Прво писмо од апостол Павле до христијаните во Коринт
Писмо од апостол Павле до христијаните во Рим | Прво писмо од апостол Павле до христијаните во Коринт Библија од [[]] |
Второ писмо од апостол Павле до христијаните во Коринт |
Глава 1
уреди
Авторство и поздрави
уреди
1Од Павле, повикан од Бог да Му биде апостол на Исус Христос, и од нашиот брат Состен.
2До Божјата црква во Коринт, до вас, кои Бог ве повика да бидете Негов свет народ и ве направи свети преку Исус Христос, и вас, и сите христијани насекаде, сите што го повикуваат името на Исус Христос, нивен и наш Господ.
3Ви посакуваме благонаклоност и мир од Бог, нашиот Татко, и од Господ Исус Христос.
Благодарност на Бог за благословите во коринтската црква
уреди
4Постојано Му се заблагодарувам на мојот Бог за Неговата милосрдна благонаклоност што ви ја подари преку Исус Христос.
5Тој во секој поглед ја збогати вашата црква со надареност за говорништво и со многу знаење.
6Со тоа и проповедањето за Христос се зацврсти меѓу вас.
7Сега, додека нестрпливо го чекате повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос, не ви недостасува никаква духовна дарба.
8Тој ќе продолжи да ве надградува докрај, за да бидете беспрекорни на денот кога ќе се врати нашиот Господ Исус Христос.
9Во Бог можете да имате доверба! Тој ве повика да се здружите со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ.
Неединство меѓу верниците во Коринт
уреди
10Сега, драги пријатели христијани, многу ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, да изградувате слога меѓу вас, за да не дојде до раздор во црквата. Треба да ги усогласите вашите идеи и планови.
11Од семејството на Хлое ме известија дека меѓу вас, драги мои, има поделби.
12Едни сте викале: „Јас сум Павлов!“ други: „Јас сум Аполосов!“, трети: „Јас сум Петров[1]!“, четврти: „Јас сум Христов!“
13Зар Христос се раздели? Павле ли беше распнат за вас? Во името на Павле ли бевте крстени?
14Благодарен сум Му на Бог што, освен Крисп и Гај, јас не крстив ниту еден од вас,
15за да не рече некој дека е крстен во мое име.
16(Да, ги крстив и членовите на семејството на Стефан, а не се сеќавам дали сум крстил уште некој.)
17Христос не ме испрати да крштавам, туку да ја проповедам Радосната вест, и тоа не со мудри говори, за да не се омаловажи силата на делото што го изврши Христос на крстот.
Световна и Божја мудрост
уреди
18Проповедањето за смртта на Исус на крстот им звучи бесмислено на луѓето што се на патот кон пропаста, но за нас што преку тоа се спасивме, претставува Божја сила.
19Во Светото писмо, Бог вели:
„Ќе ја уништам човечката мудрост,
ќе ги отфрлам нивните најостроумни идеи[2].“
20Зашто, ни филозофите, ни законодавците, ниту научниците на овој свет не нѐ спасија! Бог ни покажа дека мудроста на овој свет е далеку од мудрост!
21Кога мудриот Бог, виде дека луѓето преку сопствената мудрост никогаш нема да дојдат до Него, реши да им обезбеди спасение на оние што ќе ѝ поверуваат на оваа, навидум бесмислена, порака што ние ја проповедаме[3].
22И додека Евреите бараат знаци од небото, а Грците мудруваат,
23ние проповедаме за Христос Кој беше распнат за да нѐ спаси. Тоа за Евреите е неприфатливо, а за другите народи - бесмислено!
24Но за оние што се повикани од Бог да се спасат, без разлика дали се Евреи, или се од другите народи[4], во Христос се покажа Божјата сила и Божјата мудрост.
25Овој навидум неразумен Божји план е многу помудар и од најмудрите човечки планови, и она што ни изгледа слабо од Бог, е многу помоќно од сета човечка моќ.
26Погледнете се, драги мои, вие што сте од Бога одбрани: меѓу вас нема многумина што се мудри според човечки мерила, ни многу моќници или луѓе од благородничко потекло.
27Напротив, Бог ги одбра оние што овој свет ги смета за прости, за да ги посрамоти оние што се сметаат за мудри. Бог ги одбра оние што во овој свет се немоќни, за да ги посрамоти моќниците.
28Бог ги одбра оние што не се од благородничко потекло и оние што се презрени во овој свет, за да ги направи ништожни оние што овој свет ги смета за многу важни.
29Така ниеден човек не ќе може да се фали пред Бог.
30Бог ви овозможува и вам да се спасите преку Исус Христос, Кој стана наша мудрост од Бога, ни ја подари Својата праведност, нѐ направи свети и ја плати цената за да нѐ откупи.
31Затоа, во Светото писмо е напишано:
„Кој сака да се фали,
нека се фали само со она што го стори Господ[5].“
Глава 2
уреди
Мудроста што ја проповедал апостолот Павле
уреди
1Драги пријатели, кога дојдов кај вас да ви ја проповедам Божјата порака[6], јас не се служев со висок стил на зборување или со мудрување.
2Сметав дека меѓу вас не треба да ги истакнувам моите сестрани познавања, туку да ви проповедам само за Исус Христос и за Неговото распнување на крстот.
3Веројатно ви делував слаб, исплашен и растреперен.
4Она што ви го зборував и проповедав не се состоеше од мудро составени говори за да ве убедам, туку Светиот Дух ја покажа Својата сила меѓу вас.
5Постапив така за да се здобиете со вера втемелена на Божјата сила, а не на човечка мудрост.
6Се разбира, кога сме меѓу зрели христијани, знаеме да одржуваме и мудри говори. Но тоа не е мудрост што произлегува од овој свет или мудрост што ги привлекува владетелите на овој свет, кои кратко траат.
7Ние ја проповедаме Божјата таинствена мудрост која порано беше скриена, но од искона наменета во вечноста нам да ни донесе слава.
8За жал никој од денешните владетели не ја разбра, зашто да ја беа разбрале, немаше да го распнат нашиот величествен Господ.
9Ние го проповедаме она што во Светото писмо е опишано вака:
„Око човечко не видело,
уво човечко не слушнало,
ниту пак човечкиот ум можел да го замисли
тоа што Бог го има приготвено за оние што Го сакаат[7].“
10А нам Бог ни го има откриено тоа преку Својот Дух. Божјиот Дух знае сѐ, вклучувајќи го и она што е длабоко во Божјиот ум.
11Зашто, како што ниеден човек не може да му ги знае мислите на друг човек, освен неговиот сопствен дух, така никој не може да ги знае Божјите мисли, освен Божјиот Дух.
12А Бог ни Го даде токму Својот Дух (не духот на овој свет), за да ги знаеме сите работи што Тој ни ги подарил.
13Кога ви зборуваме за овие работи, ние не користиме зборови на човечка мудрост, туку зборови што ни се дадени од Божјиот Дух, Кој духовните работи ги објаснува со духовен речник[8].
14Луѓето кои не се препородени од Божјиот Дух не можат да ги разберат вистините што доаѓаат од Божјиот Дух, и затоа не ги прифаќаат. Ним сето тоа им изгледа неразбирливо, а тоа е затоа што духовните работи можат да се разберат само со помош на Божјиот Дух.
15А луѓето кои се препородени од Божјиот Дух се способни сѐ да разберат, иако самите нив другите луѓе не можат да ги разберат.
16Како што рекол пророкот Исаија:
„Кој ги знае мислите на Господ?
Кој Му е советник на Господ[9]?“
А нам ни е даден Христовиот ум и затоа можеме да ги разбереме овие работи.
Глава 3
уреди
Поделби меѓу незрели христијани
уреди
1Драги мои, додека бев кај вас, јас не можев да ви зборувам како на духовно зрели христијани. Ви зборував како на телесни луѓе, како на луѓе што во Христовата вера се новороденчиња[10].
2Ве хранев со млеко, а не со тврда храна, бидејќи сѐ уште не бевте способни да ја примате. За жал, ни сега не сте способни.
3Сѐ уште сте телесни, како луѓето од овој свет, штом си завидувате и се карате. Зар со тоа не докажувате дека сте исти како луѓето што не се христијани?
4Едни од вас велат дека се Павлови следбеници, а други дека се следбеници на Аполос. Зар тоа не покажува дека сте како и сите други, телесни луѓе?
Проповедниците се само Божји слуги
уреди
5Кој е Аполос? Кој е Павле? Вреди ли заради нас да се карате? Ние сме само Божји слуги преку кои поверувавте. Секој од нас си ја извршуваше задачата дадена од Господ.
6Јас сеев, Аполос полеваше, но Бог овозможи семето да порасне.
7Не е важен ни тој што сееше, ни тој што полеваше, туку Бог, Кој овозможи семето да порасне.
8Оној што сее и оној што полева работат еднакво важни задачи и секој од нив ќе добие награда соодветна на вложениот труд.
9И Аполос и јас работиме за Бог, а вие сте Божја нива, Божја градба, а не наша.
Индивидуална одговорност: Христовиот Суд
уреди
10Користејќи ја дарбата што Бог милостиво ми ја даде, јас, како и секој мудар ѕидар, најпрво го поставив темелот, а други по мене ќе градат врз него. Но секој мора да внимава како ќе гради!
11Никој не смее да поставува друг темел, зашто тој е веќе поставен, а тоа е Исус Христос!
12Врз тој темел, некој ќе ѕида со злато, сребро или скапоцени камења, а друг со дрво, сено или слама.
13Но ќе дојде ден, кога сечие дело ќе излезе на видело! Секое дело, на секој христијанин, ќе биде проверено низ оган, за да му се утврди вистинската вредност.
14Ако делото издржи, градителот ќе добие награда;
15ако, пак, делото согори, градителот ќе се соочи со голем губиток. Ќе се спаси, но како некој што поминал преку оган!
16Зар не сфаќате дека вие сте Божјиот храм и дека Божјиот Дух живее во[11] вас?
17Ако некој го урива Божјиот храм, Бог него ќе го разурне, бидејќи Божјиот храм е свет. Тој храм сте вие, христијаните.
18Никој нека не се залажува! Ако некој од вас се смета за мудар според мерилата на овој свет, треба да се ослободи од таквата самоувереност[12], за да може да стане мудар според Божјите мерила.
19Зашто мудроста на овој свет е рамна на лудост пред Бог! Во Светото писмо пишува:
„Бог ги лови самоуверените мудреци
во стапицата на нивното сопствено лукавство[13]!“
20И на друго место:
„Господ им ги знае плановите на мудрите,
знае дека во нив нема вредност[14]!“
21Затоа, никој да не се фали со човек! Вам ви припаѓа сѐ:
22И Павле, и Аполос и Петар[15], и целиот свет, и животот и смртта, и сегашноста и иднината - сѐ ви припаѓа вам,
23а вие Му припаѓате на Христос, а Христос Му припаѓа на Бог.
Глава 4
уреди
Одговорната задача на апостолите
уреди
1Мене и Аполос треба да нѐ сметате за Христови службеници, на кои им е доверено да раководат со Божјите тајни[16].
2А од секој раководител се бара верно да ги извршува поставените задачи.
3Малку ми значи вашата оценка за мене, или оценката од други луѓе. Јас дури ни самиот не се оценувам.
4Навистина, совеста ми е чиста, но и тоа не е доволно за да ме оправда. Господ е Тој што ќе ме оценува.
5Затоа, за ништо не донесувајте конечен суд предвреме, пред да дојде Господ. Тој ќе го изнесе на виделина она што за нас е скриено и невидливо и ќе ги обелодени мотивите на секое срце. Тогаш Бог секого ќе го пофали толку колку што заслужил.
6Драги пријатели, се посочив себеси и Аполос како пример, за да научите што значи поговорката: „Ништо повеќе од она што е напишано во Светото писмо!“ Не треба да се вообразите, приклонувајќи се кон еден од нас, а понижувајќи го другиот.
7Што ти дава за право да се сметаш за повреден од другите? Што е тоа што го имаш, а да не си го добил од Бога? А ако тоа што го имаш си го добил од Бога, зошто се фалиш со тоа? Зар не се работи за подарок?
8Веќе се заситивте, се збогативте и без нас си создадовте свое царство. Камо навистина да создадевте царство, па и ние ќе можевме да владееме заедно со вас!
9Понекогаш ми се чини дека нас апостолите Бог нѐ поставил последни, како осуденици на смрт, јавно изложени на приказ пред целиот свет - и пред ангелите и пред луѓето!
10Нас нѐ сметаат за глупави, поради посветеноста кон Христос, а вас верата во Христос ве направи мудри. Ние сме слаби и понижени, но вие сте моќни и почитувани.
11Сѐ до овој миг ние сме и гладни и жедни, во партали, тепани, без постојано место за живеење.
12Работиме до изнемоштеност и се издржуваме од трудот на сопствените раце. Луѓето нѐ навредуваат, а ние ги благословуваме. Нѐ прогонуваат, а ние стрпливо поднесуваме.
13Нѐ напаѓаат, а ние одговараме со љубезни зборови. Се однесуваат кон нас како да сме отпадок, како смет исфрлен од сите сѐ до денешен ден.
14Не ви го пишувам ова за да ве посрамам, туку да ве посоветувам како мои драги деца.
15Дури и да имате десет илјади учители што ќе ве поучуваат за Христос, имате само еден духовен татко. Јас ви ја донесов Радосната вест за Исус Христос и така станав ваш духовен татко.
16Затоа ве молам да го следите мојот пример.
17За таа цел го испратив кај вас Тимотеј. Тој е мое драго чедо и верен службеник на Господ. Тој ќе ве потсети за она што јас го проповедам за Исус Христос по сите цркви каде што одам.
18Некои од вас мислат дека јас никогаш веќе нема да дојдам во вашата црква, па се поставија на високо.
19Но, ако даде Господ, наскоро ќе дојдам и ќе видам колку се силни оние што се креваат на големо, не на зборови, туку на дело.
20Зашто Божјото царство не е празни зборови. Тоа е сила!
21Што сакате: да дојдам кај вас со прачка, или со љубов и со кроток дух!?
Глава 5
уреди
За неморалот на некои „христијани“
уреди
1Јавено ми е дека кај вас има некој човек што живее во блуд, и тоа таков блуд каков што нема ни меѓу паганите: блудство со својата маќеа[17]!
2А вие, наместо да жалите - се гордеете! Треба да го отстраните од вашата средина тој што прави такво нешто!
3Иако јас сум физички отсутен, со духот[18] сум меѓу вас. Јас веќе пресудив за тој што направил такво нешто, исто како да сум присутен.
4Треба да се соберете во името на нашиот Господ Исус Христос, а со вас ќе биде и мојот дух, па со силата на нашиот Господ Исус Христос,
5да го исклучите тој човек од црквата, препуштајќи го во рацете на сатаната! Така тој телесно ќе биде казнет[19], за да биде спасен неговиот дух на Денот кога Господ ќе се врати.
6Не е добро што се фалите колку сте духовни, а дозволувате во вашата средина да се случуваат вакви работи! Зар не знаете дека е доволно само малку квасец, за да го скисне целото тесто[20]? Така е и со гревот.
7Исчистете се од стариот квасец, односно, од гревот! Тогаш ќе бидете ново тесто, замесено без квасец. Вие сте токму тоа, бидејќи нашето пасхално Јагне, Христос, беше веќе жртвувано за нас.
8Немојте да го славите празникот Пасха со >стариот квас', односно, така што ќе продолжите да бидете лоши и расипани, туку со бесквасен леб, односно, со искреност и духовна чистота. Бидете чисти и искрени, па прославете го со леб без квасец.
9Во моето претходно писмо ви напишав да се држите настрана од луѓе што се впуштаат во блуд.
10Притоа не мислев на луѓе кои сѐ уште не се христијани, а живеат во блуд. Кога би требало да се држите настрана од сите што во овој свет се неморални, алчни, лажговци и што им се поклонуваат на разни идоли, би требало сосема да го напуштите овој свет!
11Мислев на луѓето што се нарекуваат христијани, а сепак прават блуд, или се алчни, или им се поклонуваат на идоли, или ги навредуваат другите, или се опиваат или мамат. Со такви немојте дури заедно ни да јадете!
12Зар е моја работа да судам за оние што се надвор од црквата? Не треба ли и вие најнапред да се грижите какви се оние што се внатре во црквата?
13На оние што се надвор, Бог ќе им суди, а нам Светото писмо ни порачува:
„Отстранете го од вашите редови секој што е зол[21]!“
Глава 6
уреди
За споровите меѓу христијаните
уреди
1Кога меѓу двајца христијани има некој спор, доликува ли случајот да го изнесуваат пред световен суд, наместо да побараат помош од другите христијани?
2Зар не знаете дека еден ден, ние, христијаните, ќе му судиме на овој свет? Ако вие треба да му судите на целиот свет, зарем не сте способни да разрешите дури и најситен меѓусебен спор?
3Зар не знаете дека ние, христијаните, ќе им судиме дури и на ангелите? Тогаш, колку полесно треба да ги разрешуваме овоземните несогласувањата!
4Кога се спорите за најобични, секојдневни работи, зошто одите да се судите пред луѓе кои црквата воопшто не ги цени!?
5Треба да се засрамите, што сум присилен да ви го кажувам тоа! Нема ли меѓу вас христијаните барем еден мудар човек кој би можел да пресудува во вашите меѓусебни спорови?
6Туку дозволувате еден христијанин да се суди со друг христијанин, и тоа пред суд на неверници!
7Самото тоа што вие воопшто се тужите еден со друг, несомнено претставува пораз за вас. Зошто не истрпите, макар и да сте онеправдани? Зошто не ја прежалите штетата што евентуално ви е нанесена?
8Наместо тоа, вие самите правите неправди и им нанесувате штета на своите сохристијани!
За чист христијански живот
уреди
9Зар не знаете дека неправедниците нема да бидат меѓу наследниците на Божјото царство? Немојте да се залажувате! Ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубниците, ни полово изопачените мажи, ни хомосексуалците,
10ни крадците, ни алчните, ни пијаниците, ни клеветниците, ни измамниците нема да бидат меѓу наследниците на Божјото царство!
11И некои од вас бевте такви, но сега сте очистени[22], станавте свети и оправдани пред Бог преку делото на Господ Исус Христос и Духот на нашиот Бог.
12Некои од вас велат: „Имам слобода да правам што сакам!“ Да, но не е сѐ полезно! Иако имам слобода да правам што сакам, нема да дозволам да робувам на нешто.
13Велите: „Храната е наменета за стомакот, а стомакот за храната!“ Да, но еден ден Бог ќе ги уништи и стомакот и храната. Телото не постои за со него да правиме блуд. Нашите тела Му припаѓаат на Господ, зашто Господ ги создал.
14Бог ќе ги воскресне и нашите тела со истата моќ со која Го воскресна и нашиот Господ.
15Зар не сфаќате дека вашите тела се органи на Христовото тело?Треба ли сега јас да земам нешто што е Христово и да го соединам со проститутка? Никако!
16Или не ви е јасно дека оној што се соединува со проститутка, станува едно тело со неа? Светото писмо вели: „Двајцата ќе станат едно тело[23].“
17На сличен начин, Кој се соединува со Господ, станува еден дух со Него.
18Бегајте од блудот! Секој друг грев што човек може да го направи е надвор од неговото тело, но со блудот греши против сопственото тело.
19Зар не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој ви е подарен од Бог за да живее во вас? Вие не сте ваша сопственост.
20Откупени сте со скапа откупнина! Затоа, користете ги вашите тела со должната почит спрема Бог.
Глава 7
уреди
== ОДГОВОРИ НА НЕКОЛКУ ПРАШАЊА
1) За бракот и брачните односи ==
1А сега да ви одговорам на прашањата што ми ги поставивте во вашето писмо. Прво: „Да, добро е човек да не се жени[24].
2Но, поради опасност од блудства, секој маж треба да има своја жена и секоја жена свој маж.
3Мажот нека ги исполнува брачните должности спрема својата сопруга, а исто така и жената спрема својот сопруг.
4Телото на жената не е само нејзино, туку му припаѓа и на нејзиниот сопруг. Исто така и телото на мажот не е само негово, туку и на неговата сопруга.
5Затоа, не ускратувајте се еден на друг, освен, по исклучок, ако така заедно се договорите, и тоа нека биде само за извесно време и со цел да се посветите на молитва. Потоа вратете се на нормалниот интимен живот, за да не ве наведе на искушение сатаната, користејќи ја вашата невоздржливост.
6Ова ви го кажувам како нешто што е дозволено, а не како заповед.
7Би сакал секој човек да биде самостоен, како што сум јас. Но не сме сите исти. Бог некого дарувал да живее во брак, а друг да живее како самец.
8На неженетите и на оние чиј брачен другар починал, им препорачувам: да останат самостојни, како што сум и јас.
9Но, ако не можат да издржат, нека стапат во брак, зашто подобро е да се во брак, отколку страста постојано да гори во нив.
10На оние што се во брак им заповедувам да не се разведуваат. Тоа не е заповед од мене, туку од Господ[25]. Жената нека не се разведува од својот сопруг.
11Ако сепак се разведе, да не стапува во нов брак, или нека му се врати на својот маж. Истото важи и за мажите: да не се разведуваат од своите сопруги.
12На другите можам да им дадам мој совет. Тоа не е заповед од Господ, туку мој личен совет. Ако некој христијанин има сопруга што не е христијанка и таа сака да живее со него, нека не ја остава.
13Слично и ако христијанка има сопруг што не е христијанин и тој сака да живее со неа, нека не го остава,
14бидејќи жената христијанка, му носи светост на својот брак, па со тоа и на мажот, иако тој не е христијанин. Слично и кога мажот е христијанин, а неговата сопруга не е, тој му носи светост на својот брак, а со тоа и на својата сопруга. Кога не би било така, вашите деца би биле нечисти, а сега тие се свети[26].
15Ако брачниот другар што не е христијанин сака да се разведе, нека си оди. Во таков случај, не сте обврзани да живеете во постојани расправии, зашто Бог сака неговите деца да живеат во мир.
16Впрочем, можете ли да бидете сигурни дека ќе успеете[27] да го убедите вашиот брачен другар да стане христијанин и да се спаси?
17Секој нека остане во ситуацијата во која Господ го избрал, кога Бог го повикал да поверува. Ова правило го кажувам по сите цркви.
18На пример, ако некој, пред да биде повикан да поверува, веќе бил обрежан, нека не го крие тоа. Ако не бил обрежан, нека не се обрежува.
19Дали човек е обрежан или не, воопшто не е важно. Важно е да живееме според Божјите заповеди.
20Секој нека остане во онаа состојба во која бил кога Бог го повикал.
21Ако си бил роб кога Бог те повикал да поверуваш во Христос, и сѐ уште си роб - не вознемирувај се! Но ако ти се укаже можност да станеш слободен, искористи ја.
22А за Господ, оној што бил повикан како роб, е слободен, а оној што бил повикан како слободен човек, сега е роб на Христос.
23Скапо сте платени и сега и едните и другите сте „Христови робови“, и немојте на никој друг да му слугувате!
24Значи, драги пријатели, секој нека остане во ситуацијата во која ве затекнал Божјиот позив.
2) За девојките и за (не)стапување во брак
уреди
25За девојките немам посебна заповед од Господ, но можам да ви го кажам моето мислење и сметам дека можете да ми верувате како на човек спрема кого Господ покажал милостива благонаклоност.
26Сметам дека, поради тешкотиите низ кои сега минуваме, добро е човек да остане во состојбата во која е затекнат.
27Ако си во брак, не барај развод, а ако не си, не настојувај да стапиш во брак.
28Ако сепак стапиш во брак, тоа не е грев. Ако една девојка стапи во брак, тоа не е грев. Но, ќе помине низ многу овоземни неволи од кои се обидувам да ве поштедам.
29Она што сакам да ви го кажам, драги мои, е дека времето што ни преостанува е кратко: Господ брзо ќе дојде, па малку е важно дали сте во брак или не.
30Наскоро, ќе биде неважно дали сте живееле во тага или во радост, дали сте имале имот или не,
31дали сте добиле нешто од овој свет или не, бидејќи овој свет, во сегашниот облик, ќе го нема.
32Би сакал да бидете ослободени од овоземните грижи. Неоженет човек може да му се посвети на Господовото дело, трудејќи се да Му угоди на Господ,
33а оној што е оженет се грижи и за овоземни работи, бидејќи сака да ѝ угоди и на својата сопруга.
34Неговото внимание е поделено. На ист начин, и немажена жена или девојка можат да му се посветат на Господовото дело, па така ќе бидат свети и телесно и духовно. Мажената жена, пак, се грижи и за овоземни работи, за да може да му угоди на својот сопруг.
35Ова ви го пишувам за ваше добро, а не за да ве ограничувам. Само сакам да Му бидете приврзани на Господ со неподелено внимание.
36Ако некој има девојка[28] во зрели години и смета дека не е убаво да ја остави немажена, нека постапи според своето убедување. Бракот не е грев!
37Но ако некој цврсто решил да не се жени, односно, не чувствува таква потреба и може да ги контролира сопствените страсти, тогаш нека не се жени, туку нека остане девственик[29]. И во тој случај добро ќе направи.
38Значи, сосема е в ред ако некој реши да заснова брак, но уште подобро е ако човек може да остане самец.
39Секоја сопруга има обврска да остане со својот сопруг сѐ додека е тој жив. Ако тој почине, таа е слободна да се омажи за кого што сака, но треба да ги следи правилата на Господ.
40Сепак, верувам дека таа ќе биде посреќна ако не се премажува и, кога го велам ова, сметам дека Божјиот Дух ви дава совет преку мене.
Глава 8
уреди
3) За храната принесена на идолска трпеза
уреди
1А сега, во врска со храната принесена како жртва на идоли. Сите ние имаме некое знаење. Но знаењето создава горделивост, а љубовта е таа што изградува.
2Ако некој мисли дека многу знае, тој сѐ уште не знае колку што треба да знае.
3Бог ги познава и ги признава за Свои само оние што имаат љубов кон Него.
4Во врска со јадењето на храна што е принесена како жртва на идоли, сите ние знаеме дека идолите не се богови. Постои само еден единствен Бог и освен него друг бог нема.
5За некои луѓе постојат многу „богови“ и господари, и на небото, и на земјата.
6Но ние имаме само еден Бог, нашиот небесен Татко. Тој е Создателот на сѐ и ние за Него живееме. Имаме само еден Господ, и тоа е Исус Христос. Сѐ е преку Него создадено, вклучувајќи нѐ и нас, луѓето.
7Но ваквото знаење го немаат сите. Некои луѓе се навикнати да почитуваат идоли и јадат храна принесена како жртва, со што си ја опогануваат својата слаба совест.
8Храната нема да нѐ приближи до Бог: ништо не губиме ако не јадеме[30], и ништо не добиваме ако јадеме!
9Само внимавајте слободата што ја имате да не им стане повод за духовно разочарување на оние што не се доволно утврдени во христијанската вера.
10Еве што може да се случи: некој христијанин, што смета дека е погрешно да се јаде оваа храна, може да те види во идолски храм како јадеш од принесената храна. Иако ти не го правиш тоа затоа што веруваш во идоли, твојот пример може да го потикне тој човек да постапи спротивно на својата совест, па и тој да почне да јаде храна принесена како жртва на идоли.
11Иако ти имаш правилно знаење, твојот пример може да дејствува погубно врз друг христијанин. А Христос умре и за него!
12Грешејќи така против другите христијани, ранувајќи ја нивната слаба совест, вие всушност грешите против Христос.
13Затоа, ако храната што ја јадам наведува некој од моите пријатели да направи грев, ќе престанам да јадам месо до крајот на мојот живот! Не сакам јас да бидам причината некој од моите пријатели христијани да биде наведен на грев!
Глава 9
уреди
Павле - пример на самоодрекување
уреди
1Зар јас немам иста слобода како другите? Зар јас не сум апостол? Зар лично не сум Го видел нашиот Господ Исус? Зар не поверувавте во Господ преку мојот труд?
2Ако за некои не сум апостол, за вас сигурно сум! Вие сте, всушност, жив доказ дека јас сум апостол на Господ.
3Мојата одбрана пред оние што го доведуваат во прашање мојот авторитет како апостол гласи:
4Зар јас и Барнаба немаме право на храна и вода во вашите домови?
5Зар ние немаме право да се ожениме со христијанки и да ги водиме со нас, како што прават другите апостоли, браќата на Господ, па и Петар[31]?
6Зар само јас и Барнаба мораме самите да се издржуваме додека проповедаме?
7Кој војник сам си ги плаќа трошоците на своето служење? Кој одгледува лозје, а не јаде од неговиот род? Кој пасе овци, а не пие млеко од нив?
8Не го зборувам тоа само од човечка гледна точка. Зар и Божјиот Закон не го вели истото?
9Во Мојсеевиот Закон е запишано: „Не врзувај му ја устата на волот што врши жито[32].“ Бог сигурно не мисли тука првенствено на воловите.
10Зар тоа не е кажано за нас? Како што им следува надомест на оној што ора и на оној што врши, така и на оние што се духовни работници.
11Ако ние во вас, посадивме духовни добра, зарем е голема работа ако за возврат добиеме дел од вашите материјални добра?
12Ако други луѓе имаат такво право на издршка од вас, зарем ние не сме позаслужни од нив? Сепак, ние не го искористивме тоа право. Поднесуваме сѐ, само да не создаваме пречки за ширењето на Радосна вест од Христос.
13Зар не знаете дека оние што ги извршуваат светите служби во храмот, се издржуваат од подароците донесени во храмот, а и оние што служат на жртвеникот, добиваат дел од принесеното?
14Така Господ определи и оние што ја проповедаат Радосната вест, од тоа да се издржуваат.
15Сепак, јас не искористив ниту едно од овие права и не ви го пишувам ова за да барам од вас издршка. Попрво ќе умрам, ама нема да дозволам некој да ми ја уништи репутацијата дека работам без надомест.
16Тоа што ја проповедам Радосната вест не го сметам за причина да се фалам. Се чувствувам должен тоа да го работам и тешко мене ако не ја проповедам Радосната вест!
17Да го работев тоа по моја лична определба, ќе заслужував надомест. Но за мене тоа е обврска што Бог ми ја довери.
18Тогаш, каква награда добивам јас? Тоа е честа да ја проповедам Радосната вест, без да имам материјална корист и без да ги искористувам правата што ми следуваат како на проповедник.
19Јас не бев обврзан да им се покорувам на луѓето, бидејќи од нив не добивав плата, но сепак им станав слуга на сите за да ги доведам кај Христос[33].
20Кога сум со Евреи, живеам како Евреин, за да ги доведам кај Христос. Тие му се потчинуваат на Мојсеевиот Закон, па и јас се придржувам кон истиот Закон, за да можам да ги доведам кај Христос, иако јас веќе не сум под тој Закон.
21Кога сум со луѓе што не го признаваат Мојсеевиот Закон, го оставам Законот настрана, та и нив да ги доведам кај Христос. Се разбира, јас не живеам без закон, зашто го почитувам Божјиот Закон, односно, се раководам од Христовиот закон.
22Кога сум со сиромаси[34] и јас живеам како нив, па и нив да ги доведам кај Христос. На сите им се прилагодив, сите начини ги применив за да спасам некои од нив.
23Сето тоа го правам за да се шири Радосната вест, па и јас да уживам во благословите што таа ги носи.
24Знаете дека на трката трчаат сите натпреварувачи, но само еден ја добива наградата. И вие треба да трчате со цел да победите!
25Секој атлетичар се одрекува од многу нешта, за да добие награда што нема долго да вреди, а нашата награда вечно ќе вреди.
26Јас не трчам кон нешто неизвесно, не удирам во празно,
27туку го вежбам моето тело на издржливост и го обуздувам, за да не се случи, додека им проповедам на другите, самиот да испаднам од трката.
Глава 10
уреди
Предупредување против идолопоклонството
уреди
1Драги мои, сакам да ве потсетам на нашите предци кога патуваа низ пустината. Бог ги водеше, испраќајќи подвижен облак да ги води[35]; сите безбедно минаа преку морето.
2Како следбеници на Мојсеј, тие беа крстени во морето, со Божјиот облак над нив.
3Сите ја јадеа истата храна[36] што ја добиваа на чудотворен начин,
4сите ја пиеја истата вода што потече за нив на чудотворен начин[37], зашто тие пиеја од духовната Карпа која ги придружуваше. Таа „Карпа“ беше Христос.
5Сепак, со повеќето од нив Бог не беше задоволен. Затоа тие изумреа, а нивните тела останаа расфрлани по пустината.
6Тоа што им се случи е поука за нас, за да не посакуваме зли нешта, како што посакуваа тие,
7да не станеме идолопоклоници, како што станаа некои од нив. За ова во Светото писмо пишува:
„Луѓето славеа со гозби и пијанки,
а потоа станаа на пагански игри[38]!“
8Да не вршиме блуд, како што вршеа некои од нив поради што во само еден ден загинаа дваесет и три илјади души!
9Да не Го предизвикуваме[39] Господ[40], како што некои од нив Го предизвикуваа, па изгинаа каснати од змии.
10Немојте да негодувате, како што некои од нив негодуваа, па Господ го испрати ангелот на смртта да ги погуби.
11Ова што им се случи ним, треба да биде поука за нас. Тоа е запишано во Светото писмо како предупредување за нас што живееме во овие последни денови.
12Затоа, секој што мисли дека е цврст спрема искушенијата, нека внимава да не потклекне.
13Искушенијата ги сполетуваат сите луѓе, но тие не се над вашите сили. Тој нема да дозволи да бидете искушувани повеќе отколку што можете да поднесете. А за секое искушение ќе ви покаже излез и ќе ви даде сили да се одбраните.
14Затоа, драги мои, пазете се од идолопоклонство.
15Вие сте разумни луѓе и самите можете да расудите за ова што ќе ви го кажам.
16Кога на Господовата вечера[41] пиеме од чашата над која молиме Божји благослов, не земаме ли учество во придобивките што произлегуваат од Христовата крв? Кога го кршиме лебот и го јадеме, не земаме ли учество во придобивките што произлегуваат од Христовото тело?
17Со тоа што јадеме од еден ист леб покажуваме дека сите ние сме едно тело.
18Погледнете го израелскиот народ. Тие, јадејќи од жртвите принесени на еден ист жртвеник, покажуваат дека се еден народ[42].
19Што сакам да кажам со ова? Дали идолите на кои паганите им принесуваат жртви се вистински богови и дали од тие жртви има некаква придобивка?
20Се разбира, не! Она што тие го принесуваат како жртва, им го принесуваат на демоните, а не на Бог, а јас не сакам вие да општите со демони.
21Не може да пиете од чашата на Господ, а потоа и од чашата на демоните! Не може да седите на Господовата трпеза, а потоа и на демонската трпеза!
22Зар ќе предизвикуваме љубомора[43] кај Господ? Зар сме ние посилни од Него?
23Велите: „Имаме слобода да правиме што сакаме!“ Да, но не е сѐ полезно! Иако имаме слобода да правиме што сакаме, не допринесува сѐ за наше изградување!
24Ниеден од нас не треба да ги гледа само своите интереси, туку да водиме сметка и за другите луѓе.
25Еве како треба да постапувате. Слободно јадете од секое месо што се продава на пазар, без да се распрашувате дали било наменето за идоли; така нема да ве гризе совеста.
26А Светото писмо вели: „Господова е Земјата и сѐ што ја исполнува[44].“
27Ако некој што не е христијанин ве покани на вечера и вие сакате да одите, одете слободно. Јадете од сѐ што ќе ви биде принесено, без да се распрашувате дали таа храна била наменета како принос за идоли; така нема да ве гризе совеста.
28Но ако некој ве предупреди и ви рече: „Таа храна е од приноси на идоли“, тогаш немојте да јадете, заради совеста на тој што ви го рекол тоа.
29Значи, не заради вашата совест, туку заради совеста на тој што ве предупредил.
Можеби некој рече: „Зошто мојата слобода да биде ограничена од тоа што им ја обременува совеста на други луѓе!?
30Ако јас Му се заблагодарувам на Бог за она што го јадам, зошто некој да ме напаѓа поради тоа што го јадам!?“
31Но дури и јадењето, пиењето, па и секоја наша постапка треба да биде за Божја слава.
32Затоа, немојте да ги соблазнувате ни Евреите, ни другите народи, ни оние што ѝ припаѓаат на Божјата црква.
33Правете како што правам јас: на сите се обидувам да им угодам и не правам онака како што би било најдобро за мене, туку пред сѐ, мислам на другите луѓе. Тоа е затоа што сакам тие да се спасат.
Глава 11
уреди
1Следете го мојот пример, како што јас го следам примерот на Христос.
ЗА НЕКОИ ПРАВИЛА НА БОГОСЛУЖБИТЕ
уреди
2Мило ми е, драги пријатели, што постојано сум ви во мислите и ве пофалувам што точно го следите христијанското учење, онака како што ви го пренесов.
3Но има нешто што сакам да го знаете: Секој маж има свој поглавар, а тоа е Христос, и секоја жена има свој поглавар, а тоа е нејзиниот маж. И Христос има свој поглавар, а тоа е Бог[45].
4Секој маж што се моли или пророкува со покривало на главата го срамоти својот поглавар, односно Христос.
5И секоја жена што се моли или пророкува гологлава, го срамоти својот поглавар, односно мажот, зашто тоа е исто како да ѝ е избричена главата.
6Ако некоја жена не сака да носи покривало на својата глава, тоа е како да е сосема истрижана! А бидејќи е срамно жените да бидат истрижени или со избричена глава, нека носат покривала[46].
7Мажот не треба да носи покривало на главата бидејќи тој ја одразува Божјата слава и беше создаден според Божјиот лик. Жената пак, ја одразува славата на мажот.
8Зашто првиот човек не беше создаден од жена, туку жената беше создадена од маж.
9Не беше мажот создаден заради жената, туку жената заради мажот.
10Затоа жените треба да носат покривала на главата како знак на потчинетост[47], бидејќи ангелите гледаат.
11Но според Господ, ниту мажот е независен од жената, ниту жената е независна од мажот.
12Како што жената потекнува од мажот, така и мажот дошол на свет преку жена, а Создател на сѐ што суштествува е Бог.
13Кажете сами, дали прилега жена да Му се моли на Бог без покривало на главата?
14Зар самата природа не ве учи дека на мажот не му прилега да носи долга коса?
15Од друга страна, за жената долгата коса е украс. Таа ѝ е дадена како еден вид покривало на главата.
16Но, ако некој има намера да се препира околу ова прашање, ниту ние, ниту другите Божји цркви немаме таков обичај[48].
2) За Господовата спомен-вечера (Причест)
уреди
17За следното прашање, за кое ќе ви дадам упатства, не можам да ве пофалам, зашто се чини дека вашите собирања предизвикуваат повеќе штета одошто полза!
18Пред сѐ, слушам, а делумно и верувам во тоа, дека, кога се собирате на богослужби, меѓу вас има подвоеност.
19Неизбежно е и меѓу вас да се појават групи[49] што ќе се отцепат од вас. Но така ќе се види кој се држи до вистината.
20Слушам дека кога се собирате на Господовата спомен-вечера[50]
21секој гледа брзо да си го изеде тоа што го донел, па еден останува гладен, а друг се опива!
22Си немате ли вие куќи, па таму да јадете и да пиете? Или сакате да ги презирате сиромашните во Божјата црква!? Што да ви кажам? Зар да ве фалам? За тоа не можам да ве пофалам!
23И вам ќе ви го пренесам она што Господ мене ми го предаде. Ноќта кога беше предаден, Господ Исус зеде леб,
24се заблагодари, го раскрши и рече: „Ова е моето тело што се крши за вас. Правете го ова како спомен за Мене.“
25Исто така, по вечерата зеде чаша со вино[51] и рече: „Оваа чаша е Новиот Завет меѓу Бог и вас, запечатен со Мојата крв. Потсетувајте се на ова секогаш кога ќе пиете за сеќавање на Мене.“
26Секојпат кога за оваа цел јадете од лебот и пиете од чашата, ја прикажувате смртта на Господ, сѐ додека Тој повторно не дојде.
27Секој што недостојно јаде од лебот или пие од чашата Господова, виновен е за непочитување на телото и крвта на Господ.
28Секој прво нека се преиспита, а потоа нека јаде од лебот и нека пие од чашата принесена како Господова спомен-вечера.
29Зашто, оној што зема учество во спомен-вечерата Господова, а нема правилна вера, разбирање и почит спрема телото на Господ, си навлекува осуда врз себе!
30Затоа меѓу вас има многу слаби и болни, а некои дури и починаа.
31Кога самите себеси би се преиспитувале, не би биле казнувани.
32А кога Господ нѐ кара и казнува, тоа е за да нѐ поправи, па да не бидеме осудени заедно со неверничкиот свет.
33Затоа драги мои, кога се собирате да ја јадете Господовата спомен-вечера, причекувајте се!
34Ако е некој гладен, нека јаде дома. Така вашите собирања нема да ви носат осуда.
А за другите работи, ќе ви дадам упатства кога ќе дојдам.
Глава 12
уреди
ЗА ДУХОВНИТЕ ДАРОВИ
уреди
1А сега, драги пријатели христијани, сакам да ви напишам нешто и за духовните дарови, односно, даровите што Светиот Дух му ги дава на секој од нас, за да немате погрешна претстава по ова прашање.
2Знаете дека кога бевте пагани вие бевте заведени и влечени кон обожавање на неми идоли.
3Затоа сакам да ви кажам како да разликувате дали нешто е навистина од Бог: како што ниеден човек кој е воден од Божјиот Дух не може да Го колне Исус, така и никој не може да исповеда дека Исус е Господ, доколку не е воден од Светиот Дух.
4Постојат различни духовни дарови, но сите нив ги дава истиот Дух.
5Постојат различни начини на кои секој од нас помага во Црквата, но сите ние работиме за истиот Господ.
6Постојат различни начини на кои Бог дејствува во нашите животи, но преку сите нас работи истиот Бог.
7Преку секој од нас, Светиот Дух дејствува на општа полза за сите.
8На некои луѓе Светиот Дух им дал дарба мудро да зборуваат, на други им дал особено знаење.
9Истиот Дух на едни луѓе им дава посебна вера, а на други - дарба да исцелуваат.
10На некои луѓе им дава моќ да прават чуда, на други да пророкуваат; на некои луѓе им дава способност да распознаваат дали духот што зборува навистина е од Бог или не, на други да зборуваат на различни јазици, а на трети, пак, да преведуваат од различни јазици.
11Сите овие нешта ги прави единствениот и истиот Свет Дух, Кој ги распоредува даровите онака како што лично Тој ќе реши.
Споредба со органите во телото
уреди
12Како што едно живо тело е составено од многу органи и сите тие многубројни органи сочинуваат едно исто тело, така е и со Црквата, која е Христово тело.
13Нас нѐ има Евреи и припадници на другите народи[52], некои од нас се робови, а некои слободни. Сепак Божјиот Дух сите нас нѐ крсти и од нас направи едно тело. Секој од нас го прими истиот Дух[53].
14Телото не е составено само од еден орган, туку од повеќе органи.
15Ако ногата рече: „Јас не сум дел од телото, бидејќи не сум рака!“ Дали тоа што е нога, а не рака, е причина да не се смета за дел од телото?
16Или ако увото рече: „Јас не сум дел од телото, бидејќи не сум око!“ Дали тоа што е уво, а не око, е причина да не се смета за дел од телото?
17Ако целото тело беше само око, како ќе слушавме? Ако целото тело беше само уво, како ќе чувствувавме мириси?
18Но Бог го создаде нашето тело со многу органи и ги постави онаму каде што сметал дека им е местото.
19Ако има само еден орган, тоа нема да претставува тело!
20Телото е едно, но се состои од многу органи.
21Окото не може да ѝ каже на раката: „Не си ми потребна!“, ниту главата може да им каже на нозете: „Не сте ми потребни!“
22Напротив, органите што ни изгледаат послаби се многу понеопходни,
23а на оние што ги сметаме за понеугледни, им посветуваме поголемо внимание! Значи, поголемо внимание им посветуваме на нашите понеугледни органи,
24зашто угледните органи немаат потреба од тоа. Бог така го составил телото, што им дал поголема чест на органите кои ние не ги истакнуваме.
25Така во самото тело нема неединство, туку органите еднакво се грижат еден за друг.
26Кога еден орган страда, со него страдаат сите органи. Кога на еден орган му се оддаде признание, со него се радуваат сите органи.
27Сите заедно, вие сте Христово тело, а секој поединец е посебен орган во тоа тело.
28Во Христовото тело, односно во Црквата, Бог поставил
прво апостоли,
второ пророци,
трето учители,
по нив се оние што прават чуда,
па оние што имаат дар да исцелуваат,
па оние што им помагаат на другите,
па оние што умеат да управуваат
и оние што зборуваат разни јазици.
29Зар треба сите да бидат апостоли? Треба ли сите да бидат пророци? Зар треба сите да бидат учители? Може ли сите да прават чуда?
30Може ли сите да имаат дар да исцелуваат? Треба ли сите да зборуваат на разни јазици? Може ли секој да преведува од друг јазик? Се разбира, не!
31Стремете се кон поголеми дарби!
А јас ќе ви покажам што е неспоредливо подобро од која и да е дарба!
Глава 13
уреди
Славопој за љубовта
уреди
1И да умеам да зборувам на сите можни јазици,
човечки и ангелски,
а немам љубов,
јас би бил како гонг што одѕвонува,
како цимбал што ѕвечи.
2И да имам дарба да пророкувам,
да ги знам сите тајни,
да го имам собрано целото знаење,
да имам вера што може планини да преместува,
а немам љубов -
не вредам ништо!
3И да раздадам на сиромаси сѐ што имам,
па и сопственото тело да си го жртвувам[54],
а немам љубов -
ништо не сум направил!
4Да имаш љубов, значи:
да имаш голема стрпливост и
да бидеш љубезен.
Да не си завидлив,
да не се фалиш, да не се вообразуваш.
5Да не бидеш груб, да не бидеш себичен,
да не бидеш избувлив, да не памтиш зло.
6Да не се радуваш на ниедна неправда,
а да се радуваш на вистината.
7Секогаш да имаш разбирање за другите,
секогаш да веруваш,
секогаш да се надеваш и сѐ да поднесуваш.
8Љубовта е вечна,
а пророкувањата ќе престанат,
зборувањето на непознати јазици ќе молкне,
сегашното знаење ќе се надмине.
9Зашто, нашето знаење е нецелосно,
па и пророштвата само малку ни откриваат;
10а кога ќе дојде времето на совршенството,
сѐ што е нецелосно ќе исчезне.
11Кога бев дете, зборував како дете,
размислував како дете и расудував како дете.
Кога станав зрел човек,
престанав да се однесувам како дете.
12Ние сега гледаме нејасно,
како во замаглено огледало,
а тогаш ќе бидеме лице в лице со Бог,
и сѐ ќе ни стане јасно.
Сѐ што знам сега е нецелосно,
а тогаш сѐ ќе знам совршено,
како што мене Бог совршено ме познава.
13Има три работи што ќе опстојат:
верата, надежта и љубовта;
а од сите нив, најголема е љубовта.
Глава 14
уреди
Дарбата за зборување туѓи јазици и дарбата за пророкување
уреди
1Љубовта нека ви биде највозвишената цел! Бидете желни и за духовни дарби, а посебно за дарба да пророкувате[55].
2Зашто, кога некој зборува на непознати јазици, Бог ќе го разбере, но не и луѓето. Тоа што го зборува воден од Светиот Дух, ќе остане тајна за луѓето.
3А оној што пророкува, им зборува на луѓето за да ги поучи, да ги опомене и да ги утеши.
4Оној што зборува на непознати јазици, самиот себе се надградува, а оној што пророкува ги надградува сите што се во црквата.
5Би сакал сите вие да имате дарба да зборувате на непознати јазици, но повеќе би сакал да умеете да пророкувате. Оној што пророкува извршува поважна служба од оној што зборува на јазици, освен ако има и превод, па луѓето во црквата да можат да се поучат.
6Драги мои, ако дојдам кај вас и ви зборувам на непознати јазици, каква полза ќе имате, ако не ви откријам што значи тоа? Каква полза ќе имате ако не ви кажам нешто што не го знаете, ако не ви пророкувам и не ве поучам?
7Дури и музичките инструменти, како на пример флејта или харфа, иако не се живи суштества, треба да испуштаат јасни тонови инаку, како ќе ја распознаваме мелодијата?
8Ако трубата не дава препознатлив звук, како ќе знаат војниците дека треба да се подготват за борба?
9Така и вие, ако не ја пренесете пораката со разбирливи зборови, како ќе се знае што сте рекле? Зборувањето ќе ви биде во ветер!
10На светот постојат многу јазици и сите си имаат смисла за оние што ги разбираат.
11Но ако јас не го знам јазикот, ниту јас ќе можам да го разберам човекот што ми зборува на тој јазик, ниту тој ќе може да ме разбере мене.
12Затоа, кога сте веќе толку желни за духовни дарби, барајте такви дарби што ќе бидат најполезни за Црквата.
13Оној што има дарба да зборува на туѓ јазик, треба да се моли и за способност да им го преведе на слушателите.
14Зашто, ако се молам на јазик што не го разбирам, мојот дух се моли, но мојот разум нема никаква полза од тоа.
15Значи, што треба да правам? Да се молам со мојот дух, но да биде вклучен и мојот разум! Да пеам со мојот дух, но да биде вклучен и мојот разум.
16Во спротивно, ако се молите само во својот дух, како може оној што не ве разбира да каже „Амин[56]“ на вашите искажани благодарности, кога не разбира што сте рекле?
17Вие можеби сте Му се заблагодариле на Бог на прекрасен начин, но во тоа нема поука за другите.
18Благодарен сум Му на Бог што јас зборувам повеќе јазици од сите вас,
19сепак во црквата претпочитам да кажам пет збора што сите ќе ги разберат и од нив ќе се поучат, отколку десет илјади зборови на јазик што никој не го разбира.
20Драги пријатели христијани, немојте да се однесувате како да сте со детски ум! Во однос на злото, треба да бидете наивни како деца, но во расудувањето бидете со зрели умови.
21Во Светото писмо[57] е напишано:
„Ќе му се обратам на овој народ на разни јазици,
преку луѓе кои ќе им говорат на разни јазици,
но ни тогаш нема да Ме послушаат[58]“ - вели Господ.
22Духовниот дар да се зборува на туѓи јазици можеби им значи нешто на оние кои сѐ уште не поверувале, но не и на оние што веруваат. Пророкувањето, од друга страна, е првенствено наменето за оние што веруваат, а не за оние што не веруваат.
23Замислете да се собере целата црква и сите да почнат да зборуваат на непознати јазици; ако влезе некој неупатен или неверен, зар нема да помисли дека сте полуделе!?
24Но ако во црквата се пророкува, па влезе некој неупатен или неверник, ќе слушне, ќе сфати дека е грешен и дека начинот на кој живее е за осуда.
25Додека слуша, ќе му бидат разоткриени тајните на неговото срце, па ќе клекне на колена и ќе Му се помоли на Бог, признавајќи дека Бог навистина е овде, меѓу вас.
Ред на богослужбите
уреди
26Значи, што барам јас од вас, драги пријатели христијани? На вашите собранија, некој ќе сака да каже псалм, некој поука, некој нешто што Му е откриено од Бог, некој ќе зборува на непознат јазик, друг ќе го преведува. Сите тие нешта треба да бидат за ваша духовна изградба.
27Ако некои посакаат да зборуваат на непознат јазик, нека зборуваат двајца или најмногу тројца и тоа еден по еден, а некој нека ги преведува.
28Ако нема кој да ги преведува, нека не зборуваат јавно во црквата, туку приватно, пред Бог.
29И кога се пророкува, нека зборуваат двајца или тројца, а другите нека размислуваат за кажаното.
30Ако некој од учесниците добие откровение од Бог, тогаш оној што зборува тогаш треба да заврши, па да почне другиот да зборува.
31Така сите што пророкуваат ќе можат да зборуваат, но само еден по еден, за сите да можат да научат нешто и да се охрабрат.
32Зашто и луѓето што пророкуваат треба да се контролираат и да си го чекаат својот ред!
33Бог не сака безредие, туку сака сѐ да се одвива во ред и мир, како што е во сите христијански цркви[59].
34Жените не треба да говорат на богослужбите. Тие треба да молчат и да слушаат, како што наложува Мојсеевиот Закон.
35Ако нешто не им е јасно[60], нека ги прашаат дома своите мажи. На жена не ѝ доликува да говори на богослужба[61].
36Божјото слово, драги христијани во Коринт, ниту започна од вас, ниту завршува кај вас!
37Ако некој се смета за пророк или за духовен човек, ќе сфати дека овие работи што ви ги напишав се заповеди од Господ.
38Ако некој го отфрла ова, Господ ќе го отфрли него[62]!
39Така, драги мои, бидете желни да пророкувате. Не забранувајте го зборувањето на непознати јазици,
40но сѐ мора да се прави пристојно и уредно!
Глава 15
уреди
Суштината на Радосната вест
уреди
1Драги пријатели христијани! Сакам да ве потсетам на Радосната вест што ви ја проповедав, која вие ја прифативте и која ви стана основа на верата.
2Таа Радосна вест што јас ви ја проповедав ќе ви донесе спасение, докалку цврсто се држите до неа, освен ако немате празна или лажна вера.
3Јас најпрвин ви ја пренесов најважната порака, онака како што и мене ми беше пренесена: Христос умре за нашите гревови, согласно со предвестувањето запишано во Светото Писмо;
4беше погребан и воскресна на третиот ден, согласно со предвестувањето запишано во Светото Писмо.
5Воскреснатиот Христос се јави на Петар[63] и на дванаесетте апостоли,
6а подоцна и на повеќе од петстотини Негови следбеници[64] заедно, од кои повеќето сѐ уште се живи, иако некои веќе починаа.
7Потоа му се јави на Јаков, а на крајот одново на сите апостоли.
8Најпосле по извесно време, ми се јави и мене, како на духовно недоносче.
9Јас се сметам за најмал меѓу апостолите. Не заслужувам дури ни да се наречам апостол, бидејќи јас ја прогонував Божјата црква.
10Но, Бог ми беше милостиво благонаклонет, па станав тоа што сум и ја оправдав Неговата благонаклоност спрема мене. Работев најмногу од сите апостоли, иако за тоа не сум заслужен јас, туку Божјата благонаклоност спрема мене.
11Сепак, не е важно дали проповедам јас или некој од другите апостоли. Важно е тоа што го проповедаме, и тоа што вие поверувавте.
За воскресението на мртвите
уреди
12Ако е јасно посведочено дека Христос воскресна од мртвите, како тоа некои од вас велат дека мртвите нема да воскреснат?
13Ако е невозможно мртвите да воскреснуваат, тогаш ни Христос не воскреснал!
14А ако Христос не воскреснал, тогаш се без основа и нашето проповедање и вашата вера!
15Зашто, би испаднало дека тоа што ние го кажуваме за Бог е лага, бидејќи ние сме сведоци дека Бог Го воскресна Христос; а ако е невозможно мртвите да воскреснуваат, тогаш значи Бог не Го воскреснал Христос!
16Ако е невозможно мртвите да бидат воскреснати, произлегува дека ни Христос не бил воскреснат.
17Ако Христос не бил воскреснат, тогаш вашата вера е безвредна - вие сте и понатаму под осуда на вашите гревови!
18Тоа би значело дека и луѓето што починаа со вера во Христос се неповратно загинати!
19Ако ние се надевавме на Христос само за овој живот, тогаш сите ние сме најмизерни од сите луѓе на светот!
20Но Христос воскресна од мртвите! Тој стана прв плод од големата жетва на сите што ќе бидат воскреснати од мртвите.
21Како што смртта дојде на овој свет преку еден човек, Адам, така преку еден човек дојде и воскресението на мртвите, имено, преку Христос.
22Како што сите умираме поради нашата поврзаност со Адам, така сите што се поврзани со Христос, повторно ќе оживеат[65],
23но според утврдениот ред. Прво воскресна Христос, а потоа, кога Тој ќе се врати, ќе воскреснат и Христовите следбеници.
24После тоа ќе дојде крајот. Христос ќе ги уништи сите зли владетели, власти и сили и ќе Му го предаде царувањето на Таткото Бог.
25Зашто Христос ќе владее, „сѐ додека не ги собори и згази сите Свои непријатели“.
26Последниот непријател што ќе биде уништен ќе биде смртта.
27Кога Светото писмо вели: „Сѐ ќе покори под Своите стапала.“ јасно е дека тоа не Го вклучува Бога, зашто Бог е Тој што ќе покори сѐ и ќе Му го потчини на Христос.
28Кога сѐ ќе биде под власта на Божјиот Син, тогаш Самииот Тој ќе Му се потчини на Бог, Кој претходно Нему Му потчини сѐ. Така Бог целосно ќе владее над сѐ.
29Ако нема воскресение за мртвите, тогаш, што сакаат да постигнат луѓето што се крштаваат заради нив? Зошто се крштаваат во име на мртвите, ако нема воскресение на мртвите!?
30Зошто ние секој миг се изложуваме на опасности?
31Зошто јас секојдневно се соочувам со смртта? Ви се колнам дека е така, ви се колнам во она со што многу се гордеам пред нашиот Господ Исус Христос, а тоа е што вие станавте христијани.
32Ако во Ефес се борев со диви ѕверови надевајќи се само на она на што се надеваат обичните луѓе, каква корист ќе имам од тоа? Ако нема воскресение за мртвите, тогаш:
„Да јадеме и да пиеме,
зашто ионака наскоро ќе умреме[66]!“
33Не дозволувајте да ве залажат оние што така велат, зашто: „Лошото друштво го уништува добриот карактер!“ 34Вразумете се како што треба, и престанете да грешите! Простете што ќе ви го кажам ова, но треба да се засрамите, што некои од вас сѐ уште не Го познаваат Бога!
За новите воскреснати тела
уреди
35Некој од вас ќе праша: „Како ќе воскреснат мртвите? Какви тела ќе имаат?“
36Размислете разумно: кога сеете некое семе, тоа најпрво умира, а потоа од него израснува жива билка.
37Она што го сеете е голо зрно пченица или нешто друго. Семето изгледа сосема различно од растението што подоцна ќе изникне.
38На секое посадено семе Бог му дава тело какво што Тој сака. Секое си има свое сопствено тело.
39А знаеме дека има разлики меѓу телата на луѓето, животните, птиците и рибите.
40Постојат и небесни и земни тела, но славата на небесните тела е различна од убавината на земните тела.
41Сјајот на сонцето се разликува од сјајот на месечината; поинаков е пак, сјајот на ѕвездите, а и ѕвездите меѓусебно се разликуваат по својот сјај.
42Слично ќе биде и со воскресението на мртвите. Се закопува распадливо тело, а ќе воскресне бесмртно тело.
43Се погребува истоштено, грдо, слабо тело, а ќе воскресне славно и силно тело.
44Се погребува материјално тело, а ќе воскресне духовно тело. Како што постои материјално тело, така постои и духовно тело.
45Во Светото писмо пишува: „Првиот човек, Адам, стана жива душа.“ А Христос, Кој може да биде наречен „Последниот Адам“, е Дух што дава живот.
46Но прво доаѓа материјалното тело, а потоа духовното.
47Првиот човек, Адам, беше создаден од земја, направен од земен прав. Вториот човек, Христос, потекнува од небото.
48Какво што беше телото на Адам, такво е и телото на секој човек сега: тоа е тело создадено од земја. Но на небото ќе имаме тела како Христовото тело, бидејќи Христос потекнува од небото.
49Како што сега личиме на Адам, на човекот направен од земен прав, така тогаш ќе личиме на Христос, на човекот што потекнува од небото.
50Драги мои, она што сакам да ви го кажам е дека телата од крв и месо не можат да го наследат Божјото царство. Тие се разпадливи тела и како такви не можат да бидат жители на Божјото царство.
51Ќе ви откријам една тајна: сите нема да доживееме физичка смрт, сите ќе бидеме преобразени.
52Тоа ќе се случи брзо, за еден миг на окото. Кога ќе се огласи последната труба, починатите Христови следбеници ќе бидат воскреснати во бесмртни тела, а ние што сме живи ќе бидеме преобразени исто така во бесмртни тела.
53Неопходно е нашите распадливи тела да се преобразат во нераспадливи, и тоа што е смртно да се преобрази во бесмртно.
54Кога нашите распадливи тела ќе се преобразат во нераспадливи, и смртното ќе стане бесмртно, тогаш ќе се исполни она што е напишано во Светото писмо:
<бр Ѓ>
„Смртта е уништена и победата е целосна[67]!“
55<О, смрт, каде е твојата победа?
О, смрт, каде е твоето осило[68]?“
56Гревот е осилото на смртта, а силата на гревот почива врз одредбите на Божјиот закон.
57Но Бог ни даде победа над гревот и смртта преку нашиот Господ Исус Христос и треба да Му бидеме многу благодарни за тоа.
58Затоа, драги пријатели христијани, бидете цврсти и непоколебливи, секогаш подготвени да го унапредувате делото Господово, свесни дека тоа што го работите за Господ нема да биде попусто.
Глава 16
уреди
Доброволни прилози за Ерусалимската црква
уреди
1А сега нешто во врска со доброволните прилози за христијаните во Ерусалим. Она што им го кажав на црквите во Галатија важи и за вас.
2Секој прв ден во неделата, секој од вас нека издвои на страна дел од она што го заработил и нека го чува кај себе, за да не собирате прилози дури кога јас ќе дојдам.
3Кога ќе пристигнам, ќе испратиме луѓе што вие ги сметате за достојни да го однесат во Ерусалим она што вие со љубов ќе го подарите, а ќе составиме и пригодни писма.
4Ако можам да појдам и јас, ќе отпатуваме заедно.
Завршни упатства
уреди
5Ќе дојдам кај вас откако најпрво ќе ја посетам Македонија, зашто планирам да патувам преку Македонија.
6Ќе останам кај вас извесно време, можеби и целата зима, а потоа ќе ме испратите на моето следно патување.
7Не сакам да ве посетам сега, само на минување, туку сакам, ако Господ допушти, да останам кај вас извесно време.
8Ќе останам во Ефес сѐ до Духовден[69],
9зашто за мене овде се отвори широко поле за работа и се надевам на успех, иако има и многумина што ми се противставуваат.
10Ако дојде Тимотеј, погрижете се да му обезбедите спокоен престој кај вас, бидејќи и тој работи за Господ, како што работам и јас.
11Никој да не го потценува, туку испратете го со мир, за да дојде кај мене, зашто јас и браќата го чекаме.
12Во врска со братот Аполос, јас многу го молев да дојде кај вас, заедно со другите браќа христијани, но тој не сакаше да тргне кај вас сега. Ќе дојде тогаш кога ќе има можност.
13Бидете постојано будни и непоколебливи во она што го верувате; бидете храбри и силни.
14Сѐ што работите нека биде со љубов.
15Сега, драги мои, ве молам за семејството на Стефан, првиот христијанин во Ахаја[70], кој се стави во служба на верните.
16Слушајте ги таквите водачи како него и оние што работат и се трудат со него.
17Многу се радувам што Стефан, Фортунат и Ахаик дојдоа кај мене, зашто така ми се пополни празнината што ја чувствувам за вас.
18Тие ни донесоа утеха и поттик и мене и вам. Таквите луѓе заслужуваат посебно признание.
Поздрави
уреди
19Ве поздравуваат црквите од покраината Азија[71]. Акила и Приска, заедно со оние што се собираат во нивниот дом, од сѐ срце ве поздравуваат.
20Ве поздравуваат сите христијани. Поздравете се најсрдечно[72] еден со друг.
21Со своја рака ви пишувам: поздави од мене Павле.
22Проклет нека биде оној што нема љубов спрема Господ! Мараната[73] (Дојди Господе!)!
23Господ Исус нека ви биде благонаклонет.
24Ве сакам сите што сте следбеници на Исус Христос[74].
- ↑ Во оригиналот: ЃКефаЃ. Тоа е еврејскиот еквивалент на името Петар.
- ↑ Цитат од Исаија 29:14.
- ↑ Буквално: Ѓодбра да ги спаси верните, преку лудоста на проповедањетоЃ.
- ↑ Буквално: ЃГрциЃ.
- ↑ Цитат од Еремија 9:24.
- ↑ Буквално: ЃтајнаЃ, а во некои ракописи: ЃсведоштвоЃ.
- ↑ Цитат од Исаија 64:4.
- ↑ Или: Ѓдуховните нешта им ги објаснува на духовните луѓеЃ.
- ↑ Цитат од Исаија 40:13.
- ↑ Буквално: Ѓкако на бебиња во ХристосЃ.
- ↑ Или: Ѓсреде васЃ.
- ↑ Буквално: Ѓнека стане безумен, за да стане мударЃ.
- ↑ Јов 5:13.
- ↑ Псалм 94:11.
- ↑ Во оригиналот: ЃКефаЃ. Тоа е еврејскиот еквивалент на името Петар.
- ↑ Буквално: Ѓуправители на Божјите тајниЃ.
- ↑ Буквално: Ѓсо жената на сопствениот таткоЃ.
- ↑ Или: Ѓсо посредство на Светиот духЃ.
- ↑ Буквално: Ѓза уништување на неговото телоЃ. Можеби имплицира и физичка смрт.
- ↑ Преносно: Ѓако се остави и само еден човек да греши, тоа многу брзо ќе се одрази врз ситеЃ.
- ↑ 5 Мој. 17:7; 19:19; 21:21; 22:21,24; 24:7.
- ↑ Буквално: ЃизмиениЃ, се мисли на нивните гревови.
- ↑ Цитат од 1 Мојсеева 2:24. Се однесува на брачна заедница.
- ↑ Буквално: Ѓда не се допира до женаЃ.
- ↑ Матеј 5:32; 19:9; Марко 10:11-12; Лука 16:18.
- ↑ Овој стих зборува за позитивното влијание што може да го внесе еден христијанин, а не и за тоа дека некој може да се спаси врз основ на туѓа вера, макар и од најблизок. Види и 1Петрова 3:1-2.
- ↑ Или: Ѓ...дека нема да успеетеЃ. Изворниот текст не е сосема јасен. Ако мислата ја следи логиката на претходниот стих, тогаш преводот на стих 16 е в ред. Ако, пак, мислата се надоврзува со стиховите 12-14, тогаш пологична е алтернативата дадена во фуснотата.
- ↑ Може да се однесува на свршеница или на ќерка.
- ↑ Или: ЃдевицаЃ, доколку се однесува на ќерка.
- ↑ Се мисли на храна што е принесена како жртва на идоли.
- ↑ Во оригиналот: ЃКефаЃ. Тоа е еврејскиот еквивалент на името Петар.
- ↑ Цитат од 5 Мојсеева 25:4.
- ↑ Некои преведувачи сметаат дека смислата овде е: ЃИако не сум обврзан на никого да му се покорувам, само поради тоа што ме плаќаЃ.
- ↑ Буквално: Ѓслабите, немоќнитеЃ или ЃугнетенитеЃ.
- ↑ Буквално: Ѓтие беа под облакотЃ.
- ↑ Буквално: Ѓдуховна хранаЃ.
- ↑ Буквално: Ѓдуховен пијалокЃ.
- ↑ Цитат од 2 Мојсеева 32:6.
- ↑ Преносно: Ѓда не проверуваме како Тој би реагирал на нашата тврдоглавост и непокорностЃ.
- ↑ Во некои ракописи: ЃХристосЃ.
- ↑ Или: ЃПричестЃ.
- ↑ Буквално: Ѓстануваат соучесници на жртвеникотЃ.
- ↑ Во пророштвата од Стариот Завет честопати застранувањето на Евреите кон други богови се доведува во врска со нивната желба да Го направат Бог љубоморен, односно да Го заинтересираат за нив и да Го натераат да им помогне.
- ↑ Псалм 24:1.
- ↑ Буквално: ЃГлава на секој маж е Христос, глава на секоја жена е нејзиниот сопруг, а глава на Христос е БогЃ.
- ↑ Или: Ѓнека носат долга косаЃ.
- ↑ Или: Ѓкако знак на својот авторитетЃ.
- ↑ Или: Ѓво нашата црква, и во сите Божји цркви, нема друг обичај освен овојЃ.
- ↑ Во оригиналот: ЃересиЃ. Може да значи ЃсектиЃ, ЃнесогласувањаЃ, ЃрасцепиЃ.
- ↑ Или: ЃПричестаЃ. Првите христијани често се собирале да јадат заедно во спомен на Господ Исус Христос. Причеста не била само леб и вино, туку целосен оброк.
- ↑ Или: Ѓгроздов сокЃ. Зборот е овде имплициран, т.е., го нема во оригиналот, туку стои само Ѓзеде чашаЃ.
- ↑ Буквално: ЃГрциЃ.
- ↑ Буквално: ЃСите сме напоени од еден ист ДухЃ.
- ↑ Во некои ракописи: Ѓго предадам на оган, го жртвувам за да можам со тоа да се фаламЃ.
- ↑ Првичното библиско значење на зборот ЃпророкуваЃ е: поучува, советува, ја проповеда Божјата порака.
- ↑ Амин значи: „Да, така нека биде“ или „Вистина е“.
- ↑ Буквално: Ѓво ЗаконотЃ.
- ↑ Цитат од Исаија: 28:11-12.
- ↑ Реченицата: Ѓкако што е во сите христијански црквиЃ, може да се припои и кон наредниот стих.
- ↑ Обичај било жените да седат зад мажите. Овде Павле ги советува дека ако не успеат да разберат дел од реченото, не треба веднаш да упаѓаат и да прашуваат, туку после, откако ќе заврши богослужбата.
- ↑ Во некои ракописи 34 и 35 стих се поместени на крајот на оваа глава.
- ↑ Според некои ракописи: ЃАко не го разбирате ова, останете си во вашето неразбирањеЃ.
- ↑ Грчки: ЃКефаЃ.
- ↑ Буквално: ЃбраќаЃ.
- ↑ Буквално: ЃКако што во Адам сите умираат, така во Христос сите ќе оживеатЃ.
- ↑ Цитат од Исаија: 22:13.
- ↑ Цитат од Исаија 25:8.
- ↑ Цитат од Осија 13:14.
- ↑ Во оригиналот: ЃПедесетницаЃ.
- ↑ Грција, областа јужно од Олимп.
- ↑ Во тоа време под Азија се подразбирала римската провинција во денешна западна Турција.
- ↑ Буквално: Ѓсо свет бакнежЃ.
- ↑ Од арамејски: Ѓмарана таЃ.
- ↑ Во некои ракописи има и: ЃАминЃ.