Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје I

Предговор Идење на Васил Главинов во Велес — Како станав социјалист — Создавањето на првата социјалистичка група во Македонија

од Алексо Мартулков
Поглавје II
Роден сум во град Велес на 23 октомври 1878 година. Моите родители се исто така родени во град Велес. Татко ми Онче (Јован) Мартулков[1] се занимаваше со брашнарство. Мајка ми Сава Василова произлегува од работничка фамилија. Брат ми Петар умре во 1905 година, во Велес. Тој беше по професија железар и членуваше во Месната организација на ВМОРО.[2]

Во 1898 година ја завршив прогимназијата во Велес, со прекинување. По тоа се запишав во Педагошкото училиште во Скопје.

Есента 1894 година дојде од Софија во Велес другарот Васил Главинов, којшто зеде активно учество при создавањето и изградувањето на ВМОРО во Велес и Велешко. Главинов беше емигрант во Софија уште од 1888 година. Таму потпаднал под влијание на социјалистите и така станува еден од најстарите членови на Бугарската социјалдемократска партија во Софија. За времето, во Велес тој беше најпросветениот во политички и револуционерен однос и како таков одигра голема улога меѓу нашата младина и придонесе за нејзиното политичко и револуционерно осознавање и воспитување.

Во 1894 година беше во градот организирано читалиште и со тоа беа поставени основите за создавање на читалишно здружение, кое не беше работничко ниту социјалистичко, туку служеше за општи потреби на граѓанството. За ваквата просветна дејност иницијатор беше другарот Васил Главинов. Тој, меѓу останатото, беше донесол со себе неколку социјалистички брошури.[3]

Една од нив ми попадна в раце. По прочитувањето нејзино станав социјалист. Оваа брошура беше ,,Студентство и социјализам“ од Никола Габровски (од Велико Трново, прв народен пратеник, социјалист, во бугарскиот парламент; тој през 1893 година беше избран во Павликени).

Може да се види чудно, како тоа со прочитувањето на една брошура да може да стане човек социјалист. Но јас бев дете на бедно семејство и останат сирак без татко уште на осумгодишна возраст.[4] Тешките животни услови при тогашната политичка и социјална положба во нашата земја придонесоа овие социјалистички идеи да најдат благопријатна почва кај мене. Како мене така и останатите другари нѐ привлекуваа хуманитарните идеи на социјализмот, најмногу лозунгот[5] за равенство, братство и слобода. Се разбира, марксистичкото учење воопшто не ни беше познато.

Но главното е што во нас се создаде стремеж кон политичка револуционерна и социјална просвета култура. Во резултат на тоа ги поставивме основите на просветно социјалистичката група уште през 1894 година. За создавањето на оваа група бев иницијатор јас, макар да бев најмлад меѓу другарите, скоро детиште. Така се создаде првата социјалистичка група во Македонија, а и во цела Турција. (Исто така и през 1908 година, по младотурскиот преврат во Турција, се создаде првата социјалистичка организација и мешан синдикат во Велес).

Во 1894 година Васил Главинов замина за Софија по револуционерна работа. Во Софија, Во почетокот на 1895 година се формира Македонска социјалистичка група, којашто си постави за цел - извојувањето полна автономија за Македонија и Одринско, што ќe се оствари при соработка со широките работни маси и работната интелигенција. Преку засилувањето на револуционерната социјалистичка просвета и агитациона работа, се постави и целта да се создаде раководен кадар во нашето револуционерно национално движење, кое единствено не ќе биде под влијание на странски фактори што сакаат да ги исползуваат борбите на македонскиот народ за свои цели. Групата издаваше свој печатен орган, весник „Револуција“, а подоцна весник „Политичка слобода“.

Белешки

  1. Не се знае дали татко му конкретно се викал Онче Мартулков, според делата на неговиот брат Петар Мартулков, нивниот татко се викал Пано Мартулков.
  2. Не се знае од каде Мартулков ја добил оваа информација, неговиот брат Петар Мартулков умрел во 1947 година во Софија. Никогаш не работел како железничар туку бил професор по математика. Според некои наводи Алексо изгубил контакт со неговиот брат во млади години и заради тоа имал слабо сознание на неговиот живот.
  3. Печатна грешка од самото издание
  4. Според БАН, нивниот татко Пано Мартулков бил прогонет во турскиот град Дијабекар заради неговите дејности.
  5. Германизам, лозунг е синоним на гесло