Слобода или смрт (1898)/ Кој сум јас?

Кој сум јас?

од Атанас Раздолов

Со плач го почнав животот ропски,
Завиткан в партал, во сопче ледно.
Уште до денес живеам скотски,
Син сум на мајка - семејство бедно.

В чистота плови срцево клето;
В разврат и порок не сум се свалкал;
Совеста чиста ја пазам свето.
Среќен сум дека смерно сум талкал.

Роден сум беден - живеам в беда,
Мост не сум ничиј, но мост ќе кренам!
Да бидам честит и правдив гледам,
Доблест со подлост нема да менам.

Но секој в очи сокрива раски:
Тој што е чесен - вечно ќе страда!
Тој што е подлец - живее царски.
Слуга да не сум сè ќе дадам!

Од љубов жива копнеам сега,
Кон земја родна, клетница мила;
Срце ми штрека, в болки се стега,
Да трпи нејќе - изгуби сила.

Тупоти кутро, бранува сили,
Врие од жед за одмазда строга.
Лудува крвта, трча низ жили,
Зоврива болката многунога.

Горката солза, плачот на робот
Душата в немир ми ја впрега...
Јадот ме гони силно кон гробот,
Претешка мака срце ми стега.

Нажален не сум дека ќе паднам
Во борба бурна, тивко, без следа,
Дека ќе згнијам во земја ладна,
И дека живеев во тешка беда.

Жално ќе биде в гроб да се легне
Како кукавица, како парталешка -
И бол татковински да те жегне
Од Македонија - ко клетва тешка!