Константин Миладинов/ Шупељка

„Шупељка“

од Константин Миладинов


Ушче ко си беф малечек,
От клас си писка напраиф.
Со неја свиреф, подскаквеф,
И по зелени ледини
Си трчах по преперуги.
Достигне други години;
Да свира мило ми беше.
Радосен свирка напраиф
И со моите другари
Играф со срце весело,
Трчаф по поле широко,
Шетаф по гори високи
И низ езера поминаф.
Сега се други времина;
Ја сега нејќу да трча,
Не ми е мило да шета,
Ни сака игри другарски.
Сега шчо ми је најмило,
Дружба да има шупељка,
Да најда место високо,
Под ладна сенка дâбоа:
Пред мене поле широко,
Под ноѕе рече да течит,
Над глаа ветар да шумит;
И ја на дâбот навален
Да свира со шупељката
Как ќе ме учит срцево.

Наводи

  • Песни, Константин Миладинов, Мисла, Македонска книга, Култура, Наша Книга, Скопје, 1986.


  Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 100 години.