Протест на Охриѓани против поставување на грчки владика во Охрид - 1860

Протест на Охриѓани против поставување на грчки владика во Охрид

од група граѓани
Од 60-тите години на век натаму во Македонија се крева силен бран од незадоволство на народните маси против фанариотските владици и грчката Патријаршија. Тој се изразува во општо барање за добивање наши владици, воведување словенска служба во црквите, народен јазик во училиштата и враќање на автокефалноста на Охридската архиепископија. Во првите редови на овие борби се наоѓал народниот трибун и пламенен патриод Димитрија Миладинов од Струга. Оваа статија е од него и е печатена во „Цариградски вестник, на 7 мај 1860 г.
Кога се чу дека стигнал во епархијата на втор ден Велигден, стана едно општо собрание од сите охридски старешини и од блиските села по еден или двајца од секое, така што се наполни митрополијата. Во тоа собрание се реши што да направат корисно во моментот за да се сврши нивната борба, т.е. да го истераат од епархијата, но престижот на В. црква да не се навреди. Се реши, значи: прво да пратат во селото каде што застана еден човек од името на сите да му рече на Мелетија од општинската страна дека не смее да дојде во Охрид за да не настрада нешто ненадејно. Така се испрати старешината охридски и му рече се’ што требаше. Од тогаш Мелетија се запре дури до 9-ти овој месец; второ на собранието решија да протестираат против Мелетиевото испраќање. И пред сите еден протест. Се напиша и се потпишаа уште од епархијата и досега се потпишани 4000 или 5000 потписници, а бидејќи е епархијата растурена, до недела ќе се сврши и ќе се испрати во Цариград.

Господин Константин Робев и Стефан поп Димитров, заедно со К. Манчев, порано големи непријатели, сега сложни и здружени, го зедоа в раце знамето и одат напред, а сите жители од епархијата охридска, мало и големо, повеќе селаните (зашто тие виделе и страдале повеќе маки од Мелетија кога беше протосингел и епископ на Дионисија) трчаа по нив со голема сесрдност како овците по својот угич, за да застанат под нивното знаме и оваа работа да се сврши. Сите им викаа сложно на гореспоменативе главатари: „Гледајте добро, ако не се сврши оваа работа, ако В. црква не ни го даде пастирот за кого пишавме во молбата, ние сите ќе полатиниме.”