Јоил (вики-превод)

Осија Јоел
Библија
од н.п.
Амос
Вики-превод
= Глава 1 =


1Збор од ГОСПОД што дојде до Јоел[1], син на Петуел.

Рој од скакулци

2Чујте го ова старци,
слушнете сите вие жители на земјата!
Се случило ли ова во вашите денови,
или пак во деновите на вашите предци?
3За ова на децата ваши да кажувате!
И децата ваши на нивните деца,
и децата нивни на следното поколение!
4Тоа што остана од ројот скакулци
го изеде големиот скакулец[2],
тоа што остана од големиот скакулец
го изеде младиот скакулец,
тоа пак што остана од младиот скакулец
го изеде скачката.
5Разбудете се пијаници и плачете,
лелекајте сите вие што пиете вино,
зашто младото вино ви беше грабнато од пред уста.
6Ете народ[3] навлезе во земјата моја,
моќен и безброен.
Забите му се како заби на лав,
вилици од лавица има.
7Лозјето ми го опустоши.
Смоквата ми ја искрши,
ја соголи, ја излупи и ја фрли.
Бели останаа гранките нејзини.
8Плачи како девица[4] облечена во вреќиште,
за мажот[5] на својата младост!
9Секна житниот принос
и приносот во пијалок од домот ГОСПОДОВ.
Тагуваат свештениците, служителите ГОСПОДОВИ.
10Запусте полето,
се исуши земјата[6].
Ете уништено е житото,
пресуши младото вино,
потфрли приносот на маслото.
11Тагувајте земјоделци,
лелекајте лозари за пченицата и јачменот,
зашто уништена е жетвата по полето!
12Се исуши лозата, смоквата овена.
Калинката, палмата и јаболкницата
- сите дрвја во полето се исушија.
Сосема исчезна радоста од синовите човечки.

Повик за покајание

13Облечете вреќишта и тагувајте свештеници,
плачете вие служители пред жртвеникот!
Дојдете, ноќевајте во вреќишта служители на мојот Бог,
зашто секна житниот принос
и приносот во пијалок од домот на вашиот Бог!
14Прогласете свет пост,
свикајте свечено собрание,
повикајте ги старците,
сите жители на земјата во домот на ГОСПОД, вашиот Бог,
и извикнете кон ГОСПОД!
15Тешко мене за тој ден!
Близу е денот ГОСПОДОВ,
и како уништување[7] од Семоќниот[8] ќе дојде.
16Не секна ли пред наши очи храната?
Не исчезнаа ли радоста и среќата од домот на нашиот Бог?
17Се смежурија семките под грутките[9] земја.
Во урнатини се амбарите.
Житниците се разурнати, зашто житото се исуши.
18Ах, како стенка[10] добитокот.
Талкаат[11] наоколу стадата стока,
зашто за нив пасиште нема.
Дури и стадата овци[12] страдаат.
19Кон Тебе ГОСПОДИ повикувам,
зашто оган ги проголта пасиштата во полето,
и пламен ги изгоре сите дрвја по полето.
20Дури и дивите животни стенкаат кон Тебе,
затоа што пресушија потоците
и оган ги проголта пасиштата во полето.

Глава 2

Војска од скакулци

1Затрубете[13] во Сион[14]!
Дигнете тревога на Мојот свет рид!
Нека треперат сите жители на земјата,
зашто иде денот ГОСПОДОВ,
ете го на дофат!
2Ден на мрак и темнина,
ден на облаци и црнила.
Како зора се распостила по планините војска голема и моќна,
каква што не била никогаш уште од старо време
и нема никогаш повеќе да биде - поколенија и поколенија.
3Пред неа оган голта,
зад неа пламен пали.
Како Еденската градина е земјата пред неа
- зад неа гола пустина.
Ништо од нив спас не наоѓа.
4На изглед како коњи[15],
јурат како коњица.
5Со тропот како од бојни коли
преку планинските врвови прескокнуваат,
со бучава како од пламен кој проголтува стрниште
- војска моќна построена за бој.
6Пред нив мака ги фаќа народите,
пребледнува секое лице.
7Напаѓаат како борци.
Како војници ги искачуваат ѕидините.
Секој во својата редица гази,
не скршнувајќи од правецот.
8Не се туркаат еден со друг
- секој право по својот пат гази.
Продираат низ одбраната,
не нарушувајќи ги своите редови.
9Нагрнуваат на градот,
трчаат по ѕидините,
се качуваат по куќите,
преку прозорците влегуваат како крадци.
10Пред нив земјата се тресе,
небесата треперат,
сонцето и месечината потемнуваат,
ѕвездите губат сјај.
11ГОСПОД грми на чело на војската Негова.
Огромна е силата Негова.
Моќен е оној кој се потчинува на Неговата наредба.
Голем е денот ГОСПОДОВ и многу страшен.
Кој ќе може да го издржи?!

Раскинете го своето срце

12<Па дури и сега“ - вели ГОСПОД
- „вратете се кај Мене,
со сето свое срце,
со пост, со плач и со жалење.“
13Раскинете[16] ги вашите срца,
а не вашите наметки
и вратете се кај ГОСПОД, вашиот Бог,
зашто Тој е милостив и сочувствителен,
спор на гнев, преполн со љубов,
Тој попушта и не испраќа несреќа.
14Кој знае, може ќе се премисли и ќе се сожали,
ќе остави зад себе благослов
- житни приноси и приноси во пијалок за ГОСПОД, вашиот Бог.
15Затрубете во Сион!
Прогласете свет пост!
Свикајте свечен собор!
16Соберете го народот,
посветете го соборот,
приберете ги старците,
соберете ги децата,
дури и оние што од гради цицаат!
Нека ја напушти младоженецот собата негова
и невестата нејзината одаја!
17Од храмскиот трем,
па сѐ до жртвеникот
нека лелекаат свештениците, служителите ГОСПОДОВИ,
и нека кажат: „Поштеди го ГОСПОДИ народот Твој!
Не прави од Своето наследство ругло,
да покажуваат[17] со прст на него!
Зошто да се зборува меѓу народите: >Каде е нивниот Бог?'“

ГОСПОД одговара

18Тогаш ќе стане љубоморен ГОСПОД за земјата Своја
и ќе се сожали над Својот народ,
19па ќе одговори ГОСПОД
и ќе му рече на Својот народ:
„Гледајте, Јас ви праќам жито, младо вино и масло.
Ќе се наситите од нив
и никогаш повеќе нема да направам да бидете за потсмев меѓу народите.
20А оној од север ќе го одведам далеку од вас
и ќе го турнам во земја сува и неплодна,
предницата негова во источното[18], а опашката во западното[19] море.
Реа ќе се крева од него, ќе се издига смрдеата негова.“,
зашто Тој навистина изврши големи нешта.
21Не плаши се земјо!
Смири се и зарадувај се!
Ете, ГОСПОД направи големи нешта.
22Не плашете се вие диви животни,
зашто зазеленуваат пасиштата по полето,
дрвото плод дава,
смоквата и лозата раѓаат во изобилие!
23Весели се народе Сионски,
зарадувај се во ГОСПОД, твојот Бог,
зашто Тој ви даде есенски дожд[20] во праведност!
Ви пушта врнежи од есенски и пролетен дожд,
исто како и порано.
24И ќе се наполнат гумната со жито,
ќе се прелеат каците од младо вино и масло.
25Ќе ви ги надоместам годините
што ги изедоа големиот скакулец,
младиот скакулец, скачката
и ројот од скакулци,
Мојата голема војска што ја испратив меѓу вас.
26Ќе јадете, ќе јадете и ќе се наситите,
па ќе Го славите името на ГОСПОД, вашиот Бог,
Кој чуда направи за вас.
Мојот народ веќе никогаш нема да биде посрамен.
27Тогаш ќе знаете дека Јас сум среде Израел,
дека Јас, ГОСПОД[21], сум вашиот Бог,
и други нема.
Мојот народ веќе никогаш нема да биде посрамен.

Денот ГОСПОДОВ

28А после сето ова,
ќе го [22]излеам Мојот Дух врз сите луѓе[23],
и ќе пророкуваат синовите и ќерките ваши,
старците ваши ќе сонуваат соништа,
а младите ќе гледаат виденија.
29Дури и врз слугите и слугинките
во тие денови ќе го излеам Мојот Дух.
30Ќе покажам чуда во небесата и на земјата,
крв и оган и столбови од дим.
31Сонцето ќе се помрачи,
а месечината ќе окрвави,
пред да дојде денот ГОСПОДОВ,
голем и страшен.
32И секој кој го повикува името ГОСПОДОВО
ќе биде спасен,
зашто ќе има избавени на планината Сион и во Ерусалим,
токму онака како што ГОСПОД рече,
меѓу преживеаните, оние кои ГОСПОД ги повикува.

Глава 3

Суд за народите

1<Ете гледајте, во тие денови, во тоа време,
кога Јас ќе го обновам богатството на Јуда и Ерусалим,
2ќе ги соберам сите народи,
ќе ги симнам во Јехошафатовата[24] долина
и ќе почнам да им судам таму заради Мојот народ,
Моето наследство - Израел,
зашто ги распрснаа меѓу народите
и земјата Моја ја разделија.
3За Мојот народ жрепка фрлија,
момче за блудница даваа,
и девојче продаваа за вино,
за да можат да пијат.
4И сега што имате против Мене вие Тире[25] и Сидоне[26]
и сите вие области на Пилистија[27]?
Дали ми враќате за нешто?!
Ако ми враќате - брзо,
многу брзо ќе ги вратам делата ваши на ваша глава!
5Златото Мое и среброто Мое го зедовте.
Моите прекрасни богатства ги однесовте во вашите храмови,
6а жителите на Јуда и жителите на Ерусалим
ги продававте на Јаванските[28] народи,
за да ги испратите далеку од нивната татковина.
7Гледајте, ќе ги кренам од местото каде што ги продадовте
и ќе ги вратам делата ваши на ваша глава.
8Ќе ги продавам синовите и ќерките ваши на синовите Јудини,
а тие ќе ги продаваат на Савејците[29], народ далечен.“
- Ете така вели ГОСПОД.
9Разгласете го ова меѓу народите!
Пригответе се за војна!
Кренете ги војниците!
Нека ги збијат редовите и нека нападнат сите борци!
10Прековајте ги плуговите свои во мечеви
и срповите свои во копја!
Слабиот нека каже: „Силен сум!“
11Дојдете на помош!
Дојдете народи од сите страни
и соберете се таму[30]!
Доведи ги ГОСПОДИ војниците Твои!
12Нека се дигнат народите
и нека тргнат напред во долината Јехошафатова,
зашто таму Јас ќе седам за да им судам
на сите народи од сите страни.
13Замавнете со српот, зашто жетвата е зрела!
Дојдете, газете, зашто полна е гмечалката,
се прелеваат каците,
ете толку е големо нивното зло.
14Мноштво, мноштво во долината на одлуката.
Близу е денот ГОСПОДОВ во долината на одлуката.
15Сонцето и месечината ќе бидат помрачени,
ѕвездите ќе изгубат сјај.
16Тогаш ГОСПОД од Сион ќе рикне,
од Ерусалим ќе грмне.
Ќе затреперат небесата и земјата.
Но ГОСПОД ќе биде прибежиште за Својот народ,
тврдина за синовите на Израел.

Благослови за Божјиот народ

17<Тогаш ќе знаете дека Јас,

ГОСПОД, вашиот Бог,
пребивам на Сион, Мојата света планина.
И ќе биде Ерусалим светилиште,
па туѓинци никогаш повторно нема да навлезат во него.
18На тој ден ќе прокапе од планините младо вино,
по ридовите ќе потече млеко,
низ сите порои во Јуда ќе јурнат води.
Извор ќе бликне во домот ГОСПОДОВ
и ќе ја наводнува Шиттимската долина[31].
19Египет, пак, ќе се претвори во пустина,
а Едом ќе стане гола пустелија,
заради насилството над синовите Јудини,
затоа што пролеаја невина крв во нивната земја.
20А Јуда за секогаш ќе биде населена
и Ерусалим во сите поколенија.
21И ќе им ја простам крвнината[32]
која досега не им ја простував.“
Ете, ГОСПОД пребива во Сион.


Белешки

  1. Јоел значи ГОСПОД е Бог.
  2. Не се знае точното значење на четирите Еврејски збора употребени за скакулците, или се работи за четири различни вида скакулци, или се работи за четирите околни моќни царства кои го опустошувале Израел.
  3. Скакулците се споредуваат со народ, или пак скакулците се симболична претстава на освојувањата од четирите околни моќни царства Вавилон, Персија, Македонија и Рим.
  4. Во Израел, откако девојка ќе се вери со момче, тие се нарекувале маж и жена, иако сѐ уште не биле во брак и не живееле заедно. Овде се мисли на вереник кој умрел пред да стапи во брак со девојката.
  5. или вереникот.
  6. или земјата страда, тагува.
  7. Игра на зборови, во Еврејскиот јазик зборовите за уништување (хешод) и за Семоќниот (Шадај) звучат слично.
  8. Евр. Шадај.
  9. Не е сосема јасно што точно овој збор значел во Еврејскиот јазик.
  10. Стенка, истиот збор со кој опишано стенкањето на Израел во Египет (2 Мој 2:23).
  11. Талка, истиот збор со кој е опишано талкањето на Израел низ пустината (2 Мој 14:3).
  12. Овците последни страдаат од суша, бидејќи тие можат да ја пасат и ситната трева, па дури ги јадат и нејзините корени.
  13. Со рог од овен или вол со кој се дава тревога.
  14. Сион, се однесува на Ерусалим како главен град.
  15. Додека Јов коњите ги споредува со скакулците (Јов 39:20), Јоил го прави спротивното.
  16. Во знак на голема жалост, вознемиреност или каење Евреите ги раскинувале наметките.
  17. Букв: да биде предмет на подбивање меѓу народите.
  18. Мртвото море.
  19. Средоземното море.
  20. или учител, да ве учи на праведност.
  21. Јахве
  22. Стиховите од 28 до 32 се цитирани од апостол Петар на Педесетницата (Дела2:16-21).
  23. На сите луѓе, апостол Петар објаснува дека тоа се однесува и на паганските народи.
  24. Јехошафат значи ГОСПОД суди.
  25. Тир ги продавал Израелците како робови (Ам 1:9). ГОСПОД го казнил, допуштајќи да биде освоен од Вавилонците во 345 г. пр. Хр. и да биде сосема уништен од Александар Македонски во 332 г. пр. Хр.
  26. Сидон, исто како и Тир, ги продавал Израелците како робови, а жителите на Палестинските области, градови - држави, често пати ограбувале по Израел. ГОСПОД ги казнил, допуштајќи Сидон да биде поробен од Антиох Трети во 345 г. пр. Хр.
  27. Евр. Пелашет.
  28. Јаван, Еврејско име за средоземните европски народи.
  29. Савејците, поточно Шевајци, народ од јужна Арабија, чија царица го посетила Соломон (1 Цар 10:1-13).
  30. Во Јехошафатовата долина.
  31. Долината на багремите.
  32. Вина за пролеана невина крв, причина за крвна освета.