Амос (вики-превод)

Јоел Амос
Библија (вики-превод)
од н.п.
Овадија


Глава 1

уреди


1Зборови на Амос[1], еден од пастирите на Текоа[2], она што тој го виде во врска со Израел во деновите на Уззија[3], царот на Јуда и во деновите на Јеровоам[4], синот на Јоаш, царот на Израел, две години пред земјотресот.2И рече: „ГОСПОД од Сион рика и од Ерусалим грми! Се исушија[5] пасиштата на пастирите, овена врвот на Кармел[6].“

Суд за соседите на Израел.

уреди

3Вака вели ГОСПОД: „За трите грева на Дамаск[7], и за четирите, нема да го одвратам од него (Мојот гнев), оти со железни чекани го вршеше[8] Гилеад. 4Оган ќе пуштам врз домот на Хазаел[9], што ќе ги проголта тврдините на Бен Хадад[10]. 5Ќе ги скршам портите на Дамаск, ќе го уништам оној[11] кој живее во долината Авен[12], кој држи жезол во Бет Еден[13]. Во прогонство кај Кир ќе замине народот на Арам.“, вели ГОСПОД. 6Вака вели ГОСПОД: „За трите грева на Газа[14], и за четирите, нема да го одвратам од неа (Мојот гнев), оти заробеници* прибираше, цели села продаваше на Едом. 7Оган ќе пуштам врз ѕидините на Газа што ќе ги проголта тврдините нејзини. 8Ќе го уништам оној[15] кој живее во Ашдод[16] и кој држи жезол во Ашкелон. Ќе ја свртам раката Моја против Екрон сѐ додека и последниот[17] Пилистеец не умре!“, вели Господ Јахве. 9Вака вели ГОСПОД: „За трите грева на Тир[18], и за четирите, нема да го одвратам од него (Мојот гнев), оти цели села продаваа на Едом и не го почитуваа братскиот сојуз. 10Оган ќе пуштам врз ѕидините[19] на Тир што ќе ги проголта тврдините негови.“ 11Вака вели ГОСПОД: „За трите грева на „реф> Едом, народ настанат од Есав (1 Мој 36, 25:23-30, 27:39-40) Есав значи влакнест, а бил наречен Едом, што значи црвен.</ref>Едом, и за четирите, нема да го одвратам од него (Мојот гнев), оти својот брат со меч го гонеше, +жал не му падна, гневот негов се разгоре, ја остави лутината своја незауздана. 12Затоа оган ќе пуштам врз Теман[20] кој ќе ги проголта тврдините на Басра.“ 13Вака вели ГОСПОД: „За трите грева на синовите Амонови[21], и за четирите, нема да го одвратам од нив (Мојот гнев), оти бремени жени распараа во Гилеад за да си ги прошират границите. 14Затоа ќе ги запалам со оган ѕидовите на Рабба[22] кој ќе ги проголта тврдините нејзини, со боен вик во ден на битка, со силен ветер во ден на бура. 15И ќе отиде царот[23] негов во прогонство, тој заедно со сите негови службеници.“ - вели ГОСПОД.

Глава 2

уреди


1Вака вели ГОСПОД: „За трите грева на Моав, и за четирите, нема да го одвратам од него (Мојот гнев), оти коските на Едомскиот цар ги гореше, сѐ додека не станаа варовник. 2Затоа оган ќе пуштам врз Моав што ќе ги проголта тврдините на Керијот[24]. Ќе падне Моав во голем метеж, со боен вик и со трубен звук. 3Ќе го уништам оној што владее среде него, ќе ги убијам сите негови службеници со него.“ - вели ГОСПОД. 4Вака вели ГОСПОД: „За трите грева на Јуда, и за четирите, нема да го одвратам од неа (Мојот гнев), оти го отфрлија законот ГОСПОДОВ, и не се држеа до неговите наредби. Заскитаа по лажните[25] (богови), оние кои ги следеа нивните предци. 5Затоа оган ќе пуштам врз Јуда што ќе ги проголта тврдините на Ерусалим.

Суд за Израел.

уреди

6Вака вели ГОСПОД: „За трите грева на Израел, и за четирите, нема да го одвратам од него (Мојот гнев), оти продаваат праведен за сребро, сиромашен за еден рало сандали. 7Газат врз главите на бедните како по земна прашина, правдата на потчинетите не им ја признаваат. Син и татко кај иста девојка одат и така го сквернават Моето свето име. 8Врз наметките земени во залог лежат[26] покрај секој жртвеник, во домот на својот Бог пијат вино земено како глоба. 9Ете, ги уништив пред нив Аморејците[27], иако беа високи како кедри и силни како дабови. Ги уништив и нивните плодови горе и нивните корени долу. 10Јас те избавив од земјата Египетска, Јас те водев низ пустината четириесет години, за да ја поседуваш земјата на Аморејците. 11Јас од твоите синови подигнав пророци и од момчињата твои назарејци[28], зарем не беше така народе Израелев?“ - вели ГОСПОД. 12Но вие ги опивавте со вино назарејците, на пророците им наредивте да не пророкуваат. 13Ете гледајте, Јас ќе ве скршам како што се крши кола натоварена со жито. 14Брзиот нема да побегне, силниот нема да собере сила, војникот нема живот да спаси. 15Стрелецот нема на нога да остане, брзоногиот нема да побегне, јавачот нема живот да спаси. 16Дури и оние војници со најхрабри срца, тој ден голи ќе бегаат!“ - вели ГОСПОД.

Глава 3

уреди


Повикување на сведоци против Израел.

уреди

1Слушни го овој збор што го кажа ГОСПОД против тебе народе Израелев, против целото семејство што го избавив од земјата Египетска: 2<Токму тебе те одбрав од сите семејства на земјата, па затоа и ќе те казнам за сите твои гревови.“ 3Одат ли двајца заедно ако не се сложни? 4Рика ли лав во грмушките ако нема плен, 'ржи ли тој во дувлото ако не уловил ништо? 5Се фаќа ли птица во стапица, ако нема примка? Се стега ли примката, ако нема што во неа да се фати? 6Ќе се огласи ли труба во градот, а луѓето да не затреперат? Ќе падне ли несреќа на градот која не е од ГОСПОД? 7Ништо не прави Господ Јахве, без да им ги открие Своите намери на Неговите слуги, пророците. 8Рикна лавот - кој нема да се уплаши? Проговори Господ Јахве - кој нема да пророкува? 9Објави им на тврдините Ашдотски и на тврдините во земјата Египетска: „Соберете се на планините Самариски и гледајте - немири големи во неа и угнетување среде неа!“ 10<Ете, не умеат правично да постапуваат,“ - вели ГОСПОД - „натрупувајќи грабеж и плен во тврдините нивни.“ 11Затоа, вака вели Господ Јахве: „Непријател ќе ја заземе земјата, ќе ги сруши вашите ѕидини и ќе ви ги ограби тврдините.“ 12Вака вели ГОСПОД: „Колку што пастир од устата на лавот спасува две потколеници или парче од уво, толку ќе бидат спасени Израелците, оние кои седат во Самарија на работ на креветот и во Дамаск[29] на леглата[30] свои!“ 13<Слушни и сведочи против домот на Јаков!“ - вели Господ Јахве, Семоќниот Бог! 14<Ете, на денот кога Јас ќе го казнам Израел за неговите гревови, ќе ги уништам жртвениците во Бет Ел, ќе бидат откршени роговите на жртвеникот и ќе паднат на земја. 15Ќе ги срушам и зимскиот дом и летниот дом[31]! Ќе бидат уништени куќите од слонова коска. Разурнати ќе бидат големите куќи.“ - вели ГОСПОД.

Глава 4

уреди


Израел не се врати кај Бог.

уреди

1Слушнете го овој збор крави Башански[32], вие кои сте на гората Самариска, вие жени кои ги угнетувате сиромашните и душа[33] им вадите на бедните, вие жени кои им велите на вашите мажи: „Донесете ни за да има што да пиеме!“ 2Се заколна Господ Јахве во Својата светост: „Незадрживо ете идат на вас денови, кога со куки[34] ќе ве одведе, со јадици до последната! 3Низ пукнатините на ѕидовите ќе излезете и ќе бидете фрлени во правецот на Хармон[35].“ - вели ГОСПОД. 4Оди во Бет Ел и греши! Оди во Гилгал и греши уште повеќе! Донеси ги утринските жртви, носи ги десетоците секој трет ден[36]! 5Квасен леб запали како принос за благодарност! Фали се наоколу за доброволниот принос што си го дал и гордеј се! Тоа е она што вие Израелците го сакате.“ - вели ГОСПОД Седржителот. 6<Јас, Јас направив гладни[37] да бидете во секој од вашите градови и недостаток на леб да има во секое село, а вие сепак не се вративте кај Мене.“ - вели ГОСПОД. 7<Јас, Јас ве оставив без дожд на три месеци пред жетва. Пуштив дожд на еден град, а на друг не пуштив. На едно поле заврна, а полето на кое не заврна се исуши. 8Талкавте од два три града кон еден град, за да се напиете вода, но вода доволно немаше! И вие сепак не се вративте кај Мене.“ - вели ГОСПОД. 9<Многу пати ги нападнав градините ваши со лисни вошки и пепелница. Лозјата, смоквите и маслините скакулец ги изеде, а вие сепак не се вративте кај Мене.“ - вели ГОСПОД. 10<Пуштив меѓу вас чума, како што пуштив во Египет. Со меч ги убив момчињата, заедно со вашите заробени коњи. Со смрдеата од вашите табори ви ги исполнив ноздрите и сепак не се вративте кај Мене.“ - вели ГОСПОД 11<Ве соборив како што Бог ги собори Содом и Гомора. Бевте како нагорена гламја истргната од оган, и сепак не се вративте кај Мене.“ - вели ГОСПОД. 12Затоа вака ќе ти правам Израеле! А затоа што вака ќе ти правам, приготви се да се сретнеш со својот Бог Израеле! 13О, гледајте, Оној Кој им даде облик на планините, Кој го создаде ветрот, Оној Кој му ги открива на човекот Своите мисли, Кој мракот го претвора во зора, Оној Кој гази по висовите на земјата, ГОСПОД[38], Бог Семоќен е Неговото име.

Глава 5

уреди


Жалопојка и повик за покајување.

уреди

1Слушнете го овој збор, оваа жалопојка што ја кажувам за тебе, доме Израелев. 2Падна и нема веќе да се подигне девицата Израелева, напуштена е во сопствената земја и нема кој да ја подигне. 3Ете вака вели Господ Јахве: „Во градот од кој излегуваа илјада, ќе останат сто, во гратчето од кое излегуваат сто, ќе останат десет за домот Израелев.“ 4Ете ова му порачува ГОСПОД на домот Израелев: „Барајте Ме Мене и ќе живеете! 5Не барајте го Бет Ел и не одете во Гилгал, не патувајте во Бер Шева, оти Гилгал во прогонство ќе замине, а Бет Ел ќе биде сосема уништен[39].“ 6Барајте Го ГОСПОД и ќе живеете. Ако пак не го барате, како оган Тој ќе прелета низ домот Јосифов[40] и ќе го проголта, и нема да има во Бет Ел[41] кој да го угасне. 7Вие[42] кои ја извртувате правдата во горчина, праведноста ја фрлате на земја, 8(Оној[43] Кој ги создаде Плејадите** и Орион, Кој мракот го претвора во зора и денот во ноќ го замрачува, Кој водите морски ги повикува и ги излева преку лицето на земјата, Јахве е Неговото име! 9Молскавично ги уништува тврдините. Уништување им носи на утврдените градови.) 10го мразите оној кој прекорува по судовите, оној кој вистината ја кажува го презирате. 11Затоа што го газите бедниот и дел жито земате од него - куќи камени изѕидавте, но во нив нема да живеете, бујни лозја посадивте, но вино од нив нема да пиете. 12Знам Јас многу ваши навреди. Големи се гревовите ваши. Угнетувате праведен земајќи поткуп, бедните ги лишувате од правда во судовите. 13Затоа мудар човек молчи во вакво време. Лоши[44] се времињата. 14Барајте добро, а не зло, за да живеете. Тогаш ГОСПОД, Бог Семоќен, ќе биде со вас, како што сега велите дека е. 15Мразете го злото, сакајте го доброто, правда во судовите спроведувајте! Може ќе му се смилува ГОСПОД, Бог Семоќен, на остатокот на Јосиф. 16Затоа вака вели Јахве, Бог Семоќен, Господ: „По сите улици лелек! Викаат по сите плоштади: >Оф, оф!' Ќе свикаат земјоделци да плачат, тажачки да оплакуваат. 17Плак ќе има во сите лозја, оти Јас ќе поминам среде вас.“ - вели ГОСПОД.

Денот ГОСПОДОВ.

уреди

18Тешко на оние кои го посакуваат денот ГОСПОДОВ! Зошто ви е тој ден ГОСПОДОВ? Тој е мрак, а не светлина! 19Ќе биде како кога човек побегне од лав и го сретне мечка. Се прибере дома и потпре рака на ѕидот, а го касне змија. 20Нема ли мрак да биде денот ГОСПОДОВ, а не светлина? Црна темнина, без зрак светлина! 21Ги мразам, ги презирам вашите верски празници. Не можам да ги трпам вашите собранија. 22Иако ми носите жртви паленици и житни приноси, нема да ги прифатам! Иако ми носите доброволни[45] приноси, одбрани од вас, нема ни да ги погледнам! 23Мавнете ми ја бучавата на вашите песни! Звукот на вашите харфи не сакам да го слушам! 24Туку нека потече правда како река, праведност како поток што не пресушува. 25Ми принесуваше ли жртви и житни приноси во пустината, четириесет години, доме Израелев? 26Му подигнавте храм на својот цар, ги поставивте вашите идоли на високо, ѕвездата[46] на вашите богови кои си ги направивте самите за себе. 27Затоа ќе ве протерам од другата страна на Дамаск!“ - вели ГОСПОД, Бог Семоќен е Неговото име.

Глава 6

уреди


Тешко на самозадоволните.

уреди

1Тешко на самозадоволните во Сион, на оние кои се чувствуваат безбедно на планината самариска, за први што ги сметаат меѓу народот и кај нив доаѓаат од домот Израелев! 2Оди во „реф> Калнех и Хамат паднале во војната на Јеровоам Втори (2 Цар 14:28), а ѕидот на Гат било пробиен од Узија (2 Лет 26:6).</ref>Калнех и гледај! Оди од таму во Хамат* голем, оди долу во Гат Пилистејски! Подобри ли сте од тие царства и не е поголема ли нивната земја од вашата? 3Тие денот зол го одложуваат, а вие власта на насилството ја приближувате. 4Оние кои лежат на кревети од слонова коска и денгубат во своите легла, оние кои ручаат јагниња од стадото и телиња од оборот, 5оние кои дрнкаат по жиците на харфата, божем како Давид музика создаваат на инструментите, 6оние кои пијат вино со бокали и најфини лосиони употребуваат, а не жалат над урнатината на Јосиф, 7затоа тие меѓу првите ќе заминат во прогонство и ќе престанат нивните празнувања и денгубења.

ГОСПОД се гади од гордоста на Израел.

уреди

8Се заколна Господ Јахве во Себе.“ - вели ГОСПОД, Бог Семоќен - „Ми се згади од гордоста на Јаков. Ми омрзнаа тврдините негови. Ете, ќе го предадам градот и сѐ што е во него.“ 9И ако десетмина останат во еден дом, и тие ќе умрат. 10Роднините, кога ќе доаѓаат да ги вадат од дома за да ги спалат нивните тела, ќе ги прашуваат оние внатре: „Уште ли е со вас?“, а тие ќе велат: „Не!“, па ќе кажат: „Молчете, да не го спомнете името ГОСПОДОВО!“ 11Оти гледајте, ГОСПОД издава наредба и ќе ги здроби големите куќи на парчиња, малите куќи прав и пепел ќе ги стори. 12Одат ли коњи по каменлив гребен? Ора[47] ли човек по него со воловите? А вие правдата во отров ја претворивте и плодовите на праведноста во горчина! 13Вие кои се радувате заради „реф> Ло Девар значи ништо.</ref>Ло Девар, и велите: „Зарем не го освоивме +Карнаим со своја сила?“ 14<Оти гледај доме Израелев!“ - вели ГОСПОД, Бог Семоќен - „Јас подигам против вас народ кој ќе ве угнетува од Лево Хамат[48]*, па сѐ до долината Арава.“

Глава 7

уреди


Скакулци, оган и оловна лента.

уреди

1Ова ми го покажа Господ Јахве: Гледај, подготвува рој скакулци на почетокот на вторите плодови, а вторите плодови се после жетвата на царот. 2Откако го соголија сето зеленило по земјата, извикнав: „Јахве Господе, прости ни сега! Како ќе преживее Јаков?! Тој е толку мал!“ 3Тука ГОСПОД попушти: „Ова нема да се случи.“ - рече ГОСПОД. 4Ова ми го покажа Господ Јахве: Гледај Господ Јахве повикува на суд преку оган и се исуши големата бездна и ја проголта земјата. 5Тогаш извикнав: „Јахве Господе, престани сега! Како ќе преживее Јаков?! Тој е толку мал!“ 6Тука ГОСПОД попушти: „Ниту ова нема да се случи.“ - рече Господ Јахве. 7Ова ми го покажа: Гледај, Господ стои покрај ѕид ограда[49], а во неговата рака оловна лента. 8И ме праша ГОСПОД: „Што гледаш Амосе?“, а јас одговорив: „Оловна лента.“ Тогаш рече Господ: „Гледај, поставувам оловна лента меѓу Мојот народ, Израел, и нема веќе да го штедам. 9Уништени ќе бидат височинките[50] на Исак[51]! Разурнати ќе бидат светилиштата на Израел! Јас ќе станам против домот на Јеровоам со меч.“

Амос и Амасија.

уреди

10Тогаш Амасија, свештеник од Бет Ел, испрати (порака) до Јеровоам, царот на Израел: „Тој Амос подготвува заговор против тебе во срцето на домот Израелев! Земјата веќе не може да ги трпи сите негови зборови!“ 11Оти вака вели Амос: „Од меч ќе умре Јеровоам, а Израел ќе оди во прогонство, прогонет ќе биде од својата земја!“ 12Тогаш му рече Амасија на Амос: „Ајде ти гледач[52] бегај, врати се во Јуда! Таму леб да јадеш, таму да пророкуваш! 13На Бет Ел веќе да не пророкуваш, оти ова е светилиште на овој цар и храм на ова царство!“ 14Амос одговори и му рече на Амасија: „Јас не сум ниту пророк, ниту син на пророк, туку сум пастир, одгледувам смокви[53]. 15ГОСПОД ме зеде од стадото; и ми рече ГОСПОД: „Оди и пророкувај му на Мојот народ, Израел!“ 16Слушни сега збор од ГОСПОД! Велиш, не пророкувај против Израел, не проповедај против домот Исаков! 17Затоа вака вели ГОСПОД: „Твојата жена во градот ќе стане блудница, синовите и ќерките твои од меч ќе паднат, а земјата твоја ќе биде премерена и поделена! Ти во земја нечиста ќе умреш! Израел ќе оди во прогонство! Во прогонство ќе замине од земјата своја!“

Глава 8

уреди


Кош зрели плодови.

уреди

1Ова ми го покажа Господ Јахве: Гледај, кош зрели плодови. 2И ме праша: „Што гледаш Амосе?“, а јас одговорив: „Кош зрели плодови.“ Тогаш ми рече ГОСПОД: „Созреа времето за Мојот народ, Израел. Нема повеќе да го штедам.“ 3<Во лелек ќе се претворат песните во храмот тој ден“ - вели Господ Јахве! - „Многу тела насекаде расфрлани! Молк!“ 4Слушнете го ова вие кои ги газите бедните и ги уништувате сиромашните во земјата! 5Велите: „Кога веќе еднаш ќе заврши Младата месечина[54], за да можеме да продаваме жито!? Кога веќе еднаш ќе заврши Саботата, за да можеме да тргуваме со пченица!? Да закинеме на мерката[55], да накачиме на цената, да мамиме со нечесни тегови! 6Да купуваме сиромашни со сребро, и бедни за рало сандали. Дури и плевата од житото да ја продадеме.“ 7Се заколна ГОСПОД со гордоста на Јаков: „Нема да заборавам до века ниту едно од нивните дела!“ 8Нема ли заради ова да затрепери земјата, нема ли да зажалат сите нејзини жители? Како Нил ќе се разбранува. Ќе биде издигната и потоа поплавена, како реката Египетска. 9<Тој ден“ - вели ГОСПОД Седржителот - „ќе го зајдам сонцето на сред пладне, ќе ја замрачам земјата при дневно светло! 10Во лелек ќе ги претворам вашите верски празници, во плак сите ваши песни. Ќе направам секој вреќиште да облече и главата да ја избриче. Ќе го направам тоа време како страдање по син единец, а крајот негов како горчлив ден.“ 11<Гледајте, идат денови“ - вели Господ Јахве - „кога ќе пуштам глад по земјата! Не глад за храна, или жед за вода, туку желба да се чујат зборовите ГОСПОДОВИ. 12Ќе скитаат од море до море, од север до исток, ќе талкаат барајќи збор од ГОСПОД, но нема да најдат. 13Во тој ден ќе се онесвестуваат личните девојки, младите момци ќе припаѓаат од жед. 14Тие што се колнат со срамот[56] на Самарија, или велат: >Живи се нашите богови, жив е Дан', или: >Жива е силата на Бер Шева', тие ете ќе паднат и никогаш повеќе нема да станат!“

Глава 9

уреди


Израел ќе биде уништен.

уреди

1Го видов Господ како стои покрај жртвеникот и рече: „Удри по врвот на потпорните столбови! Нека се затресат гредите! Нека паднат врз главите на сите нив, а тие што ќе преживеат Јас со меч ќе ги убијам! Ниту еден нема да се извлече, ниту еден нема да побегне. 2И до пеколот[57] длабоко да ископаат, и таму раката Моја ќе ги стигне! И до небесата да се искачат, и оттаму ќе ги симнам! 3На врвот на Кармел да се сокријат, и таму ќе ги уловам и ќе ги фатам. На дното на морето да се сокријат од очите Мои, ќе ѝ наредам на змијата и ќе ги касне. 4Иако се однесени во прогонство пред нивните непријатели, и таму ќе му наредам на мечот да ги искасапи! Ќе ги држам на око за зло, не за добро!“ 5Господ, Јахве Семоќен, Оној Кој ја допира земјата и таа се топи, страда сѐ живо по неа, се крева како Нил целата земја, преплавува како реката Египетска. 6Оној Кој ги создаде небесата, Неговите високи дворци[58], Кој ги постави темелите[59] на земјата, Оној Кој водите морски ги повикува и ги излева по лицето на земјата, Јахве е Неговото име. 7<Народе Израелски, зарем не сте вие за Мене како Кушитите[60]?“ - вели ГОСПОД - „Израеле зарем не те избавив од земјата Египетска, како што ги избавив Пилистејците од Кафтор[61] и Арамејците од Кир? 8Ете, очите на Господ Јахве гледаат на ова грешно царство и ќе го уништам од лицето на земјата! Сепак, ете, нема да го уништам домот на Јаков.“ - вели ГОСПОД. 9<Оти еве, Јас наредувам: >Ќе го просеам домот на Јаков меѓу сите народи, како што се сее низ сито, и ниту едно зрно песок нема да дојде до земјата.' 10Од меч ќе загинат сите грешници од Мојот народ, оние кои велат: >Нема да не снајде несреќа, ниту лошо време ќе дојде за нас.'

Обновувањето на Израел.

уреди

11Во тој ден ќе го обновам паднатиот шатор на Давид, ќе ги поправам скршените места, искршените делови ќе ги обновам, ќе го подигнам како во поранешните денови, 12и така тие ќе го поседуваат остатокот на Едом, и сите народи кои го повикуваат Моето име[62].“ - вели ГОСПОД, Оној Кој ќе го направи ова. 13<Ете, денови идат“ - вели ГОСПОД - „кога орачот ќе го престигне жетварот, оној што гмечи грозје - сеачот! И ќе капе од планините младо вино, ќе тече по сите ридови. 14Ќе ги вратам прогонетите од Мојот народ, Израел. Тие ќе ги обноват разурнатите градови. Ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе пијат вино од нив. Ќе обработуваат градини и ќе јадат плодови од нив. 15Јас ќе ги посадам во нивната земја, и никогаш повеќе нема да бидат искоренети од нивната земја, која Јас им ја дадов.“ - вели ГОСПОД, вашиот Бог.


Белешки

уреди
  1. Скратено од Амасија, што значи ГОСПОД чува, се грижи.
  2. Текоа, мало гратче околу десет километри јужно од Витлеем и осумнаесет километри од Ерусалим.
  3. Осија владеел со Јуда од 792 до 740 г. пр. Хр.
  4. Јеровоам Втори владеел со Израел од 793 до 753 г. пр. Хр.
  5. или тагуваат пастирите.
  6. Кармел, најзелениот предел во Израел.
  7. Дамаск, главен град на Арамејската држава, веднаш на север од Израел, 205 километри северно од Ерусалим. Во тоа време биле во постојано непријателство, посебно страдал Гилеад, област на Израел источно од Галилеја.
  8. Вршењето тогаш, како и сега, обично го правеле домашни животни, но понекогаш се вршело и со дрвени стапови, со нив се удирале сноповите, за да се одвои од нив житото. Овде се зборува за железни стапови, или чекани или орудија со кои бил уништуван Гилеад.
  9. Хазаел, цар на Дамаск од 842 до 796 г. пр. Хр., зачетник на нова царска лоза (2 Цар 8:7-15).
  10. Бен Хадад, син на Хазаел (2 Цар 13:24) и втор цар со тоа име (2 Цар 8:14-15), владеел од 796 до 775 г. пр. Хр.
  11. или жителите на долината Авен.
  12. Авен значи зло, веројатно се мисли на долината Бека, но можеби се мисли и на речната долина во која е сместен Дамаск.
  13. Бет Еден значи прекрасен дом.
  14. Газа, еден од петте Пилистејски града, кој го чувал преминот од кај Египет.
  15. или жителите на Ашдод.
  16. Ашдод, Ашкелон и Екрон, три града на Пилистија.
  17. Палестина била сосема уништена од Небушаднезар.
  18. Голем Феникиски трговски град, стапил во „братски“ сојуз со Израел во времето на Давид (1 Цар 5:1) и Соломон (1 Цар 5:12) и покасно во времето на владеењето на Ахаб, чиј дедо управувал со Тир и Сидон (1 Цар 16:30-31).
  19. Тир бил речиси неосвоив остров, горд на својата безбедност.
  20. Теман и Басра, најголемите градови на Едом, првиот веројатно бил близу Петра, а вториот околу шеесет километри на север.
  21. Се однесува на Рабба, современ Аман.
  22. Рабба, главен град на Амон, во новозаветно време се нарекувала Филаделфија, денеска се вика Аман и е главен град на Јорданското царство.
  23. или Молех, на Хебрејски Малкам.
  24. или на неговите градови.
  25. или: „по лагите“
  26. Законот забранува да се задржи преку ноќ наметката земена како залог (2 Мој 22:26-27, 5 Мој 24:12-13).
  27. Се мисли на сите жители на Канаан.
  28. Луѓе посветени на Бог (4 Мој 6:1-21, Суд 13:5).
  29. Влијанието на Израел било проширено до Дамаск и богатите трговци имале таму раскошни куќи.
  30. Не е сосема јасно што овој збор значел во Хебрејскиот јазик.
  31. Богати раскошни куќи, една за лето, друга за зима, раскошни увозни предмети, украси од слонова коска, сето тоа е најдено во ископините на Самарија.
  32. Се однесува на жените на богаташите, иронична споредба со добро угоените животни кои се одгледувале по богатите пасиштата на Башан.
  33. Букв. ги кршите.
  34. Според Асирските релјефи, заробениците биле водени со јаже, закачено на метални куки, протнати низ носевите или долните усни.
  35. Вака е во масоретскиот текст, а со поинаква поделба на зборовите може да се преведе и како: „и ќе бидете фрлени надвор, о планино на угнетувањето.“
  36. Или: секоја трета година, Хебрејскиот збор јом, кој означува ден, понекогаш се однесува на година.
  37. Букв. „чисти заби“.
  38. Јахве, што значи Оној Кој навистина постои, Живиот, Вечниот.
  39. Хебр. авен што значи зло, расипаност.
  40. Северното царство, Израел, во кое најсилно племе било племето Ефраим, наследници на Јосиф.
  41. Бет Ел, верско средиште на северното царство.
  42. Во Хебрејскиот текст седмиот и десеттиот стих се во трето лице еднина, иако по контекст би требало да бидат во второ лице.
  43. Осмиот и деветтиот стих формираат кратка химна, вметната во текстот како контраст на расипаноста на свештениците и судиите, за кои текстот се однесува.
  44. Букв. оти сега времето е зло.
  45. или: приноси за помирување.
  46. или: Го издигнавте Сакут, вашиот цар, и Киун, вашите идоли, вашите ѕвездени богови... според Септуагинтата: Го издигнавте храмот на Молех и ѕвездата на вашиот бог Рефан, нивните идоли...
  47. или: „Се ора ли море со волови?“
  48. или: од влезот во Хамат, што значи од реката Оронт во северен Либан, па сѐ до Мртвото море, а тоа е целото северно царство
  49. букв: оловна лента.
  50. Височинките, местата на пагански обреди.
  51. Исак, таткото на Јаков, се однесува на Израел и единствено на ова место Израел се нарекува Исак.
  52. Не пророк, туку гледач, човек кој за пари претскажува.
  53. вид Египетска смоква.
  54. Празници во кои не се тргувало, и воопшто не се работело.
  55. Букв. да смалиме ефата, да зголемиме шекелот.
  56. или: со Ашимат Самариски, идолот на Самарија.
  57. Хебр. шеол, гроб, пекол, подземен свет.
  58. Значењето на овој изрази во Хебрејскиот јазик не е сосема извесно.
  59. Значењето на овој збор во Хебрејскиот јазик не е сосема извесно.
  60. Кушитите, народ со темна кожа од областа на горен Нил, денешна Етиопија.
  61. Каптор значи Крит.
  62. Хебрејскиот текст; Во Септуагинтата: така што остатокот од народот и сите народи што го носат Моето име ќе можат да го бараат Господ.