1 Давидова молитва. Послушај ја, Господи, правдата, чуј го мојот глас, услиши ја мојата молитва од искрени усни!
2 Од Тебе нека ми дојде пресудата, Твоите очи гледаат што е справедливо.
3 Испитај го моето срце, посети ме ноќе, искушај ме, но нема да најдеш ништо; мојата уста не згреши.
4 Како што грешат луѓето: според зборовите на Твојата уста, се сочував од патиштата на насилниците.
5 Моите стапки ги држаа Твоите патишта, не се лизнаа моите нозе.
6 Кон Тебе викам, Боже, зашто Ти ќе ме послушаш! Наведни го Твоето уво кон мене и чуј ги моите зборови.
7 Прослави ја врз мене Твојата милост, о Спасителу, Ти Кој ги спасуваш, оние што се надеваат на Твојата десница, од оние што се креваат против нив.
8 Пази ме како зеница на окото, засолни ме во сенката на Своите крила,
9 од злотворите што се нафрлаат врз мене. Од непријателите на мојата душа, што ме опкружуваат.
10 Го затворија своето срце и со устата зборуваат гордо.
11 Нивните чекори сега ме опкружуваат; сакаат да ме кутнат на земја.
12 Тие се како лав што сака да раскине и како лавче што дебне потајно.
13 Стани, Господи, пресретни го и кутни го, со Својот меч спаси го мојот живот од нечесниот,
14 а со Својата рака, Господи, од луѓето, од луѓето на овој свет, чиј дел е овој живот; чиј желудник го полниш со Своите богатства, така што и нивните синови ќе бидат сити, а остатокот ќе им остане на нивните внуци.
15 А јас ќе го гледам Твоето лице во правда, и еднаш кога ќе се разбудам, ќе се наситам од Твојот изглед.