12 глава Прва книга Самоилова
13 глава
од н.п.
14 глава


 1 Саул царуваше една година, а втората година од царувањето над Израел,
  2 Саул си избра три илјади Израелци: две илјади од нив беа со Саула во Михмас и во Ветилската Гора, а едната илјада беше со Јонатан во Венијаминовата Гаваја. Другиот народ Саул го отпушти секого во неговиот шатор.
  3 Јонатан го разурна филистејскиот столб, што стоеше во Гаваја, и Филистејците научија дека Евреите се побунија. Саул заповеда па затрубија во рог по сета земја,
  4 и сиот Израел ја дозна новоста: „Саул го сурна филистејскиот столб, Израел му стана замразен на Филистејците!” И народот почна да се собира околу Саула во Галгал.
  5 А Филистејците се собраа за да војуваат против Израел: три илјади бојни коли, шест илјади коњаници, а мноштво народ како песок на морскиот брег. И се влогорија кај Михмас, источно од Вет Авен.
  6 Кога Израелците видоа дека се во неволја и дека народот е притиснат од непријателот, се скрија во пештерите, во јамите, во камењиштата, во рововите и во водособиралиштата.
  7 Некои поминаа и преку бродовите на Јордан во земјата Гадова и Галадова. Саул уште беше во Галгал, а сиот народ околу него трепереше од страв.
  8 Тој почека седум дена како што му одреди Самоил; но бидејќи Самоил не дојде во Галгал, народот почна да се разојдува од Саула.
  9 Тогаш Саул рече: „Донесете ми жртва паленица и помирителни жртви!” И ја принесе жртвата паленица.
10 И токму ја завршуваше жртвата паленица, кога ете го Самоила, и Саул му излезе во пресрет за да го поздрави.
11 Самоил, го праша: „Што направи?” А Саул одговори: „Кога видов дека народот се разојдува од мене, а ти да не доаѓаш до одредениот ден, а Филистејците се собрале во Михмас,
12 помислив: ‘Сега Филистејците ќе удрат на мене во Галгал, а јас не ќе стигнам да Му се помолам на Господа со молитва!’ Затоа се осмелив и принесов жртва паленица.”
13 Самоил му рече тогаш на Саула: „Безумно постапи! Ако ја запазеше заповедта што ти ја даде Господ, твојот Бог, Господ би го зацврстил твоето царство над Израел довека.
14 А сега твоето царство нема да се одржи трајно: Господ си побара човек според Своето срце и го одреди за кнез над Својот народ, зашто ти не го запази тоа што ти го заповеда Господ.”
15 Тогаш Самоил стана и си отиде од Галгал по својот пат во Венијаминова Гаваја. Народот што остана, тргна по Саула во пресрет на војниците. Штом дојдоа од Галгал во Венијаминова Гаваја, Саул го преброи народот што остана покрај него, и го имаше околу шест стотини.
16 Саул и неговиот син Јонатан со луѓето кои што беа со нив заседнаа во Венијаминова Гаваја, а Филистејците се влогорија во Михмас.
17 Тогаш од филистејскиот логор излезе чета пљачкаши во три одделенија: едното одделение удри кон Офра во Совалската Земја;
18 второто одделение тргна кон Вет Орон, а третото одделение удри кон Гаваја што се крева покрај Севоим (Долината на Хиените) кон пустината.
19 А по сета Израелева земја немаше ковачи, зашто Филистејците рекоа: „Треба да се стори сè за да не си прават Евреите мечеви и копја.”
20 Затоа сите Израелци одеа кај Филистејците ако некој сакаше да го прекове своето рало или мотиката, својата секира или остенот за воловите.
21 Или ако им се скршеа врвовите на паличниците, мотиките, вилите, или секирите, или ако беше потребно да поправат кол.
22 Така се случи на денот на битката кај Михмас никој од сиот народ, што беше со Саула и со Јонатана, немаше ни меч ни копје во раката; само Саул и неговиот син Јонатан ги имаа.
23 А тогаш една филистејска стража беше излегла кон преминот кај Михмас.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди

 

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


 
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse