Уставен закон за спроведување на уставот на Социјалистичка Република Македонија (1974)


Социјалистичка Република Македонија

Назив Уставен закон за спроведување на уставот на Социјалистичка Република Македонија
Година 1974
Службен весник Службен весник на СРМ 7/74
Изгласан 25 февруари 1974
Објавен 25 февруари 1974
Законодавен орган Собрание на Социјалистичка Република Македонија
Правен статус   НеН вон сила
Законски измени Уставен закон за изменување и дополнување на уставниот закон за спроведување на уставот на СР Македонија (1975)
Сродни регулативи Устав на Социјалистичка Република Македонија (1974)
Викиизвор Викиизвор и авторите на статиите не преземаат одговорност за евентуалните грешки во текстовите.


Уставен закон за спроведување на уставот на Социјалистичка Република Македонија

Уставен закон за спроведување на уставот на Социјалистичка Република Македонија

уреди

I. Примена на Уставот на Социјалистичка Република Македонија

уреди

Член 1

        Уставот на Социјалистичка Република се применува од денот кога ќе го прогласи Републичкиот собор на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, ако во поглед на примената на одделни негови одредби со овој закон не е поинаку определено.

Член 2

        Одредбите на Уставот на Социјалистичка Република Македонија што се однесуваат на составот, организацијата и правата и должностите на Собранието на Социјалистичка Република Македонија се применуваат од денот на првиот состанок на новоизбраното Собрание.         Одредбите на Уставот на Социјалистичка Република Македонија што се однесуваат на изборот и разрешувањето на членовите на другите органи на Републиката, како и одредбите што се однесуваат на именувањето и разрешувањето на фунционерите што раководат со републичките органи на управата и републичките организации, се применуваат од денот на првиот состанок на новоизбраното Собрание.         Одредбите на Законот за Извршниот совет, за овластувањата на Извршниот совет и за неговите односи со Собранието на Социјалистичка Република Македонија се применуваат во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Член 3

        Одредбите на Уставот на Социјалистичка Република Македонија што се однесуваат на неотуѓивите права на работниците и на самоуправувањето во организациите на здружениот труд, се применуваат со денот на прогласувањето на Уставот на Социјалистичка Република Македонија. Со тој ден престануваат да важат одредбите на законите што се во спротивност со наведените одредби на Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Член 4

        Законите и другите републички прописи, ако според овој закон не престануваат да важат, остануваат во сила, а нивните одредби што не се во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, мораат да се усогласаат со него во рокот определен со овој закон.

II. Органи на Републиката

уреди

Член 5

        Првиот состанок на новоизбраното Собрание на Социјалистичка Република Македонија ќе се одржи до 6 мај 1974 година.         Новоизбраното Собрание го свикува претседателот на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 6

        Изборот на претседател и на членови на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија ќе се изврши до 10 мај 1974 година.         До изборот на претседател на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија, Социјалистичка Република Македонија ја претставува, во името на Собранието, претседателот на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и тој ги прогласува законите со указ.

Член 7

        Изборот на претседател и на членови на Извршниот совет ќе се изврши до 10 мај 1974 година.         До изборот на Извршниот совет, Извршниот совет во сегашниот состав ја продолжува работата во рамките на правата и должностите што ги има според постојните прописи.

Член 8

        До денот определен со Законот за редовните судови, Врхомниот суд на Македонија и другите постојни судови во Социјалистичка Република Македонија продолжуваат со работа во рамките на своите надлежности утврдени со постојните прописи.

Член 9

        До денот определен со Законот за јавното обвинителство, сегашниот републички јавен обвинител ќе ги врши функциите на јавнот обвинител на Македонија во рамките на правата и должностите што ги има според постојните прописи.

Член 10

        Републичките органи на управата и републичките организации продолжуваат со работа во рамките на своите надлежности утврдени со постојните прописи.

III. Усогласување на републичките прописи со Уставот на Социјалистичка Република Македонија

уреди

Член 11

        Собранието на Социјалистичка Република Македонија ќе ги донесе, најдоцна во рок од 30 дена од денот на прогласувањето на овој закон, следниве закони:         1. Закон за составот, изборот и отповикувањето на членовите на делегациите на самоуправните организации и заедници;         2. Закон за избор на делегати на собранијата на општините;         3. Закон за избор на делегати на Собранието на Социјалистичка Република Македонија;         4. Закон за избор на делегацијата на Социјалистичка Република Македонија во Соборот на републиките и покраините на Собранието на СФРЈ;         5. Закон за избор на членови на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија;         6. Закон за избор на член на Претседателството на СФРЈ од Социјалистичка Република Македонија.

Член 12

        До 30 април 1974 година Собранието на Социјалистичка Република Македонија ќе донесе Закон за стварната надлежност на редовните судови.

Член 13

        Со денот на влегувањето во сила на овој закон, престануваат да важат следните закони:         1. Законот за избор на пратеници на Собранието на Социјалистичка Република Македонија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ број 4/1969);         2. Законот избор на одборници на општинските собранија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ број 4/1969);         3. Законот за изборните единици за избор на пратеници на Собранието на Социјалистичка Република Македонија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ број 5/1969).

Член 14

        До 31 декември 1975 година мораат да се усогласат со Уставот на Социјалистичка Република Македонија законите што не се во согласност со него.         Постапката за оценување на уставноста на одредбите на законите од став 1 на овој член може да се покрене и пред истекот на рокот од тој став.

Член 15

{        Републичките прописи за извршување на законите, што според одредбите на овој закон престануваат да важат, престануваат да важат едновремено со престанокот на тој закон.         Републичките прописи за извршување на законите што според одредбите на овој закон мораат да се усогласат со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, мораат да се стават вон сила едновремено со усогласувањето на тие закони односно да се усогласат најдоца во рок од три месеци од денот на усогласувањето на тие закони.

IV. Уредување на односите во областите регулирани со сојузни закони што престануваат да важат

уреди

Член 16

        До донесувањето на соодветни републички закони, ќе се применуваат, како републички закони следниве сојузни закони, освен нивните одредби што остануваат во сила како одредби на сојузните закони, и тоа:         1. Основниот закон за утврдување на вредноста на станбените згради, станевите и деловните простории („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 34/1965);         2. Основниот закон за стопанското работење (стопанисување) со станбените згради во општествена сопственост („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 35/1965 и 50/1968);         3. Основниот закон за занаетчиските и другите определени видови на задруги („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 16/1965);         4. Основниот закон за новинарските претпријатија и установи („Службен лист на Федеративна Народна Република Југославија“ број 29/1956 и „Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 15/1965);         5. Основниот закон за заштита на воздухот од загадување („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 30/1965);         6. Основниот закон за радиодифузните установи („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 15/1965);         7. Основниот закон за искористување на селско-стопанското земјиште („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 25/1965 и 12/1967);         8. Основниот закон за станбените задруги („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 1/1968 и 50/1968);         9. Основниот закон за здобивање со право на сопственост на земјоделски орудија и за користење на земјоделски орудија од страна на граѓани („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 7/1967);         10. Основниот закон за придонесот на средствата за заедничка потрошувачка („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 54/1967, 24/1968 и 50/1968);         11. Основниот закон за установите („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 5/1965, 50/1968 и 55/1969);         12. Законот за стручните називи и академските степени („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 13/1963);         13. Законот за селскостопанскиот земјишен фонд од општествена сопственост и за доделување на земја на селскостопанските организации („Службен лист на Федеративна Народна Република Југославија“ број 22/1953 и „Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 10/1965);         14. Законот за задолжително опфаќање на ризикот од земјотрес во одделни видови на осигурување („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 7/1967 и 20/1969);         15. Законот за деловните згради и простории („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 43/1965 и 57/1965);         16. Законот за амортизација на основните средства на раборните организации („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 29/1966, 30/1968, 50/1968, 17/1969, 20/1969 и 42/1969);         17. Законот за стапките за аморизација на основните средства на работните организации („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 52/1966, 40/1968, 50/1968, 8/1969 и 42/1969);         18. Законот за укнижување на недвижностите во општествена сопственост („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 12/1965);         19. Основниот закон за правната положба на верските заедници („Службен лист на Федеративна Народна Република Југославија“ број 22/1953 и „Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 10/1965);         20. Основниот закон за насочување и издвојување на средствата за станбена изградба („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 60/1970);         21. Основниот закон за организација и финансирањето на запослувањето („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 15/1965, 51/1965, 47/1966, 55/1969 и 9/1970);         22. Основниот закон за шумите („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 26/1965);         23. Основниот закон за организацијата на превозот со моторни возила во друмскиот сообраќај („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 25/1967 и 30/1968);         24. Основнот закон за јавните патишта („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 27/1965, 7/1967 и 10/1970);         25. Законот за печатот и за другите видови информации („Службен лист на Федеративна Народна Република Југославија“ број 45/1960 и „Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 15/1965);         26. Основниот закон за електростопанство („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 17/1965, 9/1968 и 50/1968);         27. Законот за организација на Југословенските железници („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 5/1966, 50/1968 и 10/1970);         28. Законот за избирачките списоци („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 5/1965 и 8/1969);         29. Законот за сопственоста на делови од згради („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 43/1965 и 57/1965);         30. Законот за промет со земјиште и згради („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 43/1965, 57/1965 и 17/1967);         31. Основниот закон за избор на работнички совети и други органи на управување во работните организации („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 15/1965, 32/1967 и 54/1967), освен одредбите на членовите 1-71, членовите 75-96 и членовите 98-123;         32. Основниот закон за работните односи („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ број 12/1970), освен одредбите на членовите 1-21, член 23, член 24, став 1, 4, 5, 7, 8, 9 и 11, членовите 25-31, член 32 став 1, 2, 3 и 5 член 33-37, член 38, став 1, 5, 6, член 40, член 42 и 43, член 46-54, член 55, став 1 и 2, член 56, член 57, став 1, член 58, член 60, 61 и 62, член 64, став 1, 2 и 3, член 66, став 1, член 69, член 75 и 76, член 77, став 1 и 2, членовите 78-87, член 89, став 1, член 90, член 91, став 2, член 93, став 3, член 94-99, член 100 став 1, 3 и 4, член 101-109, член 110 став 1, член 113-117, член 121, 122 и 123, член 126-129, член 131-144, член 146-149 и член 151-163.

Член 17

        До донесувањето на соодветни републички прописи, прописите донесени од сојузните органи за извршување на законите од член 16 на овој закон, ќе се применуваат како републички прописи за извршување на тие закони.

Член 18

        Овластувањата на сојузните органи за извршување и применување на сојузните закони од член 16 на овој закон ќе се применуваат како овластувања на соодветните републички органи.

V. Други одредби

уреди

Член 19

        На пратениците на Собранието на Социјалистичка Република Македонија им престанува мандатот со денот на првиот состанок на новоизбраното Собрание на Социјалистичка Република Македонија.

Член 20

        До донесувањето на Закон за помилување, Претседателството на Социјалистичка Република Македонија ќе дава помилување според Законот за помилување („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ број 22/1964).

Член 21

        Изборните дејствија за првите избори за собранијата на општините и за Собранието на Социјалистичка Република Македонија што се спроведуваат во основните организации на здружениот труд, можат да се спроведуваат и во основните организации на здружениот труд во кои се донесени одлуки за нивното организирање, ако е извршена презентација на тие одлуки во судскиот регистер.

Член 22

        До почнувањето на работата на судовите на здружениот труд, споровите за организирање и издвојување на основните организации на здружениот труд, за спојување, припојување и поделба на организациите на здружениот труд и за склучување и спроведување на самоуправните спогодби за здружување, ќе решава Уставниот суд на Македонија односно стопанските судови во рамките на своите надлежности утврдени со постојните прописи.

Член 23

        Во општините во кои не постојат услови за образување на самоуправни интересни заедници во областа на културата, социјалната заштита и физичката култура, за прашањата од тие области од надлежноста на собранието но општината одлучуваат надлежните собори на собранието на општината, а финансирањето на тие дејности може да се врши преку фондови или преку буџетот на општината непосредно.

Член 24

        Републичките фондови можат да продолжи да фунционираат според постојните прописи до 31 декември 1974 година, ако во областите за кои се основани не се образоваат самостоини интересни заедници.         Собранијата на општините можат да одлучат општинските фондови да продолжат да функционираат според постојните прописи до 31 декември 1974 година, ако во областите во кои се основани не се образуваат самоуправни интересни заедници.

Член 25

        Овој закон влегува во сила кога едновремено со прогласувањето на Уставот на Социјалистичка Република Македонија, ќе го прогласи Републичкиот собор на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.