18 глава Прва книга летописи
19 глава
од н.п.
20 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Потоа умре Нас, царот на Амонците, и син му се зацари на негово место.
  2 Давид си рече во себеси: „Ќе му искажам љубов на Насовиот син Анун, зашто и неговиот татко ми искажа милост мене.” Давид испрати посланици за да му изразат сочувство заради смртта на неговиот татко. Кога Давидовите слуги дојдоа во земјата на Амонците кај Ануна за да му искажат сочувство,
  3 кнезовите на Амонците му рекоа на Анун: „Зар мислиш дека Давид ги испрати луѓето за да ти искажат сочувство затоа што сака да му укаже чест на твојот татко? Не дојдоа ли затоа неговите слуги кај тебе, за да ја извидат, за да ја истражат и за да ја согледаат земјата?”
  4 Тогаш Анун ги грабна Давидовите слуги и ги избричи, им ги потсече облеките до половина, до крстот, и ги испрати назад!
  5 Кога му го јавија тоа на Давида, тој испрати човек пред нив, зашто беа многу засрамени, и им порача: „Останете во Ерихон додека не ви порасте брадата, па тогаш вратете се.”
  6 Кога Амоновите синови видоа дека се замразија со Давида, Анун со Амоновите синови испрати илјада сребрени таланти за да наемат со плата бојни коли и коњаници од Арам Нахараим, од Арам Мах и од Сова.
  7 Зедоа под наем за плата триесет и две илјади бојни коли, и царот на Маха со неговиот народ, та тие дојдоа и се настанија пред Медева. Амоновите синови се собраа од сите свои градови и дојдоа во бој.
  8 Кога Давид го чу тоа, го испрати Јоава со сета своја јуначка војска.
  9 Амоновите синови излегоа и се подредија во боен ред пред градската врата; а царевите кои дојдоа стоеја одделно во полето.
10 Откако ги виде поставените бојни редови кон себе, однапред и одназад, Јоав ги одбра најхрабрите меѓу Израелците и ги подреди спрема Арамејците.
11 Другата војска му ја предаде на братот Ависај, за да ја подреди спрема Амонците.
12 И му рече: „Ако Арамејците бидат појаки од мене, тогаш ти прискочи ми на помош; ако Амонците бидат појаки од тебе, јас ќе поитам кај тебе на помош.
13 Биди храбар и да се држиме јуначки заради народот и заради градовите на нашиот Бог; а Господ нека направи што Му е угодно.”
14 Тогаш Јоав и војската која беше со него почнаа да се доближуваат за да удрат на Арамејците, но тие избегаа пред нив.
15 Кога Амонците видоа дека Арамејците избегаа, избегаа и тие пред неговиот брат Ависај и се повлекоа в град. Тогаш Јоав се врати во Ерусалим.
16 А Арамејците, откако видоа дека Израелците ги поразија, испратија пратеници и доведоа Арамејци, што се од онаа страна на Реката, на чело со Софак, военачалник на Адар-Езеровата војска, кој ги предводеше.
17 Откако му го соопштија тоа на Давида, тој ги собра сите Израелци, и по преминувањето преку Јордан, им се доближи на Арамејците и се подреди пред нив; кога Давид се подреди во боен ред спрема Арамејците, тие почнаа бој со него.
18 Но Арамејците почнаа да бегаат пред Израелците, и Давид им истепа седум илјади коњи на бојните колесници и четириесет илјади пешаци; го погуби и военачалникот Софак.
19 Кога Адад-Езеровите слуги видоа дека Израел ги разби, склучија мир со Давида и почнаа да му служат. А Арамејците веќе не се осмелуваа да им служат на Амонците.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse