Четврта книга Мојсеева/ 10 глава

9 глава Четврта книга Мојсеева
10 глава
од Мојсеј
11 глава


1 Господ му рече на Мојсеја:
  2 „Направи си две труби; направи ги од ковано сребро. Нека ти служат за свикување на заедницата и за раздвижување на логорот.
  3 Кога ќе се затруби со нив, сета заедница нека се собере кон тебе при влезот во Шаторот на средбата.
  4 Ако се затруби во една, нека се соберат кон тебе Израелевите главатари, илјадниците.
  5 Кога ќе го придружувате свирењето со бојни извици, нека тргнат логорите поставени на источната страна.
  6 Кога ќе го придружувате свирењето со бојни извици по вторпат, нека тргнат логорите поставени на јужната страна: свирењето со труби нека биде придружено со бојни извици за да тргнат тие.
  7 Трубете за да го соберете општеството, но без бојни извици.
  8 Свештениците, синовите Аронови, нека трубат во трубите. Тоа нека ви биде вечен закон за вашите поколенија.
  9 Кога во вашата земја ќе тргнете во војна против непријателот, што ќе ве притисне, затрубите во трубите со боен извик, и Господ, вашиот Бог, ќе се сети за вас, и ќе бидете избавени од вашите непријатели.
10 Трубите во труби во денот на вашите свечености, на вашите празници или на вашите млади месечини, додека ги принесувате вашите паленици и помирителни жртви. Тоа нека биде спомнување за вас пред вашиот Бог. Јас Сум Господ, ваш Бог.”
11 Во втората година, во вториот месец, во дваесеттиот ден на месецот, облакот се дигна над Шаторот на сведоштвото.
12 Тогаш Израелевите синови се запатија од Синајската Пустина на своите патувања. Облакот застана во пустината Фаран.
13 Така тргнаа за првпат според Господовата заповед дадена на Мојсеја.
14 Знамето на логорот на Јудините синови, по нивните чети, тргна прво. Насон, синот Аминадавов, беше над нивната војска;
15 Натанаил, синот Суаров, беше над војската на племето на Исахаровците;
16 а Елијав, синот Хелонов, беше над војската на племето на Завулоновите синови.
17 Потоа, откако беше разглобен Шаторот, Гирсоновците и Мерариевците тргнаа, носејќи го Шаторот.
18 Потоа тргна знамето на Рувимовиот логор, по нивните чети. Елисур, синот Седиуров, беше над нивната војска;
19 Селумил, синот Сурисадаев беше над војската на племето на Симеоновците;
20 Елисаф, синот Рагуилов беше над војската на племето на Гадовите синови.
21 Потоа тргнаа Каатовите синови носејќи го Светилиштето. Шаторот беше поставуван пред нивното доаѓање.
22 Тогаш тргна знамето на логорот на Ефремовите синови, по нивните чети. Елисам, синот Емиудов, беше над нивната војска;
23 Гамалил, синот Фадасуров, беше над војската на племето на Манасиевците;
24 Авидан, синот Гедеониев, беше над војската на племето на Венијаминовите синови.
25 Последно, како задна стража на сите логори, тргна знамето на логорот на Дановите синови, по нивните чети. Ахиезер, синот Амисадаев, беше над нивната војска;
26 Фагеил, синот Ехранов, беше над војската на племето на Асировите синови;
27 а Ахиреј, синот Енанов, беше над војската на племето на Нефталимовите синови.
28 Таков беше редот на патувањето на Израелците, подредени во нивните чети. Така патуваа.
29 Мојсеј му рече на Јовав, син на Мадијамецот Рагуил, Мојсеевиот дедо: „Се запативме во крај за кој Господ рече: ‘Ќе ви го дадам!’ Тргни со нас, и ќе ти направиме добро, зашто Господ му вети среќа на Израел.”
30 „Не идам - му одговори - туку се враќам во својата земја, се враќам при своите.”
31 „Те молам, не нè оставај! - му рече. Бидејќи знаеш каде треба да се настаниме во пустината, ќе ни бидеш како очи.
32 Ако тргнеш со нас ќе ги делиме, со тебе, добрините што Господ ќе ни ги додели.”
33 Од Господовата Гора патуваа три дни одење. Ковчегот на Господовиот Завет одеше пред нив во текот на трите дни на одењето за да им побара место за починка.
34 Дење пак Господовиот облак беше над нив кога тргнуваа од логорот.
35 Кога тргнуваше Ковчегот, Мојсеј велеше: „Стани, Господи, и ќе се распрснат Твоите непријатели! Ќе избегаат пред Тебе, кои Те мразат!”
36 А кога застануваше, велеше: „Врати се, о, Господи, кон Израелевите илјади и десетиците илјади!”

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди

 

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


 
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse