Четврта книга Мојсеева/ 18 глава
17 глава | Четврта книга Мојсеева 18 глава од Мојсеј |
19 глава |
1 Тогаш Господ му рече на Арона: „Ти, твоите синови и твојот прадедовски дом, со тебе, ќе бидете одговорни за гревовите во Светилиштето; ти и твоите синови, со тебе, ќе бидете одговорни за гревовите на вашето свештенство.
2 Придружи ги кон себе и твоите браќа од Левиевото племе - од твојот прадедовски дом - нека ти се приклучат за да ви прислужуваат, тебе и на твоите синови со тебе, пред Шаторот на сведоштвото.
3 Нека исполнуваат служба за тебе и за сиот Шатор, но нека не се доближуваат до работите на Светилиштето ниту до Жртвеникот, за да не загинете и тие и вие.
4 И така, нека ти бидат придружени тебе и нека се грижат за Шаторот на средбата, за секоја служба околу Шаторот. И ниеден странец нека не ви се доближува вам,
5 а вие исполнувајте ја службата во Светилиштето и службата при жртвеникот, за да не се излева веќе гнев врз Израелевите синови.
6 Еве, ги зедов вашите браќа левити, од Израелевите синови, и ви ги дадов вам, во дар на Господа, за исполнување на службата при Шаторот на средбата.
7 Ти и твоите синови, со тебе, преземете ги свештеничките работи за сè што им припаѓа на жртвеникот и зад завесата. Исполнувајте ја вие службата што ви ја давам во дар на вашето свештенство. А странецот, кој ќе се доближи, нека биде погубен.”
8 Уште му рече Господ на Арона: „Еве, тебе ти ја доверувам грижата затоа што ќе Ми биде принесувано Мене. Сè што Израелевите синови посветуваат ви го давам тебе и на твоите синови, заради вашето помазание, со вечен устав.
9 Ова нека ти припадне тебе од светините над светините: од палениците: сите нивни лебни приноси; сите нивни жртви за грев и сите нивни приноси за престап, што тие ќе Ми ги принесуваат Мене. Таа голема светина е за тебе и за твоите синови!
10 Јадете ги во најсветото место! Секое машко може да ги јаде. Нека ти бидат свети!
11 И ова нека биде за тебе: она што се зема од Израелевите приноси како движен принос, со траен закон, ви го предавам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе. Секој, кој е чист во твојот дом, може да јаде од тоа.
12 Ти ги предавам тебе: првите плодови што Му се принесуваат на Господа, најдоброто од новото масло и најдоброто од новото вино.
13 Твои нека бидат првите родови од сè во нивната земја, што ќе ги донесуваат на Господа. Секој, кој е чист во твојот дом, може да ги јаде.
14 Сè, што ќе биде заветувано во Израел нека биде твое.
15 Секое првородено на сите суштества - како на луѓето така и на животните - што Му се принесува на Господа, нека биде твое. Само остави да бидат откупени: првенецот од луѓето и првото родено од нечистиот добиток.
16 Остави да ги откупуваат кога ќе бидат на возраст од еден месец. А одреди ја нивната откупна цена: пет сребрени шекели, според светилишниот шекел, а тоа се дваесет гери.
17 Но нека не бидат откупувани: кравјото првородено, овчјото првородено и козјото првородено. Тие се светина. Нивната крв излеј ја врз жртвеникот, а нивната лој изгори ја како паленица за благоугоден мирис на Господа.
18 Нивното месо ти припаѓа тебе; како и градите на движниот принос и десната плешка.
19 Сите воздигнати приноси, што Израелците ги воздигаат пред Господа, ви ги давам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе, со вечен закон. Тоа е посолен завет, вечен пред Господа, за тебе и за твоето потомство со тебе.
20 Немај наследство во нивната земја - му рече Господ на Арона - ниту придобивај сопственост среде нив! Јас Сум твој дел и твое наследство среде Израелевите синови.”
21 „Еве, на Левиевите синови им ги давам во наследство сите десетоци во Израел за нивната служба - за службата што ја вршат во Шаторот на средбата.
22 А Израелевите синови веќе нека не се доближуваат до Шаторот на средбата, за да не навлечат грев врз себе и да не загинат.
23 Само левитите нека ја извршуваат службата во Шаторот на средбата; и тие нека бидат одговорни за својата вина. Тоа е вечен закон за вашите поколенија; нека немаат имот среде Израелевите синови.
24 Бидејќи десетокот на Израелевите синови, што Му го подаруваат на Господа како воздигнат принос, им го давам во дел на левитите; затоа и им реков: ‘Тие нека не добиваат дел меѓу Израелевите синови.’”
25 Господ му рече на Мојсеја:
26 „Зборувај им на левитите и речи им: ‘Кога ќе примите десеток од Израелците, што Јас од нив ви го давам во наследство, тогаш: принесете Му вие од тоа на Господа воздигнат принос: десеток од десетокот.
27 Приносот ќе ви биде засметан како жито од гумно и како вино од бочва.
28 Исто така принесете Му воздигнат принос на Господа и од сите свои десетоци што ги примате од Израелевите синови. Од тоа дајте му го Господовиот воздигнат принос на свештеникот Арон.
29 Принесувајте Му воздигнат принос на Господа од сите дарови што ќе ги примате; од сè она што е најдобро - оној дел што треба да биде осветен.’
30 Уште речи им: ‘Откако ќе го принесете она од најдобриот дел, тоа нека им се засмета на левитите како приход од гумно и приход од бочва.
31 Можете да го јадете на секое место, вие и вашите домашни, зашто тоа ви е награда за вашата служба во Шаторот на средбата.
32 Откако ќе го принесете неговиот најдобар дел, нема да навлечете грев врз себе; не ќе ја онечистите светината од Израелевите синови, па нема да загинете.’”
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse