Прва книга Мојсеева/ 34 глава
33 глава | Прва книга Мојсеева 34 глава од Мојсеј |
35 глава |
1 Дина, ќерката што Лија му ја роди на Јакова, излезе да посети некои девојки на оној крај.
2 Ја виде Евеецот Сихем, син на Емор, кнез на онаа земја, па ја грабна и насила легна со неа.
3 Неговото срце се приврза кон Јакововата ќерка Дина, и тој се вљуби во девојката. Настојуваше да го придобие срцето на девојката.
4 Сихем му зборуваше и на татка си Емор: „Земи ми ја онаа девојка за жена!”
5 Јаков научи дека Сихем ја обесчести неговата ќерка Дина. Но бидејќи неговите синови беа со добитокот, во полето, Јаков молчеше додека не дојдоа тие.
6 А Сихемовиот татко, Емор, дојде при Јакова, за да се спогодат,
7 токму кога Јакововите синови се враќаа од полето. Кога научија, луѓето беа јадосани и многу лути. Во Израел беше срамно тоа што го стори Сихем, легнувајќи со Јакововата ќерка: така не смееше да се постапува.
8 Емор им рече: „Мојот син Сихем се вљуби со сета душа во вашата ќерка. Дајте му ја за жена!
9 Посватете се со нас: давајте ни ги своите ќерки, а земајте ги нашите ќерки за себе!
10 И можете да живеете среде нас; земјата е пред вас, за да се населите, да стопанисувате на неа и да придобивате имот!”
11 Сихем им рече на татка и и на нејзините браќа: „За да најдам милост во вашите очи, ќе ви дадам што ќе побарате.
12 Барајте од мене колку што сакате: сè што ќе запросите ќе ви дадам, само дајте ми ја девојката за жена.”
13 Јакововите синови им одговорија на Сихем и на неговиот татко Емор со лукавство, зашто ја обесчести сестра им Дина -
14 па им рекоа: „Не можеме да се согласиме да ја дадеме сестра си на човек, кој не е обрезан, зашто тоа би било срам за нас.
15 Единствено ќе ја дадеме, под услов, ако и вие станете како нас, ако ги обрежете сите свои машки.
16 Тогаш ќе можеме да ви ги даваме своите ќерки и да ги земаме вашите за себе, да се населиме при вас и да бидеме еден род (народ).
17 А ако не нè послушате нас, да се обрежете, ќе ја земеме нашата ќерка и ќе си одиме.”
18 На Емор и Сихем, Еморовиот син, им се допаднаа зборовите.
19 Момчето не се забави да го изврши барањето, зашто копнееше по Јакововата ќерка; а беше најпочитуван од сите во татковиот дом.
20 Емор и неговиот син Сихем дојдоа пред вратата на овој град и им зборуваа вака на своите сограѓани:
21 „Овие луѓе се мирни; нека се населат меѓу нас во земјава; нека се занимаваат на неа; ете, земјата е пространа пред нив; ќе можеме да ги земаме нивните ќерки за жени, а нашите да им ги даваме ним.
22 Но луѓето ќе се согласат да живеат меѓу нас и да бидат еден народ со нас, само ако сите наши машки бидат обрезани, како што се и тие обрезани.
23 Зар така не ќе бидат наши: добитокот што го придобија, сето нивно богатство? Да се согласиме, па нека се населат среде нас!”
24 Сите возрасни машки, кои имаа право да излезат на градската врата, ги послушаа Емор и неговиот син Сихем, па секое машко беше обрезано, - секој што имаше право да излезе на градската врата.
25 А на третиот ден, додека тие уште беа во болки, два Јаковова сина, Симеон и Леви, Динини браќа, го грабнаа секој својот меч и дојдоа во градот, без пречки, и ги погубија сите машки.
26 Ги пресекоа со меч Емора и неговиот син Сихем, ја зедоа Дина од Сихемовата куќа и си отидоа.
27 Другите Јаковови синови дојдоа при убиените и го опустија градот, зашто нивната сестра беше обесчестена.
28 Колку што имаше крупен и ситен добиток и ослиња, и сè што имаше во градот и во полето ги истераа;
29 ги ограбија сите нивни богатства, а сите нивни деца и жени - сè што беше во куќите - ги запленија.
30 Јаков им рече на Симеон и Леви: „Ме воведовте во неприлика, правејќи ме замразен меѓу жителите на земјава: Хананците и Ферезејците. Ако се обединат против мене и ме нападнат, додека сме оволку малку на број, ќе ме истребат со мојот дом.”
31 Тие одговорија: „Зар да постапува со нашата сестра, како со некаква блудница?”
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse