Четврта книга Мојсеева/ 35 глава

34 глава Четврта книга Мојсеева
35 глава
од Мојсеј
36 глава


 1 Господ му рече на Мојсеја, во Моавските Полиња кај Јордан, спроти Ерихон:
  2 „Нареди им на Израелевите синови да им отстапат на левитите - од наследството што го имаат - градови каде ќе живеат, и пасишта околу градовите. Дајте им го тоа на левитите.
  3 Градовите нека им бидат за живеење, а околните пасишта нека бидат за нивните говеда, за нивниот имот и за сите нивни животни.
  4 Пасиштата покрај градовите, што им ги отстапувате на левитите, нека зафатат од градските ѕидови надвор до илјада лакти наоколу.
  5 Измерете од градот надвор две илјади лакти на источната страна, две илјади лакти на јужната страна, две илјади лакти на западната страна и две илјади лакти на северната страна, така што градот да биде во средина. Тоа нека им бидат градски пасишта.
  6 Од градовите што ќе им ги дадете на левитите, шест ќе бидат градови-засолништа, што ќе ги отстапите за да може убиец да избега таму. Кон овие придајте уште четириесет и два града.
  7 Така, сите градови, што ќе им ги отстапите на левитите, ќе бидат четириесет и осум со нивните пасишта.
  8 А од градовите што ќе ги одвојувате од сопственоста на Израелевите синови, земете повеќе од оние, кои имаат многу, а помалку од оние, кои имаат малку.”
  9 Натаму Господ му рече на Мојсеја:
10 „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе преминете преку Јордан во Ханаанската Земја,
11 определете си градови што ќе ви служат како градови-засолништа, каде може да избега убиец, кој убил некого од несакање.
12 Тие градови нека ви бидат засолниште од одмаздникот, така што убиецот не треба да загине додека не застане на суд пред заедницата.
13 Од градовите што ќе ги отстапите шест ќе ви бидат за засолниште.
14 Доделете три града отаде Јордан, а три града во Ханаанската Земја. Тие нека бидат градови-засолништа.
15 Тие шест града нека бидат за засолниште како за Израелевите синови така и за странецот и придојденикот, кои престојуваат меѓу нив, каде може да избега секој што убил некого на несакање.’
16 ‘Но ако некој удри некого со железен предмет па го усмрти, тогаш тоа е убиец, убиецот треба да плати со главата.
17 Ако го удри со камен во раката, од кого човек може да загине и навистина загине, тоа е пак убиец, убиецот треба да плати со главата.
18 Или ако го удри со некаков дрвен предмет во раката, од кого може да умре и навистина умре, и тоа е убиец, убиецот треба да плати со главата.
19 Крвниот одмаздник треба сам да го погуби убиецот. Кога ќе го сретне, нека го убие.
20 Натаму, ако некој го турне некого од омраза или намерно фрли нешто врз него па го убие,
21 или ако го удри со раката од злоба па удрениот умре, напаѓачот треба да загине - тој е убиец. Крвниот одмаздник нека го погуби убиецот штом ќе го сретне.’
22 ‘Но, ако го турне случајно, не од непријателство, или ако фрли нешто на него, ама не од заседа,
23 или од невнимание ако собори врз него камен од кого може да загине човек, па го убие, а не му бил непријател ниту му сакал зло -
24 тогаш општеството нека пресуди меѓу убиецот и крвниот одмаздник според овие правила:
25 заедницата е должна да го избави убиецот од рацете на одмаздникот за крв; тогаш општеството нека го врати во градот-засолниште каде што избегал; тој нека остане таму до смртта на велесвештеникот, кој беше помазан со свето масло.
26 Но ако убиецот излезе кога и да е надвор од границите на неговиот град-засолниште,
27 и крвниот одмаздник го најде надвор од границите на неговиот град-засолниште; па крвниот одмаздник го убие убиецот, тоа не му се смета за крвопролевање,
28 зашто убиецот треба да остане во градот-засолниште до смртта на велесвештеникот. А по смртта на велесвештеникот може да се врати на својот имот.’
29 ‘Такви нека ви бидат судските постапки од поколение до поколение, секаде каде што ќе престојувате.
30 За секое убиство на човек казната на смрт над убиецот може да биде извршена по доказ на сведоците. Никој не може да биде казнет со смрт по доказ само на еден сведок.
31 Не смеете да примате откупнина за животот на убиецот, кој заслужил смрт: тој треба да умре.
32 Ниту смеете да примате откупнина од кого и да е, кој - откако избега во својот град-засолниште - сака да се врати и да живее на своја земја пред смртта на велесвештеникот.
33 Не запустувајте ја земјата во која што живеете, зашто земјата се онечистува со крвопролевање. И земјата не може да се очисти од крвта, што е пролеана на неа, освен со крвта на оној, кој ја пролеал.
34 Не смеете да ја онечистувате земјата во која што живеете и среде која престојувам Јас; зашто Јас Господ живеам среде Израелевите синови.’”
 

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди

 

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


 
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse