Агеј (вики-превод)

(Пренасочено од Агеј (слободен превод))

Софонија Агеј

од н.п.
Захарија
Вики-превод.
= Глава 1 =


Повик да се обнови Божјиот дом.

1Во втората година[1] на царот Дарие[2], во шестиот месец, на првиот ден од месецот, дојде збор од ГОСПОД преку пророкот Хаггај за Зерувавел, синот на Шеалтиел, управителот на Јуда и за Јошуа, синот на првосвештеникот Јехосадак: 2Вака вели ГОСПОД Семоќен: „Кажи им на овие луѓе: >Тие велат: не е уште дојдено времето[3] домот ГОСПОДОВ да се гради.'“ 3Тогаш дојде збор од ГОСПОД преку пророкот Хаггај: 4<Време ли е за вие да живеете во домови (со дрво) обложени, додека овој дом лежи разурнат?“ 5И сега вака вели ГОСПОД Семоќен: „Внимателно замислете се над вашите патишта! 6Посеавте за многу, но ожнеавте малку. Јадете, но не ви достасува. Пиете, но нема доволно за да се наситите. Се облекувате, но немате доволно за да се стоплите. Кој што печали, печали, но само за дупнато ќесе.“ 7Вака вели ГОСПОД Семоќен: „Внимателно замислете се над вашите патишта! 8Качете се на планината, донесете граѓа и градете го домот, за да Ми биде пријатно во него и да може да Ми биде оддадно слава“, вели ГОСПОД. 9<Очекувавте многу, но ете, малку е кога го донесовте дома. Јас го одвеав!“ - вели ГОСПОД Семоќен - „А зошто? Заради домот Мој кој е разурнат, додека секој од вас е зафатен со својот сопствен дом. 10Затоа, заради вас, небесата не пуштија роса и земјата не ги даде плодовите свои. 11Јас повикав суша врз полето и врз планините, врз житото и врз младото вино, врз маслото и врз она што се раѓа од земјата, врз човекот, врз стоката и врз целиот труд од рацете човечки.“ 12Тогаш Зерувавел, синот на Шеалтиел, Јошуа, синот на првосвештеникот Јехосадак, и остатокот од народот се покорија и го слушнаа гласот на ГОСПОД, нивниот Бог, и зборовите на пророкот Хаггај, затоа што го испрати ГОСПОД, нивниот Бог. И се уплаши народот пред ГОСПОД. 13Тогаш проговори Хаггај, гласникот ГОСПОДОВ, со порака од ГОСПОД до луѓето: „Јас сум со вас!“ - вели ГОСПОД. 14И така го покрена ГОСПОД духот на Зерувавел, синот на Шеалтиел, управителот на Јуда, духот на Јошуа, синот на првосвештеникот Јехосадак, и духот на преостанатиот народ. Дојдоа, и почнаа да работат на домот на ГОСПОД Семоќен, нивниот Бог, 15на дваесет и четвртиот ден од шестиот месец[4], во втората година на царот Дарие.

Глава 2


Ветената слава на новиот дом.

1На дваесет и првиот ден од седмиот месец[5], дојде збор од ГОСПОД, преку пророкот Хаггај: 2<Кажи им сега на Зерувавел, синот на Шеалтиел, управителот на Јуда, на Јошуа, синот на првосвештеникот Јехосадак, и на преостанатиот народ да се распрашаат: 3Кој од вас остана[6] што го видел овој дом во неговата поранешна слава? Како го гледате сега? Не ли е тој ништожен во вашите очи[7]? 4Но сега, биди силен Зерувавеле, вели ГОСПОД, биди силен Јошуа, сине на првосвештеникот Јехосадак, и бидете силни сите луѓе во земјата,“ - вели ГОСПОД - „и работете, оти Јас сум со вас!“ - вели ГОСПОД Семоќен. 5<Она што во завет го склучив со вас кога излеговте од Египет, и Духот Мој остануваат меѓу вас. Не плашете се!“ 6Ете, вака вели ГОСПОД Семоќен: „По малку време[8], уште еднаш ќе ги протресам небесата и земјата, морето и копното. 7Ќе ги протресам сите народи и ќе дојде Посакуваниот од сите народи, па ќе го исполнам со слава овој дом“, вели ГОСПОД Семоќен. 8<Мое е среброто и мое е златото!“, вели ГОСПОД Семоќен. 9<Голема ќе биде славата на овој дом, сегашната поголема од поранешната“, - вели ГОСПОД Семоќен, - „и во ова место ќе подарам мир!“ - вели ГОСПОД Семоќен.

Благослов за осквернетиот народ.

10На дваесет и четвртиот ден од деветтиот месец[9], во втората година на Дарие, дојде збор од ГОСПОД, за пророкот Хаггај: 11Вака вели ГОСПОД Семоќен: „Прашај ги сега свештениците што кажува законот: 12>Ако некој носи осветено месо во полата на својата наметка и со полата допре леб, варено месо, вино, масло, или каква било храна, станува ли и таа осветена?' Свештениците одговорија и рекоа: >Не!' 13Тогаш рече Хаггај: >Ако некој осквернет затоа што се допрел до мртво тело, се допре до било што од ова, станува ли и тоа осквернето?' И свештениците одговорија и рекоа: >Станува осквернето!' 14Тогаш одговори Хаггај и рече: >Такви се и овие луѓе, и овој народ, во очите Мои,' - вели ГОСПОД - >и такви се сите дела на рацете нивни. И она што го принесувате тука е осквернето[10]. 15А сега внимателно замислете се, од овој ден за понатаму! Пред[11] да се постави камен на камен во храмот ГОСПОДОВ, 16кога ќе се дојдеше до куп од дваесет - тој имаше десет, кога ќе се дојдеше до винска каца, за да се наточат педесет мери - имаше само дваесет. 17Удрив по вас со гламја, со пепелница и со град по сиот труд на вашите раце. Сепак, вие не се вративте кај Мене!“ - вели ГОСПОД. 18А сега, внимателно замислете се, од овој ден за понатаму. Од дваесет и четвртиот ден на деветтиот месец[12], до денот кога беше поставен темелот на храмот ГОСПОДОВ, внимателно замислете се! 19Остана ли семе во амбарите? Сѐ досега лозата и смоквата, калинката и маслината, ништо не родија! Од денес ќе ве благословам!

Зерувавел, прстен печат на ГОСПОД.

20И дојде збор од ГОСПОД, по втор пат до Хаггај, на дваесет и четвтриот ден од месецот[13]: 21Кажи му на Зерувавел, управителот на Јуда: „Ќе ги протресам небесата и земјата, 22ќе ги превртам престолите царски и ќе ја здробам силата на царствата туѓински. Ќе ги соборам колите и оние што ги возат. Ќе паднат коњите и оние што ги јаваат, секој од мечот на својот брат. 23Во тој ден,“ - вели ГОСПОД Семоќен - „ќе те земам тебе, Зерувавеле, сине на Мојот слуга Шеалтиел,“ - вели ГОСПОД - „и ќе те направам прстен печат, оти тебе те одбрав.“, вели ГОСПОД Семоќен.


Белешки

  1. На 29 август, 520 г. пр. Хр.
  2. Дарие Хистапис управувал со Персија од 522 до 486 г. пр. Хр.
  3. Откако темелот на храмот бил поставен во 536 г. пр. Хр. (Езр 3:8-10), противниците на градењето на храмот ја сопирале работата сѐ до 520 г. пр. Хр. (Езр 4:1-5,24).
  4. На 21 септември 520 г. пр. Хр.
  5. На 17 октомври 520 г. пр. Хр., последниот ден од Празникот на Храмот. Тоа било времето кога се прославувала жетвата, иако таа била слаба. Соломон го посветил храмот во текот на овој празник (1 Цар 8:2).
  6. Некои од постарите исселеници, можеби и Хаггај со нив, го имале видено величествениот Соломонов храм, уништен од Вавилонците, 66 години порано.
  7. Тогаш сѐ уште биле поставени само темелите.
  8. Пророштво за падот на Персија под Александар Македонски (333 - 330 г. пр. Хр.). Првото протресување на народите е при избавувањето на Евреите од Египет, и нивното преведување преку Мртвото море.
  9. На 18 декември 520 г. пр. Хр., кога во Израел се сеат есенските посеви.
  10. Со самото тоа што се вратиле во светата земја, луѓето не се очистиле, пред сѐ затоа што не се зафатиле со градење на храмот.
  11. Пред 21 септември, 520 г. пр. Хр.
  12. Времето откога бил поставен темелот во 536 г. па додека се продолжило со градбата во 520 г. пр. Хр.
  13. На 18 декември 520 г. пр. Хр.