Книга на израелеви судии/ 7 глава
6 глава | Книга на израелевите судии 7 глава од н.п. |
8 глава |
1 Порани Јеровал, односно Гедеон, и сиот народ што беше со него, и се влогорија кај изворот Арод, а логорот на Мадијамците се наоѓаше на север од неговиот, во подножјето на брегот Море, во долината.
2 Тогаш Господ му рече на Гедеона: „Премногу народ е со тебе, а за да ги предадам Мадијамците во нивните раце, зашто Израел би можел да се возгордее пред Мене и да рече: ‘Сопствената рака ме избави.’
3 Затоа разгласи за да чуе народот: ‘Кој се бои и стравува, нека се врати од Галадската Гора.’” Гедеон ги испита: дваесет и две илјади луѓе од народот се вратија, а останаа десет илјади.
4 Господ му рече на Гедеона: „Уште е премногу народ. Поведи ги на вода, и таму ќе ги испитам. За кого ќе ти речам: ‘Нека оди со тебе,’ тој ќе дојде со тебе. А за кого ќе ти речам: ‘Нека не иде со тебе,’ тој не ќе дојде.”
5 Гедеон го поведе народот на вода, и Господ му рече: „Кој ќе лока вода со јазикот како што лока кучето, оддели го настрана, кој ќе клекне да пие, одвои го на другата страна.”
6 Оние што локаа вода со јазикот од раката, принесена до устата, беа триста, а сиот друг народ клекна за да пие.
7 Тогаш Господ му рече на Гедеона: „Со оние триста луѓе, кои локаа вода, Јас ќе ве избавам, и ќе ги предадам Мадијамците во вашите раце. Сите други нека се вратат, секој во своето место.”
8 И тогаш тие ги зедоа од луѓето храната и роговите за трубење, а Гедеон ги отпушти Израелците, секој во неговиот шатор; ги задржа само оние три стотини мажи. А логорот на Мадијамците беше подолу од него, во долината.
9 Во онаа ноќ Господ му рече: „Стани, нападни го логорот, зашто ти го предавам во рацете.
10 Ако се боиш да нападнеш, најнапред слези во логорот со твојот слуга Фура;
11 слушај што зборуваат; ќе се охрабриш и ќе го нападнеш логорот.” Тој слезе со својот слуга Фура до првите стражари на логорот.
12 Мадијамците, Амаликците и сите синови на Исток се расположија по долината, многубројни како скакулци; безбројни беа нивните камили, како песок на брегот на морето.
13 Кога Гедеон дојде, а тоа еден точно му раскажуваше на својот другар што сонувал: „Сонував како погача јачменов леб се тркала во мадијамскиот логор: се дотркала до еден шатор и го погоди, а шаторот падна, се преврти.”
14 А другиот му одговори: „Не е тоа друго туку мечот на Гедеона, синот Јоасов, Израелец. Бог му ги предаде во рацете Мадијамците и сиот логор.”
15 Кога Гедеон чу како оној го раскажа сонот и како другиот го протолкува, се поклони пред Господ; па се врати во Израелевиот логор и извика: „Станете, зашто Господ ви го предаде во рацете Мадијамскиот логор.”
16 Тогаш Гедеон ги подели своите триста луѓе во три одреди. На секој човек му даде во раката рог за трубење, празна врчва и запалена борина во врчвата:
17 ”Гледајте ме - им рече, - и правете што ќе правам и јас! Кога ќе дојдам на работ на логорот, правете што ќе правам и јас!
18 Кога ќе затрубам во рогот, јас и сите кои се со мене, тогаш трубете и вие во рогот околу сиот логор и викајте: ‘За Господа и за Гедеона!’”
19 Гедеон и стотина луѓе, кои го придружуваа, дојдоа до работ на логорот, при почнување на средната (ноќна) стража: туку што ги поставија стражите, тие затрубија во роговите и ги скршија врчвите што ги имаа во рацете.
20 Така трите одреди затрубија во роговите: во левата рака ги држеа запалените борини, а со десната роговите за да трубат, и почнаа да викаат: „За Господа и за Гедеона!”
21 И секој стоеше неподвижно на своето место околу логорот. Тогаш сиот логор се разбуди, и Мадијамците, викајќи почнаа да бегаат.
22 Додека оние три стотини трубеа во роговите, Господ направи па тие во логорот го свртија мечот еден против друг. И сета војска се разбега до Вет-Асет, кон Зерерат, до Авел-Меолскиот Брег кај Тават.
23 А Израелците од коленото Нефталимово и Асирово и од сето Манасиево колено се собраа и ги подгонија Мадијамците.
24 Гедеон испрати вестители по целата Ефремова Гора да зборуваат: „Слезете пред Мадијамците и заземете ги пред нив сите градови до Вет-Вара и до Јордан.” Сите луѓе од Ефремовото племе се одѕваа и ги зазедоа бродовите на водата до Вет-Вара и до Јордан.
25 И фатија два мадијамски кнеза, Орива и Зива; Орива го убија на Сур-Орива (Оривовата Стена), а Зива кај Јакев-Зива (Зивова Теснина). Ги гонеа Мадијамците и му ги донесоа на Гедеон главите на Орива и Зива оттаде Јордан.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse