлегува од надежта дека ќе добиеме вечен живот, како што Бог уште одамна ни вети, а Тој не лаже. 3Кога дојде вистинското време Бог, нашиот Спасител, ја објави Својата порака, ми ја довери и ми наложи да им ја проповедам на луѓето.

4Пишувам до Тит кој, заради тоа што имаме иста вера, ми е како вистински син. Ти посакувам Бог, нашиот Татко и Исус Христос, нашиот Спасител, да ти бидат благонаклонети и да ти дадат мир.

Квалификации за водач на црква

уреди



5Те оставив во Крит за да го довршиш она што остана недовршено: по сите градови да назначиш водачи[1] во црквите. Како што ти наредив, 6за да биде некој водач треба да биде без пороци, верен[2] на својата сопруга, ако има деца, тие треба да имаа вера во Бог и да не ги бие глас дека се разуздани и непослушни.

7Неопходно е оние што се надзорници[3] во црквата, како Божји управители, да немаат пороци, да не бидат самовљубени и избувливи, да не бидат пијаници, зајадливи, ниту да бидат алчни по нечесна заработка. 8Тие треба да бидат гостољубиви, да го сакаат доброто, да бидат разумни, правични, побожни луѓе што умеат да се контролираат. 9Мора да се придржуваат до правилното учење. Така ќе можат да им помогнат и на други луѓе, проповедајќи им здраво учење, и ќе можат да ги изнесат на виделина грешките на оние што му се противставуваат на правилното учење.

За противниците

уреди



10Има многу противници, особено од Евреите[4], кои се занимаваат со бескорисни расправии и ги мамат луѓето. 11На таквите треба да им се затнат устите. Со своето погрешно учење тие цели семејства заведуваат, поучувајќи ги на она што не треба, а сѐ од лакомост за пари кои нечесно ги печалат. 12Еден од нивните пророци, иако и самиот е од Крит, има кажано за нив:


„Жителите на Крит се лажливци, 


зли ѕверови и мрзливи лапачи!“ 




13Многу точно ги опишал! Сериозно да ги искараш, за да ѝ се вратат на здравата вера, 14да не се раководат од еврејските митови и од заповедите воспоставени од луѓе кои ја изопачуваат вистината.

15За оној што е во срцето чист, сѐ е чисто. За оние, пак, што се неверни, чии умови се валкани, чија совест е нечиста, за нив ништо не е чисто. 16Тие тврдат дека Го знаат Бога, но со своите постапки го докажуваат спротивното. Одвратни се, непокорни и неспособни да направат барем нешто добро.

Глава 2

уреди


Упатства за христијански начин на живеење

уреди



1Ти поучувај го она што е во согласност со здравото учење. 2Постарите луѓе советувај ги да бидат трезвени, сериозни и разумни. Тие треба да имаат непоколеблива вера, љубов и трпение.

3Постарите жени исто така треба да се однесуваат онака како што им прилега на оние што веруваат во Господ. Да не озборуваат, ниту да му робуваат на виното. Тие треба да поучуваат на добро поведение, 4да ги поттикнуваат помладите жени да си ги сакаат мажите и децата, 5да бидат разумни, чисти, вредни домаќинки, да бидат добри, да им се покоруваат на своите мажи. Во спротивно, ќе станат повод да се зборува лошо за христијанството[5].

6Советувај ги и младите мажи да бидат разумни.

7Биди им пример со своето добро однесување. Кога поучуваш, биди сериозен и искрен. 8Зборувај умесно и разбирливо, за да не може никој да те прекорува, а секој противник да се засрами, немајќи ништо лошо да каже за тебе.

9Робовите во сѐ нека им се покоруваат на своите господари, без да се муртат и да противречат. 10Не смеат да поткраднуваат. Треба да покажат верност и добрина, зашто така ќе придонесат луѓето многу повеќе да го почитуваат учењето на нашиот Спасител и Бог.

Божјата благонаклоност и нашиот одговор

уреди



11Бог ни покажа колку ни е благонаклонет со тоа што дојде да ги спаси сите луѓе. 12Нѐ поучи да се откажеме од безбожниот начин на живеење и од световните похоти, па да почнеме да живееме разумно, праведно и побожно, 13очекувајќи го тој прекрасен ден на кој се надеваме, кога величествено ќе се врати нашиот Велик Бог и Спасител Исус Христос. 14Тој се жртвуваше за нас, за да нѐ ослободи од секаков грев и да нѐ направи чисти. Тој сака ние да бидеме Негов народ и од сѐ срце да го правиме она што е добро.

15Учи ги луѓето на ова, поттикнувај ги, и со целосен авторитет укорувај ги непослушните. Не дозволувај никој да го омаловажува тоа што го проповедаш.

Глава 3

уреди


Однос спрема власта и луѓето

уреди



1Потсетувај ги луѓето да им се покоруваат на властите и управниците, и да бидат послушни. Секогаш да бидат подготвени да прават добро. 2За никого да не зборуваат лошо и да не се караат со луѓето, туку да бидат пријателски настроени и кротки спрема сите. 3Порано и ние бевме неразумни и непокорни, одевме по погрешниот пат, бевме робови на грешни страсти и на секаков вид телесни задоволства. Бевме злобни, завидливи и исполнети со омраза. Се мразевме еден со друг.

4Но тогаш Бог, нашиот Спасител, ни покажа колку нѐ сака и колку ни е благонаклонет, 5кога нѐ спаси, не затоа што со нашите постапки тоа го заслуживме, туку затоа што Тој е милостив. Со силата на Светиот Дух нѐ изми, нѐ обнови и направи од нас нови суштества. 6Изобилно Го излеа врз нас Светиот Дух, преку нашиот Спасител, Исус Христос. 7Нѐ оправда, затоа што ни е благонаклонет и сега можеме да се надеваме дека ќе добиеме вечен живот.

8Ова е веродостојно учење. Те советувам уверливо да ги поучуваш луѓето, па оние што ќе поверуваат во Бог да се стремат кон добри дела, кон работи што ќе бидат полезни за сите луѓе. 9Одбегнувај расправии околу глупави прашања, не препирај се околу родословијата и Мојсеевиот Закон. Од тоа нема никаква полза, само залудно ќе ги со губиш времето.

10Оние што искривено ја проповедаат верата, предупреди ги еднаш, двапати, а потоа остави ги. 11Знаеш дека тие се изопачени и со своите гревови самите си се осудиле.

Завршни упатства и поздрави

уреди



12Сакам да го испратам кај тебе Артема или Тихик. Кога еден од нив ќе пристигне, потруди се да дојдеш кај мене во Никополис, зашто имам намера таму да ја поминам зимата.

13Кога правникот Зена и Аполос ќе решат да си заминат, погрижи се да ги снабдиш со сѐ што им е потребно за на пат.

14Треба да ги учиме нашите луѓе да не седат со скрстени раце, туку вредно да работат, правејќи добри дела и за други луѓе, кои имаат итни потреби.

15Те поздравуваат сите што се тука со мене.
Поздрави ги сите што нѐ сакаат, оние со кои ја имаме истата вера.
Бог нека ви биде благонаклонет на сите.





  1. Грчки ЃпрезвитеросЃ.
  2. Буквално: Ѓда биде маж само на една женаЃ.
  3. Грчки ЃепископонЃ.
  4. Буквално: ЃобрежанитеЃ.
  5. Буквално: Ѓза Божјиот зборЃ.