Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XXVI
Поглавје XXV | Спорови за целта на национал-ослободителното движење — Становиштето на социјалистичка група — Младотурскиот преврат од Алексо Мартулков |
Поглавје XXVII |
Многупати се воделе спорови помеѓу нашите македонски прогресивни кругови за главната цел на нашето национал-револуционерно движење. Оваа цел не била никогаш категорично еднаква и се изменувала сообразно со условите во дадените моменти, кои налагале да бидува определена така како би можела да биде реализирана. Во почетокот нашите национал-револуционерни, дури и најпрогресивните за времето, беа многу скромни и си ја поставуваа целта извојувањето на чл. 23 од Берлинскиот договор, кој беше далеку од тоа да одговараше за конечното разрешување на македонскиот проблем и да е израз на интересите на македонскиот народ. Тој побргу беше во интерес на заинтересуваните големи европски сили и неговите автори на Балканот. Но за да можеше да биде восприемена споменатава цел, тогаш се гледаше по наличните револуционерни сили, кои беа многу ограничени и не веруваа дека со својата непосредна борба ќе го разрешат македонското прашање, ами предимно веруваа дека ова ќе биде разрешено од споменативе сили.
Понатака, кога нарасна силата на ВМОРО и таа беше го опфатила во своите редови речиси целиот македонски народ и вербата во нејзините споствени сили беше подигната, прогресивните револуционерни водачи, што имаа предимно влијание во неа, во 1896 година на конгресот во Солун, јасно ја поставија веќе целта за полната политичка автономија на Македонија и Одринско, која цел беше восприемена уште во истава година и од нас, македонските социјалисти-револуционери, организирани во одделни групи. Но и покрај сето тоа, таа верба во сопствените сили на ВМОРО не беше стигната до својот врв, и се плаќаше данок на помошта која можеше да дојде однадвор. И затоа беше создаден и институтот Задгранично претставителство, преку кое можеше да се работи сред прогресивното општествено мнение македонската емиграција, за да ги поткрепат борбите на македонскиот народ за постигнување на поставената цел: полна политичка автономија. Но уште тогаш мнозина си го поставувавме прашањето, може ли да биде извојувана таа само со нашите непосредни сили, се разбира, сметајќи и на поткрепата на светското прогресивно општествено мнение? Со средствата што сме ги усвоиле, ќе бидат ли ефикасни за постигнувањето на целва? Најглавното средство за постигањето на нашата цел беше подржувањето: организирање на општо вооружено востание кое ќе биде објавено во поволен политички момент. Со тоа ќе се постигне целта. На ова средство се надеваа речиси сите прогресивни сили од македонскиот народ, со мал исклучок. Но можеше ли востанието да биде организирано во голем маштаб, како што се сакаше? Многу фактори имаше што пречеа за тоа и силите на нашата Организација се покажаа слаби да ги изолираат тие фактори. Затоа востанието во 1903 година стана во тој размер, во кој можеше да се направи спрема расположивите сили на македонскиот народ. Резултатите од тоа востание ги знаеме. За жалост, тие не беа насрчливи. Но му се плаќаше данок од прогресивните сили на чело со Ѓорчета Петров и Делчева на перманентното востание. Дури и да не беше објавено востанието, ќе се постигнеа ли преку него (перманентното востание) разрешувањето на македонското прашање и извојувањето на автономијата? Но со една засилена непрекината вооружена борба, што се налагаше да се води на многу фронтови, не ќе издржеа силите на македонскиот народ докрај и ќе беа изабени. Ова го потврди развојот на настаните по востанието. Турците го засилија гонењето на четите и многу чети беа поништени, особено во западна, северна и јужна Македонија. Се засили и вооружената борба на Србите и Грците, која беше многу умело исползувана од Хилми-паша, главниот гувернер на Македонија по силата на мирцштегските реформи. По тој начин ВМОРО во споменативе делови од Македонија беше стигнала пред банкротирање. Ние, македонските социјалисти-револуционери, јасно ја гледавме оваа положба и дојдовме до логичниот извод од неа — изоставување како цел на нашето национал-револуционерно движење автономијата и одрекнување на сепаратистичкиот карактер на нашето национал-револуционерно движење. Ние веќе дејствувавме во една епоха, каде транспортните и комуникационите и др. средства беа силно развиени и секоја една поголема вооружена акција, преземана во која било точка од државата, лесно можеше да биде парирана од концентрирани сили. А и Вооружувањето на Турција беше најмодерно, како за армијата така и за жандармеријата. Армијата, жандармеријата и полицијата и беа реорганизирани и поставени на модерни принципи од туѓи специјалисти инструктори. Ако во минатото некои востанија на поробените народи од Турција можеа да имаат извесен успех, тоа се должеше до голем степен на ограничените транспортни и комуникациони средства и нивната оддалеченост од центарот на државата. А и вооружувањето на армијата и жандармеријата беше на многу ниско ниво. Големите европски сили, коишто имаа вложени капитали преку заеми, градење и експлоатација на железници, пристаништа и други државни градежи, експлоатација на рудни индустријални претпријатија, банки и во трговијата, поради наложениот од нив режим на капитулации имаа господствувачка положба на пазарот во Турција. А тој пазар беше многу значаен зашто имаше многу десетици милиони потрошувачи. Исто така преку Европска Турција можеше да се господствува и на Средоземното Море, базата за господството на големите континенти Азија и Африка, кои им беа главниот пазар на споменативе сили за нивното индустриско производство, а беа таму и изворите за сурови материјали. Европа без другите континенти не може да постои. Таа не е способна за автархичен живот. Ете зошто големите сили имаа голем интерес да го крепат постоењето на полуфеудалната и згниена држава на турските калифи зашто оваа со нејзините големи богатства беше голем објект за експлоатација. Но колку и да беше голем објектот за експлоатација во неа, сепак не можеше наполно да ги задоволи сите. Турција беше еден голем стратегичен за континентите пункт за владеење на патиштата Азија и Африка. Поради нерамномерниот развиток на капитализмот во епохата на империјализмот, некои сили веќе имаа во владение многу колонии, како Англија и Франција; Германија беше останала во тој поглед многу назад. Макар да имаше најсилно развиена индустрија, со најголем производствен капацитет во Европа, таа беше лишена од големи пазари и извори на сурови материјали. Зрееше една голема војна за прераспределување на светот. Имено, ова противречје меѓу интересите на големите империјалистички сили беше најосетливо во Турција и султан Амид, голем дипломат, умееше да го исползува многу добро маневрирајќи за да ја крепи својата полуколонијална раскапана империја. Но револуцијата од 1905 година во Русија даде силен тласок за развитокот на револуционерните сили во Турција. Во 1906-1907 година отпочнаа да се акти- визираат младотурските либерални кругови во неа. Се тоа не можеше да остане незабележано од нас, македонските социјалисти — револуционери. И гледај- Ки го тоа, не можеше да не дојдеме до нужните изводи: изградувањето на еден револуционерен фронт во Турција за општа револуција во неа, и во резултатот на тоа да се дојде до полно демократизирање и нејзиното управување да се постави на децентралистички принципи, за да се создаде административното самоуправување на малцинствата. Понатака, ние не се ограничувавме само со ова, зашто јасно си дававме сметка дека самостојноста на Турција иде под прашање поради истакнатите интереси на империјалистичките сили, а и интересите на малите балкански империјалистички државици кои, за да ги подржуваат своите претензии за завладувањето на територии, бараа и беа под покровителството на некои од големите империјалистички волци. Ние си ја поставивме како цел Балканската федерација, преку која ќе можат да го гарантираат своето независно постоење како Турција, така и останатите балкански држави. Ние социјалистите во Велес уште во мај 1907 година свикавме големо јавно општеграѓанско собрание за прашањето на Балканската федерација. Не само ние македонските социјалисти — револуционери бевме што ги подржувавме горниве цели, ами и голем дел од нашите прогресивни дејци застануваа на истово становиште. Но посилен тласок на овој правец му се даде во почетокот на 1908 година, кога се свика конгресот на младотурците и ерменските национал-револуционерни организации: „Дашнак Цутион“ и „Хан Чак" во Париз. Ерменските национал-револуционерни организации членуваа во Втората интернационала. На Парискиот конгрес се изгради единствен фронт (револуционерен) во Турција и се апелираше да се присоединат кон него сите демократски сили и другите национал-револуционерни организации за општа политичка револуција. Во нашето национал-револуционерно движење први одринци се отцепија од ВМОРО и се определија кон општото револуционерно движење во Турција, а после струмичани и по нив серчани. Понадолу ќе дадам подробности за развојот на борбите поради што се стигна до нивното определување кон општореволуционерниот фронт во Турција. Причината за да се забрзат настаните и да се изврши превратот во 1908 година беше крајно влошената положба во Македонија, што криеше големи опасности да се усложни и прерасне во една војна. А од тој факт беа застрашени интересите на Англија и Русија, кои не сакаа по тоа време да биде нарушен мирот. Го свикаа Ревалскиот состанок, на кој се разгледуваше создадената положба во Македонија а да се земат нужните мерки, кои секако беа во тоа да се примени член 23 од Берлинскиот договор. На тој состанок без поставени основите На Антантата меѓу Русија, Англија и Франција. Сето ова ја застрашуваше крупно-зејмовладетелската класа во Турција. Таа се плашеше од примената на споменатиов договор да не се повторат настаните од 1885 година кога стана соединувањето на Северна и Јужна Бугарија, па сега истото да се случи и со Македонија. А понатака беше несигурно задружувањето и владеењето на другите делови од Европска Турција пред возможноста за нивното одделување од империјата. Гледајќи ја несигурноста во апсолутистичкиот режим на султан Амида, а за да се зачува целоста на империјата преку своите синови — офицери од турската армија, таа класа направи преврат на 10 јули 1908 година. Со овој преврат беше применета Митхатпашовата конституција. Таа беше многу ограничена, и се базираше предимно на интересите на крупно-земјовладетелската класа, но сепак даваше можност да се почне една широка легална дејност за изградување на еден Фронт од прогресивно-демократските сили и инородните малцинства, за прерастување на превратот, кој не беше уште полна политичка револуција туку пронунцијаменто да се тласнат настаните напред, во вистинска политичка револуција со која наполно да се демократизира Турција. Превратот во прво време можеше да ги опфати широките маси и тој беше поткрепен и од левицата на ВМОРО, а така и од другите национал-револуционерни организации во Турција. Но реакционерните сили, како внатрешните, така и надворешните, застрашени од сето тоа, отпочнаа јаросна борба за компромитирањето на конституциониот режим во Турција. Со неговото полно демократизирање ќе се закрепнеше империјата од распаднување и ќе се јавеше смртна опасност за интересите на споменативе реакционерни сили и затоа тие го тласкаа развојот на настаните кон војна. |