Захарија (вики-превод)
Хагај | Захарија Библија (вики-превод) од н.п. |
Малахија |
Глава 1
уреди
Повик за враќање кон ГОСПОД.
уреди1Во осмиот месец од втората година[1] на Дарие, дојде збор од ГОСПОД до пророкот Зехарија, син на Берекија, син на Иддо[2]: 2<Лут беше ГОСПОД на вашите предци, лут, 3Затоа, кажи им: Вака вели ГОСПОД Семоќен: >Вретете се кај Мене,' - вели ГОСПОД Семоќен - >и Јас ќе се вратам кај вас!' - вели ГОСПОД Семоќен. 4Не бидете како вашите предци, на кои поранешните пророци им објавуваа велејќи: Вака вели ГОСПОД Семоќен: >Откажете се сега од вашите лоши патишта и вашите лоши навики!' >Но ниту слушаа, ниту Ми обрнуваа внимание.' - вели ГОСПОД. 5Вашите предци, каде се сега? Пророците вечно ли живеат? 6Моите зборови и наредби што им ги заповедав на слугите Мои, пророците, не ги достасаа ли предците ваши? Тогаш се покајаа и рекоа: >Токму како што одредил ГОСПОД Семоќен да прави со нас, според патиштата наши и навиките наши, така и ни направи.'“
Човекот меѓу миртовите дрвја.
уреди7На дваесет и четвртиот ден од единаесеттиот месец[3], а тоа е месецот шеват, во втората година на Дарие, дојде збор од ГОСПОД, за пророкот Зехарија, син на Берекија, син на Иддо: 8Имав видение ноќеска: „И види човек јава на црвен коњ и стои меѓу миртовите дрвја, во клисурата, а зад него коњи црвени, сиви и бели. 9Јас прашав: >Што се овие, господине мој?' Ангелот што зборуваше со мене ми одговори: >Ќе ти покажам што се овие.' 10Тогаш човекот кој стоеше меѓу миртовите дрвја објасни и рече: >Овие ги испрати ГОСПОД, да шетаат по земјата.' 11Па го известија ангелот ГОСПОДОВ што стоеше меѓу миртовите дрвја и рекоа: >Ја прошетавме земјата и ете, целиот свет е во спокојство и мир.' 12Тогаш одговори ангелот ГОСПОДОВ и рече: >ГОСПОДИ Семоќен, до кога ќе немаш милост за Ерусалим и градовите на Јуда, на кои си им лут еве веќе седумдесет години?' 13Му проговори ГОСПОД на ангелот, оној што зборуваше со мене, со зборови љубезни, зборови утешни. 14Тогаш ангелот кој зборуваше со мене ми рече: Разгласи и кажи: Вака вели ГОСПОД Семоќен: >Многу сум љубоморен заради Ерусалим и заради Сион. 15Силно, силно сум им лут на народите, кои се сметаат за безбедни. Јас бев малку лут, но тие додадоа на несреќата!' 16Затоа, вака вели ГОСПОД: >Ќе се вратам во Ерусалим со милост и домот Мој повторно ќе биде изграден во него,' - вели ГОСПОД Семоќен - >а околу Ерусалим ќе биде оптегнато мерно јаже[4].' 17Потоа разгласи го ова што го вели ГОСПОД Семоќен: >Моите градови повторно ќе се преполнат со напредок, и ќе го утеши ГОСПОД повторно Сион, ќе го одбере повторно Ерусалим.'“
Четирите рогови и четирите занаетчии.
уреди18Тогаш ги кренав очите и видов: И види - четири рога[5]. 19Го прашав ангелот што ми зборуваше: „Што се овие?“, а тој ми одговори: „Овие се роговите што ги парчосаа Јуда, Израел и Ерусалим.“ 20Тогаш ми покажа ГОСПОД четири занаетчии. 21И прашав: „Зошто доаѓаат овие, што ќе прават?“ Ми одговори: „Ова се роговите што го парчосаа Јуда, така што никој не може глава да крене. Но занаетчиите дојдоа да ги уплашат, да ги скршат роговите на народите, на оние кои кренаа рог против земјата на Јуда, за да ја парчосаат.“
Глава 2
уреди
Човекот со мерно јаже.
уреди1Тогаш ги кренав очите, погледнав и види човек, а во неговата рака мерно јаже[6]. 2Го прашав: „Каде одиш?“, а тој ми одговори: „Да го измерам Ерусалим, да видам колку е ширината и колку е должината негова.“ 3Тогаш ангелот што ми зборуваше си замина и друг ангел му дојде во пресрет. 4И му рече: „Трчај, кажи му на ова младо момче вака: >Град без ѕидини ќе биде Ерусалим, заради многуте луѓе и стока во него. 5И Јас, Јас ќе бидам ѕид од оган околу него.' - вели ГОСПОД - >Јас ќе бидам среде него за слава.'“ 6<Дојдете, дојдете, побегнете од земјата северна[7],“ - вели ГОСПОД - „оти кон четирите небесни ветрови ве распрснав!“ - вели ГОСПОД. 7<Дојди Сионе[8], побегни ти што живееше кај ќерката Вавилонска!“ 8Зашто вака вели ГОСПОД Семоќен: „Откако ми даде слава, Тој ме испрати против народите кои ве ограбуваа, затоа што оној кој ве допира, ја допира зеницата на Неговото око. 9Сигурно, гледајте, ја кревам раката моја против нив, за да станат плен за нивните робови. Тогаш ќе знаете дека ГОСПОД Семоќен ме прати.“ 10<Викни и радувај се ќерко Сионова! Оти гледај, Јас доаѓам и ќе пребивам среде тебе.“ - вели ГОСПОД. 11Во тој ден ќе Му се придружат многу народи на ГОСПОД, и ќе станат Мој народ, а Јас ќе живеам среде вас и ти ќе знаеш дека ГОСПОД Семоќен Ме испрати кај вас. 12И ќе ја наследи ГОСПОД Јуда, делот Негов во светата земја, и повторно ќе го одбере Ерусалим. 13Молчи сет човечки роде пред ГОСПОД, оти Тој стана од Своето свето живеалиште!
Глава 3
уреди
Чисти облеки за првосвештеникот.
уреди1Тогаш ми го покажа Јошуа[9], првосвештеникот, како стои пред еден ангел ГОСПОДОВ, и Сатаната[10], како стои од неговата десна страна, за да го обвинува. 2И Му рече ГОСПОД на Сатаната: „ГОСПОД те обвинува, Сатано! Ете, ГОСПОД те обвинува, Оној што го избра Ерусалим. Не е ли овој човек гламја истргната од оган?“ 3А Јошуа беше облечен во нечисти облеки, додека стоеше пред ангелот. 4Тогаш ангелот проговори и им рече на оние што стоеја пред него: „Соблечете ги нечистите облеки од него!“ Па му рече: „Гледај, го симнав од тебе твојот грев и ти облеков богати наметки.“ 5Тогаш реков: „Ставете чист турбан на неговата глава!“ Па го ставија чистиот турбан на неговата глава, и му облекоа облеки, додека ангелот ГОСПОДОВ стоеше до него. 6Тогаш ангелот ГОСПОДОВ му даде задолжение на Јошуа, да каже: 7Вака вели ГОСПОД Семоќен: „Ако тргнеш по Моите патишта и ако ги запазуваш Моите закони, тогаш ќе управуваш со Мојот дом и ќе заповедаш во Моите дворови, и ќе ти дадам место меѓу овие што стојат овде. 8Слушај сега, првосвештенику Јошуа, ти и твоите приврзаници кои седат пред тебе, кои се луѓе на знаци. Гледај, ти носам Мој Слуга, Гранка[11]. 9Ете, гледај го овој камен што го поставив пред Јошуа, на еден камен - седум очи[12]. Гледај, Јас врежувам натпис на него,“ - вели ГОСПОД Семоќен - „и ќе го отстранам гревот на оваа земја во еден[13] ден. 10Во тој ден,“ - вели ГОСПОД Семоќен - „ќе го поканите секој соседот свој под својата лоза и под својата смоква.“
Глава 4
уреди
Златниот свеќник и двете маслинови дрвја.
уреди1Тогаш се врати ангелот кој зборуваше со мене и ме разбуди како човек што се буди од спиење. 2Ме праша: „Што гледаш?“ Јас одговорив: „Гледам... и ете свеќник, целиот од злато, со сад на врвот, седум[14] ламби на него и седум[15] цевчиња од врвот кон ламбите. 3Две маслинови дрвја покрај него, едно од десната страна на садот и едно од левата.“ 4Јас прашав и му реков на ангелот кој зборуваше со мене: „Што се овие, господине мој?“ 5Ангелот кој зборуваше со мене ми одговори и ми рече: „Не ли знаеш што се овие?“, а јас одговорив: „Не, господине мој!“ 6Тогаш тој ми одговори и ми рече да го кажам овој збор од ГОСПОД за Зерувавел: „Не преку моќ, ниту преку сила, туку преку Мојот Дух!“, вели ГОСПОД Саваот. 7Што си ти моќна планино? Пред Зерувавел си како рамница! Тогаш тој ќе го изнесе кровниот камен[16], со извици: „Благослов, благослов за неа!“ 8Тогаш дојде до мене збор од ГОСПОД: 9<Рацете на Зерувавел го поставија[17] темелот на овој храм, рацете негови и ќе го довршат. Тогаш ќе знаеш дека ГОСПОД Семоќен ме прати кај тебе. 10Кој го презира денот на малите нешта? Ќе се зарадуваат кога ќе го видат тенкиот висок[18] во рацете на Зерувавел. Овие седум очи, се очите ГОСПОДОВИ, оние кои досегаат преку целата земја.“ 11Тогаш прашав и му реков: „Што се овие две маслинови дрвја, од десно на свеќникот и од лево?“ 12И пак прашав и му реков: „Што претставуваат двете маслинови гранки, од двете страни на златните цевки, кои го излеваат врз него златото?“ 13А тој ми одговори: „Не знаеш ли кои се овие?“ Реков: „Не, господине мој!“ 14Па рече: „Тие се двата сина Помазаника, оние кои му служат на Оној Кој е Господ на целиот свет.“
Глава 5
уреди
Свиток што лета.
уреди1Ги кренав повторно очите, погледнав и види - свиток како лета. 2Тој ме праша: „Што гледаш?“, а јас му одговорив: „Гледам свиток како лета. Должината му е дваесет кубити[19], а ширината десет кубити.“ 3Па ми рече: „Ова е проклетството што се простира над целата земја, за секој што краде да биде истребен, како што пишува на едната страна, и секој што лажно се колне да биде истребен, како што пишува на другата страна.“ 4<Јас ќе го испратам.“ - вели ГОСПОД Семоќен - „Ќе влезе во домот на крадецот, и во домот на оној кој се колне лажно со Моето име и ќе остане внатре, во домот негов. Ќе го уништи и него и гредите негови и камењата негови.“
Жената во ефа.
уреди5Тогаш истапи напред ангелот кој ми зборуваше и ми рече: „Крени ги сега очите и гледај! Што е она што се појавува?“ 6А Јас прашав: „Што е?“ Тој ми одговори: „Ова што се појавува е една ефа[20].“ - па додаде: „Таа покажува какви се луѓето по целата земја.“ 7Тогаш, види, оловната покривка се крена и една жена седи во ефата. 8Тој рече: „Ова е злото[21].“ и ја турна внатре во ефата. Го заклопи и оловниот капак преку нејзината уста. 9Тогаш ги кренав очите и погледнав, и ете, две жени се појавуваат со ветер во нивните крилја. А крилјата им беа како крилја на штрк. Ја кренаа ефата меѓу земјата и небото. 10Го прашав ангелот кој ми зборуваше: „Каде ја носат ефата?“ 11Тој ми одговори: „Да изградат за неа дом во земјата Шинар[22]. Кога ќе биде готов, ќе биде поставена таму, на нејзиното место.“
Глава 6
уреди
Четирите коли.
уреди1Ги кренав повторно очите, погледнав, и види, четири коли како доаѓаат од меѓу две планини. А планините, планини од бронза. 2На првата кола спрегнати коњи црвени, на втората кола - коњи црни, 3на третата кола - коњи бели, а на четвртата кола - коњи шарени, моќни. 4Прашав и му реков на ангелот кој зборуваше со мене: „Што се овие, господаре мој?“ 5Ми одговори ангелот и ми рече: „Тоа се четирите ветрови[23] небесни, кои излегуваат од местото каде што беа пред Господ на целиот свет. 6Онаа таму, со коњи црни оди кон северната земја. А белите одат кон запад, шарените одат кон јужната земја. 7Кога моќните излегоа, тргнаа да одат вдолж и попреку земјата. И тој рече: >Одете, одете вдолж и попреку земјата!' па тие заминаа кон земјата.“ 8Тогаш ме повика и ми рече: „Гледај, оние што одат кон северната земја му дадоа мир на Мојот Дух во северната земја.“ 9И дојде збор од ГОСПОД за мене: 10<Земи од прогонетите: од Хелдај, од Товија и од Једаија, кои пристигнаа од Вавилон, и оди истиот тој ден во домот на Јосија, синот на Сефанија. 11Земи сребро и злато, направи круни, па стави ги на главата на Јошуа, синот на првосвештеникот Јехосадак. 12Потоа кажи му: вака вели ГОСПОД Семоќен: >Овде е човекот чие име е Гранка и од Неговото место Тој ќе се разграни и ќе го изгради храмот ГОСПОДОВ. 13Тој ќе го изгради храмот ГОСПОДОВ и ќе се облече во величественост. Ќе седне и ќе владее на престолот Негов. Ќе биде Свештеник на престолот Негов и склад ќе има меѓу Нив двајцата.' 14А круните ќе бидат за Хелем, Товија, Једаија и за Хен[24], син на Сефанија, како споменик во храмот ГОСПОДОВ. 15Од далеку ќе дојдат и ќе го градат храмот ГОСПОДОВ, па ќе знаете дека ГОСПОД Семоќен ме прати кај вас. А ова ќе се случи ако навистина го послушате гласот на ГОСПОД, вашиот Бог.“
Глава 7
уреди
Правда и милост, а не постење.
уреди1А во четвртата година на царот Дарие[25], дојде збор од ГОСПОД за Зехарија, на четвртиот ден од деветтиот месец, од месецот кислев. 2Народот на Бетел ги испрати Шаезар и Регем Мелех, со нивните луѓе, да Му се поклонат на ГОСПОД, 3да ги прашаат свештениците и пророците во домот на ГОСПОД Семоќен: „Треба ли да бидам во жалост во петтиот месец, да постам, како што го правев тоа веќе толку многу години?“ 4Тогаш дојде збор од ГОСПОД Семоќен за мене: 5Прашај ги сите луѓе во земјата и свештениците: „Кога постевте и бевте во жалост во петтиот и седмиот месец, за овие седумдесет години, кога постевте[26], за Мене ли постевте? 6А кога јадевте и пиевте, не ли јадевте и пиевте за себе?“ 7Зарем не се ова зборовите што ГОСПОД ги објави преку поранешните пророци, додека Ерусалим беше мирен и напредуваше, заедно со неговите околни градови, додека Негев, заедно со подножјето[27] на планините кон запад беше населен? 8Тогаш дојде збор од ГОСПОД за Зехарија: 9Вака вели ГОСПОД Семоќен: „Вашето однесување нека биде навистина правично! Милост и сочувство имајте еден кон друг! 10Вдовица, сирак, туѓинец или сиромашен не угнетувајте, зло еден за друг не мислете во срцата ваши!“ 11Но тие одбија на ова да пазат, се свртеа назад тврдоглаво и ушите си ги затнаа, за да не слушаат. 12Срцата свои ги направија кремен камен, за да не го слушаат законот - зборовите што ги испрати ГОСПОД Семоќен преку Неговиот Дух, преку поранешните пророци. Така ГОСПОД Семоќен силно се налути. 13И така, како што кога Тој повикуваше, тие не слушаа, „Кога тие ќе повикаат, Јас нема да чујам!“ - вели ГОСПОД Семоќен. 14Ги распрснав со виор меѓу сите народи, каде што не ги знаеја, а земјата остана пуста зад нив. Ниту некој заминува, ниту некој пристига. Така направија пустина од оваа пријатна земја.
Глава 8
уреди
ГОСПОД ветува да го благослови Ерусалим.
уреди1И дојде збор од ГОСПОД Семоќен: 2Вака вели ГОСПОД Семоќен: „Љубоморен сум, многу сум љубоморен за Сион. Силно пламти во Мене љубомората за него.“ 3Вака вели ГОСПОД: „Ќе се вратам во Сион и ќе пребивам среде Ерусалим. Ќе се нарече Ерусалим: >Град на вистината', и планината на ГОСПОД Семоќен: >Света планина'“. 4Вака вели ГОСПОД Семоќен: „Пак ќе седат старци и старици по улиците на Ерусалим, секој со бастун во раката, заради неговата длабока старост[28]. 5Улиците на градот ќе бидат исполнети со момчиња и девојчиња што ќе си играат по нив.“ 6Вака вели ГОСПОД Семоќен: „Ете, сега ова можеби изгледа чудно во очите на остатокот од овој народ, но во Мои очи, ќе биде ли тоа чудно?“ - вели ГОСПОД Семоќен. 7Вака вели ГОСПОД Семоќен: „Ете, Јас го избавувам народот Мој од земјата источна и од земјата на зајдисонцето. 8Ќе ги приберам, па ќе живеат среде Ерусалим, и ќе бидат Мој народ, а Јас, Јас ќе им бидам Бог, во верност и праведност. 9Вака вели ГОСПОД Семоќен: „Нека бидат силни рацете ваши, вие кои сега ги слушате овие зборови од устата на пророците, кои бевте присутни кога беше поставен темелот на домот на ГОСПОД Семоќен, за да може храмот да се изгради! 10Ете, пред тоа[29], немаше плата ниту за човекот, ниту за ѕверот. Ниту оној кој заминуваше, ниту оној кој пристигнуваше не беше безбеден од непријателот, оти Јас го свртев секој човек против својот сосед. 11Но сега веќе не е како во минатите денови. Јас сум со остатокот од овој народ.“ - вели ГОСПОД Семоќен. 12Ете, семето ќе напредува, лозјата ќе раѓаат, а земјата ќе дава плод и небесата ќе пуштаат роса. Сево ова ќе го дадам како наследство на остатокот на овој народ. 13И, како што бевте проклетство меѓу народите, доме Јудин и доме Израелев, така Јас ќе ве спасам и ќе станете благослов. Не плашете се! Нека бидат силни рацете ваши!“ 14Ете, вака вели ГОСПОД Семоќен: „Како што Јас одредив да падне несреќа врз вас, кога Ме лутеа татковците ваши,“ - вели ГОСПОД Семоќен - „и не се сожалив, 15така сега одредив повторно да му правам добро на Ерусалим и на домот Јудин. Не плашете се!“ 16Ова се нештата што морате да ги правите: „Зборувајте ја вистината еден на друг и правична пресуда донесувајте во судовите ваши[30]! 17Никаква завера против соседот свој не ковајте во своето срце! Немојте да го сакате лажното колнење! Ете, сето ова Јас го мразам.“ - вели ГОСПОД Семоќен. 18И дојде збор од ГОСПОД Семоќен за мене: 19Вака вели ГОСПОД Семоќен: „Постот во четвртиот[31] и постот во петтиот[32] и постот во седмиот[33] и постот во десеттиот месец[34] ќе станат за домот Јудин радост, задоволство и весели празници. Затоа вистината и мирот сакајте ги!“20Вака вели ГОСПОД Семоќен: „Уште ќе доаѓаат народи и жители на многу градови. 21И ќе одат жителите на еден град кон друг, велејќи: >Ајде да одиме да се молиме пред ГОСПОД, да Го бараме ГОСПОД Семоќен. Јас ете веќе одам!' 22Ќе доаѓаат многу луѓе и народи моќни да го бараат ГОСПОД Семоќен во Ерусалим и да се молат пред ГОСПОД.“ 23Вака вели ГОСПОД Семоќен: „Во тие денови десет луѓе од сите јазици на народите, ќе го држат работ на наметката на еден Јудеец[35], велејќи: >Пушти нѐ да одиме со тебе, оти слушнавме дека Бог е со вас.'“
Глава 9
уреди
Пресуда за непријателите на Израел.
уреди1Пророштво, збор од ГОСПОД против земјата Хадрах[36], и против Дамаск[37], одмаралиштето негово, оти очите[38] ГОСПОДОВИ се свртени како кон племињата Израелеви, така и кон целиот човечки род. 2А исто и против Хамат[39], кој граничи со него, Тир[40] и Сидон, и покрај нивна голема вештина. 3И изгради Тир тврдина[41] за себе, натрупа сребро како прашина и злато како кал од улиците. 4Гледај, ГОСПОД ќе му ги одземе сите богатства негови и ќе ја уништи на море силата негова, а тој од оган ќе биде проголтан. 5Ќе го види тоа Ашкелон[42] и ќе се уплаши, Газа и Екрон ќе се превиваат во силна болка, оти ќе исчезне нивната надеж. Ќе го снема царот од Газа, а Ашкелон ќе остане ненаселен. 6Туѓинци ќе завладеат во Ашдод, а Јас ќе ја сотрам гордоста на Пилистејците. 7Ќе ги отстранам крвиштата од устите нивни, и забранетите храни од меѓу забите нивни, а оние што ќе останат од нив ќе Му припаѓаат на нашиот Бог и ќе станат како Јевусејците[43] - водачи во Јуда и Екрон. 8Но Јас ќе го бранам Мојот дом[44] од силата грабежлива која надоаѓа и никогаш повторно нив нема да ги покори утнегувачот[45], оти сега Јас, со Свои очи чувам стража. 9Зарадувај се силно, ќерко Сионова, викни ќерко на Ерусалим! Гледај, твојот Цар доаѓа кај тебе. Праведен, спасоносен е Тој. Кроток, јава на магаре[46], на прле дури, на младенче од магарињата. 10Ќе ги одземам колите од Ефраим и коњите од Ерусалим. Ќе биде скршен лакот боен, а Тој ќе прогласи мир за народите. Ќе владее Тој од море до море, од реката[47] до краевите на земјата. 11А што се однесува до тебе, заради крвта на заветот со тебе, ќе ги ослободам заробениците твои од јама безводна. 12Вретете се во тврдината, заробеници на надежта! Уште од денес објавувам дека двојно ќе ве обновам. 13Ете, ќе го оптегнам Јуда како лак, ќе го наполнам со Ефраим и ќе ги кренам синовите[48] твои Сионе, против синовите твои Јаване[49], па ќе те направам како меч војнички!
ГОСПОД ќе се појави.
уреди14Тогаш ГОСПОД ќе се појави над нив и ќе блесне како молња стрелата Негова. ГОСПОД Бог ќе затруби, ќе зачекори во бурите јужни. 15ГОСПОД Семоќен ќе ги заштитува, и ќе уништат[50], ќе совладаат со камења од праќи, па ќе пијат, ќе рикаат како од вино опиени и ќе се наполнат како пехар, како аглите на жртвеникот. 16На тој ден ќе ги сочува нив ГОСПОД, нивниот Бог, како стадо од Неговиот народ, како скапоцени камења на круната кои блескаат во Неговата земја. 17Ете, колку е привлечно и убаво. Житото ќе направи момчињата да процутат, а младото вино - девојките.
Глава 10
уреди
ГОСПОД ќе се грижи за Јуда.
уреди1Во пролет барајте од ГОСПОД дожд! ГОСПОД создава буроносни облаци и врнежи од дожд дава за секое растение по полето. 2Ете, идолите[51] кажуваат измама. Лажните пророци гледаат лажни виденија и сонови лажни кажуваат, утеха празна даваат. Затоа скитаат како овци, угнетени се, оти нема пастир. 3<Против пастирите пламти гневот Мој и против водачите и нив Јас ќе ги казнам.“ ГОСПОД Семоќен ќе се грижи за стадото Свое, за домот Јудин. Ќе направи од нив горди коњи Негови во битка. 4Од него[52] ќе произлезе аголен камен, од него шаторски кол, од него боен лак, од него ќе произлезат сите владетели[53]. 5Ќе бидат моќни. Ќе газат во битка како во улична кал. Ќе се борат, зашто ГОСПОД е со нив и ќе ги соборат оние што јаваат коњи. 6Ќе го зајакнам домот Јудин[54] и домот Јосифов, и ќе ги спасам, ќе ги обновам, зашто се сожалив над нив. Ќе бидат исто како да не сум ги отфрлил, оти Јас, ГОСПОД, нивниот Бог ќе им одговорам. 7Ефраим ќе стане моќен, задоволен во срцето како од вино. Ќе видат децата негови и ќе се радуваат. Ќе се развесели срцето нивно во ГОСПОД. 8Ќе им дадам знак[55] и ќе ги приберам. Целосно ќе ги ослободам и ќе бидат многубројни, како што порано беа многубројни. 9Иако ги распрснав меѓу народите и сѐ уште се во далечните земји, ќе се сетат[56] на Мене, ќе опстанат и ќе се вратат заедно со нивните деца. 10Ќе ги вратам назад од Египетската земја, ќе ги приберам од Асирија, во земјата Гилеад и Либан ќе ги доведам. Ќе бидат толку што за нив ќе нема доволно место. 11Ќе поминат преку море од неволји. Ќе се потчинат морските бранови и ќе се исушат сите длабочини на Нил. Ќе биде срушена гордоста на Асирија, а жезолот на Египет ќе исчезне. 12Ќе им дадам сила во ГОСПОД и во името Негово ќе одат.“ - вели ГОСПОД.
Глава 11
уреди
1Отвори ги Либане вратите, за да ги проголта оган кедрите твои!
2Плачете борови, зашто паднаа кедрите, уништени се гордите дрвја. Плачете дабови Башански - падна гората густа!
3Плач се слуша од кај овчарите - уништени се богатствата нивни. Рикаат лавовите - уништена е бујноста на Јордан.
Два пастира.
уреди4Вака вели ГОСПОД, мојот Бог: „Вие пасете стока одредена за клање. 5Така оние што ја купуваат, ја колат неказнето, а оние што ја продаваат, велат: >Слава Му на ГОСПОД, се збогатив!' Оние што ги пасат, не ги штедат.“ 6<Нема да имам повеќе жал за народите на земјата.“ - вели ГОСПОД. „И ете гледај, го предавам секого во раката на соседот негов и во раката на царот негов. Тие ќе ја угнетуваат земјата, а Јас нема да ги избавам од нивните раце.“ 7Така Јас го пасев стадото одредено за клање, посебно потчинетите од стадото. Си зедов два стапа, едниот го нареков Наклоност, а другиот го нареков Сојузи, и го пасев стадото. 8Отфрлив тројца пастири во еден месец. Ми здосадија, а и тие ме замразија. 9И реков: „Нема да ве пасам повеќе! Која овца умира, нека умре, која гине, нека гине, а тие што ќе останат, нека го јадат[57] месото една на друга! 10Тогаш го зедов стапот Наклоност и го скршив за да го раскинам заветот што го склучив со сите народи. 11И беше раскинат на тој ден. Така дознаа повредените од стадото, оние кои гледаа кон Мене, дека тоа е збор од ГОСПОД. 12Им реков: „Ако сметате дека е така најдобро, дајте Ми ја Мојата плата, ако не, задржете си ја!“ Така Ми дадоа плата триесет сребреници. 13Тогаш ми рече ГОСПОД: „Фрли му ја на грнчарот оваа добра цена, со која Ме проценија!“, па ги зедов триесетте сребреници и му ги фрлив на грнчарот во домот ГОСПОДОВ. 14Тогаш го скршив вториот стап, Сојузите, за да го скршам братството меѓу Јуда и Израел. 15Тогаш ми рече ГОСПОД: „Опреми се повторно како безумен пастир. 16Ете гледај, Јас ќе издигнам пастир над земјата! За изгубената нема да се грижи, младите нема да ги бара, повредените нема да ги лекува, здравите нема да ги храни, туку ќе бира од која месо ќе јаде и папките ќе ѝ ги корне. 17Тешко му на несовесниот пастир, на оној кој го напушта стадото! Меч за раката негова и за десното му око! Раката да му се исуши, десното око да му ослепи!“
Глава 12
уреди
Уништување на непријателите на Ерусалим.
уреди1Пророштво, збор од ГОСПОД за Израел: Вака вели ГОСПОД, Оној Кој ги распна небесата и ги постави темелите на земјата, Оној Кој му даде облик на духот што е во човекот: 2<Гледајте, од Ерусалим ќе направам пехар опоен за сите околни народи. Ќе постават опсада против Јуда и против Ерусалим. 3Кога ќе се соберат против него сите народи од земјата, ќе направам од Ерусалим карпа непоместива, за сите народи кои се обидуваат да го поместат, да се повредат. 4На тој ден,“ - вели ГОСПОД - „ќе го нападнам секој коњ со страв, а јавачот негов со лудило, и над домот Јудин Јас, со свои очи, ќе чувам стража, а сите коњи на народите ќе ги нападнам со слепило. 5Тогаш ќе си кажат водачите на Јуда во срцата свои: >Ние, жителите на Ерусалим сме силни поради тоа што ГОСПОД Семоќен е наш Бог.' 6На тој ден ќе направам од водачите на Јуда огниште во шумите, распламтен факел меѓу снопјето. Ќе ги проголтаат надесно и налево сите околни народи, а Ерусалим ќе остане мирен и спокоен[58]. 7ГОСПОД најпрво ќе ги спаси живеалиштата на Јуда, за да не биде поголема славата на домот Давидов и славата на жителите на Ерусалим од онаа на Јуда. 8На тој ден ГОСПОД ќе ги заштити жителите на Ерусалим, па ќе биде тогаш и слабиот како Давид, домот Давидов како Бог, како ангел ГОСПОДОВ пред нив. 9На тој ден ќе тргнам да ги уништам сите народи кои го напаѓаат Ерусалим.
Оплакување на прободениот.
уреди10Ќе излеам врз домот Давидов и врз жителите на Ерусалим дух на милост и молитви, и ќе гледаат кон Мене, Оној што го прободеа. Ќе плачат над Него како што се плаче над дете единец, и ќе жалат горко по Него, како што се жали по првороден син. 11На тој ден, голем ќе биде плачот во Ерусалим, како плачот во Хадад Риммон[59] во рамницата Мегиддон. 12Ќе оплакува земјата, родовите секој посебно, родот на домот Давидов посебно и жените нивни посебно, родот на домот Натанов[60] посебно и жените нивни посебно. 13Родот на домот Левиев посебно и жените нивни посебно, родот на Шимеј[61] посебно и жените нивни посебно. 14Сите останати родови, секој род посебно, и жените негови посебно.
Глава 13
уреди
Очистување од грев.
уреди1На тој ден ќе биде отворен извор за домот Давидов и жителите на Ерусалим, за очистување од грев и нечистотија. 2<На тој ден“ - вели ГОСПОД Семоќен - „ќе ги истребам имињата[62] на идолите од земјата и за нив повеќе ни спомен нема да остане. Ќе ги отстранам од земјата и пророците[63] и духот на нечистотијата.“ 3Тогаш, ако некој сѐ уште пророкува, ќе му кажат татко му и мајка му, оние кои го родиле: „Нема да живееше, оти лага кажа во името на ГОСПОД!“ И кога ќе пророкува, татко му и мајка му, оние кои го родиле, ќе го прободат. 4На тој ден ќе се засрамат сите пророци од виденијата нивни, кога пророкуваат, и нема да облечат наметка од коса[64] за да лажат. 5Секој од нив ќе рече: „Не сум пророк. Човек сум земјоделец. Ете, уште од младост сум продаден.“ 6Па ако го праша некој: „Што ти се овие рани по рацете?“, ќе одговори: „Повреден бев во домот на моите пријатели.“
Пастирот прободен, овците распрснати.
уреди7<Стани мечу против пастирот Мој, против човекот близок до Мене!“, - вели ГОСПОД Семоќен - „Прободи го пастирот[65] и овците ќе се распрснат, а Јас ќе ја свртам раката Моја против малите!“ 8<Па во целата земја“ - вели ГОСПОД - „два дела ќе соборам и ќе изгинат, а третиот ќе биде оставен во неа. 9Ќе го ставам третиот дел во оган и ќе го прочистам, како што се прочистува среброто. Ќе го проверам, како што се проверува златото. Тој ќе го повика Моето име, а Јас ќе му одговорам и ќе речам: >Ова е Мојот народ.', а тие ќе речат: >ГОСПОД е мојот Бог.'“
Глава 14
уреди
ГОСПОД доаѓа и царува.
уреди1Гледај, денот ГОСПОДОВ доаѓа кога пленот твој ќе биде поделен среде тебе. 2Ќе ги соберам сите народи кон Ерусалим за борба и градот ќе биде заземен. Куќите ќе бидат ограбени, а жените ќе бидат силувани. Ќе отиде половината од градот во прогонство, но остатокот од луѓето нема да бидат одведени од градот. 3Тогаш ќе се појави ГОСПОД и ќе се бори против тие народи, како што се бори Тој во ден на битка. 4Ќе застанат стапалата Негови во тој ден на Маслиновата Гора, која е спроти Ерусалим од исток, и ќе се подели Маслиновата Гора на две, од исток кон запад. Ќе се создаде долина многу голема. Половината од планината ќе се помести на север, а другата половина на југ. 5Ќе бегате низ долината меѓу Моите планини, оти долината ќе се протега сѐ до Асел[66]. Ќе бегате како што бегавте пред земјотресот во деновите на Узија, царот на Јуда. Тогаш ќе дојде ГОСПОД, мојот Бог и сите свети со Него. 6Во тој ден не ќе има повеќе светлина, студенило ниту слана. 7Ќе биде тоа ден единствен, ден познат на ГОСПОД, ни ден, ни ноќ, а приквечер ќе се појави светло. 8На тој ден ќе истекуваат живи води од Ерусалим, половината кон источното, а половината кон западното море, и во лето и во зима. 9ГОСПОД ќе биде цар над сета земја. На тој ден ќе има само еден ГОСПОД, и името Негово ќе биде единствено. 10Сета земја, од Гева[67] до Риммон[68] - јужно од Ерусалим, ќе се претвори во рамница[69], а Ерусалим ќе се издигне и ќе опстане на своето место, од портата Бенјамин до местото на Првата порта и од Аголната порта до кулата на Ханенел, до царските преси за грозје. 11Ќе живеат во него, и уништување никогаш повеќе нема да има. Ерусалим повторно ќе живее безбедно. 12А ова ќе биде болеста со која ќе ги нападне ГОСПОД сите народи кои се бореа против Ерусалим: „Ќе гние месото негово, уште додека стои на нозе и очите ќе му гнијат во очните дупки, јазикот ќе му гние во устата.“ 13На тој ден ќе ги обземе страв силен од ГОСПОД, и ќе се грабнат рака со рака, и ќе нападне рака на рака. 14А Јуда исто така ќе се бори во Ерусалим, и ќе биде собрано богатството на сите околни народи, злато и сребро и облеки во огромни количини. 15Слична ќе биде и болеста што ќе ги нападне коњите, мазгите, камилите, магарињата и сите животни кои се во логорите. 16Тогаш оние што ќе преживеат од народите кои напаѓаа против Ерусалим, ќе доаѓаат од година во година да му се поклонуваат на Царот ГОСПОД Семоќен и да го слават Празникот на Храмот. 17Оној народ од кој нема да дојдат во Ерусалим за да се поклонат на Царот ГОСПОД Семоќен, ќе остане без дожд. 18Ако народот на Египет не дојде да учествува, и за нив ќе нема дожд, туку ќе ги нападне болеста со која ГОСПОД ги нападна народите кои не доаѓаат да го слават Празникот на Храмот. 19Ова ќе биде казната за Египет и казната за сите народи кои нема да доаѓаат да го слават Празникот на Храмот. 20На тој ден ќе биде напишано на коњските прапорци: „На ГОСПОД посветен.“, а садовите за готвење во домот ГОСПОДОВ ќе бидат како свети пехари пред жртвеникот. 21Секое грне во Ерусалим и Јуда ќе биде посветено на ГОСПОД Семоќен. Ќе доаѓаат сите кои ќе принесуваат жртви, ќе земаат од нив и ќе готват во нив. Нема да има повеќе трговци[70] во домот на ГОСПОД Семоќен на тој ден.
Белешки
уреди- ↑ Октомври - ноември 520 г. пр. Хр. Во исто време пророкувал и Агеј.
- ↑ Видете Езр 5:1, 6:14 и Не 12:4,16.
- ↑ Околу три месеци после првиот датум, на 15 февруари, 519 г. пр. Хр.
- ↑ Мерно јаже, сибол на повторна изградба и обновување.
- ↑ Веројатно се однесува на Асирија, Египет, Вавилон и Персија.
- ↑ Мерно јаже, симбол на обновување и повторна изградба.
- ↑ Вавилон ја освоил Јудеја од север.
- ↑ Луѓето кои од Ерусалим биле одведени во Вавилон.
- ↑ Истиот човек во Езра и Неемија е наречен Јешуа. Грчки облик на ова име е Исус, а значењето му е ГОСПОД спасува.
- ↑ Сатана значи обвинител.
- ↑ Месијата.
- ↑ Или зарамнети, исбрусени места.
- ↑ Денот кога е распнат Исус Христос.
- ↑ Седум е број на потполност и совршеност.
- ↑ Или: од секоја ламба по седум цевчиња од кои гори пламен.
- ↑ Каменот кој се ставал на самиот врв од кровот и означувал дека градбата е завршена.
- ↑ Езра 3:8-11, 5:15.
- ↑ Букв. оловна лента.
- ↑ Околу девет метри долг и четири и пол метри широк.
- ↑ Ефа, ситно плетен кош, или цилиндричен метален сад кој се користел за мерење на жито и други суви материи, а содржел околу дваесет и два литри.
- ↑ Злото во Хебрејскиот јазик е именка од женски род, можеби затоа овде е персонифицирано како жена.
- ↑ Вавилон.
- ↑ Или духови.
- ↑ Хен значи милостив, попустлив, благ.
- ↑ На 7 декември 518 г. пр. Хр., неполни две години после осмото ноќно видение.
- ↑ Постот бил во знак на жалост заради разурнувањето на Ерусалим и храмот во 586 г. пр. Хр.
- ↑ Падините свртени кон Средоземното море.
- ↑ Букв. многу денови.
- ↑ Пред да се постават темелите на храмот.
- ↑ Букв. кај вашите порти, во тоа време вообичаени места за судење.
- ↑ Во спомен на пробивањето низ ѕидините на Ерусалим од Небушаднезар.
- ↑ Во спомен на палењето на храмот и сите поважни градби.
- ↑ Годишнина од погубувањето на Гедалија.
- ↑ Во спомен на почетокот на опсадата која Небушаднезар ја постави против Ерусалим.
- ↑ Хебр. Јехуди.
- ↑ Хатарика, северно од Хамат, на реката Оронт.
- ↑ Дамаск, водечки град држава на Арамејците.
- ↑ Или: кон ГОСПОД гледаат луѓето и сите племиња Израелеви.
- ↑ Сега се вика Хама.
- ↑ Тир и Сидон, тогаш Феникиски, а сега Либански крајбрежни градови.
- ↑ Игра на зборови, Тир значи карпа, а зборот употребен за тврдина е изведен од зборот карпа. Тир бил освоен од Александар Македонски во 332 г. пр. Хр.
- ↑ Во времето на освојувањето на Александар Македонски меѓу Пилистејските градови настанала паника.
- ↑ Старото население на Ерусалим, кое се претопило во Јудејскиот народ.
- ↑ Александар Македонски ги поштедил храмот и градот Ерусалим.
- ↑ Хебрејскиот збор буквално значи оној што ги тера робовите да работат.
- ↑ Симболизира мирољубивост, наспроти коњот кој симболизира воинственост.
- ↑ Еуфрат.
- ↑ Макавејците.
- ↑ Јаван е Хебрејско име за средоземноморските европски народи, овде симболично ја преставува Селеукидската царска лоза, која после смртта на Александар Македонски владеела со делот од распаднатото царство во кој припаѓала и Јудеја, а чија престолнина била во Сирија.
- ↑ Макавејското востание.
- ↑ Домашни богови, кои биле обожавани во времето на судиите.
- ↑ Од Јуда.
- ↑ Или: сите кои владеат заедно.
- ↑ Јуда и Јосиф, јужното и северното царство ќе се обединат.
- ↑ Букв. ќе им свирнам.
- ↑ Името на пророкот Захарија значи >ГОСПОД памти'.
- ↑ Според историчарот Јосиф, тоа навистина се случувало во времето на римската опсада на Ерусалим, 70 г. по Хр.
- ↑ Букв. а Ерусалим ќе остане мирен на своето место, во Ерусалим.
- ↑ Постојат две толкувања за смисолот на оваа реченица. Или се мисли на Хадад Риммон, место близу до Мегиддо, каде што луѓето ја оплакувале смртта на царот Јосија ( 2 Лет 35:20-27 ), или пак се мисли на семитскиот бог на громовите Хадад (Хадад Риммон на вавилонски јазик значи громовникот Хадад). Кај паганските народи постоел обичај боговите да се оплакуваат при промена на годишните времиња (Езе 8:14).
- ↑ Синот на Давид.
- ↑ Синот на Гершон, син на Леви (4 Мој. 3:17, 18 и 21).
- ↑ Влијанието, славата, самите идоли и споменот за нив.
- ↑ Лажните пророци претставувале голем проблем и после враќањето од прогонството.
- ↑ Како што носел Елија 2 Цар 1:8.
- ↑ Видете Матеј 26:31 и Марко 14:27.
- ↑ Место на исток од Ерусалим.
- ↑ Околу девет километри североисточно од Ерусалим, на самата северна граница на Јуда (2 Цар 23:8).
- ↑ Риммон, исто така наречен и Ен Риммон, околу 55 километри на југозапад од Ерусалим.
- ↑ Букв. ќе стане како Арава.
- ↑ Букв. Канаанци, луѓе кои биле морално и духовно нечисти.