Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XI

Поглавје X Прво апсење — Пет месеци во Скопскиот „Куршумли ан“ — Малезанов бега со парите — Помош од велешкото граѓанство — Како се извлеков на судењето

од Алексо Мартулков
Поглавје XII
Веднаш, без да се двоумам, отидов во конакот и кога дојдов во собата на градоначалникот, заптијата ме праша: „Што бараш при јузбашијата?“ Му одговорив: „Сте ме барале, јас сум Алексо Мартулков“. Тој веднаш ме внесе во кабинетот на градоначалникот. Додека ме распрашуваше секретарот на градоначалникот, дојде и овој и праша кој сум и откако прими одговор оти сум бараниот Алексо за синошниот обир, веднаш се нафрли како разјарен пес со зборовиве: „Дивер паралар нерделер" (Кажи каде се парите) и, без да чека одговор, фати да ме тепа со корбачот по глава, по лице, без да гледа кај мава, а на левата страна на лицето имав чир и од мавањето се пукна и почна да тече крв и гној. Секретарот го предупреди да не ме мава по лицето кај што имам рана, која може да се инфицира. Овој веднаш престана да ме бие и го праша секретарот: „Кај го фативте?“ Му кажаа оти сам дојдов. Малку поомекна при фактот оти јас сам сум дошол.

Престана да ме тепа и почна да ме распрашува што сум сторил со парите. Му одговорив: „Не знам за какви пари ме прашувате, ефенди, јас немам никакви пари!?“ Тој тогаш: „Како немаш никакви пари, а оние што ги зедовте насила на улица, пред куќата сега од на аџи-Јована?“„Не знам ништо, ефенди, сега од вас слушам за тоа нешто“. Продолжи доста време распрашувањето, но јас не признав ништо, зашто „во времето на обирот јас бев на спротивната страна на градот“, та немав возможност во едно исто време да бидам на две места. Такво чудо во природата е невозможно! На таа основа јас продолжував за време на истрагата да се оправдувам пред полицијата. Истрагата траеше три дена и за неа бев од затвор изведуван по неколку пати на ден.

За мене беше голема среќа околноста што надзорниците на затворот беа двајца браќа. Едниот од нив, помалиот, Амет на име, беше со мајка ми „сут кардаш“ (млечен брат): едновремено биле родени со мајка ми и, бидејќи мајката на надзорникот Амет немала млеко, го доила баба ми. Ова нешто многу се почиташе од Турците и двајцата браќа ја имаа мајка ми како нивна „сестра“; спрема тоа, тие беа мои „вујчеви“. Куќата на баба ми и нивната беа една до друга и имаа вратниче помеѓу нив. Уште првиот ден постариот брат, надзорникот Демарша, ми рече: „Одрекувај сѐ како досега и не бој се, ти си дете на нашата „млечна сестра“, опри се на нас во случај на нужда од помош“.

Пред полицискиот распит Трајко Иванов, кој беше фатен уште истата вечер заедно со неговото оружје (пиштол и кама) беше изведуван на распит и ноќно време. Тогаш им беше позгодно да го мачат и просто го скинаа од ќотек. И мене ме побараа една вечер за распит, но надзорникот Демарша откажа да ме предаде, базирајќи се на одредбите од законот дека истрагата може да биде водена само дење и тој ја носи одговорноста за здравјето и животот на затворениците. По тој начин јас бев спасен од ноќна истрага. Тепањето дење, макар да го имаше, беше ограничено.

Полициската истрага во Турција во никој случај не можеше да трае повеќе од три дена и во тој срок полицијата беше должна да му го предаде истражниот материјал на јавниот обвинител, кој веднаш да издаде решение за задржување во притвор или да го ослободи обвинетиот. На третиот ден ние го добивме решението и се успокоивме во затворот. Тешкото помина. Со продолжувањето на истрагата од судските истражни власти тепањето беше исклучено. Од истрагата нешто повеќе не се откри, освен дадените докази против нас од страна на полицијата. Ние бевме задржани во затворот и беше образувано дело против нас, кое подлежеше на разгледување од скопскиот окружен суд.

По престјувањето во велешкиот затвор околу два месеци, бевме однесени во Скопје и затворени во прочуениот на времето затвор „Куршумли-ан“. Нѐ сместија во најлошата ќелија — кога ќе влезеш од главниот влез, од левата страна под скалите, првата ќелија нарекувана, „истинав коуши".

По нашето одлежување во „Куршумли-ан“ околу пет месеци, делото беше насрочено и еден ден бевме исправени пред судот. За платена адвокатска одбрана збор да нема пари немавме. Малезанов, кога си заминал, ја прибрал кесијата со парите (околу 167 турски лири) оставајќи му за нас затворениците околу 12 бели меџидии на Андона Шулев, а овој пак од тие пари задржа седум за себе, а нам ни прати само пет. (Тој за тоа се оправдува оти кога поминал во почетокот на пролетта истата година Веле Марков за Битола, се одбил во Велес и овој му дал една лира и една меџидија за да си го продолжи патот преку Солун за Битола по железница, бидејќи немал скршена пара во џебот). Ние уште во велешкиот затвор ги изедовме петте меџидии и благодарејќи на другари, по иницијатива на другарот Алексо Војницалиев, се соберуваат по чаршијата од граѓаните триста гроша. Овие пари беа предоволни за нас, но до делото и тие беа изедени, та пари за одбраната немавме. Бранител имавме дофис. Против нас имаше двајца сведоци, обајцатаслужбеници при Весови, едниот нивни внук од сестра, Лазар Шулев.

Уште порано, во домот на Илија Раштанов, како што соопштив понапред, опсудувавме за да се изврши екс кај Весови. Илија Раштанов и Андон Шулев, првибратучеди на Лазар Шулев, го запознаваат овога со овој наш план и го бараа неговото содејство. Тогаш тој бил склон да го даде. Знаејќи дека јас играм голема ролја во тој заговор, тој не се сомневаше оти и јас сум едниот од учесниците во нападот.

Кога станува нападот, Лазар Шулев веднаш ѝ соопштува на полицијата дека оваа работа е моја, а и слугата негов, Иван Бачов, кој беше на самото место при нападот, тврдеше и пред судот оти еден од напаѓачите, забрадениот со шамија, сум бил јас. Исто така и Шулев пред судот остана при своите искази дадени пред истражните власти, изнесувајќи го нашиот разговор пред дуќанот непосредно пред нападот. Јас ги побив исказите на сведоците исползувајќи ја околноста што при распитот Шулев одговараше на македонски.

Го искористив прашањето на претседателот на судот зошто Шулев не одговара на турски, кога завршил втор педагошки курс, (а изучувањето на турсикот[1] јазик во училиштето е задолжително), додека обвинетиот Алексо завршил само први курс, а зборува одлично турски и му реков: „Господине претседателе, Вие самите констатиравте дека е сведокот еден тап субјект и кога ќе го погледне човек, по физиономија ќе се убеди во неговата тапост. Како соученици ние од училиште сме пријатели и при секое среќавање ќе се поздравиме и ќе се заприкажуваме. Исто така при таа за мене злокобна вечер се зазборував со него и тој од тој разговор го вади заклучокот оти сум јас учесник и организатор на нападот. До таков извод може да дојде само еден тап човек како него. Го молам почитаниот суд да ги отфрли исказите и донесе за мене оправдателна пресуда".

По тврдењата на вториот сведок го помолив судот да го праша сведокот колку далеку бил тој од аџијата во моментот на нападот. Сведокот беше кажал[1] оти бил на дваесет-триесет чекори (И навистина кога си одеа дома, тој беше толку надалеку од својот господар). Јас забележив: „Господа судии, позволете ми да се сомневам оти во таква душевна состојба, во која бил во тој момент, сведокот ќе можел да ме познае и при тоа уште кога сум бил забраден, а јас имам свидетелство од Димета Дојчинов, дека за време на нападот бев кај него дома, каде што истата вечер ноќевав, а куќата негова е далеку пол саат од куќата на Весови, и тоа на спротивната страна на градот. Можам ли да бидам на две места во едно исто време? Ви препуштам Вам, господа судии, да го прецените беспристрасно тој факт“. На крајот судот мене ме оправда, а Трајко Иванов беше осуден на пет години, зашто сведокот Иван Бачов покажа оти го познава и лично и оти тој бил еден од напаѓачите, а и најденото оружје, заварено при фаќањето негово, ја засилуваше неговата виновност.

По таа пресуда за него се жалевме и делото беше вратено на второ разгледување од друг состав на судот, кој му ја намали пресудата од пет на три години. По излежувањето на затворот две години, Трајко Иванов беше ослободен, но по неколку години умре во Скопје од туберкулоза. По излегувањето од затворот нашата положба беше тешка. Јордан Малезанов, кој ги прибра парите, пребега со нив во Бугарија и се настани да живее во Софија. Таму со Васил Главинов држеа дрводелски дуќан и работеа ортачки. Но тој парите не ѝ ги предал на групата, а давал само по некоја пара за излегувањето на весникот „Политичка слобода". Весникот имаше возможност да излегува уште пет-шест броја и тоа многу нередовно.

Белешки

  1. 1,0 1,1 Правописна грешка во самото издание