Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XV

Поглавје XIV План да се убие Крал Александар Обреновиќ — Мојот став на состанокот на заговорниците

од Алексо Мартулков
Поглавје XVI
Но распалени крајни елементи, меѓу кои главна улога играше Јордан Шурков, проектираа да го убијат српскиот крал Александар Обреновик. За таа цел беа испратени атентатори во Белград. За таа работа беа привлечени и гемиџиите. Шурков и мене ме посвети за истово, поканувајќи ме на едно собрание на заговорниците во неговата куќа. Кога го изложи тој на собранието планот за убиството јас го зедов зборот:

„Другари, за жалост јас не можам да се придружам кон вашиот ентузијазам да си го жртвувате животот за убиство на српскиот крал. Од тоа дека убијците ќе бидат избрани со жрепка, очигледна е готовноста на сите да го жртвувате животот. Извршувањето на тој атентат може да стане само кога неговите автори се решени главата да си ја стават в торба. Но јас имам малку поособено мнение за таа работа. Како социјалист не можам да се согласам на една акција, која ја има за цел осветата и се подржува од анархистите. Но убиството на кралот — ако донесе крај на пропагандата кај нас — може да се допушти. Но слабо можам да верувам, зашто пропагандата кај нас не е дело само на кралот, ами е дело на српската власт која ја смета како државна неопходност и со убиството на кралот таа нема да престане. Напротив, од неговиот наследних со уште поголема ревност и жестокост ќе продолжи.“

„Мене ми се гледа — продолжив јас — увлеченоста за борба само против српската пропаганда многу опасна, без да се води таа и против другите пропаганди. На пример, великобугарската, чиј истакнат фактор е кнез Фердинанд Кобург. Би следувало дека истовремено и тој треба да биде убиен, а понатака и грчкиот крал во Атина. Но јас не гледам сега, во таа разгорештена борба против српската пропаганда, ни сенка од обид за борба против великобугарската пропаганда. Напротив, нејзините агенти тука се најактивни сега и под нивно влијание се привлечени сите за да се усложнат настаните кај нас со создавањето на извонредна положба од власта. Како масовна организација, таа борба ја поткрепуваме до колку е таа насочена и против власта, чија макијавелистичка политика го потхранува злото од пропагандите, кои се голема опасност за нашето национално единство. Судирите со власта не треба да се избегнуваат, зашто преку нив се воспитува нашиот народ за револуционерна борба. Ударот главно треба да се насочи против државната власт како најголем виновник за сè тоа.“

„Нашата борба поради создадената положба се води на многу фронтови но никогаш да не се увлекуваме од стремежот да ја засилиме борбата против еден непријател, пренебрегнувајќи ги другите. Тоа е опасно. Да се убие крал Александар е лесно, кога има луѓе за таа цел готови да ја стават главата в торба. Но резултатите од тој акт дали би биле целесообразни и ќе му донесат ли смрт на непријателот, за да престане да се бори против нас? Или ако бидат убиени и крунисаните глави и во другите балкански држави? Со тоа не им се нанесува удар на режимите што подржуваат таква политика спрема нас. За да бидат удрени режимите, треба да има создадени револуционерни сили внатре во самите земји. Убиството на крунисаните глави да биде само увод во борбата за нанесување удар на режимите. Ете зошто е неопходно нашата борба да има интернационален карактер.“

„Нашите интереси се крстосуваат со интересите на меѓународниот пролетаријат, чиј што главен организатор и водач е социјал-демократијата. Според тоа следува, нашите национал-револуционерни борби да бидат поткрепени од балканските социјал-демократски партии. Координацијата на нашите револуционерни сили со нив е повеќе од неопходна. Потребна е поголема работа за објаснување на нашите цели за да се запознаат балканските социјалисти со нашата положба, Зашто гледам големо неразбирање кај нив за нашите борби. Оттаму е мала и заинтересираноста кај нив. Треба ние да ги развиваме нашите борби во духот на нашата програма, за да имаат тие поголема верба дека ние не сме органи на никоја балканска заинтересирана сила, и да ги убедиме оти сме нивни пријатели. Нивните борби не се туѓи за нас и нашите интереси се крстосуваат на многу места со нивните, а главно со создавањето на слободна Македонија ќе го создадеме потребниот предуслов за изградуваљето на балканската заедница, во резултат на која ќе дојде и до создавањето на балканската федерација, толку нужна за внатрешното закрепување на балканските земји и за нивното избавување од опасностите на големите империјалистички сили.“

Ова мое долго искажување беше нужно за да се фрли поголема светлина врз нашите национал-револуционерни борби од социјалистичко гледиште.

Споровите по моето искажување беа многу разгорештени, но во секој случај можев да повлијам на некои потрезвени глави. Се разотидовме. Шурков и некои негови поблиски другари продолжуваа да работат во тој правец, но од сето тоа не можеше да излезе ништо позитивно. Други го убија крал Александар. Но тоа беа внатрешни сили. Со неговото убиство му беше нанесен удар на неговиот внатрешен тирански режим и настапи поспокојна политичка атмосфера со создавањето на еден подемократичен буржоазен режим во Србија со качувањето на испразнетиот престол на Петар I Караѓорѓевиќ. Меѓутоа, политиката на официјална Србија по однос на нас не се измени.