25 глава Прва книга Мојсеева
26 глава
од Мојсеј
27 глава


  1 Во земјата настапи глад, различен од поранешниот, што беше за времето на Авраама, па Исак отиде при Авимелеха, царот на Филистејците во Герар.
  2 Господ му се јави и рече: „Не слегувај во Египет: живеј во земјата, што ќе ти ја покажам.
  3 Настани се во таа земја, Јас ќе бидам со тебе и ќе те благословувам; тебе и на твоето потомство ќе ви ги дадам сите овие земји, за да ја исполнам заклетвата со која му се заколнав на татка ти Авраама.
  4 Ќе го умножам твоето потомство како ѕвезди на небесата и на твоето потомство ќе му ги дадам сите овие краеви, така што преку твоето потомство ќе бидат благословувани сите народи на земјата;
  5 бидејќи Авраам го слушаше Мојот глас и им се покоруваше на Моите заповеди, на Моите закони и одредби!”
  6 Така Исак остана во Герар.
  7 Кога месните жители го прашаа за неговата жена, рече: „Таа ми е сестра.” Се плашеше да рече: „Таа ми е жена,” мислејќи: „Месните жители можат да ме убијат заради Ревека, зашто е убава.”
  8 Бидејќи таму се задржаа подолго, царот на Филистејците Авимелех еднаш погледна низ прозорецот и виде дека Исак ја милува својата жена Ревека.
  9 И Авимелех го повика Исака и рече: „Така, таа ти е жена! Како можеше да речеш дека ти е сестра?” Исак му одговори: „Зашто мислев дека можам да загинам заради неа.”
10 Авимелех рече: „Зошто ми направи така? За малку еден од мојот народ не легна со твојата жена, и ти би нè вовел нас во грев.”
11 Тогаш Авимелех му објави повелба на својот народ: „Кој ќе се допре до овој човек и до неговата жена, ќе ја изгуби главата.”
12 Исак посеа во онаа земја, и во тоа лето му роди стопати повеќе. Господ го благословуваше,
13 и човекот стануваше сè побогат.
14 Спечали стада со овци и говеда, доби и многу слуги, така што Филистејците му завидеа.
15 Затоа Филистејците ги затрупаа сите кладенци, што ги беа ископале слугите на татка му - во времето на неговиот татко Авраам - и ги наполнија со земја.
16 Тогаш Авимелех му рече на Исака: „Оди си од нас, зашто стана многу посилен од нас!”
17 Така Исак си отиде оттаму. Го оптегна својот шатор во Герарската Долина и се настани таму.
18 Исак пак ги ископа кладенците за вода, што беа ископани во времето на татка му Авраама, а што Филистејците ги беа наполниле со земја по Авраамовата смрт. Тој ги нарече со истите имиња, со кои ги нарече и неговиот татко.
19 Но кога Исаковите слуги, додека копаа во долината, таму најдоа кладенец со жива вода,
20 пастирите од Герар спореа со Исаковите пастири, велејќи: „Водата е наша!” На кладенецот му го даде името Есек, зашто спореа со нив.
21 А кога ископаа друг кладенец, па спореа и заради него, го нарекоа со името Ситна.
22 Тој се пресели оттаму и ископа друг кладенец. Не спореа заради него, па го нарекоа со името Ровот и протолкуваа: „Зашто Господ ни даде пространство за да се намножиме на земјата.”
23 Оттаму се искачи во Вирсавеа.
24 Господ му се јави во истата ноќ и рече: „Јас Сум Бог на татка ти Авраама: Не бој се, Јас Сум со тебе! Ќе те благословам, ќе ти ги умножам потомците, заради својот слуга Авраама.”
25 Исак издигна жртвеник таму и Го повика Господа по име; постави таму свој шатор, а неговите слуги почнаа да копаат кладенец.
26 Тогаш при него дојде Авимелех од Герар, со својот советник Охозат и со Фихол, началник на војската.
27 Исак ги праша: „Зошто дојдовте при мене кога ме мразите и кога ме истеравте од себе?”
28 Тие одговорија: „Гледаме јасно дека Господ е со тебе: заклетвата нека биде врска меѓу нас и тебе. Дај да склучиме сојуз со тебе:
29 ти нема да ни нанесуваш зло, како што ние не те злоставувавме тебе, туку секогаш постапувавме добро со тебе и те отпуштивме со мир. А сега Господовиот благослов е на тебе.”
30 Тој им даде гозба, па јадеа и пиеја.
31 Рано наутро се заколнаа едни на други. Потоа Исак ги испрати, и тие си отидоа од кај него, со мир.
32 Во истиот ден Исаковите слуги дојдоа и го известија за кладенецот, што го ископаа и му рекоа: „Најдовме вода.”
33 Тој го нарече Савеа. Затоа името на градот до денес е Вирсавеа.
34 Кога Исав беше на четириесет години, ги зеде за жени: Јудита, ќерка на Хетеецот Веири, и Васемата, ќерка на Хетеецот Елон.
35 Тие станаа извор на огорчение за Исак и Ревека.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди

 

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


 
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse