1 Во она време Филистејците ги собраа своите чети за војна против Израел. И Ахис му рече на Давида: „Знај дека ќе идеш со мене во војска, ти и твоите луѓе!”
2 А Давид му одговори на Ахиса: „Добро! Сега ќе видиш што ќе направи твојот слуга!” А Ахис му одговори на Давида: „Добро! Затоа ќе те поставам да бидеш мој чувар довека.”
3 Самоил беше умрел, и сиот Израел го оплака тажејќи по него. Го закопаа во неговиот град Рама. А Саул ги беше истерал од земјата сите повикувачи на духови и врачеви.
4 Додека Филистејците се собираа та дојдоа и се влогорија кај Суним, Саул ги собра сите Израелци та се влогори во Гелвуе.
5 Кога Саул го здогледа филистејскиот логор, се исплаши и срцето му затрепери силно.
6 Саул го праша за совет Господа, но Господ не му даде одговор, ни во соништата, ни преку Уримот, ни преку пророците.
7 Затоа Саул им рече на своите слуги: „Побарајте ми жена која повикува духови, за да одам кај неа и да ја прашам.” А слугите му одговорија: „Еве, во Ен-Дор има жена која повикува духови.”
8 Тогаш Саул се преправи, облече други облеки и отиде со два човека. И дојде ноќе кај онаа жена и и рече: „Да ми вражаш со помош на дух и повикај ми го оној кого што ќе ти речам.”
9 А жената му одговори: „Па ти знаеш што направи Саул и како ги истреби од земјата повикувачите на духови и вражалците. Зошто му поставуваш стапица на мојот живот за да ме погубиш?”
10 А Саул и се заколна во Господа, говорејќи: „Така ми живиот Господ, не ќе бидеш ништо виновна за ова!”
11 Тогаш жената запраша: „Кого да ти го повикам?” А тој одговори: „Повикај ми го Самоила!”
12 Кога жената го здогледа Самоила, извика гласно, а тогаш му рече на Саула: „Зошто ме измами? Та ти си Саул!”
13 А царот и одговори: „Не бој се! Туку што гледаш?” А жената му одговори на Саула: „Гледам нешто божествено што се дига од земјата.”
14 Саул ја праша: „Какво му е обличјето?” А таа одговори: „Излегува старец, наметнат со плашт.” Тогаш Саул созна дека е тоа Самоил, па падна со лицето на земјата и се поклони.
15 Самоил го праша Саула: „Зошто го замати мојот мир повикувајќи ме горе?” А Саул одговори: „Во голема неволја сум, зашто Филистејците завојуваа против мене, а Бог се заврте од мене и не ми одговара веќе, ни преку пророците ни во соништата. Затоа те повикав тебе за да ме поучиш што да правам.”
16 А Самоил одговори: „Зошто ме прашуваш мене, кога Господ се одвратил од тебе и ти станал непријател?
17 Господ ти направи како што ти кажа преку мене: го истрга царството од твојата рака и му го даде на твојот соперник, Давид,
18 зашто не ги послуша Господовите зборови и зашто не го изврши Неговиот жесток гнев врз Амалик: затоа Господ ти направи вака денес.
19 Господ ќе го предаде, заедно со тебе, и Израел во филистејски раце. Утре со своите синови ќе бидеш со мене, а и војската Израелева Господ ќе ја предаде во филистејски раце.”
20 Саул беше опфатен од ужас и падна на земјата колку што е долг. Го опфати силен страв од Самоиловите зборови. И му ја потснема силата, зашто не јадеше ништо цел ден и цела ноќ.
21 Кога онаа жена дојде кај Саула и забележа како е сиот исплашен, му рече: „Ете, твојата слугинка го послуша твојот збор, го ставив својот живот на коцка и ги послушав твоите заповеди, што ми ги наложи.
22 Затоа сега послушај го и ти зборот на својата слугинка: дозволи да ти пружам залак леб; јади, за да ти се врати силата та да можеш да тргнеш по својот пат.”
23 Но тој нејќеше, туку рече: „Не ќе јадам!” Ама кога го зафатија неговите слуги, заедно со жената, ги послуша, стана од земјата и седна на постелата.
24 Жената имаше дома теле за гоење. Го закла брзо, потоа зеде брашно, го замеси и испече бесквасен леб.
25 Потоа стави сè пред Саула и пред неговите луѓе. Откако јадоа, станаа и уште во истата ноќ тргнаа назад.