Франце Прешерен/ Силата на споменот

„Силата на споменот“

од Франце Прешерен
Sila spomina



Маж ти, со мрежи поставени вешто,
срцето твое го фати на крај.
Сепак, за мене те врзува нешто;
што е - и самите знаеме одвај.

Начас во грешка ќе падне ти речта,
далеку штом ќе ме здогледаш в град;
в миг сум ти недостиг, стара сум мечта,
сегде ме бараш, а в очи ти јад.

Често пак в мисли ти морна ќе паднеш,
скраја од вревата, сама, без глас;
спомен се буди за поет без надеж,
жеднуваш: врати се, изминат час!

Напати, кога ќе запее песна
сопругот преполн со радост и моќ,
моите песни во тебе ќе блеснат,
полни со тага и полни со ноќ.

Преполна строгост ти в мојот си спомен,
строг е за мене и денес твој суд.
Сепак, по лошо штом некој ме спомне,
веднап ќе сети во очи ти студ.

Меѓу нас бедем е изграден вишен,
повисок тој е од највисок рид;
напразно: огнот на желбите скришен
може да вивне и преку тој ѕид.

В спомен нè имај, со жалост во душа,
збореа други, но не реков јас;
нив не ги помниш, а мене пак, слушаш,
в ум ќе ме носиш до последен час.