Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XIII

Поглавје XII Конфликтот меѓу социјалистичката група и раководителите на ВМОРО во Велес — Социјалистите во Скопје — Гемиџиите и ние — Нашето становиште — Петар Поп Арсов за улогата на социјалистите во ВМОРО

од Алексо Мартулков
Поглавје XIV
Не многу по таа случка, ми се случи на глава друга беља. Едно утро чичко ми ми кажа дека дошол Трајче Христов, голем функционер во ВМОРО, и ме викал во училиштето „Св. Ѓорѓи“ за сретнување со него. Веднаш отидов таму и го најдов во учителската соба. Кога ме виде, стана и ме одведе во една друга соба за разговор. Ја зеде позата на олимписки бог и со власнички тон ми рече: „Вие, социјалистите, пак си го пуштивте појасот како во пусто село без кучишта, сте почнале да распраќате анонимни писма до некои видни имашливи граѓани, да ви бидат дадени пари. Им наредувате парите да ги оставаат на извесно посочено место, во спротивен случј ги заплашувате со смрт. Еве од нив едно писмо, читај го!“ Предаденото писмо јас го прочитав. Трајко Христов продолжи: „ВМОРО нема да ѝ позволи на никоја друга организација во нејзината територија да ги мачи граѓаните“.

Јас веќе зборував: „Трајче, пред сѐ не можам да го разберам поимот „територија“, како што рековте. Како го сфаќате тој поим, како револуционер или како жандар? Ако го сфаќате како револуционер, тоа јас го разбирам да се борите за ослободувањето на таа територија, а како жандар да ги пазите интересите на чорбаџиите, да не пострадаат од некого. Мислам, има таква власт која достаточно се грижи да ги заштити интересите на чорбаџиите и против таа власт вие, како револуционер, се борите. Вие за нуждите на ВМОРО не земате ли пари од чорбаџиите на ист начин? Зошто ѝ одрекувате на другата револуционерна група, на пример како нашата, да се бори против истата власт, против која се борите и вие, да не може и таа да си најде пари за нуждите на нејзината борба? Вие ја знаевте многу добро нашата програма и таа не е тајна ни за масите на ВМОРО. Со таа програма ние имаме за цел да се бориме за полна автономија на Одринско и Македонија, но ние се разликуваме по целите и начините на дејствување од конзервативните елементи во ВМОРО и сме наполно согласни со прогресивниот елемент во нејзините редови. Исто така сме наполно готови да соработуваме со него. Ние на дело веќе соработуваме со ВМОРО и верувам, не го одрекувате тоа.“

Но сум должен да ти изјавам — продолжив јас — и апелирам да ми веруваш, ние сега во таа работа, немаме прст. Јас по неуспешниот екс да се добереме до пари од аџи-Јована, се разочарав и инсистирам нашата организација за во иднина да ја раширува својата просветна дејност до колку ќе и позволат средствата и да не влегува во конфликт со ВМОРО. Не да ја продлабочуваме пропаста помеѓу нас, туку напротив, да ја поништиме таа пропаст, до колку ја има, за да установиме полна и сестрана соработка меѓу нас“.

Тој беше наполно задоволен од мојата декларација. Ми рече: „Не се сомневам во твојата искреност и те познавам како чесен и со голем идеализам младинец, со кого може да се соработува и би сум те молел во иднина да работиш и меѓу другите наши другари, да ги восприемат наполно твоите мисли“ Ми ја стисна пријателски раката и после отидовме од училиштето обајцата дома. Нашиов разговор продолжи повеќе од два часа.

Во својата дејност през опишаниов период до 1903 година не се ограничував само на Велес, ами одев често и во Скопје, кај што имаше доста другари: Лазар Главинов, Крум Чакаров, Тодор Доротеев, Богдан Баров и др. Организиравме конференции со цел да ја засилиме нашата просвета. Читавме некои новонабавени книги или весници. Разгледувавме некои актуелни прашања во врска со нашата работа сред членовите на ВМОРО. Го обмислувавме начинот на агитацијата низ работниците за да биде таа што поуспешна. Имавме возможност да проникнеме и да водиме успешна агитација сред училишната младина во Педагошкото училиште преку наши другари таму, на пример: Иван Елезов, Андон Димев, Панко Брашнаров, сите велешани; Димче Кипров, родум од Разлог, убиен како драмски војвода во Драмско, и др.

Ние веќе осетно нараснавме како сила и добивме „право на граѓанство“. Не можеа да нѐ третираат веќе како незначаен елемент нарекувајќи не „цуцулисти“ и др. Факторите од ВМОРО требаше да водат сметка за нас и беа принудени да нѐ третираат како сила. Со „гемиџиите“ уште отпрвин бевме многу блиски во нашиот град. Поради нашата близост со нив нѐ нарекуваа „баџанаци“. Оваа близост се обусловуваше најмногу од општиот наш непријател — конзервативците во ВМОРО, а и од восприемањето на принципот за борба против империјалистите како главен непријател за нашето национално ропство и нашата социјална потиснатост.

Како што споменав горе, имаше причини за да бидеме „боксери“, но ние се разликувавме во начинот на спроведувањето на таа борба. Додека „гемиџиите“ ја разбираа борбата за нашето национално ослободување исклучиво како борба против интересите на големите империјалистички сили и тоа преку одделни групи, одрекувајќи ја масовната организација, исклучуваа секаква револуционерно-просветна дејност подржувајќи го принципот „акциондирект“ т. е. примерот на дело може само да служи како средство за агитација, ние, социјалистите ја подржувавме борбата против споменатите империјалисти, но не исклучиво само против нив, ами против сите фактори на нашето национално ропство. Може ли да се одрече како најсилен непосреден фактор на нашето ропство полуфеудалната власт на турските калифи и да не се води борбата против неа? Може ли да се одрече борбата и против разрушливата денационализаторска дејност од пропагандите на балканските империјалисти чија што цел беше завладувањето на Македонија и Одринско? Ние ја подржувавме борбата и против нив, но не со средствата на надворешните и внатрешните врховисти. Таа борба, за да биде организирана и ефикасна, може да биде водена само од една масовна национал-револуционерна организација. Ние ја имавме во лицето на ВМОРО и требаше да се стремиме таа да ги восприеме нашите погледи. Беше неопходна револуционерно-политичка просветна дејност, која може да се води со набавувањето и растурањето на литература и создавањето на печат за истата цел, т. е. весници и списанија.

Никогаш ја немам манијата да тврдам дека нашата улога била доминантна во нашите национал-револуционерни борби, но не може да се одрече и фактот дека ние сме придонесле нешто. Мојот стар пријател (кого го цитирам често), видниот наш деец Петар Поп-Арсов, ми рече: „На вас социјалистите се должи многу што ја издигнавме ВМОРО во една вистинска национал-револуционерна организација, која од почетокот имаше бунтарски карактер. Вашата дејност во нејзините редови можеше да го засили прогресивниот елемент и да се води една свесна и непомирлива борба против врховизмот“.