Прва книга Мојсеева/ 16 глава
15 глава | Прва книга Мојсеева 16 глава од Мојсеј |
17 глава |
1 Аврамовата жена Сара не му роди деца. А имаше слугинка Египетка, по име Агара.
2 И Сара му рече на Аврама: „Гледаш, Господ ме направи неплодна. Влези кај мојата слугинка, можеби ќе добијам деца.” Аврам ги послуша Сарините зборови.
3 И така, откако Аврам престојуваше десет години во Ханаанската Земја, неговата жена Сара ја зеде Агара, Египетката, нејзина слугинка, и му ја даде на својот маж Аврам за сопруга.
4 Тој влезе кај Агара и таа зачна. А кога виде дека зачна, гледаше со презирање врз својата господарка.
5 Тогаш Сара му рече на Аврама: „Неправдата што ми се нанесува е твоја вина! Ти ја дадов мојата слугинка во твоите прегратки, но таа откако забележа дека зачна, ме гледа со презир. Господ нека биде судија меѓу нас!”
6 Тогаш Аврам и одговори на Сара: „Ете, твојата слугинка е во твоја рака: постапи со неа како што сакаш.” Сара се однесуваше со неа толку лошо што таа избега од неа.
7 Господов ангел ја најде во пустината, при изворот - на патот кон Сур -
8 и ја праша: „Агаро, Сарина слугинко, откаде доаѓаш и каде одиш?” А таа одговори: „Еве, бегам од својата господарка Сара.”
9 А Господовиот ангел и рече: „Врати се кај господарката твоја и покори и се под нејзините раце!
10 Ангелот Господен уште и рече: „Ќе го умножам мошне твоето потомство; не ќе може да биде избројано поради множеството.”
11 Натаму Господовиот ангел и рече: „Ете, ти си бремена и ќе родиш син. Дај му име Исмаил (Кого Бог Го Слуша), зашто Господ ја чу твојата мака.
12 Тој ќе биде како диво осле: неговата рака ќе се крева на секого, и сечија рака на него; и тој ќе живее, во близина на сите свои браќа.”
13 Таа Го нарече Господа, Кој и зборуваше: „Ти Си Сè видечки Бог (Ел Рои), зашто - таа рече - „Го видов Бога и после видувањето останав жива!”
14 Затоа изворот се вика Вир-Лахај-Рои - Кладенец на Животворниот Сè видечки Бог; а ене го меѓу Кадис и Варад.
15 Агара му роди син на Аврама, а Аврам му даде име Исмаил, на синот што му го роди Агара.
16 Аврам имаше осумдесет и шест години кога Агара му го роди Исмаила.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse