36 Псалми
37 псалм
од н.п.
38
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

 1 Давидов псалм. Не се лути на злосторниците, ниту им завиди на оние што прават беззаконие.
  2 Се сушат брзо како трева, венеат брзо како зелено растение.
  3 Надевај се на Господа и прави добро, живеј на земјата и храни се со вистината.
  4 Сета твоја радост нека биде во Господа: Тој ќе ги исполни желбите на твоето срце!
  5 Предај Му ги на Господа своите патишта, надевај се на Него, и Тој ќе води сè.
  6 Твојата правда ќе блесне како светлина и твојот суд како пладне.
  7 Смири се пред Господа и надевај се на Него, не дразни се заради оној, кој напредува на својот пат, заради човекот кој кове подлост.
  8 Стивни го својот гнев и остави ја лутината, не се дразни за да не направиш зло.
  9 Зашто злосторниците ќе бидат сотрени, а кои се надеваат на Бога, ќе ја наследат земјата.
10 Уште малку и ќе го снема безбожникот, ќе го бараш неговото место, а него веќе ќе го нема.
11 Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир.
12 Безбожникот му смислува зло на праведникот и со забите чкрта на него.
13 А Господ му се смее, зашто гледа дека доаѓа неговиот ден.
14 Безбожниците истргнуваат меч и оптегнуваат лакови, за да ги оборат немоќните и бедните, да ги заколат оние, што одат по прав пат.
15 Со мечот ќе го прободат сопственото срце, ќе се скршат нивните лакови.
16 Подобро е и малку на праведникот, отколку големо благо на многу безбожници.
17 Зашто рацете на злотворот ќе се скршат, а Господ е поткрепа на праведникот.
18 Господ се грижи за животот на чесните, нивното наследство ќе трае довека.
19 Нема да се засрамат во време на неволја, ќе бидат сити во дните на глад.
20 А безбожниците ќе пропаднат, Господовите врагови ќе овенат како цвеќе по ливаѓето, ќе се расплинат како дим.
21 Безбожникот заема но не враќа, праведникот се сожалува и дава.
22 Оние кои Господ ќе ги благослови, ќе ја наследат земјата, а кои ќе ги проколне, ќе бидат истребени.
23 Господ ги води и зацврстува чекорите на добриот човек, и мил Му е неговиот пат.
24 И ако се сопне, нема да падне, зашто Господ го држи за рака.
25 Млад бев и остарев, но не видов напуштен праведник или неговите деца да просат леб.
26 Секогаш е милостив и дава на заем, благослов е врз неговото потомство.
27 Отстранувај се од злото и прави добро и ќе останеш довека.
28 Зашто Господ ја љуби правдата и Своите свети не ги остава. Засекогаш ќе бидат сочувани, ќе биде истребено потомството на безбожниците.
29 Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа.
30 Праведниковата уста кажува мудрост, а неговиот јазик говори право.
31 Божјиот закон му е во срцето, неговите чекори не се колебаат.
32 Грешникот го демне праведникот и бара да го убие;
33 но Господ нема да го остави во негова власт и не ќе допушти да го осудат на суд.
34 Надевај се на Господа и држи се за Неговиот пат; Тој ќе те возвиши и ќе ја наследиш земјата; радосно ќе ја гледаш пропаста на безбожните.
35 Видов бесен злосторник, како се шири како разгранчен кедар.
36 Поминав и ете - го нема веќе; го побарав, и не го најдов.
37 Набљудувај го чесниот и гледај го непорочниот; миротворецот има потомство.
38 А сите грешници ќе бидат откорнати, ќе биде истребено злочинечкото семе.
39 Од Господа доаѓа спасение на праведните, Тој им е засолниште во лоши времиња.
40 Господ им помага, Тој ги избавува: Тој ќе ги избави од нечесните и ќе ги спаси, зашто кај Него бараат прибежиште.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse