Четврта книга Мојсеева/ 21 глава
20 глава | Четврта книга Мојсеева 21 глава од Мојсеј |
22 глава |
1 Царот на Арад, Хананец, кој живееше во Негев, чу дека Израел доаѓа по Атаримскиот Пат, па се нафрли врз Израел и зароби неколку од нив.
2 Тогаш Израел вака Му се заветува на Господа: „Ако го предадеш во мои раце овој народ, наполно ќе ги разурнам неговите градови.”
3 Господ го послуша гласот на Израел и му ги предаде Ханаанците. А Израел ги уништи нив и нивните градови со „истребување”. Затоа она место беше наречено Орма (Проклетство).
4 Од гората Ор се запатија кон Црвеното Море за да ја заобиколат Едомската Земја. Патем народот стана нетрпелив.
5 И почна да зборува и против Бога и против Мојсеја: „Зошто нè изведовте од Египет, за да изумреме во оваа пустина? Нема леб, нема вода, а тоа бедно јадење веќе им се згади на нашите души.”
6 Тогаш Господ испрати лути змии против народот; тие ги каснуваа, така што изумре многу народ во Израел.
7 Народот дојде при Мојсеја и рече: „Згрешивме кога зборувавме против Господа и против тебе. Помоли Му се на Господа да ги отстрани змиите од нас!” Мојсеј се помоли за народот,
8 и Господ му рече на Мојсеја: „Направи отровница и стави ја на столб: секој кој ќе биде каснат, ќе остане жив ако ја погледне.”
9 Мојсеј направи змија од бронза и ја стави на столб. Кога лутицата ќе каснеше некого, ќе погледнеше во бронзената змија и оздравуваше.
10 Израелевите синови тргнаа и се настанија во Овот.
11 Потоа отпатуваа од Овот и ги оптегнаа шаторите крај Ије-Аварим, во пустината што е спроти Моав, од страна на изгрејсонцето.
12 Оттаму отпатуваа и заседнаа во долината Заред.
13 Оттаму тргнаа и се настанија од онаа страна на Арнон, што е во пустината, а извира во подрачјето на Аморејците. Затоа Арнон е моавска граница, меѓу Моавците и Аморејците.
14 Затоа се вели во „Книгата на Господовите војни:”
15 „Вајеф во Суфа и арнонските потоци и падината на долината што се наведнува кон местото Ар и се допира до моавската граница. . .”
16 Оттука отидоа во Вир (Кладенец). Тоа е кладенецот за кого Господ му рече на Мојсеја: „Собери го народот за да им дадам вода!”
17 Тогаш Израел ја запеа оваа песна: „Бликај, о кладенче! А вие - пејте му;
18 кладенецот, владетелите го ископаа, народните благородници со своите палки, го открија, со заповед на Законодавацот.” Од пустината отидоа во Матан,
19 од Матан во Налиел, а од Налиел во Вамот;
20 од Вамот во долината што се спушта во Моавското Поле, при врвот Фазге, од каде се тегне глетка кон пустината.
21 Сега Израел испрати пратеници при Сион, аморејски цар, со порака:
22 „Пушти нè да поминеме преку твојата земја. Нема да навраќаме во нивите и во лозјата, ниту ќе пиеме вода од кладенците. Ќе одиме по Царскиот Пат додека не поминеме низ твоето подрачје.”
23 Но Сион не му дозволи на Израел да помине низ неговото подрачје, туку го собра сиот свој народ па излезе во пустината, за да го пресретне Израел. Откако стигна до Јаса, завојува против Израел.
24 Но Израел го порази со остар меч и ја освои неговата земја од Арнон до Јавок, до Амонците, зашто Аз (Јазир) лежеше на границата на Амонците.
25 Израел ги зеде сите оние градови, и Израел се насели во сите оние градови на Аморејците; во Есевон и во сите негови населби.
26 Бидејќи Есевон беше главен град на Сион, аморејскиот цар, кој војуваше против поранешниот моавски цар, па ја освои сета негова земја до Арнон,
27 затоа зборувачите во пословици велат: „Одете во Есевон! Нека се изгради и нека се утврди Сионовиот град!
28 Зашто од Есевон пламна оган, пламен од градот Сионов, го опожари Моавскиот Ар, и првенците на високите арнонски места.
29 Тешко ти тебе, Моаве! Пропадна! Хамосов народе! Направи бегалци од твоите синови, а робинки од твоите ќерки на аморејскиот цар Сион.
30 Ги поразивме со стрели; пропадна Есевон сè до Девон: разурнувавме до Нофа, што е близу до Медева.”
31 Така Израелците се населија во земјата на Аморејците.
32 Мојсеј се запати да го извиди Јазир. Потоа ги зазедоа неговите населби, а ги истераа Аморејците, кои беа таму.
33 Тогаш се завртија и тргнаа кон Васан. А васанскиот цар Ог ги пресретна со сиот свој народ за да војува кај Едраин.
34 Но Господ му рече на Мојсеја: „Не бој се од него! Ги предадов во твоите раце: него, сиот негов народ и неговата земја. Постапи со него како што постапи со аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон.”
35 И го поразија него, и неговите синови, и сиот негов народ. Потоа ја освоија неговата земја.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse