Втора книга Мојсеева/ 38 глава
37 глава | Втора книга Мојсеева 38 глава од Мојсеј |
39 глава |
1 Направи жртвеник за жртви паленици од багремово дрво, долг пет лакти, широк пет лакти - четвртест - а висок три лакти.
2 Му направи четири рога на неговите четири агли. Роговите беа од еден дел со него. Потоа го опкова со бронза.
3 А го направи и целиот прибор за жртвеникот: длабоки грнци, лопатки, садови, вилушки и кадилници; целиот овој прибор го направи од бронза.
4 Потоа направи решетка за жртвеникот во облик на мрежичка од бронза под испакнатините, му зафаќаше до средина.
5 Излеа четири колца на четирите агли на бронзената решетка, за да служат како рачки за ластегарките.
6 Ги направи ластегарките од багремово дрво па ги опкова со бронза.
7 Тогаш ги провлече ластегарките низ колцата на двете страни на жртвеникот, за да се носи на нив. Го направи со празнина од даски.
8 А потоа направи бронзен мијалник и бронзена потпирка за него од огледалата на жените, кои прислужуваа пред вратата на Шаторот на средбата.
9 Потоа направи двор. На јужната страна на дворот беа завеси од препреден лен, долг сто лакти.
10 Нивните дваесет столбови со дваесет подножја беа од бронза, додека куките на столбовите и нивните поврзувачи беа од сребро.
11 Од сто лакти беа завесите и на северната страна. Нивните дваесет столбови со дваесет подножја беа од бронза, додека куките на столбовите и нивните поврзувачи беа од сребро.
12 Завесите на западната страна беа од педесет лакти, со десет столбови и со десет нивни подножја. Куките на столбовите и нивните поврзувачи беа од сребро.
13 Однапред, на исток, завеси од педесет лакти.
14 Од едната страна на вратата завесите беа од петнаесет лакти, со три столпчиња и со три нивни подножја.
15 Така и од другата страна - значи, на двете страни на дворната врата - беа завеси од петнаесет лакти, со три столпчиња и со три нивни подножја.
16 Сите завеси околу дворот беа од препреден лен.
17 Подножјата за столбовите беа од бронза, а куките на столбовите и нивните поврзувачи од сребро. Врвовите на столбовите беа опковани со сребро. Сите столбови во дворот беа покриени со сребро.
18 Завесата на дворната врата - извезана - беше од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. Беше долга дваесет лакти; висока, во ширина, пет лакти како и дворните завеси.
19 Имаше четири нивни столбови, со четири подножја од бронза. Куките на столбовите беа од сребро. Врвовите на столбовите беа опковани со сребро, а нивните поврзувачи беа сребрени.
20 Сите колчиња во внатрешноста на Шаторот и околу дворот беа од бронза.
21 Тоа е попис на работите за Шаторот на Сведоштвото, што е составен според Мојсеевата заповед, а со труд на Левитите под водство на Итамар, синот на свештеникот Арон.
22 Веселеил, Уриев син, од Оровото колено, од Јудиното племе, направи сè што Господ му заповеда на Мојсеја.
23 Со него беше Елиав, син Ахисамахов, од Дановото племе, копаничар, искусен уметник и везач за љубичесто, црвено и темноцрвено предено и за препреден лен.
24 Целото злато што беше потрошено во работите за Светилиштето - злато посветено со приноси - изнесуваше: дваесет и девет таланти и седум стотини и триесет сикли, според храмските сикли.
25 А среброто собрано при пребројувањето на заедницата -
26 односно по еден веках на глава, односно половина сикал според храмскиот сикал, од секој што беше запишан, од дваесет години па нагоре - изнесуваше: сто таланти и илјада и седум стотини седумдесет и пет сикли, во храмски сикли. Беа запишани шест стотини и три илјади и пет стотини и педесет.
27 Сто таланти сребро отидоа за леење на подножјата на Светилиштето и за завесата: сто подножја од сто таланти - талант за подножје.
28 А од илјада седум стотини седумдесет и пет сикли направи куки за столбовите, ги опкова нивните врвови и направи поврзувачи за нив.
29 Бронзата принесена како дар изнесуваше седумдесет таланти и две илјади и четири стотини сикли.
30 Од неа направи: подножја за влезот во Шаторот на средбата, бронзен жртвеник, со негова решетка од бронза и сиот прибор на жртвеникот;
31 натаму, подножја околу дворот, подножја за дворниот влез; сите колчиња за Престојувалиштето и сите колчиња околу дворот. Облека на големиот свештеник и на другите свештеници.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse