нема Прва книга на царевите
1 глава
од н.п.
2 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Кога царот Давид остаре и напредна во годините; иако го покриваа со многу покривачи, не можеше да се згрее.
  2 Тогаш неговите слуги му рекоа: „Треба да се побара за господарот млада девојка, која ќе стои при царот и ќе му служи: кога ќе спие на неговото крило, тоа ќе го стопли господарот.”
  3 И така побараа убава девојка низ сета Израелска Земја; и ја најдоа Сунамката Ависага, та му ја доведоа на царот.
  4 Девојката беше вонредно убава; го негуваше царот и му служеше, ама тој не ја позна.
  5 Тогаш Адониј, синот Агитин, се возгордеа и помисли: „Јас ќе бидам цар!” Затоа си набави кола и коњаници и педесет луѓе кои одеа пред него.
  6 Неговиот татко никогаш во својот живот не го укори ниту го праша некогаш: „Зошто правиш така?” Освен тоа беше со висок раст и убав, а мајката го роди по Авесалома.
  7 Тој се договараше со Јоава, синот Серуин, и со свештеникот Авијатар, па двајцата му се приклучија на Адониј.
  8 Ама свештеникот Садок и Јодаевиот син Венаја, пророкот Натан, и Симеј и Реј, и Давидовите јунаци, не му пристапија на Адониј.
  9 Еднаш Адониј закла овци, волови и згоени телиња за жртва кај Зоелетскиот Камен, близу изворот Рогил, та ги повика сите свои браќа, царевите синови, и сите Јудејци во царева служба;
10 но не го повика пророкот Натан, ни другите јунаци, а ни својот брат Соломон.
11 Тогаш Натан и рече на Витсавеа, на Соломоновата мајка: „Зар не чу дека Адониј, синот Агитин, стана цар, а нашиот господар, Давид за тоа и да не знае?
12 Дојди да те посоветувам како би можела да го спасиш својот живот и животот на својот син Соломон.
13 Ајде, оди кај цар Давида и речи му: ‘Зар ти, господару мој цару, не и се заколна на својата слугинка, велејќи: „Твојот син Соломон ќе царува по мене, и тој ќе седи на мојот престол!” Како сега Адониј стана цар?’
14 И додека ти бидеш таму и разговараш со царот, ќе дојдам јас по тебе и ќе ги потврдам твоите зборови.”
15 Витсавеа отиде кај царот во собите - а тој беше многу стар, и Сунамката Ависага му служеше.
16 Витсавеа му се поклони и падна ничкум пред царот, а царот праша: „Што сакаш?”
17 Таа му одговори: „Господару, ти и се заколна на својата слугинка во Господа, својот Бог: ‘Твојот син Соломон ќе царува по мене, тој ќе седне на мојот престол.’
18 А еве, сега, Адониј стана цар, а ти цару, господару мој, ништо за тоа и не знаеш!
19 Тој закла многу волови, згоени телиња и овци за жртва и ги повика сите царски синови, свештеникот Авијатар и војсководачот Јоав, но твојот слуга Соломон не го повика.
20 Сега, господару мој и цару, свртени се кон тебе очите на сиот Израел, за да го известиш кој ќе те наследи на твојот престол, цару, господару мој.
21 Инаку, штом почине царот, мојот господар, покрај своите татковци, јас и мојот син Соломон ќе бидеме виновници.”
22 Додека таа уште зборуваше со царот, дојде пророкот Натан.
23 Му јавија на царот: „Тука е пророкот Натан.” Тој влезе кај царот и падна ничкум пред него.
24 Натан рече: „Господару мој и цару, дали ти одреди: ‘Адониј ќе царува по мене и ќе седи на мојот престол?’
25 Зашто еве денес закла волови, згоени телиња и овци за жртва, и ги повика сите царски синови, војсководачи и свештеникот Авијатар; ене ги каде јадат и пијат со него и воскликнуваат: ‘Да живее царот Адониј!’
26 Но мене, твојот слуга, свештеникот Садок, а ни Венаја, синот Јодаев, ни твојот слуга Соломон не нè повика.
27 Зар тоа се случи по волјата на мојот господар цар, а да не го извести својот верен слуга кој ќе биде наследник на престолот на мојот господар цар по него?”
28 Тогаш Давид проговори и рече: „Повикајте ми ја Витсавеа!” Таа дојде кај царот и истапи пред него.
29 Тогаш царот и се заколна: „Така ми живиот Господ Кој ме избави од сите неволји!
30 Денес ќе ти исполнам како што ти се заколнав во Господа, Израелевиот Бог: ‘Твојот син Соломон ќе царува по мене’, тој ќе седи на мојот престол!”
31 Тогаш Витсавеа се наведна со лицето до земја, се поклони пред царот и рече: „Вечно нека живее мојот господар цар Давид!”
32 А Давид рече: „Повикајте ми ги свештеникот Садок, пророкот Натан, и Венаја, синот Јодаев.” И Тие дојдоа цред царот,
33 а тој им рече: „Земете ги со вас слугите на својот господар, качете го мојот син Соломон на мојата мазга и одведете го до Гион.
34 Таму свештеникот Садок и пророкот Натан нека го помажат за цар над Израел. Тогаш затрубете и објавете: ‘Да живее цар Соломон!’
35 Потоа искачете се со него ваму, и нека влезе и нека седне на мојот престол, и нека царува место мене, зашто моја волја е: тој нека биде глава над Израел и над Јуда.”
36 Венаја, синот Јодаев, му рече на царот: „Амин - така нека биде! Тоа е и слово на Господа, Господарот на царевите!
37 Како што Господ беше со мојот господар цар, така нека биде и со Соломон! Нека го возвиши неговиот престол уште повеќе отколку престолот на цар Давид, на мојот господар!”
38 Свештеникот Садок, пророкот Натан, Јодаевиот син Венаја, Херетејците и Фелетејците слегоа и го ставија Соломона на царевата мазга, и го одведоа во Гион.
39 Свештеникот Садок донесе од Шаторот рог со масло и го помаза Соломона. Тогаш екнаа трубите, и сиот народ извика: „Да живее цар Соломон!”
40 И сиот народ тргна по него горе, и народот свиреше во свирки и воскликнуваше, така што се тресеше сета земја.
41 Адониј и сите негови повиканици го чуја тоа. Токму беа на крајот на гозбата. И Јоав ги чу трубите, па праша: „Зошто е таа врева во градот?”
42 Додека тој уште зборуваше, стигна Јонатан, синот на свештеникот Авијатар, и Адониј му рече: „Ти си добар човек, навистина носиш добра вест!”
43 Јонатан одговори: „Да, нашиот господар, цар Давид, го направи Соломона цар!
44 Царот ги испрати со него свештеникот Садок, пророкот Натан, и Јодаевиот син Венаја, и Херетејците и Фелетејците. Тие го ставија на царевата мазга,
45 и свештеникот Садок и пророкот Натан го помазаа на Гион за цар. Потоа слегоа воскликнувајќи радосно, и сиот град зовре; тоа е вревата што ја чувте.
46 Уште повеќе: Соломон веќе седна на царскиот престол,
47 и дојдоа царските слуги да му честитаат на нашиот господар цар Давид, велејќи: ‘Твојот Бог нека го прослави Соломоновото име повеќе од твоето име и нека го возвиши неговиот престол повеќе од твојот.’ Царот тогаш се поклони во својата постела
48 и рече вака: ‘Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој ми даде денес да можам да видам со свои очи еден од моите како што седи на мојот престол.’”
49 Сите Адониеви гости, исплашени, станаа од столот и си отидоа секој по својот пат.
50 Адониј пак, во страв од Соломона, стана и отиде, та се фати за роговите на жртвеникот.
51 Му јавија на Соломона: „Ете, Адониј се исплаши од царот Соломон, и ене се држи за роговите на жртвеникот, велејќи: ‘Царот Соломон нека ми се заколне денес дека нема да го погуби со меч својот слуга.’”
52 На тоа Соломон рече: „Ако се покаже чесен човек, нема да му падне ни влакно од главата на земја; а ако се најде во него зло, ќе загине.”
53 Тогаш Соломон нареди да го отстранат од жртвеникот; тој дојде и му се поклони на Соломона, кој му рече: „Оди си во својот дом!”

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse