2 глава Прва книга Мојсеева
3 глава
од Мојсеј
4 глава


 1 Змијата беше полукава од сите полски животни, што Господ, Бог, ги направи. Таа и рече на жената: „Вистина ли е дека Бог рекол, - не ќе јадете од ниедно дрво во градината?”
  2 Жената и рече на змијата: „Смееме да јадеме плод од дрвата во градината.
  3 Само за плодот на дрвото што е среде градината Бог рече: ‘Не јадете од него! И не допирајте го, за да не умрете!’”
  4 А змијата и рече на жената: „Навистина, не ќе умрете!
  5 Туку Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, и вие ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото.”
  6 Жената виде дека дрвото е добро за јадење, пријатно за очите и дрво пожелно за да се постане мудар: набра од неговиот плод и го јаде. Му даде и на својот маж, кој беше со неа, па и тој јадеше.
  7 Тогаш на двајцата им се отворија очите, и согледаа дека се голи. Сплетоа смоквини лисја и си направија прегачи.
  8 Тогаш го чуја гласот на Господа, Бога, Кој шеташе горе-долу во градината за време на денскиот ветрец. И се сокрија - човекот и неговата жена - пред Господа, Бога, меѓу дрвјата во градината.
  9 Господ, Бог, го повика човекот и му рече: „Каде си?”
10 Тој одговори: „Го чув Твојот глас во градината, се исплашив, зашто сум гол, и се сокрив.”
11 Тогаш му рече: „Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од дрвото, за кое ти заповедав да не јадеш?”
12 Човекот рече: „Жената, која Ти ми ја даде со мене, таа ми даде од дрвото, па јадев.”
13 Господ, Бог, и рече на жената: „Што е тоа што го стори?” „Змијата ме измами, па јадов,”- рече жената.
14 Тогаш Господ, Бог, и рече на змијата: „Бидејќи го направи тоа, проклета да бидеш меѓу сите ѕверови и меѓу секое полско животно! По мевот ќе се влечеш и прав ќе јадеш Сите денови на својот живот!
15 Јас ќе поставам непријателство помеѓу тебе и жената, помеѓу твоето семе и Нејзиното Семе: Тој ќе ти ја сотрува главата, а ти ќе Му ја сотруваш петицата.”
16 А на жената и рече: „Ќе ти ги умножам многу маките на твојата бременост, во маки ќе ги раѓаш децата. Твојот копнеж ќе биде кон мажот твој, а тој ќе владее над тебе.”
17 А на човекот му рече: „Затоа што го послуша гласот на својата жена, та јадеше од дрвото за кое ти заповедав велејќи: ‘Не ќе јадеш од него!’ Земјата ќе е проклета заради тебе: во мака ќе се храниш од неа сите денови на својот живот!
18 Ќе ти раѓа трње и троскот, а ти ќе јадеш полски растенија.
19 Со пот на своето лице ќе јадеш леб, додека не се вратиш во земјата, зашто од неа беше земен - прав си, и во прав ќе се вратиш.”
20 Човекот и го даде името Ева на својата жена, зашто таа стана мајка на сите живи.
21 И Господ, им направи облеки од кожи на човекот и на неговата жена, и ги облече.
22 И Господ, Бог, рече: „Еве, човекот стана како еден од Нас, знаејќи го доброто и злото. Да не ја испружи сега раката, и да набере од дрвото на животот па да јаде и да живее вечно!”
23 Затоа Господ, Бог, го испрати надвор од Еденската Градина, за да ја обработува земјата, од која е и земен.
24 И го истера човекот; и насели источно од Еденската Градина, херувими со пламенен меч, кој се вртеше околу, за да го штитат патот, кон дрвото на животот.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди

 

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


 
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse