Правилник на четите на Тајната македонско-одринска револуционерна организација

ПРАВИЛНИК НА ЧЕТИТЕ НА ТАЈНАТА МАКЕДОНСКО-ОДРИНСКА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА


Глава I

Во секој Револ. околијски реон се уредува една чета како неразделен дел од организацијата. Таа се движи тајно по реонот по потреби на делото и е под наредбата на месниот комитет.


Глава II Назначување на четата

а) Агитација

Чл. 1. Четата, како дополнителен дел на месната реонска организација, ја објаснува и распространува меѓу населението идејата, целта и задачите на организацијата, определени во нејзиниот статут и правилник.

Чл. 2. Во места, кадешто има создадени организации, ги подготвува членовите на овие организации за вистински народни борци, ги упатува во духот и правецот на организацијата и ги закрепнува во организационен и дисциплинарен однос; а во места, кадешто нема организација, но има почва, организира такви, согласно статутот и правилникот на организацијата и за направеното му соопштува на реонскиот комитет (раководно тело) за податок и соодветна наредба.

Чл. 3. Ја спроведува меѓу населението преку убедување и морално влијание идејата за самовооружување.

б) Организација

Чл. 4. Како дополнение на дејноста на месните раководители во селата и градовите, четата уредува раководни тела, групи, извршна полиција, тајна пошта, ги средува сметките и списоците на членовите во селските месни комитети и воопшто уредува сe, кое што е предвидено во правилникот, но не е дотогаш извршено.

Чл. 5. Четата ги организира силите на организацијата со подршката на раководителите по селата и градот во боев однос, ги обучува момчињата на борбено искуство и ги подведува под борбена дисциплина.

В) Извршна задача

Чл. 6. Четата по наредба на реонскиот раководител сама ги извршува или поткрепува преносувањата на борбените материјали во својот реон. Нејзе й се препушта грижата за раздавање на оружјето меѓу населението (членовите на организацијата) и неговото зачувување во добра состојба, било во складовите, било по работниците.

Чл. 7. Ги поткрепува раководните тела во принудното собирање на пари, кога врз посочените лица од раководителите, употребува морално и физичко влијание и насилство; да влијае на разни членови и нечленови на организацијата за нивното вразумување.

Чл. 8. Ги уништува по наредбата на комитетот подложените на смртна казна.

Чл. 9. Го демнее и парализира пренесувањето на оружје, кое што попаѓа во непријателски раце; ги демнее и гони разбојниците, биле тие турци или христијани, како и секоја чета, што не му припаѓа на организацијата, и со согласноста на месното реонско раководно тело ги превзема нужните мерки за нивното уништување или за парализирањето на нивните дејствија.

Чл. 10. Четата врши политички кражби и грабежи, но само со дозвола на месното реонско раководно тело и Централниот комитет, во името на ослободителното дело и за него. Парите, земени на тој начин, припаѓаат на општата организациона каса; тие се прибираат со знаење на целата чета и се предаваат со потврда на месното раководно тело, кое што ги препраќа во Централниот комитет. Во исклучителни случаи, се внесуваат во заедничката организациона каса на начин, каков што ќе се најде за најсигурен.

г) Крајна задача

Чл. 11. Четата е наменета да служи во својот реон, како јатка и смртна дружина за време на востанието; таа прва треба да го подигне знамето на револуцијата по наредбата на Централниот комитет, да го поддржува и оживува духот на борците во самата борба и во најтешките времиња и минути. За постигањето на таа крајна задача за време ма нејзината подготвителна активност, таа треба да има предвид: а) со своето примерно поведение спрема населението, да му стане омилена, па тоа да ја следи за време на борбата; б) со зборови и храбри дела, што се несебични и што произлегуваат од искрената преданост кон ослободителното дело, да биде кај членовите на организацијата како пример на вистински народни борци за слободата на земјата и со тоа да го поттикне, окуражи и приврзе кон себеси; в) да се подготват колку се може повеќе верни другари помеѓу членовите на организацијата — способни докрај да ја издржат борбата, кога ургира кон поодбраните луѓе да земат учество заедно со неа, во разните ризични потфати, или ќе ги поттикнува и тера тие сами да вршат такви.


Глава III Општи прописи за четата

Чл. 12. Во своето движење и дејствија, четата треба да гледа по можност да го зачува во тајна не само делото, туку и своето суштествување, како и да одбегнува потфати, коишто можат да довлечкаат големи несреќи за месното население и катастрофи за организацијата.

Чл. 13. Како дел од револуционерната организација таа треба да го сообразува поведението, проповедите и своите дела со правилникот на организацијата, со општите прописи на Централниот комитет и воопшто со духот и правецот на организацијата.

Чл. 14. Таа треба строго да ги почитува прописите во правилникот на организацијата за таинственоста: а) работата за делото од едно село, не треба да се соопштува во друго; б) за своите дела и за работи на организацијата, треба да чува строга тајна пред секој друг, освен пред главниот месен раководител и пред полномошникот на Централниот комитет; в) по можност по патишта и по селата да одбегнува средби со луѓе, туѓи на ослободителното дело; г) на момчињата од четата им се забранува, од просто љубопитство да се распрашуваат и да ги разузнаваат работите на организацијата, кои не им влегуваат во задачите.

Чл. 15. За извршување на некоја акција во полза на делото, кадешто се потребни повеќе сили, или за запазување од посилен непријател, четите од соседните реони можат да се спојат привремено во една, под командата на началникот на месната чета. Повикувањето за спојување се случува со покана преку раководителите, или во краен случај преку началниците на четите. Четата од еден реон, може да влегува во друг без одобрение, за да се прикрие од гонењето на непријателот, во којшто случај таа е обичен гостин под командата на тамошниот началник на четата и под наредбата на тамошното месно раководно тело. Во слични случаи, т. е. спојување за определена акција во полза на делото и за свое самоодржување, четата може да се послужи привремено и со надворешни луѓе и да влегува во отворена соработка со дејци од друг реон. Надвор од овие случаи, четата по никој начин не може да оди без одобрение во друг реон.

Чл. 16. Напаѓање на цели села, обиди за кревање на села за бунт — воопшто потфатите од покрупен карактер, коишто можат да ја завлечат организацијата предвремено во борба, се сметаат за дела, престапни и предавнички. Виновниците се прогонуваат и казнуваат како престапници и народни душмани.

Чл, 17. Четата нема право да изврши никакви убиства без одобрение на месниот реонски комитет (раководно тело). Исклучок од ова се прави во следните случаи: а) за докажани шпиони и предавници, но да се почитува, да при нивното уништување да не се даваат излишни жртви; б) кога е принудена при случајна средба заради самоодбрана или спасување на делото; в) за уништување на некаква разбојничка банда или чета, што не му припаѓа на организацијата.

Чл. 18. Четата го изучува својот, а по можност и соседните реони, во географски и борбен поглед: патиштата, патеките, реките, распоредот на планините, сите стратегиски пунктови, што одговараат за прикривање и одбрана или напад на непријателот; духот, бројноста и оружената подготовка на револуционерното и турското население; воените сили на непријателот и посебно по пунктовите од реонот и други такви.


Глава IV Однос на четата со комитетот

Чл. 19. Четата во општите работи е потчинета на месното реонско раководно тело. Таа ги исполнува неговите наредби и за сите свои работи и потфати од него бара одобрение и дозвола, и нему му реферира за сe што е извршено од неа. Своите контакти со него ги води на начин, каков што заемно ќе си го определат.

Чл. 20. Наредбите на ЦК и реонското раководно тело до селските комитети, четата не може да ги пренебрегнува и игнорира. Да се поткрепува установениот ред во реонот меѓу селата и градот. Секој месец таа е должна да му дава на раководното тело полн отчет за извршеното од неа, кој се испраќа во ЦК.

Чл. 21. Раководното тело е должно да се грижи за навременото доставување на сe што му е потребно на четата, за вооружувањето, храната, облеклото и нејзината поддршка. Тоа, кога му дава наредби на четата за работа и движење, должно е во истото време да преземе сите мерки, за да й даде можност за олеснувања и засилување за нејзиното брзо и сигурно движење и криење, или за извршување на акциите, како и навреме да ги задоволува сите нејзини справедливи барања.

Чл. 22. Четата за јатаци, посредници и поткрепувачи треба да има само луѓе на организацијата, затоа пак раководното тело е должно да се распореди до сите месни организации во реонот за да й ја даваат нужната помош и поддршка и да се грижат за нејзината сигурност.

Чл. 23. Договорите меѓу началникот на четата и комитетите (раководните тела), можат да се одвиваат и усно преку здрави и сигурни луѓе, пратеници од едната и другата страна, или писмено по организираниот организационен канал. За потфати од поважен карактер, сврзани со некаква одговорност, како убиства, кражби и др. слични; раководното тело треба да издава писмена наредба, за да има четата документ.

Чл. 24. Недоразбирања меѓу четата и селските комитети ги решава реонскиот комитет (раководното тело), а оние меѓу последниот и четата ги решава Ц. Комитет преку лично испитување на работата или по специјален негов пратеник. На поплаките на четата до Ц. Комитет, било од реонското раководно тело, било од положбата на работите по делото, општо земено, реонското раководно тело е должно да даде тек по комитетскиот канал.

Чл. 25. Четата може да го измени или напушти својот реон само по упатство и одобрение на Ц. Комитет.

Чл. 26. Самоволното напуштање на реонот се смета за самоволие. Растурање на четата се случува само по наредба од Ц.Комитет.


Глава V Состав и внатрешен ред на четата

Чл. 27. Четата се состои обично од 7 или повеќе души, според нуждата и условите, во коишто се наоѓа реонот. Таа си има командир, кој се определува од Ц. Комитет.

Чл. 28. Момчињата од четата треба да бидат готови и способни да ги поднесат сите тешкотии на шумскиот и таен живот и ризичноста на нивната работа: тие треба да се клетвени членови на организацијата, по можност поразбудени и посвесни борци, со докажана карактерност, доследност, морал и несебичност — со еден збор, да бидат угледни борци, за да ја направат таква и самата чета. За момчињата, коишто бараат лична одмазда и лични интереси, нема место во овие чети.

Чл. 29. Изборот на момчињата за четата се случува со согласноста на месното реонско раководно тело. Четата не може да прими во својот состав нов член без согласност на раководителот, но и овој последниот не може да наложи таков, наспроти желбата на четата.

Чл. 30. Четата служи како привремено сврталиште на работници, кои за работи по делото се прогонуваат и компромитираат пред властите и станале невозможни за јавно живеење во своето место. Овие или други луѓе на делото, кои би дошле директно до четата, таа ги држи кај себеси, едноставно на чување, додека се споразумее со раководното тело.

Чл. 31. Им се препорачува на момчињата: а) скромност во облеклото, воздржаност во манирите со луѓето и во барањето на храна. Добивање на храна, прибежиште и поддршка преку насилство се забранува, освен во крајно неодложни случаи. Самоволија и непристојности на момчињата по куќите, кои можат да ја компромитираат четата пред населението, се осудуваат, а тие со пијанство и блудство се казнуваат најмалку со разоружување и исклучување од четата и организацијата; момчињата треба да се сакаат меѓу себе како браќа и секој од нив да е готов да се жртвува за другарите. Секој е должен да му притекне на помош на западнатиот другар во опасност.

Чл. 32. При прв знак, дека некое момче за лично самоодржување и спас го напушти својот другар во моментот на опасност и не му помогне, а е во можност тоа да го направи, тој се исклучува од четата и организацијата, како страшливец.

Чл. 33. Секое момче е должно да отстапува од личните желби и предлози за работа, штом дружината не се согласи со него. Итрувањата и интригите во четата се осудуваат од неа и виновниците се опоменуваат од другарите.

Чл. 34. Како луѓе, што му служат на едно свето дело, момчињата братски делат меѓу себе сe (храна, предмети и др.), што им попадне или им се даде. Командирот во овој случај нема пособно право. Среброљубието, користољубието и саможивноста кај момчињата се сметаат за лоши квалитети.

Чл. 35. Момчињата кои се родум од местото каде што работат, им се препорачува да одбегнуваат средби со домашните, роднините и пријателите. Без дозвола на командирот, никое момче не може да ја напушти четата и да оди во својот дом или кај некој познат. По можност момчињата треба да ги кријат имињата, потеклото, местото на раѓање и својот живот.

Чл. 36. Никое момче не може да ја напушти својата чета со цел да отиде во друга чета, без одобрение. При сличен обид и при напуштање на четата без оправдани причини, засекогаш се исклучува од организацијата.

Чл. 37. Оружјето на четата се смета за комитетско и кога некое момче засекогаш ќе ја напушти четата, командирот на четата го прибира неговото оружје и му го предава на комитетот.

Чл. 38. Командирот на четата раководи со сите работи, што се однесува до животот, движењето на четата и исплонувањето на разните нејзини потфати. Тој го определува местото и времето за сместување, живеење и криење на четата; ја определува стражата и ги превзема сите нужни безбедносни мерки за четата. Распоредува сe за доставување и раздавање на храната и другите реквизити на четата; тој ги решава и недоразбирањата меѓу момчињата или пак меѓу нив и населението.

Чл. 39. Планот за акциите го определува командирот во советување со целата дружина, а исплонувањето се раководи и командува од командирот, кој има право на свое наоѓање да ги распределува момчињата и да им дава задача, да го избира местото и времето за работа на секое момче и др., кога се побара од раководителот некое момче за работа, командирот прави избор; негово е правото да назначува момче од четата за обуката, кога тој точно не може да ги раководи.

Чл. 40. Во сите гореизложени случаи, дружината е должна да му се потчинува и да го слуша, но и тој - командирот - е должен во односите со четата да биде вистински нивен другар. Во наредбите, да ги избегнува грубостите и непристојностите и да ги уважува мислењата и желбите на дружината, доколку со тоа не се урива редот на работата.

Чл. 41. Во случај на неслагање меѓу момчињата за некој план или друго прашање, гласот на командирот е тој што решава. Општите спорови, кои командирот не може да ги реши, како и недоразбирањата меѓу дружината и командирот, ги решава реонското раководно тело, со лично испитување на спорот од него или неговиот пратеник. Командирот е должен да дава тек на поплаките на момчињата и да ги препраќа до месниот или Ц. Комитет. До разгледување на поплаката, поплакувачот е должен со ништо да не го нарушува редот на четата.

Чл. 42. Од момчињата во четата многу зависи таа да ги исполни добро своите задачи. Од нивното примерно поведение спрема населението, многу зависи да биде сакана од него; само при добро чување на внатрешниот ред од целата дружина и при полна слога меѓу момчињата, таа може да стане пример за сите. Успешното исполнување на каква и да било работа е возможно само кога секое момче со ревност ќе ја служи и исполнува доверената задача од командирот. Во сите овие односи за грешките на четата пред комитетот, еднакво се одговорни и командирот и момчињата.

Чл. 43. Момчињата имаат право еднакво со командирот да земат учество во агитациите, во духот и правецот на организацијата, кога ќе се спазува редот во говорењето.

Чл. 44. За внатрешниот ред и примерната дисциплина во четата, така неопходна за неа, во секој поглед, главната грижа лежи на командирот, но не е ослободена од тоа и целата дружина. Недоразбирањата, вообичаените грешки и пропустите на четата се изгладуваат по мирољубив начин. Грубостите треба да се одбегнуваат.

Чл. 45. Поголеми престапи и гревови, како нередовност во стражата, во исплонувањето на некоја доверлива мисија, спротивставување со предомислување на командирот или на целата чета, скршнување со зборови или дела од духот на организацијата и за други сл. виновниците се караат во присуството на целата чета. При непоправливост, повторна непослушност, големо скршнување од духот на организацијата, при докажани користољубивост и неморалност, за пијанство и лоши односи со другарите и работниците на организацијата и напуштање на четата по свое барање, макар и со одобрение на командирот на четата, се отстранува од четата и засекогаш се исклучува од организацијата.

Чл. 46 Смртна казна се предвидува во следните случаи: а) кога некое момче се обиде да направи или се дознае дека крои да изврши предавство за некој работник на делото или кон четата и организацијата; б) кога издаде тајни работи, од што би излегла опасност за организацијата или за четата или за некои работници; в) кога на своја глава за лични интереси и по лични причини изврши работи, несогласни со назначувањето на четата и со духот на организацијата; г) кога во време на некоја акција на четата се обиде да избега од неа, не ја исполни доверената работа и со тоа ќе ја стави во опасност четата и ќе ги парализира нејзините дејствија; д) кога целата дружина на основа на долго набљудување најде некого што подлежи на смрт.

Чл. 47. Решенијата за смрт се земаат од целата чета и со одобрението на реонското раководно тело.

Крај