Четврта книга Мојсеева/ 16 глава
15 глава | Четврта книга Мојсеева 16 глава од Мојсеј |
17 глава |
1 Кореј, син Исаров, син Каатов, син Левиев, па Датон и Авирон, синови Елијавови, и Авнан син Фалетов - Рувимови потомци -
2 се дигнаа против Мојсеја заедно со двеста и педесет Израелеви синови, главатари на заедницата, угледни во собранието и познати луѓе.
3 Тие се собраа околу Мојсеја и Арона, велејќи им: „Вие ја преминувате мерата! Сета заедница, сите нејзини членови, се свети, Господ е и среде нас. Зошто тогаш се возвишувате над Господовото општество!”
4 Кога Мојсеј го чу тоа, падна на своето лице.
5 Потоа им рече на Кореј и на целата негова дружина: „Утре Господ ќе покаже кој е Негов, и кој е свет, и кому му дозволува да Му се приближи. Кого ќе избере, и кого ќе го пушти при Себе.
6 Направете вака: земете кадилници, Кореј и сите негови содружници;
7 утре ставете во нив оган и посипете одозгора темјан пред Господа. Кого Господ ќе го избере, тој нека биде свет. Вие ја преминувате мерата, синови Левиеви.”
8 Потоа Мојсеј му рече на Кореј: „Почујте, Левиеви синови!
9 Зар ви е малку што Израелевиот Бог ве издвои од Израелевото општество, за да ве приближи кон Себе за да ја вршите службата во Господовиот Шатор, и да стоите пред заедницата служејќи и?
10 Те доближи тебе и со тебе сите твои браќа, Левиеви синови; а вие уште барате и свештенство!
11 Ти и сета твоја дружина, така, се собравте против Господа; зашто кој е Арон за да викате против него?”
12 Потоа Мојсеј испрати по Датан и Авирон, синовите Елијавови, но тие одговорија: „Не доаѓаме!
13 Зар е малку што нè изведе од земјата во која течат мед и млеко за да нè погубиш во пустинава; па сакаш насилно да загосподариш над нас?
14 Не нè воведе во земја во која течат мед и млеко и не ни даде во наследство ниви и лозови насади! Сакаш ли да им ги ослепиш очите на луѓево! Не доаѓаме!”
15 Мојсеј се налути многу и Му рече на Господа: „Не обѕрнувај се на нивните приноси! Не присвоив ниту едно нивно осле, ниту оштетив некого од нив.”
16 Потоа Мојсеј му рече на Кореј: „Ти и сета твоја дружина истапете утре пред Господа; ти и тие, и Арон.
17 Секој нека ја земе својата кадилница, нека стави темјан во неа и секој нека ја донесе својата кадилница пред Господа - двеста и педесет кадилници. А и ти и Арон донесете ја секој својата кадилница.”
18 Секој ја зеде својата кадилница, стави оган во неа, потоа одозгора посипа темјан и застана, со Мојсеја и Арона, кај влезот во Шаторот на средбата.
19 Кога - спроти нив - Кореј го собра целото општество при влезот во Шаторот на средбата, тогаш Господовата слава и се покажа на сета заедница.
20 И Господ им рече на Мојсеја и Арона:
21 „Одделете се од заедницава за да ја сотрам веднаш!”
22 Тие паднаа ничкум и извикаа: „Боже! Господару на духовите на секое тело! Зар ќе се разгневиш на сета заедница, кога згрешил само еден!”
23 Тогаш Господ му рече на Мојсеја:
24 „Речи му на општеството: ‘Отстранете се од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон!’”
25 Мојсеј стана и тргна кон Датан и Авирон. По него тргнаа Израелевите старешини.
26 И вака му проговори на општеството: „Отстапете од шаторите на тие нечесни луѓе! Не допирајте се до ништо што е нивно, за да не бидете уништени заради нивните гревови.”
27 Така тие се оддалечија од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон. Тогаш Датан и Авирон излегоа и застанаа при влезот на своите шатори со своите жени, со своите синови и со своите мали деца.
28 „По ова ќе видите - рече Мојсеј - дека Господ ме испрати да ги исполнувам сите овие дела, и дека не ги правам сам од себе:
29 ако овие луѓе умрат како што умираат сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил; ако ги стигне таква казна, каква што ги стигнува сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил.
30 Но ако Господ направи нечуено: ако земјата ја отвори својата утроба и ги проголта со сè што е нивно, па ако слезат живи во подземјето, тогаш знајте дека овие луѓе Го презреа Господа.”
31 А кога тој ги заврши сите тие зборови, почвата под нив распука;
32 земјата ја отвори својата утроба и ги проголта со нивните домови, со сите Корееви луѓе и со сиот нивен имот.
33 Живи слегоа во подземјето, тие и сè нивно. Потоа земјата се затвори над нив, и тие исчезнаа од собранието.
34 На нивниот писок сите Израелеви синови, кои стоеја околу нив, избегаа, говорејќи: „Да не нè проголта и нас земјата!”
35 Но оган избувна од Господа и ги голтна двеста и педесетте луѓе кои принесуваа темјан.
36 Господ му рече на Мојсеја:
37 „Кажи му на Елеазар, синот на свештеникот Арон да ги отстрани кадилниците од пожариштето, зашто се осветени, а неосветениот оган од нив нека го распрсне подалеку.
38 Кадилниците на оние кои згрешија и кои со гревот го закопаа животот нека се прековат во плочки за обложување на жртвеникот. Имено, беа донесени пред Господа, па се осветени. Нека им бидат опомена на сите Израелеви синови!”
39 Така свештеникот Елеазар ги зеде бронзените кадилници што ги принесоа оние кои изгореа; ги прековаа во плочки за обложување на жртвеникот.
40 Тие се опомена за Израелевите синови дека никој неповикан - никој кој не е од Ароновото поколение - не смее да се приближи да пали темјан пред Господа, за да не му се случи како на Кореј и на неговата дружина, според она што Господ му кажа преку Мојсеја.
41 Утреден целото општество на Израелевите синови возропта против Мојсеја и Арона: „Го истепавте Господовиот народ!” зборуваа.
42 Додека заедницата се собираше против Мојсеја и Арона, тие се свртија кон Шаторот на средбата, и ете, облак го покри и Господовата слава се јави.
43 Тогаш Мојсеј и Арон отидоа пред Шаторот на средбата.
44 И Господ му рече на Мојсеја:
45 „Оддалечете се од заедницата; ќе ги погубам во еден миг!” Но тие паднаа на своите лица.
46 Потоа Мојсеј му рече на Арона: „Земи кадилница, стави оган од жртвеникот во неа, сложи темјан и побрзај до заедницата, па застапи се за неа, зашто Господовиот гнев избувна, и злото почна!”
47 Арон зеде што му рече Мојсеј и отрча среде собранието, а кога таму: поморот почнал веќе меѓу народот.
48 Потоа застана меѓу мртвите и живите, и злото запре.
49 Од тоа зло беа четиринаесет илјади и седум стотини мртви, освен оние кои загинаа заради Кореј.
50 Арон се врати кај Мојсеја, кон влезот на Шаторот на средбата: и поморот запре.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse