Сефанија (вики-превод)

Хавакук Сефанија
Библија (вики-превод)
од н.п.
Хагај
Вики-превод.


Глава 1

уреди


Предупредување за уништувањето што следи

уреди

1Збор од ГОСПОД упатен до Сефанија[1], син на Куши, син на Гедалија, син на Амарија, син на Хезекија, во деновите на Јосија, син на Амон, цар Јудејски. 2<Ќе збришам, ќе збришам сѐ од лицето на земјата!“, вели ГОСПОД. 3<Ќе ги збришам луѓето и животните; ќе ги збришам птиците од небото и рибите од морето, купишта[2] шут ќе им останат на злите кога ќе ги истребам луѓето од лицето на земјата“, вели ГОСПОД.

Против Јуда

уреди

4<Ќе ја испружам раката Моја против Јуда и против сите што живеат во Ерусалим и ќе ги искоренам од ова место[3] остатоците од Баал, имињата на паганските и идолсите свештеници. 5На оние што клечат по покривите[4] пред небесното[5] воинство, што клечат и се колнат во ГОСПОД, но се колнат и во Малкам[6]. 6Оние што му вртат грб на ГОСПОД и кои ниту Го бараат, ниту се распрашуваат за ГОСПОД. 7Молчете пред ГОСПОД Седржителот, оти близу е денот ГОСПОДОВ! ГОСПОД проготви жртва, ги освети оние што ги покани. 8На денот на жртвата ГОСПОДОВА, ќе ги казнам кнезовите, царските синови и сите оние кои носат туѓински облеки. 9Во тој ден ќе ги казнам и оние кои одбегнуваат да стапнат на прагот[7], оние кои го исполнуваат храмот на своите богови со насилство и измама. 10Во тој ден,“ - вели ГОСПОД - „плач ќе се крева од Рибјата порта[8], лелек од Новата населба[9] и силен лом од ридовите. 11Лелекајте жители на пазариштето[10], оти сите трговци ќе бидат збришани, ќе бидат уништени сите што тргуваат со сребро. 12Во тоа време, ќе го пребарам Ерусалим со ламби и ќе ги казнам оние кои се самозадоволни, кои се како вински талог, оние што мислат во своите срца: >ГОСПОД нема да направи ниту добро, ниту лошо.' 13И ќе бидат оставени нивните богатства за грабеж и куќите нивни за рушење. Ќе градат куќи, но нема да живеат во нив. Ќе садат лозја, но нема да пијат од нивното вино.

Големиот ден ГОСПОДОВ

уреди

14Близу е големиот ден ГОСПОДОВ. Близу е и брзо надоаѓа. Плачот на денот ГОСПОДОВ ќе биде горчлив. Викаат војниците. 15Ден на гнев е тој ден, ден на несреќа и силна болка, ден на неволја и уништување, ден на темнина и мрак, ден на облаци и црнила. 16Ден на трубен и боен вик, против утврдените градови, и против аголните кули. 17Ќе донесе несреќа врз луѓето и ќе одат како слепи, зашто против ГОСПОД грешеа. Ќе бидат излеани крвта нивна како прашина, и цревата нивни како нечистотија. 18Ниту среброто нивно, ниту златото нивно нема да може да ги спаси, на денот на гневот ГОСПОДОВ. Во огнот на неговата љубомора целиот свет ќе биде обземен; оти Тој ненадејно ќе им стави крај на сите жители на земјата.“

Глава 2

уреди


1Собери се, собери се, народе бесрамен, 2пред да дојде определеното време, а денот се одвејува како плева, пред огената лутина ГОСПОДОВА да падне врз вас, додека не дошол за вас денот на гневот ГОСПОДОВ! 3Барајте го ГОСПОД сите кротки на земјата, кои заповедите Негови ги извршувате! Барајте праведност, барајте скромност! Можеби ќе бидете заштитени на денот на гневот ГОСПОДОВ.

Против Пилистија

уреди

4Ете, Газа[11] ќе биде напуштена и Ашкелон во урнатини, Ашдод среде пладне ќе биде испразнет и Екрон ќе биде искоренет. 5Тешко на оние што живеат во крајморската земја, Керетитјани[12], зборот ГОСПОДОВ е против вас. Канаан, земјо на Пилистијците, ете ќе те уништам, ниту еден од тебе нема да остане. 6И ќе стане крајморската земја, живеалиштето на Керот[13], пасишта и трла за овци. 7Ќе стане земја што ќе му припаѓа на остатокот на домот Јудин. Во неа ќе наоѓаат пасишта, во домовите на Ашкелон навечер ќе легнуваат. Ќе се грижи за нив ГОСПОД, нивниот Бог и ќе го обнови нивното богатство.

Против Моав и Амон

уреди

8<Ги чув навредите на „ref> Моав и Амон видете 1 Мој 19:36-38, Ам 1:13.</ref>Моав и подсмевањата на синовите Амонови*, кои го навредуваа Мојот народ, и ѝ се закануваа на нивната земја. 9Затоа, жив сум Јас,“ - вели ГОСПОД Семоќен, Бог на Израел, - „ќе стане Моав како „ref> Содом и Гомора 1 Мој 19.</ref>Содом, а синовите Амонови како Гомора*; место на плевел, солена јама и пустош засекогаш! Остатокот од Моите луѓе ќе ги ограбат и преживеаните од Мојот народ ќе ги наследат. 10Ова им е казна заради гордоста нивна, оти тие го навредуваа и му се потсмеваа на народот на ГОСПОД Семоќен. 11Страотен ќе биде ГОСПОД за нив, кога ќе ги уништи сите богови на земјата. Тогаш ќе Му се поклонуваат народите од сите брегови, секој во својата земја.

Против Куш

уреди

12И вие Кушити[14], ќе бидете заклани од Мојот меч[15]! 13Ќе ја протегне раката Своја против север[16] и ќе ја уништи Асирија, ќе ја остави Нинева[17] напуштена и сува како пустина. 14Среде неа ќе лежат стада, глутници од разни животни. Пустинскиот був и вресливата утка ќе дремат на нејзините столбови. Нивното укање ќе одѕвонува низ прозорците. Шут ќе го прекрие прагот, а кедровите греди ќе се соголат. 15Ете го градот безгрижен, кој живееше во сигурност, оној што си велеше: >Јас сум и нема друг освен мене!'. Каква урнатина тој стана! Легло за дивите ѕверови! Секој што поминува покрај него, се подбива и замавнува со песницата.“

Глава 3

уреди


Иднината на Ерусалим

уреди

1<Тешко на градот[18] бунтовен и развратен, град угнетувачки! 2Не се покорува на никого, не прифаќа исправања. Во ГОСПОД не верува, кон Својот Бог не се приближува. 3Луѓето што се на власт во него - лавови разрикани. Управителите негови - волци во ноќта, ништо не оставаат до утрото. 4Пророците негови - луѓе дигноглави и подмолни. Свештениците негови ги сквернават светите нешта, го кршат законот. 5Праведен е ГОСПОД среде него, не чини неправда, од утро до утро правдата своја ја дели. Во новиот ден не изневерува. Сепак, неправедниот не знае за срам. 6Ги уништив народите, раурнати се тврдините нивни, им ги опустошив улиците, па никој не поминува по нив; разорени се градовите нивни, никој, никој не остана! 7Јас реков: >Ќе се плашиш ти од Мене, сигурно! Ќе прифатиш исправање! Тогаш нема да бидат разурнати твоите живеалишта, сите оние кои Јас ќе ги казнам.' Но тие ревносно ги спроведуваа своите расипани дела. 8Затоа, чекајте на Мене,“ - вели ГОСПОД - „на денот кога ќе се кренам за плен[19]. Ете, решив да ги соберам народите, да ги приберам царствата, за да ја излеам врз нив лутината Своја, сета жестина на Мојот гнев. Целиот свет ќе биде проголтан од огнот на Мојата љубоморна лутина. 9Тогаш ќе ги променам устите на луѓето, за да бидат чисти, за сите тие да го повикуваат името ГОСПОДОВО и да му служат рамо до рамо. 10Од зад реките на Куш, поклоници Мои, потомци[20] на Мојот распрснат народ ќе ми принесуваат жртви. 11На тој ден, нема да бидеш изложен на срам, заради сите грешни дела твои, заради тоа што Ми грешеше, оти тогаш ќе ги отстранам од тебе оние кои се радуваат во гордоста своја и никогаш повеќе нема да бидеш горд на Мојот свет рид. 12Ќе ги оставам во тебе луѓето кротки и скромни, кои веруваат во името ГОСПОДОВО. 13Остатокот од Израел нема да чини зло и нема да изговара лаги. Нема да се најде во устата нивна јазик измамнички. Ќе јадат, ќе одмараат и никој нема да ги заплашува. 14Пеј ќерко Сионова! Викни силно Изреле! Радувај се и весели се, со сето свое срце ќерко Ерусалимова! 15ГОСПОД ја симна од тебе казната твоја, го сврте назад непријателот твој. ГОСПОД, царот на Израел е среде тебе. Никогаш повеќе нема да се плашиш од зло. 16На тој ден, ќе му биде кажано на Ерусалим: >Не плаши се Сионе, нека не клапнуваат рацете твои! 17ГОСПОД, твојот Бог е среде тебе! Моќен е Тој и спасува. Ќе ужива во тебе со радост. Ќе те утеши со љубов. Ќе се зарадува над тебе со песна.' 18Оние[21] што тагуваат заради празниците[22], ќе ги отстранам од тебе. Тие се терет и срам за тебе. 19Гледај, во тоа време ќе се справам со сите твои угнетувачи, ќе ги избавам сакатите, ќе ги приберам распрснатите. Ќе им дадам слава и чест во сите земји каде што беа посрамени. 20Во тоа време, ќе ве приберам. Во тоа време ќе ве вратам дома. Ете, ќе ви дадам чест и слава меѓу сите народи на земјата. Тогаш ќе ги обновам[23] вашите богатства пред ваши очи“, вели ГОСПОД.


Белешки

уреди
  1. Сефанија значи ГОСПОД крие, ГОСПОД заштитува.
  2. или ќе им го препречам патот на злобните и сосема ќе ги уништам.
  3. Ерусалим.
  4. Видете 2 Цар 23:12, Јер 19:13
  5. Видете 5 Мој 4:15-19, 2 Цар 17:16, 21:3, Иса 47:13
  6. или Молех, Амонитски бог. Во обредите често пати жртвувале деца. На Израелците им било забрането да му се поклонуваат на Молех (3 Мој 18:21, 20:1-5). Сепак, Соломон му поставил жртвеник на Маслиновата Гора (1 Цар 11:7), Манасија вовел обреди во долината Бен Хинном (2 Лет 33:6, Јер 7:31, 32:35).
  7. Погледнете 1 Сам 5:5.
  8. Рибјата порта, во времето на првиот храм била еден од главните влезови во Ерусалим (2 Лет 33:14, Не 3:3). Преку неа трговците носеле риба од Тир или од Галилејското езеро на рибјиот пазар. Била поставена блиску до местото на денешната Порта кон Дамаск.
  9. Новата населба, или втората населба, веројатно била областа во Тиропоеонската долина, предградие западно од храмот. Ископувањата покажуваат дека градот во доцниот седми век пр. Хр. се проширил надвор од ѕидините кон запад.
  10. Матех, Мортар, веројатно област во Тирополеонската долина, јужно од планината Мориа, место каде што живееле трговците кои доаѓале од други земји.
  11. Газа, Ашкелон, Ашдод и Екрон, градови во Пилистија.
  12. Керетитјаните и Пелетитјаните учествувале како платени војници во Давидовата војска. Името покажува дека тие можеби се дојдени од островот Крит.
  13. Точното значење на овој збор не е познато.
  14. Народ од областа на горниот тек на Нил. Од 715 до 663 со Египет владеела Кушитска царска лоза.
  15. Веројатно Вавилон.
  16. Иако Нинева е на исток од Јудеја, Асирските војски секогаш навлегувале во Канаан од север, одејќи претходно на запад по текот на Еуфрат.
  17. Нинева била уништена во 612 г. пр. Хр. што значи дека Сефанија пророкувал пред тој датум.
  18. Ерусалим.
  19. Вака е во Хебрејскиот текст, а во Септуагинтата и Сирискиот текст е: ќе се кренам да сведочам.
  20. Оваа именка е во женски род.
  21. Или: Ќе ве приберам сите вас кои тагувате заради празниците, вашиот срам е терет за вас.
  22. Празници, видете 5 Мој 23.
  23. Или: ќе ги вратам назад вашите заробеници.