1 Тирскиот цар Хирам му испрати на Давида пратеништво и кедрови дрва, ѕидари и дрводелци за да му градат дворец.
2 Тогаш Давид созна дека Господ го потврди за цар над Израел и дека го возвишил неговото царство заради Својот Израелски народ.
3 Давид зеде уште жени во Ерусалим и имаше уште синови и ќерки.
4 Еве ги имињата на децата што му се родија во Ерусалим: Самуј, Совав, Натан, Соломон,
5 Евар, Елисуј, Елфалет,
6 Нога, Нефег, Јафија,
7 Елисам, Велијад и Елифалет.
8 Кога Филистејците чуја дека го помазаа Давида за цар над сиот Израел, сите излегоа за да го бараат Давида. Откако го чу тоа, Давид излезе пред нив.
9 Филистејците дојдоа и се раширија по Рафајската Долина.
10 Тогаш Давид Го праша Бога: „Можам ли да ги нападнам Филистејците? Сакаш ли да ми ги предадеш мене во рацете?” Господ му одговори: „Нападни, зашто ќе ти ги предадам тебе во рацете!”
11 Тогаш тргнаа во Вал Ферасим, и Давид таму ги истепа. Давид рече: „Бог навлегува меѓу моите непријатели со мојата рака, како што навлегува водата.” Затоа она место беше наречено Вел Ферасим.
12 Таму ги оставија своите богови; а Давид заповеда и ги изгореа во оган.
13 Пак Филистејците се раширија по онаа долина.
14 Давид пак Го праша Бога, а Бог му одговори: „Не оди по нив, туку опкружи ги и нападни врз нив од спротивната страна на Бекаим.
15 Па кога ќе чуеш шум од чекори по Бекаимските Врвови, тогаш излези во бој, зашто тогаш Бог ќе оди пред тебе за да ја погуби филистејската војска.
16 Давид направи како што му заповеда Бог; и ја поразија филистејската војска од Гаваон до Гезер.
17 Давидовото име се прочу по сите земји, а Господ им влеа страв од него на сите народи.